Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ A HEMA BPCKA CO HAC

with 11 comments

Верувам дека сте слушнале за (или можеби дури и сте јаделе некогаш) „македонска салата“. Но, не верувам дека сте слушнале за еретиците од византиското доба познати како „Македонци“ или пак за воениот брод на британската морнарица наречен „Македонецот“ или конечно, за државата која постоела во текот на Втората светска војна во Западна Егејска Македонија и која се викала „Големото Војводство Македонија“. Еве нешто повеќе за овие „македонцки“ работи, кои патем, и немаат многу врска со нас.

1. Македонска салата: искрено да ви кажам, ваква салата никогаш не сум јадел. Или пак ако сум јадел не сум знаел дека е баш таа, фамозната „салад маседоан“ како што ја викаат Французите.

Затоа што „македонска салата“ никој не знае што е. Не постои рецепт за неа. Таа е најмистериозната салата во светот.

Имено, ако ѝ се верува на википедиа (англиската) macedonian salad е салата составена од мали парчиња на зеленчук или овошје, при што треба да се застапени по неколку видови плодови одеднаш.

Ако ѝ се верува на француската википедиа пaк (првиот линк погоре) на Балканот она што во Франција се вика „салад маседоан“ се викало руска салата, а во некои други региони од источна Европа – француска салата!

Значи, во Франција салатата ја викаат македонска, во Македонија ја викале руска, а веројатно во Русија ја викаат истата таа салата француска.

Од друга страна, овој сајт посветен на готвењето вели дека главна состојка на македонската салата е еден голем модар патлиџан, а пак според овој македонски сајт нема никакви модри патлиџани во дотичната салата, ами домати, краставици и пиперки. Според овој пак сајт, рецептот за македонската салата не содржи краставици, ами само пиперки и патлиџани.

Илустрација на денешната колумна не е слика на македонска салата. А можеби и е. Бидејќи, што точно е тоа „македонска салата“?

2. „Македонски“ брод, што нема врска со Македонски Брод: во 1809та година, во служба на британската кралска морнарица бил ставен новоизградениот брод HMS Macedonian (ова HMS е англиска кратенка за „брод на неговото величество“ и го имаат сите британски воени бродови во својот назив).

Приказната за овој брод не би била воопшто интересна за нас, ако само две години по неговото вклучување во морнарицата не се испоставило дека неговиот капетан (првиот воопшто што командувал со тој брод) ги проневерувал залихите од бродот, продавајќи ги во разните пристаништа и ставајќи си ги парите во својот џеб. Капетанот бил осуден од страна на воениот суд, нешто што на ниту еден капетан на нашиот државен брод не му се случило, иако ги имавме и ние арамиите на кормилото.

Сепак, поради неговите врски (семејни и деловни) со повисоките старешини во морнарицата, капетанот Вилијам Фицрој бил помилуван и пак му бил вратен чинот и целата афера се заташкала. Е тоа е веќе личи на нешто типипчно македонско!

Во 1812та година, под водство на друг капетан, бродот „Маседониан“ добил тајна задача да однесе книжни англиски пари во Америка и да ги размени таму за златни и сребрени монети (во прашање била измама оти тие книжни пари подоцна требало да бидат прогласени за безвредни).

Се разбира од целата работа ништо не испаднало, оти поради некоординираност и меѓусебна нетрпеливост на капетанот на бродот и неговиот заменик, тајната задача станал јавно позната и бродот морал да се врати назад, без бараните златни и сребрени монети.

Веќе кон крајот на таа иста година, избила војна меѓу Британија и САД и овој британски брод по една кратка битка со еден американски брод бил заробен и ставен во служба на американската морнарица. Она HMS било избришано од името и бродот ја добил преставката USS („брод на Соединетите Држави“) и како таков го продолжил свој живот под името USS Macedonian.

Интересно, американската морнарица го користела овој воен брод пред сѐ како пловечка банка на чија палуба биле вршени парични трансакции и често имало на бродот огромни количества пари депонирано (од кои капетаните – така велеле шпекулациите во морнарските кругови – си „позајмувале“ кога ќе им текнело значителни суми).

Во 1828та година, само 19 години по изградбата на бродот тој бил означаен за застарен и сосема неупотреблив, па бил размонтиран во едно американско бродоградилиште.

Единственото нешто што останало од овој брод зачувано е скулптурата која го красела неговиот клун (предниот дел на бродот) и која и до ден дешешен се чува во еден американски воен музеј. Се разбира, бидејќи станува збор за брод што се викал Маседониан, можете да претпоставите чиј лик одразува скулптурата: ако не ви текнува, еве ја тука на слика таа скулптура.

3. Ем Македонци, ем еретици: во четвртиот век од новата ера, во Константинопол се појавил еден спор помеѓу следбениците на официјалната црква и луѓето што го подржувале владиката Македониус. Приврзаниците на учењето на овој владика се нарекле себеси Македонци и како такви се запаметени во историјата на христијанството.

Бидејќи она во што верувале не било идентично со она во што официјалната црква верувала, тие биле експресно прогласени за еретици. Но, во што се состоел спорот, веројатно ќе прашате?

Па, Македонциве сметале дека во Светото тројство (Отецот, Синот и Светиот дух), Отецот и Синот се со „слична суштина“ но не со „иста содржина“, теорија што била наречена homoiousion и која била во спротивност со официјалната догма за тоа прашање, која пак го носела името homoousion.

Забележавте ли дека суштината на спорот меѓу Македонците–еретици и официјалната христијанска црква била околу една буква? Впрочем, уште спорот бил и околу нешто што ниту едните ниту другите не можеле емпириски да го утврдат, туку само нагаѓале различно интерпретирајќи ги верските писанија до тогаш.

Со други зборови, Македонците биле вмешани во ирационален спор. Големите играчи не им дозволувале слободно да изберат во што ќе веруваат. Гледате ли дека овие Македонци немаат ама баш ништо заедничко со нас?

4. Големото војводство Македонија: извесен унгарски аристократ по име Ѓула Чеснеки во триесетите години на XXиот век имал можност да се запознае со некои видни членови на тогашното ВМРО, па толку многу ги импресионирал луѓево со својата префинета култура и познавања на геополитиката, што во 1943та година, откако Италија ја променила страната во Втората светска војна и стапила во сојуз со антифашистичките сили, во делот од територијата на Егејска Македонија што италијанските војски ја имале окупирано, била создадена од страна на членови на ВМРО држава на чие чело бил поставен токму овој аристократ.

Значи, за разлика од Независна Држава Македонија, држава создадена со главен град Скопје на 8ми септември 1944та година од страна на нацистите, оваа држава, која се нарекла Големото Војводство  Македонија (главен град ѝ бил Костур) не била фашистичка, ами баш спротивно – антифашистичка. Евреите кои бегале од нацистичките прогонувачи во границите на оваа држава можеле да најдат засолниште.

Ја создале оние вмровци кои не сакале да бидат во сојуз со фашистите, ниту пак со комунистите, ами сакале да бидат во сојуз со Англија и Америка. Се надевале дека ако извршат инвазија на Балканот Англичаните и Американците, ќе може да им бидат од помош при инвазијата, па по војната, во знак на благодарност, да биде меѓународно призната оваа држава.

Арно ама, и покрај сите напори на Ѓула Чеснеки како „голем војвода“ на Големото Војводство Македонија, западните сојузници решиле да не вршат таа година инвазија на Балканот, ами наредната година во Нормандија (Франција).

И така, само неколку месеци по основањето на оваа држава, Германците ја ликвидирале, ставајќи ја под своја окупација. Војводата Ѓула бил уапсен и за малку ќе бил стрелан, ама го спасиле неговите семејни врски со некои германски генерали кои биле по аристократска линија роднини со него, па успеал да избега. Умрел во Бразил, во 1970та година.

Дел од припадниците на вооружените сили на Големото Војводство Македонија биле интегрирани во квислиншката војска составена од Македонци кои се бореле на страната на нацистите, армија која се викала „Охрана“ и за која пишував на времето подетално во колумната „И предавниците ги предаваат, нели“.

*

Како што гледате, има низ светов работи кои се макодонски ама немаат многу врска со нас. За градот Маседониа во Охајо (САД) пишував пред две години во истоимената колумна, а еден мој пријател има и повеќе (и подобро) пишувано за практично истата тема на својот сајт.

Последнава точка инаку, за Војводството, е доста интересна. Замислете да извеле инвазија Американците и Британците на Балканот наместо во Нормандија. Бидејќи Војводството не било фашистичка творба можеби во периодот 1945–1990 ќе постоеја две држави кои ќе се викаа Македонија, едната комунистичка, а другата капиталистичка, слично на двете Кореи, или двете Германии во истиот период.

Тоа никогаш нема да го знаеме. Оти, доволно е тешко да се најде што точно се случило во историјата, а камо ли пак да се одреди прецизно што ќе можело да се случува ако нешто се случело некогаш поинаку отколку што се случило.

.

П.С: Денешнава колумна беше вонредна и таа нема да го наруши зададениот ритам на редовни колумни, по една секој четврток. Значи, овој четврток очекувајте ја најавената „Под фенерот“.

До тогаш, поздрав😆

Written by nenobogdan

25/10/2010 at 19:18

11 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Честитки за истражувачките спосоности.
    Мислам дека има и други слични примери за употреба на терминот Македонија. Така е и руската поговорка – Убит по македонскому (или пукање по македонски – со два револвери истовремено) или светицата Ана од Македонија која е единствено позната во Русија.
    Поздрав!🙂

    alexandro

    25/10/2010 at 20:18

    • Да, еве еден бугарски сајт вели:

      „До днес на български изразите “македонска работа” или “да приключиш с нещо по македонскому” означават да извършиш нещо по особено жесток и кървав начин.“

      Е ај сега!?

      Вели еден американски весник од 1939та дека Македонците биле „родени убијци“:

      http://macedonianspark.com/mk/istorijaideologija/makedonskaistorija/413——–life-1939

  2. Искрено, и мене ми се допадна текстот. Особено бев заинтересиран за приказната за војводството Македонија. Сметајќи се добро упатен во скриената историја на Македонија, доживеав изненадување во смисла како сум можел да не знам за овие ројалистички реституциски обиди за државност на овдешните. Ми беше сосема позната идејата за Независна Држава Македонија на Михајлов и Китанчев, но, искрено, за војводството, не бев никогаш чул.

    Се обидувам сега да ги најдам on line спомените на Михајлов, да видам изворно што вели тој за војводството. Во статијата на Wiki, Спомените беа наведени како референца. Другите извори се на латински или италијански, па не ќе можам да ги и-следам.

    Приказната за патријархот Македонија ја истражував во студентските денови при подготовката на испитот по Византиска филозофија. Дел од согледбите објавив на блогот http://teon.blog.mk/ во статијата со наслов “Поразените еретички приказни, црквата и тринитетот (тројството)” (http://teon.blog.mk/2008/07/22/porazenite-eretichki-prikazni-crkvata-i-trinitetot-trojstvoto/) заклучувајќи дека поразените приказни на историјата се драматично интересни, сооблазно воодушевливи и едноставно, желни да се пре(рас)кажат.

    А за “Убит по македонскому” прав е коментаторот Aleksandro, велат: само каубојците и атентаторите на ВМРО пукале со два пиштола.🙂

    Исрен поздрав и дочитање

    Бошко Караџа

  3. Многу интересен напис. Грофицата Ева Чеснеки денес живее во Велика Британија. Таа е претседател на организацијата “Унгарската заедница во Велика Британија” Заедницата на Унгарци во Велика Британија испратила писмо до британскиот премиер Дејвид Камерон во кое бараат поголема поддршка за Македонија во нејзините напори да стане членка на НАТО и Европската Унија.

    Видете исто така:

    http://twitter.com/royalmacedonia

    Поздрав од Лондон.

    Марко

    Марко

    08/12/2010 at 12:07

    • За жал, повеќето луѓе во Македонија немаат поим за овој аспект од нашата историја.

      Поздрав🙂

    • ..”Македонците биле „родени убијци“…Под македонци в Румъния се разбират куцовласите/цинцари, преселени там от планината Пинд, Гърция. Ги има около Констанца и на други места около 10 000…

      тото

      27/12/2010 at 15:52

  4. …”Големото Војводство Македонија (главен град ѝ бил Костур) не била фашистичка, ами баш спротивно – антифашистичка. Евреите кои бегале од нацистичките прогонувачи во границите на оваа држава можеле да најдат засолниште.

    Ја создале оние вмровци кои не сакале да бидат во сојуз со фашистите, ниту пак со комунистите”…Има голема разлика между твоя текст и българската, македонската и сръбска википедия!

    тото

    27/12/2010 at 14:02

    • Па да, не треба да веруваш во се што википедија пишува. Треба и малку да погледнеш пошироко.

      Истражуј Тото, истражуј.

  5. Одличен напис.

    Наташа

    27/12/2010 at 15:33


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: