Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ 3OШTO PEBOЛУЦИJATA ГИ PA3OЧAPУBA PEBOЛУЦИOHEPИTE?

with 7 comments

Слободата го води народот. Добро е што го води, ама прашањето е „каде го води?“

Прашањето од насловот многу поранешни револуционери си го поставувале откако сфатиле дека револуцијата за чија победа дале сѐ ги изневерила нивните очекувања и дури и се свртела против нив. Нашиот народ би рекол „рани куче да те лае“, а одговорот што денешната колумна ќе го даде е дека секоја револуција мора да се ослободи од своите револуционери пред тие да се ослободат од неа.

1.Добри за секс, лоши за брак: или народски кажано „од добра швалерка не бидува добра сопруга“ (исто важи и за швалерот од кој не бидува добар сопруг) и по таа логика добрите борци од револуцијата не се добри и за времето по победата на револуцијата.

Кај нас типичен револуционерен „швалер“ беше Љубчо. Во опозиција во периодот од 1991-1998 година беше ненадминат како харизматичен лидер, човек што со својот ораторски капацитет и потенцијал можеше да инспирира илјадници млади луѓе да го следат неговиот повик за ново време и нови вредности.

Иако тој никогаш не кажа баш точно кои се тие нови вредности, сите беа шармирани од неговата харизма. И кога конечно Македонија „стапи во брак“ со него (кога стана тој премиер) за многу кратко време магијата исчезна. За помалку од две години големиот лидер на народните маси кој ги симна комуњарите од власт – падна на мизерни 150.000 гласови на локалните избори од 2000та.

Говорите за подобро утре многу убаво звучат додека се само говори, но кога навистина ќе треба да се владее и да се води земјата напред кон тоа подобро утре – малку потешко оди преточувањето на светлите визии во конкретни дела.

Генерално, сите харизматични лидери кои изведуваат мирни или насилни револуции ги разочаруваат своите следбеници и ги изневеруваат ветувањата што ги дале. Затоа што харизмата помага да се стигне до власт. Да се остане на власт – треба способност, компетентност и сериозност во пристапот. Работи кои практично никогаш не одат заедно со харизмата.

Погледнете ги само Гостивар и Тетово, па и Арачиново. Граѓаните на тие општини ги избраа своите градоначалници по критериумот „кој кандидат ќе понуди понационалистичка реторика“, ама потоа тие жестоки националисти се покажа дека се неспособни да се справат со најосновните комунални проблеми.

2. Кому му требаат вечни бунтовници? Но ако во претходната точка објаснив зошто народот се разочарува од лидерите на револуциите, сега да видиме зошто пониските ешалони од силите што ја извеле револуцијата завршуваат разочарани од  резултатите на револуцијата.

Со луѓе навикнати да се борат против системот не може да се гради нов систем. А системот, пуст останал, порано или подоцна мора да се изгради. Оти хаосот што е одлика на секоја револуција не може да трае вечно и тој мора да биде еднаш конечно заменет со ред. А во редот секој мора да си го знае своето место.

Од таму, некој што бил заслужен борец од револуцијата кога ќе се соочи со конкретните барања во новиот поредок и некој млад службеник кој од него ќе бара документи и потврди да приложи и да ја почитува процедурата, ќе му се развика на младиот технократ со зборовите „знаеш ли бе ти кој сум јас, ти мочко еден, додека јас мрзнев по планините / лепев плакати / се дерев на митинзи ти си играше во песокот, и сега ти ќе ми бараш да почитувам процедури, да чекам на шалтер…“

Бунтовниците се добри додека трае бунтот и се корисни за соборување на постојниот поредок. Но практично се бескорисни за развој на новиот поредок по успешната револуција. На пример, по војните во Босна и Хрватска, луѓето кои војуваа во тие војни се вратија во Србија и Хрватска и таму не можејќи да се вклопат во системот, повеќето станаа криминалци. Истото се случи и во Северна Ирска каде што по прогласувањето на мирот меѓу ИРА и Британската влада, повеќето поранешени борци на Ирската Републиканска Армија станаа гангстери, ограбувачи на банки и дилери на дрога без било какви политички мотиви.

Е затоа, секој раководител на новиот поредок ако сака да не му пропадне поредокот ќе мора со поранешните борци да се справи сурово и безмилосно. Не само што од нив нема корист, туку се и штетни.

3. Обединети во омраза (и само во омраза): основната грешка што сите ја прават кога разгледуваат некоја револуција е што претпоставуваат дека револуционерните редови се хомогени во своите револуционерни мотиви.

Демек, ако се борат против странскиот поробувач – сите се патриоти, ако се борат против капитализмот – сите се социјалисти, ако се борат против комунизмот – сите се демократи. Таман работа, речиси никогаш не е така, оти сите револуционерни дружини се ад–хок друштва и се редовно составени од најразлични луѓе и фракции со најразлични мотиви и идеи за тоа како треба да изгледа новиот поредок.

Земете ги вмровците до 1998та. Сите тие беа сложни дека СДСМ мора да се собори од власт, оти… е тоа „оти“  за сите нив беше различно: некои го мразеа есдеесот оти беа искрени патриоти кои не можеа да им го простат на комуњарите менувањето на името и знамето; други беа анти-комунисти и едвај чекаа да се доберат до власт за им се реваншираат на поранешните структури кои ги прогонувале и репресирале во минатиот систем; трети беа убедени Бугарофили кои сметаа дека комуњарите ја држат Македонија во канџите на Србија и дека само со смена на власта ќе се отвори патот кон „ребугаризација“ на нашиот народ; четврти беа се разбира најобични опортунисти и не гледајќи начин да се докопаат до пари и моќ со постојната власт, сакаа да зафатат на време место во новата власт.

И кога дојдоа на власт вмровците, сите овие фракции одеднаш го изгубија елеменот што сите ги држеше обединети па почнаа внатрешните судири. Македонистите се одвоија преку нови партии, опортунистите откако не им се исполнија очекувањата за брз профит се скараа со раководството, Бугарофилите видоа дека од ребугаризацијата нема да биде ништо оти Љубчо (и самиот уште тогаш Бугараш) сфати дека тоа е невозможна мисија па ја батали Доста Димовска (главниот играч на бугарофилското крило), а се разбира оние што сакаа да им се реваншираат на старите удбаши сфатија дека удбашите си нашле нов шеф и заштитник токму во ликот на новиот премиер.

И така, скоро сите испаднаа разочарани од резултатите на „промените“ од 1998та. А и денеска, не помалку луѓе во истата партија се разочарани од „преродбата“ од 2006та. Генерално, поради истите причини.

4. Се менуваат лицата, но не и ликовите: еве една радикална мисла која скоро секогаш кога сум ја кажувал на луѓе тие не ја разбираат: со чинот на смена на власта не се менуваат и очекувањата од власта од страна на граѓаните.

По револуцијата во Русија од 1917та, навистина се сменила владеачката гарнитура и место царот и неговите полтрони завладеал Ленин и неговите полтрони. Се обидувале да експериментираат бољшевиците со различни методи и планови во владеењето, но постојано се соочувале со неуспеси, сѐ додека на власт не дошол Сталин кој сфатил дека она што народот го очекува од својата власт не се променило и покрај тоа што власта се сменила: цврста рака, строг режим и потхранување на империјална свест.

Од таму, народот не само што не се противел на инсталирањето на култ на личноста, на семоќна тајна полиција и на милитаризацијата на општеството, туку тоа и го очекувал и барал од својот Владетел.

По револуцијата во Србија од 5ти октомври 2000та кога беше соборен Милошевиќ беше соборен само човекот, но не и неговиот архетип: националист кој ќе тера инает и кој со цврста рака ќе ја управува земјата. Менталитетот на луѓето не се смени, и затоа подоцна Коштуница беше толку популарен и помина некое време како премиер, а и сега Тадиќ е принуден да ја игра таа улога на цврсторак патриот.

Впрочем, и кај нас иако ВМРО-ДПМНЕ се нарекува себеси десница поголемиот дел од нејзините гласачи не се десничари, ами баш лево ориентирани. И тие не гласаат за Груевски оти сакаат тој да владее како десничар, туку се надеваат дека тој (за разлика од Бранко) ќе владее како вистински левичар. Бесплатно ова, бесплатно она, субвенции, зголемени пензии, вработувања во државна служба – па тоа се баш левичарски политики што нашата „десничарска“ влада ги спроведува со полна пареа (и со постојно земање на нови и нови кредити) и кои ја дисквалификуваат од тоа да се нарекува десничарска.

*

Е затоа револуцијата мора да се ослободи од повеќето револуционери што ја донеле на власт. Оти тие не можат да ги вклопат своите нови лица во старите ликови. Од таму, единствената револуција што нема да ги разочара револуционерите кога ќе успее, е онаа на планот на менталитетот на народот.

Ако преставата не чини и после неколку прикажувања, не е доволно да се променат уште еднаш актерите и режисерот. Треба да се промени преставата.

.

П.С: Во претходната колумна најавив дека денеска ќе биде објавена колумна со наслов „Бледи копии“, но поради оправдани причини не стигнав да ја напишам. Затоа, таа се одложува за наредниот четврток. Се надевам дека колумнава што беше објавена место неа, а која е една од неколкуте што ми стојат во резерва за вакви ситуации беше достоен заменик за најавената.

До четврток, поздрав🙂

7 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Нено, темата е многу интересна за анализирање и дебата. Мошне добро си ја доловил состојбата со ВМРО ДПМНЕ пред и после револуцијата. И оценките се сосема во ред.
    Темата заслужува поголемо внимание и затоа пак ќе те псоетам…🙂

    alexandro

    23/09/2010 at 18:06

    • Па нормално дека ќе ме посетиш🙂

      Како револуционер кого не еднаш, туку ако не се лажам три пати го разочарала револуцијата.

      1. Осумтемина.

      2. Август 1997.

      3. Од 2006та па наваму…

  2. Ми се допадна колумнава…

    Нешто ме потсети на Макијавели… Го има тој директен стил, поткрепен со примери…

    Интересна тема, во секој случај… Браво!

    tomijovanoski

    24/09/2010 at 01:14

  3. Ветив дека пак ќе се навратам на темата. Некако ми е премногу блиска не само заради сопственото минато (што ти така прецизно го маркира) туку заради феноменот на револуцијата воопшто.
    Револуционерните настани отсекогаш ме фасцинирале. Од една страна како инструмент за радикални и прогресивни промени на стварноста, а од друга страна како исклучителни процеси кои во себе содржат неповторливи сведоштва за однесувањето на луѓето во такви ситуации.
    Синтагмата „Револуцијата ги јаде своите деца“ ме следи целиот живот и е постојан дел од мојот мисловен опус. Со сите револуции кои сум ги запознал таа само се потврди како универзално непишано правило. Основното прашање – Зошто е тоа така? и натаму останува неодговорено.
    Можеби одговорот лежи во карактерот на секоја револуција. Во неа влегуваат луѓе со различни идеи и идеологии, со различни интереси и карактери. Она што ги обединува е целта, поводот или идејата. И се’ додека револуцијата трае тие се доминантни и сите други интереси се споредни и небитни. Но кога тоа еднаш ќе заврши и кога основната цел е остварена останатите интереси добиваат на значење односно целосен легитимитет. Во една таква ситуација најголемите револуицонери кои во неа (револуцијата) влегле првенствено од идеолошки побуди стануваат немоќни и неспособни да се прилагодат кон новите правила на игра. Залудни се предупредувањата (познатото писмо на Ленин со предупредувањата за карактерот на Сталин) или повикувањето на историјата. Со секој изминат ден духот не револуцијата станува се’ поблед и поблед отстапувајки им го местото на некои други вредности честопати спротивни на нејзините примарни цели.
    Така на олтарот на секоја револуција ќе изгорат токму главните нејзини носители! И Македонија даде свој придонес кон оваа паралелна историја (Ченто како главен пример)!
    П.С.
    Додека ја читав колумната се потсетив на една анегдота за Т. Александров. Еве ја:
    Еден ден неговите комити го запрашале – Што ние ќе работиме кога ќе ја ослободиме и обединиме Македонија? Ние цел живот само војуваме и незнаеме ништо друго да работиме!
    По малку подолго размислување Александров одговорил:
    Знаете што? Нема да ја ослободиме целосно. Ќе оставиме еден дел неослободен и пак ќе војуваме!
    Поздрав Ненов Богданов!🙂

    alexandro

    14/10/2010 at 20:45

    • Ах, Ленин…

      Не знам дали си ја читал „Златото на партијата“ па да видиш колку Ленин ама ич не бил различен од Сталин.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: