Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПИГMAЛИOH

with 3 comments

Браќата Рајт, кога работеа врз создавањето на првиот авион во историјата, воопшто не ни помислуваа дека во годините потоа, од бомби фрлени од авиони ќе загинат милиони луѓе

Поговорката вели дека е „лесно да се фатиш на орото, но тешко е да се пуштиш потоа од него“. Преку античкиот мит за скулпторот Пигмалион, во денешната колумна ќе се запознаеме со архетипот кој е во основата на наведената поговорка.

1. Кој бил Пигмалион: според еден старогрчки мит (што старите Грци се чини го презеле од Феникијците, а тие од Сумерците) во древните времиња си живеел еден многу талентиран скулптор кој имал високо развиено чуство за естетика, и токму поради тоа свое чуство страдал внатрешно т.е. уметничката душа му патела.

Имено, на секоја работа, секој предмет и секое живо суштество Пигмалион знаел да му најде маана во поглед на физичкиот изглед и по таа основа, маани им наоѓал и на луѓето во неговото опкружување и особено на жените, па затоа си останал неоженет иако веќе му поминала младоста.

Еден ден работејќи тој во своето атеље, во изблик на уметничка инспирација и креативна енергија успеал од едно парче бел мермер да изваја статуа на жена чија што форма била без ниедна маана. Со други зборови, Пигмалион успеал да ја створи во каменот совршената жена – со совршено тело и со совршено лице.

За прв пат во својот живот Пигмалион не можел да најде маана од естетски аспкет на нешто, па веднаш се вљубил во својата статуа, во совршената жена од мермер.

Толку многу бил вљубен во своето ремек дело, што ги замолил боговите да ја оживеат статуата, и по многу негови молби и принесување на жртви на олтарите на сите богови (нешто за што го потрошил сиот свој имот останувајќи само со статуата од која не се делел ни по цена на животот), тие се сожалиле врз него и одлучиле на скулптурата да ѝ вдахнат живот.

Пигмалион бил пресреќен, оти конечно ете покрај себе имал жена која што е без маана и ете конечно си нашол жена со која ќе сака да се ожени. Но тогаш Пигмалион го доживеал големото разочарување: скулптурата, откако станала човечко суштество добила (како и сите луѓе) и слободна волја па одлучила дека не сака со некој си таму банкротиран скулптор кому му поминала младоста да се омажи, и си заминала засекогаш оставајќи го кутриот уметник со скршено срце да тагува по неа.

Ете тоа е митот за Пигмалион што ние денеска го знаеме преку неговата старогрчка верзија, но веројатно е многу постар. Оти основниот мотив во него, бунтот на Созданието против својот Создавач, се провлекува во еден куп митови и легенди, од приказната за Адам и Ева па сѐ до романот за Франкенштајн и филмовите од серијалот „Терминатор“.

Од таму, Пигмалион е всушност архетип.

2. Родителите како Пигмалиони: сите родители имаат планови за своите деца. Секој родител точно знае што неговото дете кога ќе порасне треба да биде. Што треба да сака и што да мрази, каква школа треба да учи и какви оценки заслужува (одличен, најдобар, безгрешен), каква музика да слуша (и колку гласно), со кого да се дружи… ама сите тие планови најчесто се изјаловуваат.

Баш како и Пигмалион и повеќето родители забораваат дека нивните деца се посебни луѓе и како и сите луѓе и тие имаат своја слободна волја па самите сакаат да донесуваат одлуки за својот живот.

И не само родителите како родители, туку и како сопружници во однос на својот брачен другар понекогаш ја имаат таа пигмалионска црта во размислувањето. Пред да стапат во брак додека уште се длабоко и искрено вљубени го идеализираат својот партнер заборавајќи дека од другата страна исто така има човек со своја слободна волја, со свои планови, со свои стравови и ставови.

Па откако ќе стапат во брак почнуваат да откриваат дека не се ожениле (омажиле) со мермерна статуа со совршена форма, ами со личност со свои маани и особености. Па почнуваат проблеми, недоразбирања, кавги, разводи…

Тоа е неминовен резултат на заслепеноста од љубовта: мислиш дека стапуваш во брак со безгрешна мермена статуа, а потоа сфаќаш дека тоа е човечко суштество кое е далеку од тоа да е совршено.

3. Секој иноватор е Пигмалион: што е очигледно ако се знае дека повеќето иновации имаат далеку поширока примена од онаа што ја замислиле научниците што ги создале. А примери има безброј:

Ете, дали знаете зошто биле создадени првите автоматски пушки? Веројатно сте мислеле дека тоа генералите од разните армии во потрага по сѐ помоќно и поубиствено оружје натерале некој умен научник да им измисли пушка што ќе пука стотици куршуми во минута, за разлика од дотогашните пушки што пукале едвај по пет – шест во минута? Ма не.

Еден лекар (лекар бре!) со име Ричард Гетлинг гледајќи колкави жртви имало во битките во граѓанската војна во САД и сфаќајќи дека тоа е последица на тоа што многу примитивни биле тогашните пушки и битките захтевале големи армии (а што повеќе војници се борат во битката, толку повеќе загинати ќе има во неа) одлучил да направи нов тип на пушка, толку моќна што ќе може да замени по стотина дотогашни пушки. Па со војници вооружени со такви нови пушки кои ќе имаат огнена моќ како стотина дотогашни, немало да има потреба од многу големи армии и следствено ќе имало многу помалку жртви во битките.

И направил доктор Гетлинг такво оружје, и подоцна други иноватори со слични хумани намери како неговите го усовршиле концептот на автоматска пушка до тој степен што навистина еден војник вооружен со митралез можел да испоубие стотина војници вооружени со обични пушки кои би јуруишале кон него.

Е арно ама – иноваторите не предвиделе дека има амбициозни војсководачи на претек, па наместо воведувањето на автоматските пушки да ги спречи идните војни, тоа само го зголемило крвопролевањето.

Кога американскиот иноватор по име Џон Томпсон ја создал првата автоматска пушка што била доволно лесна да може да ја носи и користи еден човек, тој се обидел да им го продава својот производ прво на полицајците, но тие го одбивале оти сметале дека тоа оружје е премногу моќно. Дури откако криминалците почнале да ги користат „Томпсоните“ во своите грабежи и меѓусебни престрелки – дури тогаш почнале и чуварите на законот да се снабдуваат со моќното оружје.

Впрочем, и Кинезите кога пред илјада и кусур години го измислиле барутот го користеле пред сѐ за забавни цели (огномет) и сосема случајно откриле дека може да се користи и за воени цели. Многу брзо се проширило знаењето за производство и употреба на барутот и во Европа, а потоа и низ целиот свет, и од тогаш па наваму се користи барутот речиси исклучиво за производство на муниција.

Кога интернетот беше измислен тој беше наменет за разните научници и професори од разните универзитети да можат преку него да споделуваат информации за својата научна работа. Арно ама, само неколку години подоцна, тој стана најголема база за порнографија.

Марија Кири и Анри Бекерел кога ги правеле во XIXиот век експериментите со радиоактивни супстанции сметале дека еден ден главна намена на сознанијата на нуклеарната физика што тие ги откривале ќе биде во медицината за лекување на луѓето. Да знаеле дека еден ден атомските бомби ќе бидат главен производ на атомските научници – сигурно ќе размислеле два пати пред да почнат да се занимаваат со такви истражувања.

4. Гласачите и револуционерите како Пигмалиони: на прашањето „Зошто револуцијата ги разочарува револуционерите“ одговорив во истоимената колумна од пред неколку недели. Во суштина, секој револуционер е своевиден Пигмалион што својата идеја за револуцијата ја гледа како мермерна статуа со совршена форма, и прави сѐ (преку своето учество во револуцијата) таа мермерна статуа да ја оживее, да ја реализира во пракса својата визија за ново уредување на опшеството. Кое ќе биде безгрешно, соврешено, перфектно, без ниедна маана.

Па потоа сфаќаат дека работие не испаднале како што тие си замислувале оти и други луѓе биле вклучени во револуцијата, секој од нив со своја визија за идниот поредок, па во конфликтот на визиите, никој не го добил баш она што го очекувал.

Народот пред секои избори е како Пигмалион очекувајќи од политичарот за кој ќе гласа да ја оправи конечно државата и конечо да ни тргне на сите, да биде многу подобро, мед и млеко да потече.

Ама политичарот кога е во опозиција е баш како мермерна статуа која пред изборите се труди да се прикаже за модел на совршен, безгрешен лидер што ги има сите одговори и ги знае сите решенија за сите проблеми. „Само дајте ми власт“ – вели политичарот како статуа која ги моли боговите да ѝ вдахнат живот – „само дајте ми власт и сѐ ќе биде совршено потоа“.

И потоа народот-Пигмалион пак си останува со куси ракави.

Како впрочем што култот кон ЕУ и НАТО и интеграциите во тие безгрешни структури се нашите статуи од беспрекорен бел мермер, за кој молиме некои „богови“ (од државата во која е Олимп) да им вдахнат живот и за нас па и ние да станеме дел од нив.

Ама и тука сме си пак Пигмалиони: оти нашите визии и желби немаат врска со реалноста која нѐ очекува, дури и ако некогаш се интегрираме во нив. Статуата на митолошкиот скулптор откако станала човечко суштество и добила слободна волја сфатила дека има свои планови и го разочарала оној кој дал сѐ од себе да ја претвори во реалност.

Истото го чека секого кој како Пигмалион ќе даде сѐ од себе за да оствари некаква беспрекорна визија, некаква совршена реалност, некоја замисла без маана. Не постои совршена реалност. Оној што тоа не го сфаќа, како Пигмалион, ќе заврши – длабоко разочаран.

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја колумната „Не е секогаш така“. По дух слична на онаа „На кој датум се паѓа 11ти октомври“ но се разбира со сосема поинаква содржина. А што не е секогаш така – ќе видите во четврток.

До тогашп, поздрав😆

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Митот за Пигмалион беше испирација за спотот на некогашниот голем хит на групата „Aerosmith” под наслов „Hole in my soul“. Еве го спотот:

  2. Ме потсетува на еден афоризам:
    (парафразирам)„останав сам затоа што целиот живот барав совршена жена, а кога конечно ја најдов – и таа бараше совршен маж!“🙂

    Велат, колку поголеми очекувања толку поголеми разочарувања…..
    одличен текст Нено
    и одличен избор на музика😉

    oksimoron

    15/10/2010 at 16:31


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: