Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШEPИФOT KAKO APXETИП

leave a comment »

Ликот на „шерифот“ не мора да биде ограничен само на чуварите на законот и редот од каубојските филмови. Освен тоа, човек со шерифски карактер може да се појави доста често и од другата страна на законот. Бидејќи е толку универзален, шерифот преставува вистински архетип.

1. Што е тоа „шериф“ во општа смисла: кај нас во Македонија единствените чувари на законот и редот се полицајците, додека во САД не само полицијата туку и шерифите учествуваат во одржувањето на јавниот ред и мир. Од таму, за да ја сфатиме разликата меѓу полицаецот и шериф како архетипови, мораме да тргнеме од првата особеност од следниве четири:

Полицаецот е поставен од власта, а шерифот е избран од народот: во повеќето градови во Америка на секои неколку години, како што имаат избори за градоначалник и членови на градскиот совет, имаат и избори за окружниот шериф.

При тоа, кандидат и избран за шериф може да биде практично секој граѓанин што исполнува одредени услови (неосудуван, жител на тој округ и сл.) и откако ќе биде избран тој добива право со оружје да ги брани од криминалци и разбојници граѓаните на својот округ што го избрале.

Од тука, шерифот за разлика од шефот на полицијата му одговара директно на гласачкото тело и ако е мрзлив, неспособен или корумпиран веќе на наредните избори ќе го стаса казна – губење на функцијата. По таа основа, шерифот мора да е секогаш близок со граѓаните и многу побрзо да реагира на нивните поплаки, барања и предлози.

Тој е капитен на тимот, а не слободен стрелец: шерифот има право самиот да си создаде свој тим на „заменици“ кои ги овластува да му помагаат во чувањето на редот и законот. Колку заменици ќе има и како ќе ги распореди по работните задачи си е негово право да одлучи и тука никој не смее да му се меша.

Дали неговиот систем функционира или не, дали неговиот метод на организација е добар или не, не одлучува некоја „стручна“ комисија, ами самите гласачи кога ќе дојде денот за реизбор. Од таму, неговото мото секогаш е „никому не му е гајле за моите изговори, туку сите ги интересираат моите резултати“.

На шерифот не му треба систем, тој е самиот систем во движење: се разбира, ниту еден шериф не функционира во правен вакуум, туку мора да се прилагоди на правилата, законите и прописите што ги ограничуваат некои од неговите премногу смели идеи. Сепак, за разлика од полицаецот кој треба да размислува во стилот „ако нешто не ми е дозволено, значи тоа нешто ми е забрането“ и од таму психологијата од видот „не е во моја надлежност“, кај шерифот работите стојат поинаку.

Тој тргнува од мотото „ако не ми е забрането, значи дека ми е дозволено“ па често пати прибегнува кон импровизација и заобиколување на правилата и прописите сѐ со цел да ја постигне својата намера.

Тој не треба да ги крши законите, туку само да ги заобиколува. Тој е човек од законот, но не и човек на законот. Тоа е клучната разлика меѓу шерифот и полицаецот.

Мора да е проактивен: во скоро секој каубојски филм се случува следнава ситуација: доаѓаат во некој мал град неколку сомнителни лица со пиштоли на појасите кои влегуваат во првата кафеана и почнуваат да привлекуваат внимание со своето безобразно однесување. Додека натрапниците го пијат своето второ виски влегува шерифот во салунот и на главниот неранимајко му кажува право во лице дека има пет минути тој и неговата банда да си заминат од градот или во спротивно ќе имаат проблеми со шерифот.

Главниот неранимајко можеби ќе му одговори на шерифот дека не направиле ништо лошо и дека тој треба да реагира откако ќе го прекршат законот, а не пред тоа за ништо да ги протерува од градот. Но, шерифот ја става раката на својот револвер закачен на појасот и му кажува на неранимајкото дека сега има само четири минути да си замине од градот.

Тоа е разликата меѓу шерифот и полицаецот која е клучна. Полицаецот не може да преземе мерки против сомнителните лица пред тие да сторат нешто лошо, но шерифот го нема тоа ограничување. Тој е овластен од граѓаните кои го избрале да делува превентивно и да не дозволи некој да направи беља.

2. Шерифот како војник најчесто се среќава во герилскиот тип на војување, а ако случајно се најде во редовите на регуларната армија таму е редовно проблематичен и често е казнуван од старешините поради своето тврдоглаво игнорирање на наредбите и правилата на службата.

Војникот мора секое утро да се бричи, мора да носи униформа и таа да е чиста и уредна, мора да се постројува во редови и да маршира во колони, мора да следи наредби и планови, да биде со еден збор – дисциплиниран.

Герилецот пак сето тоа мора да го отфрли и да оди баш наопаку. Не смее да се бричи премногу често оти така губи време со несуштински работи. Не смее да носи униформа оти така станува лесна мета за непријателските снајперисти. Или пак ако веќе облече униформа таа е украдена од непријателот за да може да се уфрли полесно во неговите редови и таму да изврши диверзија.

Облеката што вообичаено ја носи герилецот мора да е валкана за да се стопи полесно во околината и да биде камуфлиран. Никогаш не смее да дозволи да биде ставен во редови и колони оти така ја губи флексибилноста. Наредбите и плановите не мора да ги следи оти најчесто самиот тој е наредбодавач и планер, а ако има претпоставени тие се далеку некаде и даваат само генерални насоки за акциите. Кај војникот е клучна дисциплината, но кај герилецот е најбитно тој да има внатрешна дисциплина т.е. само-дисциплина.

Во македонската воена историја, најдобра илустрација за герилец е Гоце Делчев. Денеска е во воз облечен како трговец и пуши цигари од табакерата, а утре облечен во селанска носија шета по сокаците носејќи вреќа јаглен на грбот сосема извалкан од црната прашина. Додека цело време за неговата бунтовничка глава власта нуди илјада златни лири!

3. Шерифот како шоумен и иноватор мора да биде практично секој креативен човек кој што сака нешто сериозно да постигне со својата креативност. Леонардо да Винчи на пример, бил многу креативен и оригинален, ама за жал немал шерифски карактер. Повеќето од неговите проекти останале само на хартија и иако се повеќето негови идеи генијални и би профункционирале ако се реализираат, сепак тој бил непоправлив кавгаџија и тежок намќор, па тешко наоѓал соработници со кои ќе можел да соработува продуктивно.

Томас Едисон од друга страна (човекот што ја измислил електричната сијалица, меѓу другите пронајдоци) бил вистински шериф кој не само што имал брилијантни и оригинални идеи туку и знаел да организира околу себе тим од лојални и паметни „заменици“ што секоја негова замисла можеле да ја преточат во конкретен продукт кој потоа на пазарот постигнувал одличен финансиски успех.

Кај нас немаме некоја развиена техничка традиција па да споменеме иноватор меѓу шерифите, но имаме шоумен каков што е Игор Џамбазов кој и покрај неговите проблеми со коцкањето и алкохолот сепак е вонредно успешен при спроведувањето на своите идеи за забавни емисии во пракса. Скоро и да нема негов проект што не бил хит, а секогаш пропаѓал поради своите маани од лична природа (погоре споменати). Тој е екстремно комуникативен и позитивен, флексибилен и лесно се прилагодува на секоја нова прилика, па секој негов јавен настап е и добро организиран (бидејќи тој знае да најде добри соработници) и вонредно оригинален и интересен.

4. Шерифот како бизнисмен: во светот на бизнисот шерифот како архетип го наоѓаме меѓу претприемачите и луѓето кои од сиромашни станале богати. Секој основач на богато семејство е шериф т.е. претприемач кој успеал да се снајде во бурните води на бизнисот и да создаде богатство кое потоа им го оставил на своите наследници да го оплодуваат и надградуваат.

Разликата меѓу претприемач и менаџер е што менаџерот знае што е возможно, а претприемачот знае што не е невозможно. Од таму, добар менаџер е по правило конзервативен надзорник и чувар на она што е постигнато и заработено, додека добар претприемач е оној кој од малку пари и добра идеја може да направи многу пари.

Сите наши олигарси се шерифи, и со тој карактер си владеат „на каубојски начин“ со своите бизнис-империи. Како ги стекнале парите е ирелевантно, битно е дека успеале да се снајдат, и сега нивните потомци израснати во богатство и школувани на Запад во престижните универзитети на студиите по менаџмент се само добри менаџери, но не и претприемачи како нивните татковци.

Но не само олигарсите, туку и оние малкумина македонски капиталисти кои на чесен начин се збогатија во изминативе две децении се шерифи и можеби токму нив треба да ги сметаме за претприемачи и да ги вбројуваме во редот на бизнисмените, а гореспоменатите олигарси да ги наведеме во наредната точка.

5. Шерифот како криминалец: да, да, иако шерифот како тип строго мора да биде чувар на законот, шерифот како архетип може да биде и баш сосема криминалец. И тоа не било каков, туку посебен вид на криминалец.

Разликата меѓу полицаец и шериф е аналогна на разликата меѓу мафијаш и разбојник, при што разбојникот е еквивалент на шерифот. Мафијашот држи под своја контрола одредена територија (неколку квартови или цел град) на која што територија тој наплаќа рекет од сите кои сакаат да прават бизнис, легален или нелегален, од кафеани и обложувалници до препродавачи на цигари, џепчии и швецери на дрога. Мафијашот се разбира е свесен за одговорот на прашањето „кој ги рекетира рекетарите“ и знае дека тоа е власта на чии корумпирани структури мора да им дава дел од пленот во облик на мито за да не го чепкаат.

Разбојникот пак „не ја шиша власта ни два посто“, и нема намера со никого да го дели својот плен од криминалните активности. Тој е редовно шеф на банда вешти крадци кои ограбуваат банки, златарници или магацини со скапа стока во нив, при што не останува долго на една територија туку постојано е во движење.

Пример се балканските криминалци кои ограбуваат златарници во Западна Европа и ако на некоја мафијашка организација сепак ѝ даваат дел од пленот, тоа е само на овдешната балканска резидентна мафија која ќе се погрижи преку своите врски со власта тие разбојници да не бидат уапсени и екстрадирани во западните земји.

6. Шерифот како политичар: шерифот по дефиницијата од првата точка е политичар кој што мора да ги заработи на терен гласовите од своите граѓани за да остане на власт. Меѓутоа, ако секој шериф е политичар, секој политичар не е шериф.

Од Стевчо Јакимовски и Зоран Заев како градоначалници кои се вонредно популарни меѓу своите граѓани иако нивната партија е вонредно непопуларна, преку Никола Груевски и Бранко Црвенковски како неприкосновени водачи на двете најголеми партии во земјава, па сѐ до историскиот пример на Јосип Броз Тито као вешт играч меѓу западниот и источниот блок, на секој чекор во политиката успешните политичари ги согледуваме како шерифи.

Сегашниот градоначалник на Карпош уште како министер покажа дека законот треба да се толкува како што налагаат потребите на моментот па знаеше да отвора кафани кога тоа беше забрането, а пак Зоки Струм’чан’цот оправдано го нарекуваат „локален шериф“ кој ако централната власт не сака да го подржи во локалните инфраструктурни проекти самиот си бара (и наоѓа) приватни инвеститори.

Секој градоначалник треба да е шериф. Оти партискиот лидер може да го намести да стане градоначалник само во првиот мандат, „давајќи“ му дел од својот рејтинг. Ама за вториот мандат ќе мора да покаже пред граѓаните што сработил. А ако сака да сработи нешто, ќе мора да импровизира и да биде проактивен, како и да најде способни соработници по свој избор, а не да чека партијата да му одреди тим на помошници.

Од друга страна, меѓу пратениците во парламентот практично нема ниту еден единствен кој по карактерот и однесувањето би одговарал на архетипот за шериф. Многумина од нив глумат дека се шерифи, ама ниту еден не е тоа во реалноста.

*

Шерифот како пејач може од глупава песна да направи хит, а како шоумен од здодевна емисија да направи најгледано шоу. Шерифот како бизнисмен може обична вода од водовод да ја продава спакувана во пластични шишиња како „изворска, богата со свежина и енергија за секој ден“ а пак шерифот како политичар може да биде избран на функција иако неговата партија е во длабока опозиција.

Во што е проблемот со шерифот тогаш? Проблемот е кога шерифот ќе го снема.

Кога умре Тито неговата Југославија пропадна оти немаше достоен шериф да го замени. Гоце Делчев беше шерифот на Македонската Револуционерна Организација но по неговата смрт таа само неуспеси и порази почна да ниже. Конрад Хилтон го создаде од ништо ланецот хотели наречен по неговото презиме и при тоа заработи милијарди долари, но кога неговата внука Парис Хилтон би требало да заработува за живот, би умрела за вода, не за леб, за вода би умрела оти и тоа нема да знае како да го заработи. Груевски ја донесе својата партија до најголемиот успех до сега, но што ако утре нешто ненадејно му се случи нему, кој ќе ја води потоа партијата во нови светли победи?

Најуспешниот шериф во македонската историја е Филип II, и од него можеме да ја извлечеме поуката која секој шериф мора да ја знае: шерифот ако сака да остане после него нешто од она што го создал, мора да создаде дури е време и нов шериф што ќе го наследи и што ќе биде подеднакво способен како својот претходник. Шерифот што го наследил Филип бил Александар, но после Александар, не останал шериф рамен на неговиот талент.

Е тоа треба секој шериф да го знае ако сака после него да остане нешто од неговото дело. Штом ќе дојде на власт, веднаш да почне да размислува и да работи врз создавање на идната генерација шерифи.

.

П.С: Наредниот четврток, очекувајте ја колумната насловена „Бледи копии“. До четврток, поздрав😆

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: