Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ HA KOJ ДATУM CE ПAЃA 11ти OKTOMBPИ?

with 18 comments

Колку денари чини ќеса од еден денар? (клик на сликата ве води до сајтот каде оригинално е објавена)

Прашањето од насловот може на прв поглед да ви изгледа глупаво ама не е, за што доказ во пракса е и сликата која го илустрира денешниот текст, а која е скенирана фискална сметка од еден наш маркет. Освен тоа, и многу други бројки што ги сметаме за очигледни и јасни сами по себе – не се такви. Еве неколку примери:

1. Која година е 2010та? Еве ќе почнеме со годината која моментално трае. Сите ја сметаме за 2010та година, броено од годината во која бил роден Исус Христос. Разни култури и цивилизации различно ги бројат своите епохи, па така Муслиманите ги бројат годините од нивната „нова ера“ од годината кога пророкот Мухамед заминал од Мека за Медина, а пак Евреите својот верски календар го бројат од годината во која е создаден светот (според пресметките на рабините).

Од таму, нема ништо спорно во тоа ние во западниот свет, кој што почива врз христијанската традиција да ги броиме годините од годината во кој е роден Исус, а сите години пред тоа да ги сметаме за дел од периодот „пред новата ера“.

Спорно е следново: ако одиме од принципот дека треба да се бројат годините од годината на христовото раѓање, оваа година, позната како 2010та, не е воопшто 2010та ами е 2014та! Како така?

Па според Новиот Завет од Библијата (значи баш според Библијата, похристијански извор не може да биде) според евангелието по Матеј, Исус бил роден додека бил жив јудејскиот крал Ирод, кому мудреците му кажале дека се родило дете кое ќе стане еден ден крал на Израилот и овој Ирод од желба да го уништи својот иден конкурент за престолот, наредил да бидат убиени сите новородени деца во Витлеем. Се разбира, бебето Исус не успеал Ирод да го уништи во овој масакр, оти родителите на време се засолнале во Египет, надвор од јурисдикцијата на крвожедниот крал Ирод.

Е сега, овој Ирод знаеме дека умрел во годината 4та пред новата ера (според Библијата мошне брзо по масакрот, како божја казна за неговиот ужасен грев), или мерено во однос на годината во која сега се наоѓаме, пред 2014 години.

Исус значи не можел да биде роден четири години подоцна, оти Ирод веќе бил мртов тогаш, па не можел да издаде наредба за масакр на децата во Витлеем.

Најбитно е ова: ако одиме според она што го кажува баш Библијата, баш евангелието по Матеј, денеска сме 2014та година броено од годината на раѓањето на Исус Христос.

Зошто сметаме дека сме 2010та? Е па затоа што во 525та година (според официјалното броење) еден монах по име Дионисиус Ексигуус буквално онака од ракав ја истресол датата дека од годината на раѓањето на Исус до тој момент имало поминато точно 525 години. За оваа своја констатација не дал ама баш никаква пресметка, никакви аргументи, а бидејќи бил полуписмен човек во земја на сосема неписмени луѓе (Кралството на Франките) неговата бројка подоцна била официјално прифатена во таа држава и бидејќи Франките имале големо влијание врз западноевропската цивилизација, си останала бројката прифатена и во другите држави од тој дел на светот.

Во почетокот на 18иот век во Русија царот Пјотр (т.е. Петар по нашки) Велики за да ја модернизира својата држава наредил да се прифати западниот начин на броење на годините (дотогаш Русите официјално го користеле византискиот православен систем, кој бил продолжение на еврејскиот, каде годините биле броени од годината на наводното создавање на светот).

Со создавањето на балканските држави во деветнаесетиот век сите тие го прифатиле тој стил под индиректно (руско) или директно (западно) влијание, па така ние денеска сите сметаме дека живееме во 2010та година броено од христовото раѓање.

Повеќе информации за оваа работа можете да најдете на линкот од википедиа насловен Anno Domini.

2. Седмиот месец е девети, а шестиот ден е седми? Во ред, ова можеби го знаете, а можеби и не, ама интересно е да се каже во контекст на темава.

Зборот „септември“ значи на латински „седми месец“, како што и „октомври“ значи „осми месец“ а „ноември“ и „декември“ значат „девети месец“ и „десети месец“ соодветно. Ако е тоа така, зошто го сметаме седмиот месец (септември) за девети месец во годината?

Е па, на времето, во стариот Рим си почнувала годината од месецот Март (прв месец на пролетта), и ако броите од март како прв месец, септември е навистина седми месец како што кажува и неговото име.

Арно ама, поради сосема непознати причини во времето на владеењето на императорот Гај Јулие Цезар (кој ниту бил император – туку диктатор му била титулата – и кого старите Римјани не го викале така ами името му било Гајус Јулиус Каесар, а „цезар“ доаѓа од средниот век од полуписмените калуѓери од Западна Европа) била извршена драстична реформа на римскиот календар па тој ја добил формата денеска позната како јулијански календар, и една од главните промени било што годината почнала да почнува од јануари, а не од Март.

Сепак, Цезар (т.е Каесар) старите имиња на месеците заборавил да ги смени, па си останале септември, октомври, ноември и декември и во новиот календар. А имало и еден вонреден (тринаесети) месец наречен Интеркаларис, што владетелот сосема го укинал. Воедно, годината во која биле извршени реформите не траела 365 дена ами цели 445 дена.

И сега доаѓа најјакиот дел: таа година со декрет (значи официјално) била прогласена за „последна година на забуните“. Богами, што може да збунува во година како што ја опишав?

А да, за малку ќе заборавев: месецот Квинтилиус бил преименуван во Јули во чест на реформаторот, и му биле дадени 31 ден да трае, а подоцна кога Октавијан Август дошол на власт, да не биде покус од претходникот свој, тој го преименувал месецот Секстилиус во Август и иако бил месецот веднаш до Јули и тој месец добил 31 ден. Обично месеците одат со ритам 31 ден, 30 дена, 31 ден, 30 дена, ама овие два летни месеци еден до друг стојат и имаат и двата по 31 ден. Ако не сте знаеле зошто, тоа е поради суетите на двајца државници од стариот Рим.

А сега и за шестиот ден што е седми. Станува збор за денот сабота, кој во нашиот македонски јазик (и практично во сите словенски јазици) е шестиот ден во неделата, оти очигледно ако е тоа утрето од петок, мора да е шести ден. Оти петокот како што кажува и неговото име е петти ден.

Е арно ама, името на овој ден е дојдено од еврејскиот јазик каде се изговара како „шабат“. Евреите многу ја почитувале Библијата според која „Господ го создал светот за шест дена, а на седмиот седнал да се одмори“ и според тоа на седмиот ден (шабат) требало и луѓето да одмораат.

Од таму, според Библијата сабота е седмиот ден, а не шестиот. Во Америка и Англија неделата почнува со денот недела (кај нас завршува со тој ден) па кај нив навистина седмиот ден од неделата е Сабота, т.е Шабат т.е седмиот ден според Библијата (од каде што и доаѓа името на денот).

Повеќе информации за оваа тема на википедиа кај Shabbat.

3. Колку е долг стапот од еден метар? Во 1793та година, во француската академија на науките донеле одлука да го дефинираат метарот како единица мерка за должина со следнава дефиниција која од тогаш е позната како меридијална дефиниција: „еден метар е еден десетмилионити дел од должината на меридијанот мерена од екваторот до полот“.

Со други зборови, ако Земјата ја замислиме како топка (а проблемот е што таа не е топка), и земеме еден конец кој ќе ја обиколи по меридијанот (значи да минува низ двата пола) ќе треба тој конец да е долг точно, ни помалку ни повеќе, туку 40 милиони метри. Или 40 илјади километри. Ова, во времето кога била поставена дефиницијата било сосема точно.

Арно ама во тоа време немале баш прецизни методи за мерење на обиколката на планетата, па испаднало подоцна дека конецот со кој ќе се опишува меридијанот нема да биде долг точно 40 милиони метри, ами 40 милиони и 8 илјади метри.

Со други зборови, метарот како што бил дефиниран и како што биле создадени првите линијари долги точно еден метар бил покус за една петтина од милиметарот.

Нормално, биле изработени толку многу линијари кои се употребувале насекаде за мерење на сешто, па било глупо да се повлечат од употреба сите и нови да се издадат, па од практични причини била сменета дефиницијата за метар.

И од почетокот на минатиот век се вртеле различни нови дефиниции низ научната јавност, за во 1983та година конечно да се дефинира должината од еден метар како пат што во апсолутен вакуум го изминува светлината за некој точно одреден (и многу мал) дел од секундата. Патем апсолутен вакуум никогаш не бил создаден поради ограничувањата на технологијата, па брзината на светлината во апсолутен вакуум никогаш не бил измерена, па очигледно и оваа дефиниција некој ден во иднината ќе мора да биде уточнета.

Исто како со месеците од претходната точка: ако се термините прифатени и не може да се сменат, смени ја дефиницијата за нив.

Е сега, кога веќе зборуваме за метри и километри, не е фер а не да не се спомене и следнава бизарност: имено, еден килограм е илјада грама, а еден километар е илјада метри. Оти е тоа така? Па префиксот„кило“ значи на старогрчки „илјада“ и од таму се додава пред секоја единица мерка која е илјада пати поголема од основната единица мерка.

Би очекувале по оваа едноставна и јасна логика еден килобајт (мерка за компјутерска меморија) да е илјада пати поголема од еден бајт т.е. во еден килобајт да има точно илјада бајти. Ама нема илјада, туку 1024 бајти. Потоа ова се пренесува на мегабајт (кој е еднаков не на милион бајти ами на 1024 килобајти т.е. на 1048576 бајти, и на гигабајт по истиот принцип, па ако имате на вашиот хард диск слободни еден гигабајт мемориски простор, тоа значи дека можете да снимите точно 1 073 741 824 бајти на тој слободен простор.

А да, за малку ќе заборавев: кога сме веќе кај меридијаните на планетава и половите нејзини, знаете ли дека на северниот пол и на јужниот пол светот има само по една страна. Не четири како на секоја друга точка (север, југ, исток и запад) туку само по една страна? Ако застанете на Северниот пол, на која и страна да покажете таа ќе биде југ, а спротивно, на јужниот пол ако застанете на која и страна да покажете таа ќе биде север.

Освен тоа, компасот не покажува секогаш кон северниот пол, ами кон северниот магнетен пол чија што локација не се совпаѓа со она на географскиот пол. Со други зборови, според компасот, северниот пол не е баш на север, и јужниот пол не е баш на југ. Ами блиску.

Патем, ако не сте знаеле: на северниот пол не можете да најдете пингвини, а на јужниот пол нема бели мечки. Значи спротивно од она што во рекламите прикажуваат, пингвините и белите мечки никогаш не можат да се сретнат едни со други во природата. Оти живеат на сосема спротивни страни од планетата!

4. Колку букви има нашата азбука? Секој кој што завршил прво одделение на ова прашање ќе одговори веднаш дека нашата азбука има 31 буква. И ќе згреши.

Оти нашата збука има 32 букви. Не според официјалното тврдење ами според чистата логика. Која вели дека во македонскиот јазик има фонетски правопис (иако и тоа не е сосема точно, оти нашиот правопис и не е баш фонетски, ама тоа е друга тема). А основната одлика на фонетскиот правопис е дека секој еден глас се запишува со само еден знак и секогаш само со тој еден знак, и обратно, еден знак секогаш мора да се чита како тој еден глас.

Во нашиот јазик имаме 32 гласа, и за запишување на тие 32 гласа користиме точно 32 знаци. При што 31 од тие знаци се официјалните 31 буква од азбуката, а еден знак кој секогаш се користи за да се напише тој еден глас не е сметан за буква, иако ги исполнува сите услови за тоа. Станува збор за гласот ’.

Во денешните бугарска и руска азбука тој се пишува со буквата Ъ, која буква своевремено била дел од првобитната кирилица за која се смета дека Свети Климент Охридски ја смислил. Ние бидејќи како нација имаме набиено во годините на комунизмот комплекс на пониска вредност својата историја не си ја знаеме и до ден денешен многу луѓе сметаат дека таа буква, која Свети Климент ја смислил и ја ставил во кирилицата не е македонска.

Ако буквата што Свети Климент ја ставил во кирилицата не е македонска не знам чија може да биде.

Но да се вратиме на знакот ’ кој ние го викаме апострофче. И бидејќи има такво интерпункциско име, го сметаат луѓето не за буква, ами за интерпункциски знак. Но тука станува збор за забуна, оти името на ракијата од типот „ж’та“ не се чита „жапострофчета“ ами како што се чита. Следствено, како што „3“ може да биде и бројка и буква, така и знакот ’ може да биде и интерпункциски знак (за цитирање во цитат) и буква.

Секогаш овој „темен“ вокал го прикажуваме со тој знак и со ниту еден друг знак. Секогаш кога во збор ќе налетаме на тој знак го читаме како темен вокал и никако поинаку. Ова може да се каже за секој глас и за секоја буква во нашиот јазик. И зошто ’ не е буква?

Затоа што 45 години комунистите ни набиваа комплекс на пониска вредност, а потоа еве дваесет години самите сеуште си набиваме комплекс на пониска вредност. Е затоа.

5. На кој датум се паѓа 11ти октомври? И така дојдовме до нашиот државен празник што ќе го прославиме наскоро. И се разбира празникот како и секогаш ќе си помине без рефлексија во јавноста за неговата точна дата.

Океј, за празникот кој од пред некоја година се воведе и кој се вика „Ден на македонската револуционерна борба“ и кој се празнува на 23ти октомври повеќето граѓани веќе знаат дека всушност треба да се слави на 4ти ноември. Слично на октомвриската револуција во некогашниот СССР која се славеше во почетокот на ноември, оти во периодот кога била крената револуцијата во Русија бил во сила стариот стил на календарот и навистина било октомври, но откако бил воведен западниот календар (кој е астрономски поточен) годишнините од револуцијата се паѓале во ноември.

Така на времето во Советскиот Сојуз со таа финта во школите ги паѓале децата на испит: „во кој месец се кренала октомвриската револуција, знае некој? Васја знаеш ли? А ти Володја знаеш? Оксана, ти што мислиш…“

Значи, денот 23ти октомври не е годишнина на основањето на македонската револуционерна организација, тоа е само датумот според стар стил, но бидејќи ние го користиме новиот стил во нашата држава, 23ти октомври според стариот стил се паѓа на 4ти ноември по нов стил.

Но да се вратиме на 11ти октомври, каде што не станува збор за забуна од неколку денови, ами за неколку месеци. И тоа не е случајна ами намерна забуна. Практично чист фалсификат!

Што славиме ние на 11ти октомври? Го славиме денот кога македонскиот народ се кренал на вооружено востание против фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.

Ако тоа е поводот за славење, тогаш 11ти октомври се паѓа на 27ми јуни.

Првата пушка која пукнала во Прилеп и Куманово на 11ти оттомври не била пушка, ами во прилепскиот случај пиштол. Со кој бил убиен стражарот на полициската станица, од страна на партизанот Душко Наумовски, кој пак по војната ќе заврши на Голи оток (како и повеќето вистински борци од тој период, како Ченто и Брашнарев меѓу другите).

Ама баш првата пушка што македонските партизани во Втората светска војна ја пукнале против фашистите не била ни во Прилеп ни во Куманово ниту во октомври, туку во јуни, на 27иот ден кога одредот предводен од Иван Козаров извршил вооружен напад врз полицијата во селото Добриништа во близина на градот Разлог. Повеќе информации на овој линк. А човекот има и улица наречено по него во Скопје, која неодамна беше реконструирана, како што објаснува оваа вест.

*

И така: север не е на север, 2010та не 2010та, еден метар не е долг еден метар, 11ти октомври не се паѓа на 11ти октомври. И се разбира, да не заборавиме: името и презимето на нашиот најголем поет Кочо Рацин не се „Кочо“ и „Рацин“, туку „Коста“ и „Солев“.

Доколку ве интересираат некои други работи кои ги знаеме погрешно почнете од колумната „Под просекот, над просекот“ на чиј завршеток има неколку линкови до неколку други колумни со слична „просветлувачка“ содржина.

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја колумната насловена „Пигмалион“. До тогаш, поздрав😆

18 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. На ваквите колумни треба да им ставиш посебен таг: дали сте слушнале дека… и да ги категоризираш во: ненциклопедија (нено+енциклопедија)🙂
    Мене тие ми се најзабавни и најинтересни.
    Патем, мислам дека Климент не ја создал кирилицата зашто како еден од директните продолжувачи на делото на Кирил, а и самиот учесник во Моравската мисија каде ја ширеле глаголицата – нема логика да создава нова. Тоа го докажува и подолгото зачувување на глаголицата во Охридската книжевна школа. На факултет учевме дека кирилицата ја создал Константин Брегалнички од Преславската книжевна школа, ама мене сето тоа ми е матно… Според мое ЛИЧНО мислење – кирилицата постоела и пред Кирил и Методиј, многу, многу пред, но можеби заради омразените, „прљави“, варвари кои ја употребувале – ја сметале за некакви „цртички и рецки“, а не за азбука. Па по смртта на Кирил и Методиј, и нивните директни пропагатори Климент и Наум, глаголицата се напуштала, а кирилицата постепено се враќала во употреба, можеби малку модифицирана.
    А за апострофот исто имам коментар – ама и ова беше предолго… па другпат.

    Билјана

    07/10/2010 at 20:13

    • Пииих, предлог бил коментарот.

      Демек, да не испадне коментарот подолг од колумната?

      Аха…🙂 ќе испадне🙂

      Туку, убаво тоа ненциклопедија. Баш ме заинтересира да го ставам како таг на неколку колумни. Ај овие денови можеби, вечерва нешто софтверов ме зеза, пола саат ја постирав колумнава, ме изнервира со баговите му!

      А за апострофчето, баш ме интересира. Ај кажи, не се стеснувај, наши сме си🙂

  2. опасно супер пост, овие работи не сум ги знаел.
    ти го линкав на фб да прочитаат и тие другите таму да се просветлат.
    позз

    yo blow

    07/10/2010 at 20:49

    • фала, фала🙂

      Туку мејлот лошо си го внел па те турил во спам акисметот овде.

      Мејлот мора да е саглам пишан.

      За друг пат да знаеш.

  3. Па и јас што сум била – како можев да помислам на должина на текст и да се споредам со тебе?!? Баш пих🙂
    А за апострофчето, пак ми е некако стручен коментарот – па нејќев да замарам.
    Во литературниот јазик (каде не спаѓа „ж’та“) има само десетина збора во кои се пишува апостроф (плус зборовите изведени од нив ’рѓа – ’рѓосан, за’рѓан) и секогаш со р кое кај нас има двојна улога – на согласка и самогласка (а тука е на граница). Значи само за тие 10 зборчиња би требало да постои во азбуката уште една буква. Па добро, ако е така – нека постои…
    Но, според мене, во друго е проблемот (освен политички во натегањата со Бугарите и Србите). ОСНОВНА и најстара карактеристика на македонскиот јазик, што започнува да се пројавува уште во 10-11 век, е развивањето, односно преминот на темните (ъ и ь) во полни самогласки (о, е) – сънъ, дьнь во сон,ден. Значи, во таквите случаи кај нас се загубило тоа ь.
    Втора карактеристика на нашиот јазик е што кај согласките се загубила опозицијата по мекост. Имало тврди и меки согласки. За означување на тврдите се користело ъ, а за меките ь. Бидејќи таа опозиција веќе не постои – нема потреба од постоење на знаци за такво нешто.
    Значи, не мислам дека во азбуката немаме ъ за инает на Бугарите, а за ќеиф на Србите, ниту зашто сме исфрустрирани како обично, туку зашто јазикот ни се разликува од другите токму заради губењето на тоа ъ во претходно образложените случаи. Па можеме да истрпиме во неколку зборчиња да пишуваме апостроф наместо цела буква и да не се критикуваме сами себе за тоа, кога и така тоа се само остатоци на нешто што веќе не постои.

    Билјана

    07/10/2010 at 21:29

    • Да, ама:

      1. Буквата Ѕ е уште поретко користена. Доказ: https://blogatash.files.wordpress.com/2010/01/jubilejna-statistika.gif

      2. Буквата Ъ е ретка во македонскиот литературен јазик оти некој ја проретчил намерно на времето кога бил кодифициран јазикот. Па многу зборови што требало да ја содржат добиле замена за неа со некоја самогласка.

      3. Ние навистина не знаеме како звучел нашиот јазик во средниот век. Имаме пристап до едвај грст записи од тогаш. Така да не можеме да знаеме баш точно како звучел, нели?

      4. Воведувањето на буквата Ъ ќе овозможи конечно да престанеме кога транскрибираме од англиски да пишуваме српски, па место Вудроу Вилсон да си напишеме како што навистина звучи во оригиналниот англиски Уъдроу Уъилсон.

      Споени У и Ъ ја даваат W.

  4. 1. Да, „Ѕ“ поретко се употребува, но статистиката не ми е некој доказ, зашто под влијание на српскиот и оние малку прекрасни зборови со Ѕ, често ги пишуваме со З (наместо ѕид – зид, наместо ѕвезда- звезда, ѕвонче – звонче, Ѕеус – Зевс). А приказната на „Ѕ“ е слична како претходните примери што ги наведов. По Ѕ, нашиот се разликува од другите јазици и верувам дека при кодифицирањето се гледало што повеќе да се задржат разликите – како доказ за посебност.
    2. Проретчена е Ъ, ама не толку многу – отприлика толку колку што се уште ја има во централните (велешкиот, битолскиот, прилепскиот) говори. Во дијалектот не се искоренува глас со кодификација – таму постои, и ќе си постои по свои закони. Ако гласов во велешкиот го има во доволно примери – тогаш си во право – треба да го враќаме во употреба и да додадеме уште една буква во азбуката. Искрено, поим немам колку го употребуваат Ъ во велешко, а бидејќи ти си по истражувањата, види, па кажи ми.
    3. Како звучел јазикот не може да знаеме, ама како е напишано, на тој грст ракописи сепак може да видиме. И интересно, во нив, прво сосема се загубил Ъ, а останало само ь да се пишува – се заменувале тие со е и о, а многу често на местото од ваквите ерови се пишувало надредно знакче – паерок – како легната запирка. Значи, сепак, апострофот не го измислил Блаже Конески – туку неговото постоење е засведочено во ракописи од 13. – 14. век.
    4. Во примерот за транскрипција јас не можам баш да го слушнам тоа Ъ, а и зошто да транскрибираме баш исто како што звучи. Ај транскрибирај на англиски – Ѓурѓица Ѕвездаковска – и уште да звучи исто…
    Што знам, јас сум против ваквите промени во азбуката, арна си е и вака. Многу сме бре искомплексирани и несигурни во себе. Српско било, бугарско било – а сите потекнуваат од нашето (нели?) Туку еднаш сме рекле – вака ќе ни биде азбуката – па зошто сега да се повлекуваме, да менуваме? А ние може да полемизираме уште 5 дена – и секогаш ќе има аргументи за и против.
    Во суштина поголем проблем е зачувувањето и негувањето на јазикот, отколку промена на азбуката.
    А инаку, Кочо, изгледа не бил ни Коста, ами Константин според http://macedonia.auburn.edu/MANU/Racin/index.html

    Билјана

    08/10/2010 at 01:11

    • Велешкиот говор не е централен говор. Велес е центар на Република Македонија, што е далеку од тоа да е центар на етничка Македонија.

      Централен говор баш е Гевгелискиот.

      А што се однесува до „Туку еднаш сме рекле – вака ќе ни биде азбуката“ тоа не точно.

      Ние не сме рекле, туку така ни наредиле Лазо и полтроните негови. Оние што се бунеле биле праќани по затвори.

      Ако еднаш сме рекле дека сме ФИРОМ, нека биде така…

      Е па не сме рекле ние да сме ФИРОМ туку Киро и Бранко рекоа во наше име без да не прашаат.

      • Ма ти викам дека 5 дена може да се натегаме, ама ни јас, а уште помалку ти, можеме да се воздржиме да не одговориме…
        Точно дека Велес е центар на распарчена Македонија, но тоа нема врска. Литературен јазик е договор – можеше да биде и скопскиот дијалект. Ама – ете тие тогаш, врз кои ние сме немале влијание, решиле за основа на литературниот јазик да се земе т.н. централно говорно подрачје. Уште К.П.Мисирков сметал дека тие говори (Велес, Прилеп, Битола, Охрид) се најоддалечени од соседните словенски јазици – и најпогодни за правење посебен литературен јазик.
        А за Лазо, Киро и Бранко – зарем не е тоа секогаш и секаде така? Како си замислуваш да биде инаку – дека сите ќе нè прашаат? И минатите и следните генерациии? Како?

        Билјана

        08/10/2010 at 20:29

        • Прво, интересно е тоа „дека ние сме заробеници на одлуките на луѓето што оддамна умреле“, и тоа не само во јазикот, ами во многу други нешта.

          Знам јас дека е литературниот јазик договор, ама баш затоа: немам намера да ги боготворам креаторите на тој договор како премудри и безгрешни светци.

          Точно е дека нема да се воведе темниот вокал во азбуката, а и да не се воведе ништо страшно не е тоа, ама не тоа идејата на текстот – идејата е дека човек не треба да верува слепо во она што му е кажано, туку самиот да размисли.

          Темниот вокал е бениген пример, ама за многу работи што се далеку посериозни (малигни примери) а ги земаме здраво за готово иако се погрешни треба да се мисли.

          • Уф, од идејата на текстот јас забегав уште во првиот коментар, и нормално си се фатив со она што мене ми е блиско. А за слепо верување на она што ни е кажано – јас сум прва што е против тоа! Веќе во ништо не верувам – мора да прочитам од повеќе извори, да слушнам различни размислувања – и на крај да си создадам свое мислење. И баш се чудам како некои луѓе (огромна бројка) здраво за готово го сфаќаат она што го прочитале во некоја книга, или било каде, или го слушнале на телевизија (бе) – како тоа да е закон.
            И да се вратам на почетокот – текстов ти е ептен убав, да не испадне сега дека со коментирање сакам да му ја намалам вредноста. Ни случајно! Коментарите се секогаш реакција на нешто добро (нели?), па затоа и јас ќе го споделам на фејсбук…
            Голем поздрав!

            Билјана

            09/10/2010 at 03:07

      • Ниту они не рекле така. Ѕирни ги архивите на сајтот на ООН и ќе најдеш и писма во кои БЦ и КГ протестираат против користењето на former Yugoslav за именување на милата ни државица. Знам дека си по фактите, па затоа нема потреба од нивно искривување. Дека денес овој помладиот го удрила мокра чорапа и се глупира по медиуми, тоа е друго🙂

        Kiro Velkovski

        10/10/2010 at 21:16

  5. рѓа и се понатаму `си е таман
    ѕ си е ѕ`
    правопис `буквар `во основно плеасе плежр
    другите да се плашат од вистината за писмото зборот говорот наш? јас пишам како шо си зборам

    Пир

    08/10/2010 at 01:36

  6. Нено, вакуум на растојание од еден метар постои. Имено, во најголем дел од вселената, густината на атоми во е еден хелиумов атом на 10^98 исто толкави празни простори. Ако пресметаме, ќе видиме дека во 330 кубни метри (отприлика) има една честичка (хелиум). Така, меѓу две честички, на растојание од 1 метар – има вакуум!
    Поздрав…

    Мето

    08/10/2010 at 19:17

    • Бил некој во вселената да ги мери тие концентрации на честички на лице место?

      On the face of the place🙂

      А плус, дали некој го измерил влијaниeто нa гравитационатa сила врз брзината на светлината? Гравитацијата го свитикува патот на фотоните, а не е исто движење по права и по лачна линија.

      А темната материја?

      А принципот на Хајзенберг?

      • Не мора да појде. Светлината ќе дојде. Какво и да е влијанието на гравитацијата врз светлината, тоа во нормални меѓупланетарни услови е занемарливо мало.

        Мето

        09/10/2010 at 09:45

  7. Со закаснување од година дена ке се вклучам во коментарите за јазикот.Ако некој ми одговори во ред,ако не никому ништо🙂

    Иако се сметаме за потомци на Аце Великиот,досега немам сретнато некој податок како се говорело или пишувало во тоа време (барем приближно).Податоците од тоа време се доста оскудни,освен ако се земе во некоја рака податокот околу „Каменот од Розета„ и околу тоа научната јавност е поделена и не излегла со заеднички став.Не сум стручњак за ова со јазиците,само ме интересира генезата на потеклото на нашиот говор и писмо.Од една страна не ми е јасно како тоа од дманешни времиња во антиката ни се преплетува историјата со античка Грција преку Филип и Александар за кои велиме се Македонци што како посебно племе,народ,различни од Грците го ширеле хеленизмот во останатиот дел од светот кој го освојувале,а од друга страна до ден денешен како соседи јазикот,писмото ни се скроз различни без и најмала сличност.

    Ова со писмото,говорот од тоа време е само мал сегметнт од тоа што нашата стручна јавност (Магистри и Доктори на историски науки),фела,требаше да истапат во јавноста со некаков заеднички научен став околу нашето потекло од тоа време и да стават крај на поделбите дали сме Словени или антички Македонци или некој микс.

    Да не ја редам хронолошки истријата и времињата од времето на Александар па наваму до ова денешно време но ми се чини (или се лажам) ние имаме мн малку податоци и фонетика околу нашиот јазик и говор.

    Прост пример мене како ете просечен млад Македонец,гледајки го на скопскиот плоштад споменикот на цар Самоил ме интересира како тој говорел,на кој јазик и дијалект?
    Или ајде од последните 100 и кусур години,како говореле комитите,нашите херои во пусто турско?Гоце како учител на што дијалект зборувал?Кога ке разговарале Никола Карев и Гоце Делчев како тоа звучело.
    Ние сме доста сиромашни со филмови и документарци,незнаеме во тој сегмент да си ја негуваме традицијата и богатата ни историја.И тие неколку парчина серии,докуентарци,филмови или ете и македонски приказни се на некој начин чудни кога ке видиме дека таму се говори на денешен литературен јазик.Глупости,се губи секаков филинг.Тоа беше исто како и филмот за Александар со Colin Farrell каде се збореше на англиски.Најдалеку според мене отиде Mel Gibson и секој му чест со филмот за Исус,каде ни долови како тогаш се говорело,како тоа изгледало.

    За крај да не претерам ама имаме доста теми да и една National Geographic снима документарци овде кај нас и за нашава историја,има што да се презентира во светот за нас како народ и држава.

    DeJaN

    21/10/2011 at 12:23

    • По мое искрено мислење, што помалку знаеме за својата историја, толку подобро!

      Тоа ни остава простор по своја желба и потреба да ги заполнуваме празнините и тоа да ни послужи за сегашниве потреби.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: