Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БЛEДИ KOПИИ

with 4 comments

Има ли во Македонија воопшто левица и десница или тоа се само бледи копии на идеолошки профилираните партии од западните земји? Има ли во Македонија демократија или и тоа е кај нас бледа копија на оригиналот од развиениот свет? Пред да одговориме на овие прашања, еве неколку примери за невешто копирање низ историјата.

1. Спартакијада како копија на Олимпијада: своевремено, во раните години на постоењето на Советскиот Сојуз, тамошните водачи сфатиле дека спортот може да биде многу јака пропагандна алатка, па не сакајќи да бидат дел од Олимписките игри што „гнилите капиталисти“ ги организирале, решиле да си организираат своја, комунистичка верзија на тие игри.

Па место од антиката да го земат поимот „Олимпијада“ се инспирирале од името на водачот на востанието на робовите од стариот Рим, Спартак, па своите олимписки игри ги крстиле „Спартакијада“.

Тие биле скоро исти како Олимписките игри, со речиси истите спортови, со речиси истите принципи на организирање (имало зимска и летна Спартакијада), само што на нив можеле да учествуваат само комунисти кои не ги преставувале своите држави (како на Олимпијадите) ами „работниците и селаните“ од тие држави. Кои спортисти ќе бидат пратени на Спартакијадата во Русија од секоја земја не одлучувал некој државен олимписки комитет како официјално тело, туку локалните комунистички партии во секоја од тие држави.

Се разбира, откако СССР конечно решиле да се зачленат во Светската олимписка организација, (откако согледале дека Спартакијдите се фарса каде резултатите се местеле по политички потреби, а не според достигнувањата на спортистите) Спартакијадите биле прекинати на меѓународно ниво, но си останале како име за големите домашни спортски случувања, а биле и копирани во разни земји од комунистичкиот блок (чии лидери сакале да ги изолираат од светот), меѓу нив најблиску до нас во Албанија, каде што нивната локална Спартакијада се одржувала на секои пет години.

Интересено, како што Спартаковото востание пропаднало во антиката, така во модерниве времиња Спартакијадите пропаднале со пропаста на комунизмот. Се прашувам дали празниците што ги воведе сегашната власт и спомениците што ги постави ќе ги снема со нејзиното паѓање од власт…

2. Нубиски пирамиди како копија на египетските пирамиди: своевремено древниот Египет бил многу значајна и моќна цивилизација со која владееле неприкосновените владетели познати под името фараони кои за да ја задоволат својата суета и желба вечно да се памети нивното име го малтретирале својот народ со високи даноци со приходите од кои ја финансирале изградбата на неколку пирамиди.

Спротивно од она што повеќето денешни луѓе го мислат, не сите фараони имале своја пирамида, а еден фараон, по име Снеферу, си изградил дури три пирамиди за себе (иако само во една бил закопан). Скоро секој нареден фараон се трудел да го надмине претходникот во големината на својата пирамида и кога биле изградени двете најголеми, наредните владетели сфатиле дека нема да можат да го надминат тоа без да ја банкротираат сосема својата држава, па решиле од чисто економски причини да престанат да фрлаат пари за бескорисни споменици.

Арно ама, многу векови подоцна, по завршувањето на последната пирамида, владетелите на една соседна земја на Египет, Нубија, решиле да почнат да ги овековечуваат своите имиња во историјата со тоа што ќе ги копираат пирамидите на Египќаните и ќе си изградат свои.

Иако изградиле повеќе пирамиди Нубијците (околу 220 во споредба со околу 120 египетски) нивните биле сите многу помали од оригиналните, а и од многу полош градежен материјал градени и со многу послаб квалитет на градбата, па се руинирале многу подрастично од оние во Гиза кои и ден денеска воодушевуваат со својата грандиозност.

Се прашувам како посетителите (трговици и дипломати) од древниот Египет гледале на своите соседи-копиранти. Да, можеби сметале дека пирамидите се убави и дека никој не може да се смета себеси за цивилизиран без да има барем неколку пирамиди, ама знаејќи дека Египќаните оригиналите ги граделе во почетокот на третиот милениум пред новата ера, а Нубијците во средината на првиот милениум пред новата ера, веројатно мислата им била: „па убаво, ама ова се градеше кај нас пред две илјади години, вакви градби не се во мода веќе“.

Се разбира, бидејќи нубијските биле бледи копии на египетските пирамиди, денеска скоро никој не ни знае за нив. Иако владата на Судан се обидува да ги рекламира како најскапоцено културно наследство на својата држава.

Со други зборови, ако ги граделе нубијските владетели за да светот подоцна ги цени и нив како креативни творци, џабе ги граделе. Во уметноста се ценат само оригиналите.

3. Наполеон III како копија на Наполеон I: нормално, не само манифестации и градби се предмет на подржување и имитирање, туку и луѓе. Особено кога тие луѓе постигнале големи дела и направиле име за себе.

Наполеон Бонапарта додека бил жив во почетокот на својата кариера не знаел за пораз. Своите следбеници ги водел од една во друга победа и под негово водство Француската империја постепно ја покрила цела Европа, уништувајќи ги или приклучувајќи ги како свои сателити-сојузници сите дотогашни монархии.

Арно ама откако ја освоил скоро цела Европа, Наполеон Бонапарта го „удрила славата во главата“ и почнал да прави грешки. Меѓу нив, најголемата била кога убеден во својата непобедливост, ја собрал целата своја армија и ја нападнал Русија.

Тоа било многу погрешен потег бидејќи го довело до пораз и губење на сѐ што освоил дотогаш. Непријателите конечно го победиле во битката кај Ватерло и го пратиле во прогонство на еден остров среде Атлантикот од каде што жив не се вратил.

Е арно ама, неколку децении подоцна, неговиот внук (син на брат му) со име Луј Наполеон посакал да го продолжи делото на својот чичко, па се обидел во два наврати преку вооружен бунт да дојде на власт. Сепак, и во двата наврати војниците кои се обиделе да ги привлече кон својата кауза (т.е. своето име, оти каузата му била да дојде на власт) го отфрлиле неговиот повик.

Но, во 1848та година, економската и политичката состојба во Франција станале до тој степен лоши, што целокупната тогашна политичка елита ја изгубила довербата на народот и гласачите изневерени од сите партии сакале ново лице во политиката.

Ново лице во комбинација со старо име имал токму овој Наполеон кој бил избран за претседател ветувајќи им на гласачите мед и млеко. Подоцна сигурен во својата моќ, се прогласил и за цар, исто како чичко му при што го зел називот Наполеон III (вториот Наполеон бил синот на првиот Наполеон кој што син умрел на млади години без воопшто да владее со било што)

Како шеф на државата го копирал стилот на славниот истоименик, при што неговата политика била микс на погрешни економски и надворешно-политички мерки кои постепено ја довеле земјата до презадолженост и голем воен пораз во војната со Германија од 1870та, па по тоа сите се свртеле против него и паднал од власт, по што набрзо и починал во егзил (баш исто како вујко му Наполеон I).

Она што вреди да се одбележи од периодот на владеењето на овој Наполеон е што Париз својот денешен лик го добил токму по негова заслуга. Тој го ангажирал архитектот Жорж Ежен Осман да го разубави главниот град на Франција, па тој изградил многу нови згради, нови споменици, музеи, главно во класичен стил (кој и во тоа време веќе бил демоде).

Сето тоа било финансирано со секоја година сѐ поголеми дефицити во буџетот (покривани со кредити), со кои биле обезбедувани и доста социјални бенефиции за сиромашните слоеви од народот кои поради тоа сѐ до самиот крај го подржувале својот цар. Додека државата да дојде до банкрот и да ја изгуби војната со својот вековен непријател.

Токму за овој човек Карл Маркс ќе забележи дека големите личности на сцената на историјата играат по два пати, првиот пат во трагедија, а вториот пат во фарса.

*

Конечно, за нашите левица и десница не само што може да се каже дека се бледи копии на нивните пандани од западните земји туку сѐ повеќе наликуваат на меѓусебни копии, едната на другата партија. Кога едната е на власт се однесува исто како претходната кога била на власт, што веројатно објаснува зошто половина од гласачите во нашата земја веќе на неколку избори по ред не се замаарат да гласаат воопшто.

Зошто да гласа некој за Мурто кога целата негова „идеологија“ се состои во тоа да го симне Курто од седлото на државниот коњ и да заседне место него? И можеби дополнителна разлика има и во слоганите: едните викаат „уш“, другите „ди“, додека цело време се трудат цврсто да ги држат уздите и да ги испразнат јавните дисаѓи и да си ги наполнат сопствените џебови.

Можеби последнава точка ви се виде прекратка и сметате дека во денешнава колумна ништо не кажав за македонската политичка сцена. Ако така мислите, ајде пак прочитајте ја колумнава од почеток. Овој пат, внимателно.

.

П.С: Наредниот четврток, не пропуштајте ја колумната „На кој датум се паѓа 11ти октомври“. Насловот можеби ќе ви се чини малку глупав, ама ќе видите дека прашањето има многу смисла.

До четврток, поздрав🙂

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Според мене, оваа ти е можеби најубава колумна до сега🙂

    Билјана

    29/09/2010 at 22:37

  2. Чичко му е Наполеон Бонапарта на Третиот Наполеон, смени наместо вујко.

    Поздрав, убава колумна

    Лавот

    30/09/2010 at 13:16


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: