Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ CAMO EДHA БУKBA…

with 4 comments

Сите знаеме што значат термините: идеологија, лажни пророци, партиски војници, народна маса, култ на личноста, раководство и демократија. Но, доколку на згодно место во секој од овие термини додадеме по само една буква, се добиваат сосема нови термини кои се предмет на анализа во денешнава полу-духовита колумна која треба да биде предигра за официјалниот старт на новата сезона на блогов од идниот четврток.

1. Влажни пророци: сите знаеме што се тоа лажни пророци оти дури и во Новиот Завет се тие споменати, се разбира, во негативен контекст, при што главниот лик во таа книга ги предупредува своите следбеници дека ќе ги препознаат таквите лажни пророци по нивните (лажни) плодови.

Со други зборови, ако некој што е сметан за „пророк“ најави дека една недела од денеска ќе врне снег и снег навистина заврне во претскажаното време – тогаш тоа е знак дека е вистински пророк, а пак доколку некој што се преставува себе како пророк (или барем месија) рече дека ако биде избран на избори ќе вработи по еден човек од секое семејство или пак лустрација ќе спроведе – и ништо од тоа не испадне после изборите, тој е тогаш лажен пророк.

Добро, но што е тоа влажен пророк? И ако е влажен, од што е влажен? Од два извора може да се навлажни неговиот лик и дело. Прво, влажен е секој демагог оти е натопен до лакти во спонзорски пари од мистериозни донатори и плива во сомнителните води полни со отпадот од процесот на перење на валканите пари.

Второ, демагогот кој лаже на избори и со лажење ги добива нив може да е влажен и од постојаните бакнувања на задникот негов што неговите верни полтрони го целуваат цело време. Надевајќи се дека од валканите раце на пророкот им ќе капне по некоја паричка и за нив.

2. Култот на сличноста на партиските двојници: за култот на личноста имам пишувано во неколку наврати, а најелоквентно во истоименета колумна. Накратко, култ на личноста е кога следбениците на некој моќен човек бесприговорно го следат лидерот каде и да ги води, па макар и да ги одведе во пропаст. А кога дотичниот моќен човек е лидер на партија, тогаш неговите верни следбеници се викаат партиски војници.

Добро, но што е тоа култ на сличноста? Е па, тоа е придружен феномен на оној на култот на личноста, кога партиските војници се претвораат во партиски двојници и си личат еден на друг, можеби не физички, но ментално и интелектуално сосема.

Па бидејќи не само што нема разлики во размислувањата, не само што сите се клонови (или кловнови, оти се апсурдно смешни и нивните изјави и постапките), туку тоа станува дел од нивниот менталитет – и не само што самите не се трудат да бидат различни и да мислат со своја глава туку и ги мразат сите оние кои ќе се осмелат да се одвојат од матрицата зацртана од лидерот.

Па за партиските двојници кои негуваат цврст култ на сличноста довчерашниот патриот станува предавник, а довчерашните терористи стануваат коалициони партнери. Па трошењето на три и пол милиони евра за купување на премногу делови за тенкови што чинеле половина од таа цена го нарекуваат криминал, а трошењето на исто толку пари за градење колиби на вода што чинат пет пати поефтино станува – мудро инвестирање во културниот развој.

Е тоа е култ на сличноста: кога партиските војници од едната партија на обвинувањата на партиските војници од другата партија ќе одговорат со: „и вие така правевте“. Впрочем, јас уште лани убаво објаснив преку интересна фотомонтажа за „Темелните разлики и сличности“ меѓу Синоличка и Портокалушка.

3. Видеологија: идеологијата иако оригинално значело како поим „наука за идеите“ со тек на време станало синоним за систем на помалку или повеќе кохерентни идеи што различните политички групи ги сметаат за најточни и безгрешни. Да знаел авторот на зборот „идеологија“ францускиот теоретичар Антоан Дестут како ќе го избезобразат неговиот термин идните генерации, веројатно никогаш немало да го смисли и пласира во јавноста. Можеби и со мојот авторски збор „експертутки“ тоа еден ден ќе се случи, кој знае?

Но, за видеологијата ми беше зборот, нели. Видеологијата како што кажува нејзиното име би требало по пропис да е некаква наука за информирањето преку слика (видео) ама во корелација со реалноста – го менува своето значење.

А разликата помеѓу видеологија и идеологија е многу поголема од само една буква. Идеологија е кога вашата политика има систем од идеи врз кои се крепи. Видеологија е пак „дрмајте го вагонот, за да мисли народот дека се движиме“. Не е битно да имате идеја, план или систем од вредности, битно е луѓето да ги убедите преку бескрајна низа од глупи реклами дека нешто работите.

Па така, самонаречената конзервативна партија преку владата која ја контролира фрла стотици илјади евра за поставување на статуа (и тоа бронзена) на „шмизла“ среде центарот на главниот град. И кои тоа семејни, домаќински и конзервативни вредности ги промовира таа бронзена пачавра?

Или пак во својство на патриотска партија која сака да го унапреди и зачува уникатниот македонски идентитет поставува статуа на бик (копија на бикот пред берзата во Њу Јорк), планира триумфална порта (копија на онаа од Париз која пак и самата е копија на триумфалните капии од стариот Рим) и конечно спремна е милиони евра да „инвестира“ за да стави купола врз зградата на Парламентот со што ова здание своевремено изградено за да се смести кабинетот на банот на Вардарската Бановина да може да заличи на копија на Германскиот рајхстаг.

Е тоа е видеологија. Нешто што се нуди на народот во недостаток на идеологија.

4. Во демонкратијата мраководство се крие зад народната маска: но така си е тоа во демонкратијата. Која се разликува од демократијата по нешто повеќе од само една додадена буква. Имено, во демократијата владее демосот т.е. граѓаните кои гласаат. Во демонкратијата пак владеат политичарите кои се слични по своите методи на демони.

Демоните пак знаеме од митологијата како функционираат. Немаат тие самите никаква сила ако човек не верува во нив, а ако верува знаат да го обземат и да го завладеат потполно неговиот дух. За аналогијата помеѓу демоните, вештерките и другите „Страшни работи“ со појавите од политиката пишував во истоимената колумна, а сега би сакал да ги доразвијам и термините мраководство и народна маска.

Имено мраководство за разлика од раководство кое ја води државата во вистинската насока, не ја води никаде, оти и самото функционира по принципот „купи ден продај“. Без идеја и кохерентен сплет од цели кои сака да ги постигне.

Како поинаку да се нарече раководството кое ем дава милиони евра за субвенционирање на производство на тутун, ем истовремено забранува пушење цигари во кафеаните? Која е целта тука: да се поттикне производството на тутунот но да се намали конзумирањето на производите на тутунот?!

Туку сето тоа не вреди ништо без народната маса да ја нема маската врз себе. Таа де, маската што ја држи пред анкетарите кога дава подршка за оној што ја нарачал анкетата, а кога ќе дојде денот на изборите одеднаш стотици илјади гласови да ги снема од контото на оние што се надевале дека ќе се „прошетаат“ на избори.

Партијата на власт од 2008та до 2009та се симна од 480.000 гласови за партиските листи за пратеници на 300.000 гласови за партиските листи (овој пат за советници). За една година се врати од каде што почна во 2006ата. А како тргнале со секојдневно правење глупости и нивно оправдување преку изјавите од типот „и тие пред нас така правеа“ се на одличен пат да се вратат таму од каде што почнаа во 2002та, утрото на 16ти септември.

Само една буква ништо клучно не менува во некој збор. Но, само една бројка заокружена на гласачкото ливче не за оној што ветува и лаже, туку за некоја друга листа со друг број, може многу да промени. Но, кој има време сега да мисли на иднината, кога сегашноста е толку убава?

*

Сакав да кажам нешто и за млекарската комора или пак за уставниот студ, ама мислам дека беа доволни и горенаведениве термини збогатени секој со по само една буква. Од друга страна, иако за тигри без граници не ми текнуваше што да напишам, за игри без градници ми се јавија некои доста безобразни фантазии кои, бидејќи сум пристоен човек нема да ги ставам на мојот (т.е. да ги објавам де!) блог, барем не сега-засега.

Впрочем, ова денеска како што нагласив на почетокот беше само предигра (ах, тој збор ме потсети на игрите без градници) на првата сериозна колумна со која ќе биде означен и официјално почетокот на новата сезона на овој блог. Таа ќе се вика „Збунети од формата“ и ќе биде објавена на 9ти септември, во стандардниот четврточен термин, точно два месеци од почетокот на летната ми пауза.

П.С: Лани кога го загревав блогот за тогашната нова сезона, пуштив исто така неколку полу-шеговити колумни. Едната беше малку така посериозна и се викаше „Да се забрани, ама џабе“ а другата беше сосема духовита и се викаше „Пронајди ја разликата, ако можеш“. Илустрацијата од таа колумна дури и во неделникот „Фокус“ два пати во истиот број ја беа објавиле. Им пишав и мејл во знак на благодарност за публицитетот и понуда за понатамошна соработка, но тие сосема ме игнорираа (зошто!?)

П.П.С: До денот после денот на независноста, поздрав и внимавајте каде играте игри без градници оти нашава влада како тргнала може да ве натера и срамен данок да плаќате за нив😆

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Види го бе…. свеж, одморен, полн енергија (и букви!) – симулација за стимулација🙂
    Ма, ја сал онака, сал да те поздравам😉

    оксиморон

    01/09/2010 at 20:42

    • Кој те поздравува тој те оздравува🙂

      Кога пишуваш поезија во проза (или проза во стихови) тоа веројатно треба да се вика проезија (или стихоза!)

      Поетски поздрав = поездрав🙂

  2. Ако е стихоза, да не е психоза😉

    oksimoron

    02/09/2010 at 19:13

  3. Нено, ај добредојде пак назад!🙂
    Велемајстор си станал за лингвистичко/политички еквилибристики. Помеѓу нив – „опасни тези“. А баш ме интересираше за оние игри без граДници. Некој да не направи стриптиз???
    Инаку, она „и вие така правевте“ многу ми е познато од некаде…😉

    alexandro

    20/09/2010 at 20:59


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: