Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДBE ГOДИHИ ПOMИHAA, A БЛOГATCTBOTO CEУШTE E TУKA

with 3 comments

После две златни години блогирање морате да признаете дека блогов мој злато вреди!

Првите постови на мојот блог ги објавив пред две години на седми јули, но тој датум не го сметам за вистински јубилеј на блогов, од проста причина што одлуката навистина да блогирам ја донесов наредниот ден кога сфатив дека моите текстови ја нашле својата публика. Од тогаш, со сосема мали паузи, редовно блогирам, и моите колумни продолжуваат да ја наоѓаат својата, сѐ поголема публика.

Почнав да блогирам на блогерајот на он.нет на адресата blogatash.blog.com.mk и едвај се воздржував да не си заминам, главно поради безбројните технички проблеми што ги имаше таа платформа. Конечно, при преминот од старата на новата платформа со почетокот на 2010та година, техничките недостатоци на новиот оннетов блогерај ја прелејаа чашата и јас побарав азил.

Сите текстови од стариот блог ги префрлив на новиов тука, по системот „пост по пост кини, пост по пост нижи“, и новите постови продолжив да ги нижам тука, и за враќање назад – никогаш и не помислувам.

Завршив како блог – азилант, иако почетоците беа славни и полни со надеж, поради што се нареков првобитно и Блогаташ, како кованица од зборовите „блог“ и „богаташ“ со што сакав да означам дека мојот блог ќе биде особено богат со идеи и нови размислувања. Вистинско блогатство кое секој што ќе дојде во допир со него ќе го зблогати.

За две години, напишав 140 колумни, објавив и една книга дигитално, а и уште една книга напишав (со 40 поглавја), но сеуште се трудам таа да биде објавена во класична (хартиена) форма, ама за тоа треба некој спонзор да најдам. Тоа сеуште оди тешко, но се борам, се трудам, се надевам…

Во наредниве два месеца ќе паузирам со блогирањето поради летните одмори, како мојот така и на моите читатели. Во меѓувреме, ако некој случајно дојде на блогов, а што до сега не го посетил, еве му ја следнава топ листа на моите најдобри колумни до сега.

Се разбира, критериумите по кои е одредено кои се најдобри се крајно субјективни и се комбинација на чуството мое за добар концепт, добра идеја добро изложена и со најдобар писателски израз. Не дека тие се единствените добри, ама – ако некој прв пат ме чита, најдобро да почне со нив. Па еве ги:

10. Колумната „Аце педерот или Аце швалерот“ зборува за една многу контроверзна тема од македонската историја, а кога веќе ја споменувам неа, ајде да споменам и уште две колумни поврзани со историските контроверзи: „Дали Македонците се Словени или Словените се Македонци“ и од поновата историја „И предавниците ги предаваат, нели“.

9. Во колумните „Сто милиона евра за учениците“ и „Шест предлози за подобар парламент“ имам дадено неколку добри идеи за реформи, а во колумната „Трн во здрава нога“ објаснив зошто еден актуелен предлог за реформа (донесување закон против мобинг) е всушност лоша идеја од која најмногу штета ќе имаат работниците кои демек треба да бидат заштитени со таков закон.

8. Во циклусот за Глупаците, имам до сега четири серии објавено: „Десет видови македонски глупаци“ и „Уште десет видови македонски глупаци“ како и „Десет видови грчки глупаци“ и „Уште десет видови грчки глупаци“. А познати ми се уште триесет видови македонски глупаци, па тоа можеби еден ден ќе заврши во некоја книга со педесетина видови македонска глупавост, подробно и темелно опишани.

7. Факт е дека многу работи погрешно ги сфаќаме, и особено сме убедени дека тие грешни работи се точни, ако се поткрепени со бројки. Но, бројките треба убаво да се погледнат за да се дојде до вистината за нив. За таа цел ги напишав: „Значајни бројки што ама баш ништо не значат“ во која има линкови до уште неколку слични колумни, како и „Перцепција, погрешна перцепција“ потоа „Квака 22“ и „Еден ама вреден“. Воедно, тука некако може да се смести и „Споредбена предност и вредност“.

6. Теориите за заговор отсекогаш сум ги сметал за смешни и апсурдни, но тоа не значи дека не постојат обиди да се игра некоја задкулисна игра скриена од очите на јавноста. Од таму, ѕирнете ги следниве колумни: „Заговор или изговор“, „Радикали, што им фали…“, „Белисариус“ како и „Неколку заблуди за долговите“ за некои работи да станат малку појасни.

5. Еве неколку интересни колумни кои се добра слика на еден правец од мојата мисла што често го опишувам како обратна логика. Почнете со колумната „Оксиморонштини“ и колумната „Треска, Вардар, ние и Грците“ за да сфатите што сакал авторот да каже во колумната „Сите дебати се потполно бескорисни“. Ако ги прочитате тие колумни, ќе ви стане јасно што сака авторот да каже во „Национализмот е чиста спротивност на шовинизмот“ и „Што е, а што не е капитализам“.

4. Се разбира, за колумните „Златно теле“ и „Науријци“ нема потреба да се трошат зборови. Уште од самиот старт ќе знаете дека не можете, а да не ги прочитате. Онаа втората беше и најпопуларната моја колумна до сега објавена на порталот taratur.com каде што некои од моите подобри колумни редовно се објавуваат.

3. Ах, тој пусти менталитет. За него зборував во многу колумни од кои најдобрата сигурно е „Западен менталитет против источен менталитет“ како и „Што можеме ние Македонците да научиме од Евреите“. Некако тука морам да ги споменам и „Митовите на геополитиката“ и „Банана република“ како и „Култ на личноста“. Има и други колумни од таа тема, но тие се споменати во линкови во предложениве колумни, така да – имате доста за читање.

2. Прашањето за тоа кому треба да му веруваме и кој е правиот авторитет за некоја тема е многу битно. Од таму, за една од најдобрите мои колумни ја сметам „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“ која откако ќе ја прочитате верувам дека ќе ви разјасни „Зошто левицата никогаш не може да биде патриотска“. Како што реков „Прашањето за легитимноста“ е многу битна работа за која треба добро да се размисли.

1. И конечно, крем де ла крем, топ оф д поп, ударна тупаница, златна круна на моите две години блогирање, неповторливата, феноменалната „Апсурдноста на генетското одредување на националноста“. Ова е колумна од која може цела книга да се напише. Ако не сте ја прочитале – не сте свесни што пропуштате. Совршена во секој поглед: информативна, креативна, оригинална, генијална. Уживајте.

.

П.С: И така, едно дочитање на сите почитувани читатели да им кажам, се читаме повторно за два месеца, во септември со нова колумна која најверојатно ќе се вика „Збунети од формата“. Во неа ќе објаснам дека парите не кружат, нема пирамиди на моќта, нема сфери на влијание, идеологијата не може да се прикаже на оска, и за слични заблуди поврзани со формата на одредени општествени појави.

П.П.С: До тогаш, пријатен летен одмор😆

Written by nenobogdan

08/07/2010 at 09:18

Posted in Uncategorized

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Честитки за малиот но значаен и богат јубилеј.
    Ми беше огромно задоволство да те читам!
    Поздрав и пријатен одмор пријателе!

    alexandro

    09/07/2010 at 00:34

  2. Нека е со среќа и нека се множат!🙂

    И, за уште поквалитетен развој, ти посакувам летово повеќе да ги отвориш умот и срцето за размислувања различни од твоите.

    Поздрав и убаво лето!

    Мартинка

    14/07/2010 at 01:45

  3. Дали може да се купуваат акции од блогов?🙂

    robertmacedonia

    23/07/2010 at 11:41


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: