Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ГЛУBЦИ

with one comment

Сигурно ви е позната онаа комична споредба помеѓу разните општествени системи (комунизам, капитализам, фашизам итн.) која почнува со зборовите „имате две крави..“ и потоа се кажува во секој систем што се случува со нив и со вас. Во денешнава вонредна колумна еве нешто слично на тоа, ама овој пат почетните зборови се „во државата има наезда на глувци…“ и да видиме како разните системи би се справиле со неа.

1. Теократија: ова преставува форма на општествено уредување во која со државата управуваат религиозните великодостојници и во сите закони и проекти на власта се гледа да бидат задоволени строгите правила и догми на дотичната религија, а дури потоа да се мисли дали е тоа позитивно за граѓаните.

Во денешно време типичен пример за теократија е Иран.

Значи, во една држава уредена по теократски модел има наезда на глувци, па како се справува власта со наездата?

Прво, религиозните водачи ќе се соберат на конференција од која ќе излезат со послание за народот дека наездата на глодарите очигледно е Божја казна за грешните граѓани кои отстапиле од Словото. Од таму, лекот што ќе го препорачаат верските главатари е грешниците да се покајат под итно, а народот да се сврти повеќе кон „единствената вистинска вистина“ и да ги почитува особено многу повеќе луѓето што таа вистина ја кажуваат т.е. верските великодостојници.

Ако после некое време наездата сеуште е присутна и глувците стануваат сѐ поголема напаст, можно е неколку премногу слободоумни лица да бидат прогласени за еретици и да бидат казнети со строги мерки.

Се разбира, наездата на стаорци како и секоја природна појава порано или подоцна самата ќе се намали и ќе се врати бројот на глодарите во почетната состојба па тогаш верските раководители ќе можат да му кажат на народот дека благодарение на нивните молитви и ритуали за прочистување, нацијата повторно ја заслужила милоста Божја.

И од тој ден па натаму, постојано ќе го потсетуваат народот на наездата на глувци и ќе го предупредуваат дека ако пак отстапи од Словото пак државата ќе биде погодена од напаст.

Е така теократијата го „решава“ проблемот со наездата на глувците.

2. Комунизам / фашизам: бидејќи меѓу комунизмот и фашизмот нема суштинска разлика начините на кои овие два општествени системи би се справиле со наездата на глувци се ставени под иста точка. Оти начините се исти и кај едните и кај другите, само со разлики во употребените фрази во пропагандата.

Кога се прочуе веста за наездата на глодари што ја нападнала татковината веднаш Големиот Водач ќе им се обрати на народните маси преку државните медиуми (а други медиуми и нема во такви системи, освен државни) со објаснување за причините и уште поважно, причинителите на наездата.

Ако станува збор за фашистичка држава за одговорни ќе бидат наведени внатрешните непријатели подржани од странските сили што никогаш не спијат и постојано коваат заговори против татковината. Меѓу глобалните темни сили ќе бидат наведени превенствено Масоните, светскиот еврејски заговор и Илуминатите, кои пак за свои платеници на теренот ги ангажирале Ромите или некое друго малцинство.

Еве на пример за фашистичката држава Грција виновни за нивните сегашни проблеми се светските банкари, „шпекулантите“ на берзите и католичката организација „Опус Деи“ за кои работат домашните предавници Македонците од „Виножито“. Во Франција криви за сѐ се Ромите.

Во комунизмот е слична процедурата за справување со наездата на глувци, само што во листата на надворешни непријатели ќе биде додадена и ЦИА, а внатрешните непријатели наместо одредени етнички малцинства ќе бидат кулаците и буржуите или ако тие се одамна истребени нивна замена ќе бидат одредени слободоумни интелектуалци. Сушите во Северна Кореја (и од неодамна во Венецуела) се вина на Американците кои со помош на тајно оружје – метеоролошки сателити – ја контролираат климата.

Нормално, наездата на глувци ќе си продолжи и покрај преземените мерки ама ако некој се осмели да каже јавно дека елиминацијата на внатрешниот непријател не ја спречила напаста, тој ќе биде прогласен за предавник и ќе заврши во логор.

3. Етатизам: името на овој начин на општествено уредување доаѓа од францускиот збор за држава („етат“) па на македонски веројатно би се превел терминот како „државизам“, иако „државофилија“ е веројатно посоодветен термин, оти преставува патолошка опсесија со моќта на државата да управува со народот и да ги решава сите негови проблеми.

Етатизмот во Македонија е присутен веќе дваесет години и тој во голема мера го замени формално комунизмот кој го имавме до 1991та, ама не го замени суштински. Сакам да кажам, откако го урнавме комунистичкиот ѕид на негово место (врз истиот авторитарен темел) кренавме етатистички ѕид на кој невешто залепивме демократски тапети. Кои на секои четири години ги одлепувавме за да залепиме нови, само со друга боја.

Етатизмот во Македонија може да биде левичарски и десничарски. Меѓу двата пристапа и нема некоја суштинска разлика (во крајниот резултат), ама сепак не е баш исто. Еве како тоа во нашата држава би функционирало:

Ако е левицата во опозиција, лидерот нејзин на наездата на глувци ќе одговори со барање за предвремени избори при што ќе вети дека ако дојде на власт неговата партија државата ќе обезбеди „барем по една мачка за секое семејство“. Ако пак е левицата е на власт кога ќе започне наездата, таа ќе ангажира без тендер (со директна спогодба) приватна фирма на која ќе ѝ даде монопол за да изврши дератизација.

Ако при дератизацијата случајно биде уништено и некое легло на питоми глувци (кои луѓе би ги имале како домашни миленичиња) за секој убиен глушец владата ќе исплати оштета од минимум илјада евра, нешто слично на она што го правеше своевремено во аферата „Бачило“.

Ако пак десницата е во опозиција кога ќе започне наездата на глувците, таа нема да се занимава воопшто со тој проблем туку поради „идеолошки разлики“ во нејзините редови ќе дојде до раскол, како што кај нашите десничари секогаш се случува кога се надвор од власта, а па дури и додека се на власт понекогаш.

Ако се на власт десните, или лидерот лично ќе заговара и договора поделба на државата со дератизација до Групчин, а од Групчин натаму нема да има дератизација (или таа ќе му биде препуштена на албанскиот партнер во коалицијата) или по ново, десницата преку својата Влада ќе организира кампањи со порака „секое семејство треба да има по три мачки“, плус ќе додели ваучери за купување на стапици за глувците, а не е исклучена и рекламна кампања за промовирање на бенефитите од чување на мачки со слоган „Ти си Мјаукедонија!“.

Нормално, како и во секој етатистички пристап и тука ќе има апсурдни ситуации. На пример, од една страна ќе се врши кампања против глувците, а од друга ќе се субвенционира храната за мачки. Не ви е јасно каде е апсурдот? Е па, мачките ако има за нив доволно ефтина храна, нема да сакаат да јадат глувци, нели?

Не ви е јасна врската на овој апсурд со нашата десница на власт? Е па, од една страна владата води кампања за објаснување на штетноста од пушењето и воведува закони за забрана на пушење во кафеаните, ама од друга страна го субвенционира со десетици милиони евра производството на тутун.

Е така етатизмот од двете страни на политичкиот спектар се справува со наездата на глувци.

4. Шерифски: за овој начин на водење на една држава ќе стане многу поопширно збор во редовната колумна што ќе ја објавам овој четврток, а сега само за конкретниот систем на справување на шерифот со наездата на глувците во неговата држава.

Имено, нема систем! Сѐ се прави ад-хок и мерките и техниките ќе одговараат на конкретната ситуација и условите на теренот. На пример, во сегашна Македонија ако имаме потполн шерифизам како систем на владеење и се појави наезда на глувци, вака некако би се одвивало справувањето со нив:

Владата на својата вонредна седница на предлог на шерифот-премиер едногласно ќе усвои забрана за увоз на глодари (живи или мртви) во земјава, а во секоја општина ќе основа пунктови за собирање на глувците. При што ќе биде распишана награда за секој глушец, жив или мртов, што ќе биде донесен од било кој граѓанин и предаден во пунктот. Баш шерифски.

Наградата за секој глушец ќе биде, што знам, дваесетина или триесетина денари, па ако наездата се состои од пет милиони глувци за нивен откуп ќе бидат потрошени најмногу до два-три милиони евра.

Благодарение на оваа иновативна програма многу невработени граѓани и социјални случаи ќе почнат да ловат глувци и да заработуваат од нив добра пара. Темна дамка врз целава програма ќе фрли по некој скандал меѓу вработените во пунктовите што ќе ги откупуваат глувците кои наместо веднаш да ги уништат глодарите ќе ги препродаваат на собирачите на глувци за десетина денари парче, за тие да ги продадат пак истите глувци во некој друг пункт.

Воедно, ако за глувците се назначи преголема награда, наредната година одредени луѓе ќе одгледуваат глувци во специјални фарми за да создаваат наезда секоја година и секоја година да мора да има акции за собирање на глувци и да има профит за одгледувачите. Од таму, умниот шериф ќе знае наградата за глувците да не ја прави превисока.

Доволно висока за да ги мотивира сиромашните и социјалците да ловат глувци, но не премногу висока за да не ги потикне мангупите да создадат фарми за глувци и да креираат вештачки наезди секоја година.

Очигледно, шерифскиот модел е најефикасен, оти не само што се дава креативна слобода за граѓаните самите да откријат кои техники за ловење на глодари се најефикасни, туку и е апсолутно праведен системот: кој ќе улови повеќе глувци, тој повеќе пари ќе добие за нив. Колку си посеал, толку ќе жнееш.

*

А има и подобар модел од сите погоре наведените, а тоа е моделот на чист капитализам. Тоа значи државата ништо да не презема во врска со решавање на наездата на глувци, да се тргне сосема настрана, и да го остави слободниот пазар да функционира.

Па наскоро ќе се појават во продажба десетици модели на стапици, специјални отрови за разните видови глодари, луѓе ќе изнајмуваат мачки докажани шампиони за лов на глувци, некои макробиотичари можеби ќе препорачаат и глувците да се јадат (посно месо т.е. диетално имаат) а во краен случај за лековерните и мрзливите ќе се промовираат и специјални рингтони за мобилните што „научно докажано“ ги излудуваат глувците и ги држат подалеку од куќата.

Ама ако да се прифати капитализмот како модел за справување со наездата на глувци, за власта и за политичарите ќе нема никаква прилика да „покажат што знаат и умеат“ и да глумат дека се справуваат со напаста. Е затоа, сѐ додека не се создаде свест кај граѓаните дека некои проблеми не се работа на власта, ами за нив треба секој самиот да си најде решение, заглавен е светов со горенаведените системи за справување со глувците, а и со другите општествени проблеми.

.

П.С: Денешнава колумна беше вонредна, а во четврток во редовниот термин, очекувајте ја колумната „Шерифот како архетип“. До тогаш, поздрав🙂

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Еве го и примерот со двете крави:

    РОБОВЛАДЕТЕЛСТВО

    Господарот има две крави. Вие ги чувате. Господарот ви дава дел од млекото.

    ФЕУДАЛИЗАМ

    Имате две крави. Господарот ви зема дел од млекото.

    СОЦИЈАЛИЗАМ

    Имате две крави. Државата ви ги зема и ги става во штала со кравите на сите други. Морате да се грижите за сите крави. Државата ви дава чаша млеко.

    ФАШИЗАМ

    Имат е две крави. Државата ги зема двете, ве најмува да ги чувате и ви го продава млекото.

    ОРТОДОКСЕН КОМУНИЗАМ

    Делите две крави со соседите. Вие со соседите расправате кои има најмногу “можности” и најголеми “потреби”. Во меѓувреме никој не работи, никој не добива млеко и кравите цркнуваат од глад.

    РУСКИ КОМУНИЗАМ

    Имате две крави. Морате да се грижите за нив, но државата го зема целото млеко. Вие крадете колку што можете и го продавате на црната берза.

    ТРАНЗИЦИЈА

    Имате две крави. Морате да се грижите за нив, но мафијата го зема целото млеко. Вие крадете колку што можете и го продавате на “слободниот пазар”.

    КАМБОЏАНСКИ КОМУНИЗАМ

    Имате две крави. Државата ви ги зема двете и ве убива

    ДИКТАТОРСТВО

    Имате две крави. Државата ви ги зема двете и ве регрутира.

    ДЕМОКРАТИЈА

    Имате две крави. Коалиционите партнери решаваат кој ќе го добива млекото.

    ПРАТЕНИЧКИ СИСТЕМ

    Имате две крави. Вашите соседи избираат некој кој ќе ви каже кој ќе го добие млекото.

    БИРОКРАТИЈА

    Имате две крави. Најпрво државата пропишува со што ќе ги храните и кога да ги молзете. Потоа ви плаќа да не ги молзете. Потоа ги зема двете, застрелува една, ја молзи другата и го фрла млекото. На крај добивате формулар во кој треба да објасните каде ви се кравите.

    МАКЕДОНСКИ КАПИТАЛИЗАМ

    Немате две крави. Банките не ви даваат кредит за да купите две крави затоа што немате две крави што би ги ставиле под залог.

    АМЕРИКАНСКИ КАПИТАЛИЗАМ

    Имате две крави. И двете крави се надувани со отровни стероиди. Разведени се. Едната се дрогира. Државата поттикната од големите корпорации донесува закон со кој ви ги откупуваат за безпари и прават салама што изгледа како да е од месо. Купувате од саламата, ја јадете и добивате болест.

    СЛОБОДЕН КАПИТАЛИЗАМ

    Имате две крави. Ја продавате едната и купувате вол. Имате теле наредната година…


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: