Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ НЕ Е СЕКОГАШ ТАКА

with 8 comments

Велат дека секое правило има исклучок. И уште, дека чесен човек е оној што ги следи правилата, а успешен човек е оној што ги следи исклучоците. Истото ми се чини дека важи и за државите и народите.

1. Не е секоја револуција ослободителна: еве да ја земеме како најбизарен пример за анти-ослободителна револуција онаа која во Бразил била крената во 1889та година и во која бил соборен императорот Педро II, со што била укината монархијата и потоа била прогласена република во таа држава.

Очекуваме дека еден император би требало да е по автоматизам лош човек кој тирански владее со својата империја и затоа неколку храбри луѓе ќе се обединат во заговор против неговата тиранија и откако ќе го соборат со сила од власт, ќе воведат република, која ќе биде систем каде луѓето ќе имаат слобода да одлучуваат за својата иднина.

Е во Бразил било обратно: имено, Педро II решил да му стави крај на ропството на црнците на плантажите и донел декрет со кој се укинала таа срамна институција. Милиони робови биле ослободени и од тој миг, газдите на плантажите за кафе и шеќерна трска морале на тие луѓе да им даваат плати, ако сакале да им работат на плантажите.

Ова нешто толку многу ги изнервирало газдите на плантажите што тие во содејство со неколку амбициозни генерали од армијата организирале револуција против императорот, при што целта на таа револуција била – да се поништи одлуката на императорот за укинување на ропството.

Револуцијата била успешна, императорот бил соборен и протеран од Бразил, и иако де факто ропството не било вратено како институција (поради притисок од меѓународната заедница), де јуре толку многу ограничувања добиле во правата бившите робови што во суштина продолжиле да живеат баш како и порано, додека и официјално биле робови.

Во голема мера, скоро сите револуции се такви, неослободителни: што фајде виделе Русите од октомвриската револуција од 1917та? Ги добиле крвавиот терор на Ленин и потоа уште покрвавиот терор на Сталин.

Што фајде виделе Французите од нивната револуција од 1789та? Ги добиле јакобинците на Робеспјер и секојдневните гилотинирања на најчесто сосема невини луѓе, а потоа го добиле и Наполеон кој само за да ја задоволи својата суета тргнал во војна против цела Европа во која милиони Французи загинале, оставајќи зад себе милиони вдовици и милиони сирачиња.

Што фајде видоа Србите од нивната антибирократска револуција од 1988та? Го добија Милошевиќ, а потоа изгубија сѐ.

2. Не е секогаш демократскиот избор најдобар: ајде Милошевиќ прв пат во Србија дојде на власт во ерата на комунизмот, поставен на функција со помош на задкулисни интриги и сплетки на одредени структури од тогашниот режим, па не може да се каже за него дека бил „демократски избран“.

Не дека не беше популарен меѓу Србите во раните години на своето владеење. Таман работа, дури и да беше излегол барем еднаш на вистински слободни и фер избори сигурно ќе победеше. Дури откако ги загуби сите војни што ги почна неговата популарност опадна.

Но еве Хитлер во 1932та година бил водач на партијата која на сосема демократски избори добила најмногу гласови, толку многу што неколку недели подоцна тој сосема легално ќе си биде избран за германски канцелар (т.е. премиер по нашки).

Но иако Хитлер и нацистите биле демократски избрани за власт во Германија тие всушност биле најлошиот можен избор, нешто што настаните во следните години (до 1945та) ќе го покажат на дело.

И во денешна Палестина, пред некоја година имаше избори на кои радикалното движење Хамас извојува победа. На избори значи, Палестинците ги избраа лудаците од Хамас да ги водат, и денеска е јасно како бел ден дека тоа било сосема погрешен избор, иако сосема демократски: оние Палестинци кои живеат во појасот Газа живеат во вистински пекол секој ден. Оние што живеат на Западниот Брег каде Хамас не владее – иако и таму на времето ги доби изборите – многу подобро живеат.

Или во Кипар, каде што легендарниот „татко на нацијата“ владиката Макариос III бил во 1960та година избран со неверојатно двотретинско мнозинство за претседател на штотуку формираната независна држава.

Во текот на следните четиринаесет години од неговото владеење неговата популарност никогаш не се намалила, иако толку аматерски и на моменти сосема будалесто ја водел политиката и внатрешна и надворешна што не само што му бил извршен државен удар (организиран од страна на грчката тајна служба) туку неполна недела по тој про-грчки државен удар дошло до инвазија на островот од страна на турската армија.

Од тогаш е Кипар поделен остров, и сета вина за тоа е на сметка на Макариос, човекот што за чудо и до ден денешен, неколу децении по неговата смрт, Кипријаните од грчкиот дел го ценат и почитуваат како голем државник.

Исто како што Киро Глигоров, кого овде го сметаат многу луѓе за наш „татко на нацијата“ беше во реалноста еден најобичен хохштаплер кој едно чудо грешки направи додека беше претседател, но кај многу граѓани, главно од постарата генерација тој беше и си остана „чичко Киро“.

3. Не е секое освојување поробување: од претходната точка пример за освојување кое истовремено е и ослободување, а не поробување е инвазијата на турската армија на островот Кипар од 1974та година.

Откако бил изведен државен удар против претседателот Макариос од страна на радикални грчки националисти подржани од грчката тајна служба, етничките Турци на Кипар ги зафатила паника оти многу добро знаеле од историјата за какви злодела се спремни грчките шовинисти.

Имено, знаеле дека кога Грците ја освоиле Егејска Македонија од таму за помалку од три децении ги протерале скоро сите не-Грци (Македонци и Турци) не бирајќи средства, од конфискација на сиот имот, преку интернација во логори, па сѐ до едноставно масакрирање на цели села).

Не сакајќи да бидат и тие жртви на грчкиот расизам, лидерите на кипарските Турци ја повикале на помош владата во Турција која веднаш испратила голема војска која за брзо време ја ставила под своја контрола северната половина од островот.

Пред самиот крај на Втората светска војна, Македонците во Егејска Македонија гледајќи дека Грција пак ќе ја стави под своја власт таа територија побарале помош од партизаните во Вардарска Македонија.

Обичните македонски партизани во голема мера го подржале тоа барање и побарале од своите команданти да бидат испратени на југ, за да го ослободат Солун и да ги спасат своите сонародници од идниот грчки терор.

Во тоа биле спречени од страна на домашните предавници во редовите на комунистичката партија, кои само ги следеле наредбите на Јосип Броз Тито. Неколку десетици партизани кои сакале самостојно да заминат да се борат во Егејска Македонија биле стрелани од страна на комунистичката власт.

Многу години подоцна, откако Република Северен Кипар (создадена на турскиот дел на островот по инвазијата од 1974та) ја призна независноста на Република Македонија, нашата тогашна влада, составена од наследниците на комунистите, одби да го прифати тоа признавање, за да не ги расипе односите со Грција која пак во тоа време веќе спроведуваше ембарго кон нас.

Денеска пак, Македонската православна црква, предводена во голема мера од владици – соработници на некогашната Служба за државна безбедност одбива да комуницира со Украинската православна црква и со Црногорската православна црква сметајќи ги за расколнички. Со тоа сака да им се додвори МПЦ на Српската и Руската православна црква кои пак нашата, македонска православна црква ја сметаат за расколничка.

4. Не е секогаш цивилизацијата цивилизирана: денеска оти сме темелно неинформирани за историјата, склони сме за стариот Рим да размислуваме како за најразвиена цивилизација од антиката. Но ако погледнеме под површината, ако прочитаме малку повеќе историја, ќе сфатиме дека во тој цивилизиран Рим главна разонода за народните маси биле гладијаторските борби, чија суштина била во тоа неколку робови да бидат приморани да се испоубијат меѓусебно во арената, чисто за ќефот на публиката.

Воедно, во специјални пригоди, наместо да се одржуваат борби, во арените биле пуштани лавови, мечки, волци или други диви ѕверови на кои им биле фрлани (најчесто оковани во пранги) христијани. Ѕверовите ги растргнувале голораките маченци, на општо задоволство на публиката составена од цивилизираните Римјани.

Ако барате вистински примери за цивилизација од антиката, тоа се македонските кралства во Египет и Пергам кои меѓусебно се натпреварувале кое ќе оформи побогата библиотека. До тој степен дошол натпреварот, што владетелите на Египет забраниле извоз на папирус (од кој се правеле книгите во тоа време) па морале владелите на Пергам да измислат нов материјал за пишување, кој по нивното кралство го добил името пергамент. Македонците очигледно уште од антиката светот го гледале како поле за културен натпревар.

За варваризмот на наводно цивилизираните општества не вреди да се трошат многу зборови: високо развиените држави како Јапонија и Германија за време на Втората светска војна извршиле чудовишни злосторства и разурнувања, а не помалку варварски постапила и другата високо развиена цивилизација, Соединетите Американски Држави, чија авијација ја завршила војната со фрлање на две атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки и убивање на стотина илјади невини цивили, главно жени и деца и старци, бидејќи мажите биле во војна и отсутни од градовите.

5. Не се сите терористи злосторници: еве ќе почнеме со Мара Бунева и Владо Черноземски. Овие две имиња, благодарение на 45 години присилно перење на мозокот во времето на комунизмот и потоа уште 20 години доброволно (по навика) перење на мозокот во демократијата, кај повеќето Македонци предизвикуваат гадење и омраза.

Имено, убедени се жртвите на седум децении перење на мозокот дека станува збор за терористи во служба на великобугарската идеја. При тоа, ако некој се дрзне само да го постави прашањето за вистинските нивни мотиви и околностите во кои тие живееле и донесувале одлуки – го прогласуваме автоматски за предавник, платеник, продадена душа…

Ликот на Тодор Александров во денешна Македонија полека-полека се ослободува од наметнатиот ореол на предавник и сега е стигнат до стадиумот на „контроверзна личност“. Истовремено, Лазар Колишевски, човекот чии погрешни политики перманентно го уништуваа македонското селанство (од наредбата за колење на сите кози па сѐ до вевчанскиот случај), не е контроверзен. Јосип Броз Тито, човек по чија наредба пет илјади Македонци биле пратени на Голи Оток, исто така не е сеуште контроверзна личност. Овие двајца се позитивци.

Но да се вратиме на темата: ете на пример, солунските атентатори и самите за себе тврделе дека се терористи. Сепак, ги смета ли некој денеска во нашата земја нив за злосторници? Која е суштиската разлика меѓу Павел Шатев кој го потопил францускиот брод „Гвадалкивир“ и Владо Черноземски кој го застрелал во Франција југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ?

Можеби во тоа што работеле за различни наредбодавци? Е па, гемиџиите биле поврзани со Македонската револуционерна организација со која во 1903та раководеле Борис Сарафов и Иван Гарванов, луѓе што официјалната наша историографија сеуште ги сместува меѓу врховистите. Бунева и Черноземски работеле за ВМРО под водство на Тодор Александров и Ванчо Михајлов, луѓе што нашата официјална историографија ги сместува – меѓу врховистите.

И сега? Која е суштинската разлика меѓу сите наведени македонски терористи? Кој е злосторник, а кој херој, и врз основа на кој критериум се прави разликата?

6. Не е секогаш послабиот во право: навикнати секогаш да сме послаби, ние Македонците си имаме несвесно развиено силен комплекс на пониска вредност. Па упорно веруваме дека секаде низ светов, каде има послаби, и тие се како нас, секогаш во право.

Всушност и тука не сме баш конзистентни, ама генерално така размислуваме. Еве, колку Македонци веруваат дека Чеченците кои во својата земја Чеченија се борат против големата и моќна Русија се во право? Не многу.

Чеченија отсекогаш била земја на Чеченците и Русите ја освоиле дури во средината на XIXиот век. Во времето на Сталин, ни криви ни должни, сите припадници на тој народ биле протерани во Сибир, од каде една третина не се вратиле (умреле од глад, студ или биле стрелани). Чеченците се ем послаби, ем се борат за својата независност од државата која век и половина ги угнетува. Како е Русија тука во право, а тие не се?

Но, обратно мислевме за  Садам Хусеин. Човекот во војната со САД беше дефинитивно послабиот, и следствено на крајот испадна поразен. Воедно, додека траеше војната во 2003та, повеќето граѓани на Македонија го подржуваа токму него. Тој беше крволочен диктатор, кој со отровен гас ги бомбардираше Курдите, а ги користеше за време на војната со Иран како жив штит неговата војска шиитските цивили.

И по кој основ тој тиранин, иако послаб во однос на Американците беше во право? Можеби затоа што тој се бореше за независноста на својата земја? Е па, кој тоа му дал право нему да владее со Ирак, кога на власт дошол со воен удар, а на сите избори до тогаш „добиваше“ меѓу 99% и 99,9% од гласовите?

*

Навиканти сме зборовите “револуција“ и „демократија“ и „цивилизација“ и „послабиот“ и „освојување“ и „тероризам“ да ги воспримаме со значења што некој друг ни ги наметнал и кои секогаш се еднозначни, или секогаш позитивни или секогаш негативни.

Навикнати сме да гледаме на Европската Унија и на политичарите од Брисел како на премудри и безгрешни и секоја критика на нивните мисли и препораки ја сметаме за ерес.

Од таму и илустрацијата која го краси денешниот мој текст, слика која редовните читатели сигурно ќе ги потсети на колумната „Златно теле“ и евроинтегративните заповеди наведени во неа.

Некултурните немаат право да држат предавања за култура, нехуманите немаат право да држат предавања за хуманост, неправедните немаат право да држат предавања за праведност, а недемократските немаат право да држат предавања за демократија.

А ако сепак го прават тоа, тогаш нивната дејност е најобично лицемерие. И не треба да се гледа со почит кон тоа, туку со презир.

.

П.С: Наредниот четврток, очекувајте ја колумната „Под фенерот“. Во неа меѓу другото, ќе се осврнам на прашања од типот: како да не се реформира нашето образование, кој не е крив за светската економска криза, дали во Македонија треба народот конечно да не излезе на протести, и како погрешно да се заштити околината и да не се унапреди екологијата. Обрнете внимание колку многу негации имаше во претходната реченица, што пак кажува дека во таа колумна ќе стане збор за многу работи што на прв поглед изгледаат како логични, но на втор поглед се крајно погрешни.

До четврток, поздрав🙂

8 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Добро е, ама конфузна 6-ка. Ај те чекам на е-република да ми помогнеш: http://www.erepublik.com/en/referrer/MetoodiusMagnus

    Мето

    23/10/2010 at 18:09

    • Па да, шестата точка е конфузна и се мислев дали да ја пуштам или да ја избришам, ама кога веќе ја напишав си реков ај ќе ја пуштам.

      Чисто заради поголема контроверзност🙂

  2. Браво, и само да те поздравам!🙂

    Мартинка

    25/10/2010 at 21:11

  3. Воопшто не си објективен а можеби и не постои такво нешто

  4. Значи Садам Хусеин ги труел Курдите? Да, но тоа беше во време кога САД и ЦИА му беа парнери.
    Откако Садам реши нафтата да не ја продава во долари, почнавме да слушаме дека бил крволочен диктатор, и што друго, дека пиел крв од човечки черепи? Дека имало оружје за масовно уништување?
    Нели Колин Пауел мафташе со сателитските снимки во ОН?

    Каде е сега тоа оружје за масовно уништување? Го нема, но тоа не ни пречи и понатаму да бараме да бидеме излажани од масовните медиуми.
    Знам дека во ирак загинаа 500.000 деца, 4 милиони се раселени и без кров над главата.
    Еве ти едно видео за добар сон http://www.youtube.com/watch?v=FbIX1CP9qr4&feature=player_embedded

    поздрав

    xms2

    18/10/2011 at 21:36

    • „Значи Садам Хусеин ги труел Курдите? Да..“

      И ете, си одговори самиот на прашањето „дали Садам требаше да биде уништен или не?“

      Ако некој владетел ги масакрира своите сопствени граѓани, тој треба да биде уништен, без оглед кој му помагал, кога му помагал и зошто тој некој решил да го нападне.

      Ти што сакаш да кажеш, дека Садам беше добар човек кој не заслужуваше да биде соборен од власт?

      Што е битно зошто некој решил да го симне лошиот човек од власт, битно е дека лошиот човек ќе биде симнат од власт. Ти кога одиш во болница, ти смета ли што лекарот работи за плата, а не од љубов и хуманост кон тебе?

      Не, туку те интересира само резултатот, а тоа е дека тој ќе ти помогне да ти помине болката.

      А она со бројките од 500 илјади деца убиени.. ајде не треси бројки од ракав, да не си бил да ги изброиш?

      • “Ако некој владетел ги масакрира своите сопствени граѓани, тој треба да биде уништен, без оглед кој му помагал…”

        Сам себе го убијал, ете видиш, тие што му помагале на Садам да ги труе Курдите потоа го нападнаа Ирак затоа што Садам ги труел Курдите.

        “Што е битно зошто некој решил да го симне лошиот човек од власт, битно е дека лошиот човек ќе биде симнат од власт”

        Тоа ќе му дојде нешто ко: Не е битно криминалците да бидат казнети од законот, било кој што ќе му текне може како сака и колку сака да ги казнува. Така ли се поставени работите во демократиите нели?

        Те прашувам, каде се оружјата за масовно уништување?

        А со бројките имаш линк, со Медлин Олбрајт, кога таа признава, не гледам зошто да не верувам на бројката, која можеби е поголема.

        xms2

        19/10/2011 at 11:21


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: