Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ 3БУHETИ OД ФOPMATA

with 2 comments

Сфери на влијание: не се сите патриоти вмровци и не се сите вмровци патриоти. Не се сите во есдеес предавници и не се сите предавници (само) во есдеес!

Скоро редовно, новинарите, разните експерти и аналитичари и политичарите особено, кога сакаат на јавноста некоја сложена општествена појава да ѝ ја објаснат набрзина, ја споредуваат појавата со некоја едноставна форма. Па се зборува за сфери на влијание, за пирамиди на моќ и богатство, за идеолошки оски или пак дека парите кружат. Формите како аналогии се корисни, ама често знаат да доведат до забуна. Понекогаш и намерна.

1. Сфери на влијание: кога некој ќе каже „сфера на влијание“ обично си замислуваме некоја строго дефинирана и прецизно ограничена област во која се чуствува само влијанието на оној што ја контролира сферата, а надвор од неа нема тој никаква контрола, ниту пак некој од надвор има влијание врз внатрешноста на сферата. Во нашата политика тоа би се прикажало како на горната слика.

Ако човек го разбира светот како што „заповеда“ првата форма, тој ќе си помисли дека „сите патриоти се вмровци и сите вмровци се патриоти“ а воедно „сите предавници се во есдеес, а и сите што се во есдеес се предавници“. Надвор од сино-портокаловиот круг поделен на две сфери нема ништо.

Но, втората форма зборува нешто сосема друго, а тоа сосема друго е многу поблиску до реалната состојба. Имено, „не се сите вмровци патриоти и не се сите патриоти вмровци. Многу патриоти и чесни луѓе ги има и во сината сфера, а има и патриоти кои не припаѓаат на ниту една од двете партии“.

Уште повеќе, „не се сите членови на СДСМ предавници ниту пак сите предавници се членови на СДСМ. И во сегашниот состав на владеачката партија, како и од самиот нејзин старт има многу продадени души, превртливи кариеристи и најобични будали кои имаат и портокалови вратоврски во плакарот но и бугарски пасоши во сефот“. Воедно, постојат предавници кои не се во ниту една од двете партии, што значи дека „секаде ги има и чекаат шанса да ја продадат Македонија за триесет сребреници“.

Заблудата со сферите на влијание не е ограничена само на нашата политичка сцена. Имено, своевремено СФРЈ беше и во Западната и во Источната сфера на влијание, при што релативно успешно флертуваше и со двата блока, како што налагаа околностите и потребите.

Или пак албанскиот фактор на Балканот, за кој се тврди дека е цврст сојузник на Американците. Сепак, многу Албанци приватно имаат големи забелешки кон американската политика во Ирак и Афганистан. Воедно, многу малку Албанци имаат позитивно мислење за Израел, најверниот американски сојузник на Блискиот Исток.

Последица од оваа заблуда: ако човек сериозно и некритички почне да верува во оваа заблуда тој почнува да мрази сѐ што смета дека не припаѓа во неговата сфера. Од таму, се јавува омраза меѓу членовите на двете водечки партии кај нас, иако можеби приватно имаат сосема исти идеали и станува збор за патриоти и чесни луѓе и на двете страни.

Освен тоа се јавува и безусловна доверба кон оние што се во сферата, па колку и да крадат и да се корумпирани, високите раководители на партиите како кандидати на избори пак ќе ги добијат гласовите на луѓето заблудени во верувањето дека се во иста сфера на влијание со нив.

Како поинаку да се објасни омразата што многу сегашни вмровци ја чуствуваат кон Љубе Бошкоски во кого до вчера се колнеа и крстеа, и гласовите што припадниците на СДСМ му ги дадоа на Фрчко на ланските избори после сѐ што тој изнапиша во своите колумни против нивната партија?

2. Парите кружат: тоа е класичната лага што сите политичари им ја кажуваат на своите гласачи. Прво, ќе ви ги земеме државата парите преку даноци, па тие пари владата ќе ги подели како зголемени пензии и плати и субвенции, па потоа граѓаните што ќе ги добијата како плата или пензија ќе ги трошат во продавниците и тие продавници ќе платат даноци и парите ќе се вратат зголемени во државната каса. Со секој циклус на парите, со секое кружење низ стопанството, сумата сѐ поголема и поголема се враќа. Некако вака:

Ова нема смисла и за тоа имам пишувано и порано, во поширок контекст. Имено, државата лесно може да ги чести граѓаните, но кој ќе ја чести државата? Единствен начин да се зголеми богатството во едно општество е да се зголеми количината на произведени стоки и овозможени услуги, што пак може да настане само преку поефикасно искористување на потенцијалите што ги има економијата во тоа општество што пак доаѓа само со зголемување на капиталната основа.

Со други зборови, ако изградите подобра инфраструктура, организирате подобро образование, подобро здравство и постабилни институции кои ќе овозможат владеење на правото без кое никој приватен бизнисмен не би ни помислил да инвестира во нови капацитети кои отвараат нови и продуктивни работни места, општеството ќе биде богато и неговите граѓани ќе уживаат во висок и сѐ повисок стандард.

А само со уфрлање на пари во системот ништо не се прави. Грција е класичен пример за тоа дека парите не кружат. Како во десната страна на илустрацијата горе, парите влегуваат преку кредити и државата ги дели преку плати и пензии и субвенции на своите граѓани, но потоа тие пари на секој чекор истекуваат во разни неконтролирани правци. А кога треба да се вратат кредитите – нема пари за тоа.

Очигледно, со давање пари на луѓе кои не ги заслужиле и не ги заработиле ништо не се решава на долг рок. „Без мотике нема хлеба нигде у свету“ велат Србите. Знае ли некој како ова се преведува на грчки? И, уште поважно на македонски, за да им се каже на оние кои веруваат дека со помош на пари од европските пристапни фондови Македонија автоматски ќе тргне кон повисок стандард?

3. Идеолошки оски: класичната теорија на политикологијата вели дека партиите според нивната идеологија може да се наредат на една оска која оди од лево кон десно, и врз таа логика е изградена поделбата на екстремно леви, леви, централни, десни и екстремно десни партии.

Оваа класична теорија е осовременета со додавање и на уште една оска, која оди од авторитарен начин на управување со партијата (и ако таа дојде на власт и со државата) и либерален начин на раководење со партијата и државата. И на тој систем од две оски се сместува секоја партија во облика на точка со свои идеолошки координати. За нашата држава тоа некако вака би изгледало:

Како што забележувате либерална-десничарска партија во Македонија не постои, од проста причина што не постои никакво гласачко тело за неа. Нашите граѓани веруваат дека една патриотска партија мора да има силен и неприкосновен водач, или пак ако се либерални за општествени прашања (геј бракови и атеизам) обично се левичари и не баш патриотски и про-капиталистички ориентирани.

Постои и теорија дека идеолошките оски имаат потреба и од трета оска, која би го означила времето (дали се партиите ориентирани на краткорочни цели или гледаат долгорочно) со што идеологијата би станала 3-D идеологија. Тоа е добра поента, но јас мислам дека не се толку оските проблем што збунува колку што е прикажувањето на идеологијата на партиите на тие оски.

Имено, не треба точки, како што е на првата слика, туку како површини кои се ограничени со темиња во сите четвртини од координатниот систем. Еве, земете го ВМРО-ДПМНЕ: лево-либерално однесување кај нив е на пример статуата на шмизла, десно-либерално е воведувањето на рамен данок, лево-авторитарно е вработувањето на илјадници партиски членови во државна служба и десно-авторитарно е практично сѐ останато.

Или пак СДСМ: кај нив лево-либерално е противењето на промоцијата на античкото минато на нашиот народ, десно-либерално е приватизацијата (каква-таква сепак е во таа четвртина), десно-авторитарно е силната омраза спрема секакво споменување на добри односи со Бугарија, а лево-авторитарно е создавањето на олигархија која според идеолозите на оваа партија најубаво ќе знае да ја одбрани македонската економија од странски влијанија.

Или пак ЛДП: во правец на стрелките на часовникот ако одиме низ четвртините се: про-геј ставовите на партијата, настапите во парламентот со фискално одговорна содржина, начинот на владеење на Пенов во Скопје кога беше градоначалник и се разбира како лево-авторитарно завршуваме со високата позиција и почитта што Мирјана Најческа ја стекна кај нив. Зошто сметам дека таквите како неа се авторитарни личности имам објаснето во колумната „Ексцентрик или егоцентрик“.

Како што гледате, идеолошките површини што ги зафаќаат разните партии во доста голем дел се покриваат една со друга. Што значи дека разликите во начинот на размислување на партиските раководители и не се толку големи. Дури, може да се каже дека што помали разлики има меѓу партиите, толку понепомирливи се нивните водачи. Погледнете ги само партиите на Љубе и на Љубчо. Која е идеолошката разлика меѓу нив двете па толку не можат да се обединат во една? Или пак по која идеолошка линија се скарани членовите на партијата ДОМ со либерал-демократите?

4. Пирамида на моќ (или богатство): една стара форма со која се објаснува една стара појава (нееднаквоста во општеството) е потполна лага или барем заблуда во која веруваат многу луѓе. Тоа е, барем кога станува збор за богатството, заблудата од долнава слика:

Имено, мал број на луѓе го имаат скоро целото богатство, а голем дел од населението се сосема сиромашни. При тоа, колку одите кон поголемото богатство толку помалку луѓе го имаат, а колку одите кон бедата толку повеќе луѓе се во таа категорија. И гледајќи ја формата на пирамидата секој ќе си рече „јас сум на врвот, и долг е патот кон дното“ (ако е богат) или пак „јас сум на дното, а врвот за мене е недостижен“ (ако е сиромав).

Последица од оваа заблуда е што луѓето или губат пред време надеж дека ќе го оправат својот живот или пак аздисуваат со расипништво небаре никогаш нема да ги потрошат парите или да ја изгубат моќта.

Најголемиот број луѓе си велат дека во политиката тие се безгласни букви па не вреди да гласаат или ако гласаат на изборите ги бираат оние политичари што ќе ги им решат краткорочните проблеми (преку подарување на вреќи брашно и гајби зејтин) а не размислуваат долгорочно за својата иднина и иднината на своите деца кои треба да живеат во држава раководена од неспособни демагози.

Никој од нив не го слушнал прашањето: „од партијата ќе ти дадат гајба зејтин и ќе го потрошиш за четири месеци, а после изборите четири години таа партија на власт ќе ти ја вади маста“.

Што вели втората слика, онаа што личи на ѕвоно, или поточно на камбана? Тоа е таканаречената bell curve која е математички и статистички потврдена дека многу подобро ја отсликува распределбата на богатството, интелигенцијата, моќта, влијанието меѓу луѓето.

Имено, кривата во облик на ѕвоно означува дека сосема мал број на луѓе се екстремно бедни и сосема мал број на луѓе се екстремно богати. Или пак сосема мал број на луѓе се со екстремно ниска интелигенција и сосема мал број се екстремно високо-интелигентни. Најголемиот дел спаѓаат во некоја средина. Средна класа, просечени луѓе, нормален свет.

И токму кај тие обични луѓе лежи моќта да променат сѐ.

*

Замислете дека 400.000 илјади луѓе од утре одлучат да почнат да пазаруваат во само еден синџир на продавници и супермаркети. Ако месечно секој од нив троши по околу 3.000 денари за купување на производи од тој синџир, за една година тоа се 36.000 денари по човек или околу 600 евра. Помножете ги тие пари по 400 илјади и добивате годишен промет во синџирот на продавници од 240 милиони евра. Ако само половина процент од таа сума му остане после сите трошоци и даноци на газдата на синџирот маркети како чист ќар, за една година тие 400 илјади граѓани на Македонија можат да создадат од него милионер.

Ако одлучат да гласаат за една партија тие 400.000 гласачи можат од лидерот на таа партија да создадат премиер кој што ќе има стабилно парламентарно мнозинство. Ако купат цеде од некој пејач или пејачка може да направат мега-ѕвезда од него (неа). Ако сите се пушачи и престанат од утре да пушат можат да ја урнат за еден ден целата тутунска мафија во Македонија.

Ниту најбогатиот човек во Македонија по своја желба не може да стане премиер (иако може да го поткупи премиерот) ниту пак да стане дури и пратеник ако не е во врска со некоја етаблирана партија (класичен пример е газдата на А1 кој и покрај сето богатство и медиумска моќ не стигна далеку во политиката). Ниту најбогатиот спонзор не може од својата цицлеста спонзоруша да создаде миленичка на публиката без оглед на тоа колку убави песни да ѝ купува тој од композиторите. Ниту најмоќниот политичар во земјава не може да ѝ стави крај на тутунската мафија (иако таа сосема лесно може на многу политичари на Балканот да им стави крај).

А ете, само 400 илјади најобични граѓани можат сево ова да го постигнат, ако само посакаат, уште утре.

Не постои пирамида на моќта. Моќта е распоредена како ѕвоно, како камбана. Која ќе му одѕвони на секој што се замислува дека е на врвот на некаква пирамида, во моментот кога ѕвонарите ќе одлучат дека неговото време завршило. Уште само да сфатат ѕвонарите дека во нивни раце е нивната иднина.

.

П.С: Идниот четврток во редовниот термин очекувајте ја мошне интересната колумна „Шерифот како архетип“. Погледнете ја само илустрацијата за неа, како можете да ја пропуштите колумната? Најдов многу архетипови, па како што бројките беа инспирација за неколку колумни во изминатиов период, така и архетиповите во наредниот период ќе бидат „колумнизирани“ на блогов.

Во меѓувреме, можеби ќе има уште една вонредна колумна, а можеби и не. Како и да е, до четврток, останете поздравени😆

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. ” Уште само да сфатат ѕвонарите дека во нивни раце е нивната иднина.”
    ех…

    Поздрав Нено!🙂

    Мартинка

    13/09/2010 at 20:04


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: