Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БPOJKOФИЛИJA

with 2 comments

Логиката на генералите во Првата светска војна (и впрочем во секоја војна): ако загинат десет луѓе - тоа е трагедија, но ако загинат десет милиони луѓе – тоа е статистика.

Желбата на луѓето комплексните појави во општеството да ги престават преку една единствена бројка е една од главните заблуди кои придонесуваат кон конечниот неуспех на практично секоја „добро испланирана“ активност. Оти, не можете да планирате добро ако вашите планови се засноваат врз ветер и магла, а токму тоа е суштината на патолошката верба во и љубов кон бројките т.е. „бројкофилијата“. Но, од каде доаѓа фаталната привлечност на бројките?

1. Бројките не можат точно да се одредат: почнете од GDP, продолжете преку коефициентот на интелигенција па сѐ до резултатите од престојниот попис кои треба да покажат каква е етничката структура на населението. Воедно, да не ги заборавиме и трговскиот дефицит, странските инвестиции, како и бројот на вработени, а и секако, колку тоа точно гласачи има во Македонија во моментов.

Ниедна од овие клучни бројки не можат да се одредат точно, поради најразличен сплет на околности и причини. Ама ниту една!

И веројатно би си помислиле сите дека токму тоа е негативната страна на бројките. Ама не, баш напротив, за бројкофиличарите токму тоа е најпозитивната страна, оти кога не можете вие да одредите колкави се точно наведените бројки од нивна страна, не можете и да ги оспорите нивните.

Колку навистина Албанци има во Македонија? Колкав е навистина уделот на сивата економија во нашиот вистински GDP? Колку од официјално невработените навистина седат цело време дома, а колкумина работот на црно и се пријавуваат како невработени само за да користат одредени социјални бенефиции?

Ако не е можно да се утврди колку Албанци има точно, тоа е одлична прилика за политичките лидери на Албанците да манипулираат со таа мистична бројка во своја теснопартиска полза. Ако не може да се знае точно колкав е уделот на сивата економија, ако случајно се легализира некој голем дел од неа, тоа може да влезе веднаш во официјалната бројка на GDP и тоа власта да го прикаже како вистинско зголемување на економијата, иако немало зголемување, туку само премин на сивото во бело (т.е. легално).

Македонија според некои информации кои во последно време се пласираат има најголема стапка на невработеност во светот безмалку. Оти е тоа така? Дали навистина во Македонија е полоша состојбата со невработеноста одошто во Молдавија? Не е, само што во Молдавија не се труди владата воопшто да ја одреди точната бројка на невработени, а во Македонија се труди и затоа излегува дека ние имаме поголема стапка на невработеност.

Слична работа имате на светско ниво кога левицата во САД повикувајќи се на бројките на Светската здравствена организација тврди дека во комунистичка Куба има пониска смртност на новороденчињата отколку во капиталистичката Америка. Е, ама во САД секоја смртност на бебе се докуменитра и пријавува, а во Куба најголемиот дел од умрените бебиња не се регистрираат воопшто, за да не се посрамоти владата пред светот.

Од таму, толку многу се омилени бројките што не можат точно да се одредат кај бројкофиличарите и другите манипуланти. Ако е невозможно да се докаже дека нечии бројки се точни, тогаш е невозможно да се докаже и дека се неточни.

2. Бројките се мерило на некој квантитет, а не на квалитет: почнете од GDP, продолжете преку коефициентот на интелигенција па сѐ до резултатите од престојниот попис кои треба да покажат каква е етничката структура на населението. Воедно, да не ги заборавиме и трговскиот дефицит, странските инвестиции, како и бројот на вработени, а и секако, колку тоа точно гласачи има во Македонија во моментов.

Ниедна од овие клучни бројки не кажува ништо за структурата на појавата која ја опишуваат, поради најразличен сплет на околности и причини. Ама ниту една!

Ајде земете ги странските инвестиции, за кои се тврди дека се огромни во соседните земји (дури и Албанија) а сосема мали во Македонија. Ајде да речеме дека лани во Албанија влегле една милијарда евра странски инвестиции, а во Македонија само 100 милиони (не се баш овие бројки, ама да го претпоставиме тој најлош случај за нас). Што значи ова?

Дека во Албанија влегле повеќе странски инвестиции одошто во Македонија? Не мора да значи тоа ама воопшто!

Ако со таа милијада евра во Албанија биле изградени хотели покрај Јадранското и Јонското Море, ако во крајбрежните градови се подигнати коцкарници, кафеани, јавни куќи и трговски центри за туристите, дали се тоа подобро потрошени пари од оние 100 милиони евра кои во Македонија се инвестирани во изградба на фабрики со висока технологија?

Земете ја Црна Гора, „инвестицискиот рај“ во последниве неколку години на Балканот. Руските милијардери накупуваа едно чудо имоти и градежно земјиште таму, но дали се тоа вистински инвестиции?

Кога ќе се испродадат сите имоти и кога на сите нив ќе се изградат луксузни хотели и вили, што потоа? Од друга страна, кога една фабрика за автомобилски делови ќе биде изградена во Македонија таа наскоро ќе генерира доволно профит за газдите да инвестираат во нејзино проширување со нова производна линија. Која пак потоа ќе генерира профит за уште една линија. И уште една, и уште една…

Воедно, кога ќе кажете дека во Бугарија лани влегле пет милијарди евра странски инвестиции, а во Македонија само 200 милиони, тоа не значи дека Бугарите биле 25 пати поуспешни во привлекување на инвестиции отколку Македонците. Оти, да не заборавиме дека Бугарија има четири пати повеќе население од Македонија. Така да тие 25 пати стануваат само шест пати повеќе.

Или земете ги девизните резерви, особено оние на Кина и на Тајван, за кои се вели дека се два и пол трилиона и „само“ 100 милијарди долари соодветно. Дали тоа значи дека Кина е 25 пати побогата од Тајван? Не, оти Тајван има 50 пати помалку население од Кина. Па од таму, тајванската економија генерирала двојно поголеми девизни резерви од економијата на Народна Република Кина.

Нешто слично, за разликата меѓу квалитетот и квантитетот зборував во колумната „Што точно ни кажува коефициентот на интелигенција“ објавена речиси точно пред една година.

3. Она што е прецизно не значи дека е и точно: почнете од GDP, продолжете преку коефициентот на интелигенција па сѐ до резултатите од престојниот попис кои треба да покажат каква е етничката структура на населението. Воедно, да не ги заборавиме и трговскиот дефицит, странските инвестиции, како и бројот на вработени, а и секако, колку тоа точно гласачи има во Македонија во моментов.

Ниедна од овие клучни бројки не можат да се одредат точно, иако за сите нив слушаме и ќе слушаме доста прецизни бројки! Кои што иако се прецизни, сепак не се точни.

Разликата меѓу прецизно и точно многу луѓе не знаат да ја направат, па ги мешаат овие два поима. Еве на пример, јас можам да ви кажам дека македонскиот крал Филип II бил роден на 11ти февруари во 382та година пред новата ера точно во 7 часот и 25 минити рано наутро, но од овие екстремно прецизни податоци едвај за годината можеме со околу 90% сигурност да тврдиме дека е точна (таа е историски прифатената, ама тој „факт“ се заснова на многу скудни и индиректни историски извори). Другите податоци се тотално неточни бидејќи со ниту еден извор не може да се поткрепат.

За GDP веќе зборувавме дека е практично невозможно да се утврди колку точно тој изнесува бидејќи голем дел од економијата барем во Македонија е сив – нелегален, нерегистриран. А бидејќи е нерегистриран, не може да се знае колку е точно. Дали е 10%, дали е 20%, или можеби дури и 50%, не е можно да се утврди.

Трговскиот дефицит е иста работа. Тој е резултат од разликата меѓу вредноста на извезената стока и вредноста на увезената стока во земјава. Ако се земе дека она што се увезува секогаш увозниците имаат интерес да го прикажат за поефтино – за да платат помала царина, тогаш треба да се прашаме колку навистина вреди увезеното? Воедно, колку од она што го извезува Македонија навистина се прикажува во целост? Од она што нашите фирми ќе го извезат, ќе заработат профит и потоа од тој профит треба данок да платат. Па и тие имаат интерес да ја потценуваат вредноста на извозот.

Или пак дознаките од странство. Знаете нели, тоа се оние пари што нашите иселеници и гастарбајтери им ги праќаат на своите семејства во земјава. Бројката е импресивна секоја година (над милијарда евра) но од каде може да се знае таа точно колкава е? Дали сите пари одат преку легални канали (банките) или доминантен удел има древниот принцип  „братучед ми Ристе ќе ти ги донесе парите кога ќе дојде на одмор со фамилијата летово“? Луѓето што потекнуваат од руралните подрачја во Македонија немаат доверба во официјалните институции за пренос на пари, а токму тие се доминантен дел од нашите иселеници.

Можеме да знаеме колку знаеме, иако не знаеме дали тоа што го знаеме е точно, и ако е точно дали воопшто има некакво значење. Но никогаш не можеме да знаеме колку не знаеме.

4. Како е дојдено до бројката? почнете од GDP, продолжете преку коефициентот на интелигенција па сѐ до резултатите од престојниот попис кои треба да покажат каква е етничката структура на населението. Воедно, да не ги заборавиме и трговскиот дефицит, странските инвестиции, како и бројот на вработени, а и секако, колку тоа точно гласачи има во Македонија во моментов.

Ниедна од овие клучни бројки не можеме да ги земеме сериозно, оти начинот на кој е дојдено до нив обично е сосема бесмислен.

Знаете ли како во здружението на високоинтелигентни луѓе „Менса“ одредуваат кои од кандидатите за членство заслужуваат да бидат примени? Ја тестираат нивната интелигенција, оти токму тоа е условот да се биде член на тоа друштво – да се има висока интелигенција.

Но знаете ли како го утврдуваат коефициентот на интелигенција? На кандидатот му даваат една тетратка со графички задачи кои сите се состојат во тоа да се продолжи низата од еден вид форми и да се каже која од понудените форми во одговорите има логика да биде последен елемент во наведената низа. И тоа е тоа!

Како со ваков чисто графички тест со заокружување се мери колку некој е вешт со зборови, или со звуци или со телесни движења, или колку добро се ориентира во простор или пак знае да комуницира со другите луѓе на еден позитивен начин т.е. има емоционална интелигенција, навистина не е јасно.

Црн квадрат, бел квадрат, црно-бел квадрат. Црн круг, бел круг, црно-бел круг. Црн триаголник, бел триаголник и… решението веќе го знаете, елементот што недостасува за да има логика целата низа е „црно-бел триаголник“!

Тоа некој можe да го знае, или пaк посложените варијанти на задачава, но што докажува тоа? Дека е способен да научи пет странски јазици? Дека знае за еден месец да научи да свири на гитара? Дека за една година ќе стане одличен танчар на сите видови танци ако зема редовни часови? Дека од прв пат ќе положи возачки испит? Дека ќе биде добар сопруг, татко или директор на фирмата во која луѓето се клучен дел од процесот и каде што емоционалната интелигенција е најважна?

Не! А можеби и да. А можеби и „можеби“.

Како се одредува колку Албанци живеат во некое село? Ќе пратат попишувачи кои исто така се Албанци кои ќе прашат „колку луѓе сте во куќава“ и газдата на куќата ќе му каже на попишувачот „десет сме, ама сите се на нива и не можат да дојдат да ги видиш“. Ако овој побара документи за сите, и ако газдата на куќата каже дека нема документи, овој дали ќе пише дека се еден човек или ќе му верува на зборот на газдата дека се баш десет Албанци од тоа семејство?

Колку гласачи има во Македонија точно ако со години, па и децении, десетици илјади луѓе откако умреле не биле избришани од евиденцијата? Како се одредува колку точно невработени има ако стотици илјади луѓе работат во разни претпријатија на црно, и инспекторите никогаш не се трудат да дознаат колкав е нивниот број точно?

Погледнете ја мојата колумна од пред неколку недели „Неколку погрешни бројки“. Во неа се дадени неколку примери за тоа како од ракав се тресени бројки на времето и јавноста потоа без да истражи како е дојдено до нив ги прифатила за факти. Иако тие тоа не се.

*

Главниот проблем со бројките е што кога ќе ги прифатите за единствено битни, тие стануваат товар, наместо предност. Ќе правите сѐ за да ги задоволите квантитативните барања, не водејќи сметка за квалитетот. Па ќе се трудите да обезбедите значајни бројки што всушност ништо не значат.

Во титова Југославија сите беа вработени. Ама скоро никој не беше продуктивен па земјата живееше од странските кредити кои откако пресушија, државата пропадна во крвави војни. Во Ирак на Садам Хусеин 99,99% од граѓаните на сите избори гласаа за диктаторот и неговата партија, ама тоа не значи дека го подржуваа неговото владеење.

Во Виетнамската војна силите на САД ги добиле ама баш сите битки што ги воделе со комунистичките герилци, па сепак на крајот морале да се повлечат понижени и поразени оти „толку многу битки добија, што ја изгубија војната“. Во Грција во изминативе три децении економијата раснеше секоја година и тоа лесно можеше да се види од порастот на GDP потхрануван речиси исклучиво со земање на кредити. На крајот испадна дека на тој начин толку силна економија беше изградена што земјата начисто банкротираше.

Ако бројките се сѐ што сакате, бројките ќе бидат и сѐ што ќе добиете.

.

П.С: Во колумната од претходниот четврток беше најавен вонреден пост за изминатиов понеделник во врска со повратниците во политиката инспириран од големиот митинг на опозицијата од неделата. Ама, бидејќи митингот ама баш ништо ново не донесе, таа колумна ќе ја оставам за некоја идна прилика. Можеби кога конечно опозицијата ќе побара распишување на предвремени избори.

П.П.С: Наредниот четврток, почитувани читатели, се паѓа осми јули, а редовните гости на мојот блог, знаат дека тоа е јубилејот на блогов, две години блогирање. Затоа, наредниот четврток наместо редовната колумна ќе има јубилејна. Нема да личи на онаа од јубилејот од првата година или од „јубилејот“ од трите месеци блогирање, туку ќе биде нешто поскромна. По неа, ќе следуваат околку два месеци пауза на блогов, поради летните одмори, како мојот така и на читателите на блогов.

До четврток, поздрав 8)

Written by nenobogdan

01/07/2010 at 20:53

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Најверојатно имаш остварено некој лош резултат на тестот за интелигенција, колку направи 80?🙂

    Експерт

    03/07/2010 at 18:03

  2. Текстот би го крстил Илузија на бројките, после се’ што напиша. Јако, по обичај…🙂

    alexandro

    04/07/2010 at 10:38


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: