Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ TEOДOPA И HИKA

leave a comment »

Вака изгледа една „Ника“ во 21иот век

Како дојде на власт сегашниот француски претседател Никола Саркози? Како Адолф Хитлер кого десните партии во тогашна Германија го сметале за лудак со кого не смее да се соработува  успеал да стане канцелар? Како Маргарет Тачер, чии реформи беа многу непопуларни меѓу британските гласачи успеа да добие втор мандат без да се откаже од реформите? И конечно, каква врска со грчко-македонскиот спор за името има византиската царица Теодора, жената на Јустиниан и востанието „Ника“ кое било кренато против него?

1. Како Теодора остана царица: во 527та година на чело на Византиската Империја застанал еден млад и амбициозен политичар по име Јустиниан, кој веднаш пред аристократите (најбогатите луѓе во чии раце биле сите економски ресурси во државата) во Константинопол ја преставил својата визија за иднината на царството: повторно освојување на загубените територии од некогашната Римска Империја (чиј наследник била Византија) и изградба на неколку монументални зданија во престолнината и низ провинциите, што требало да помогнат да се зајакне општествената кохезија меѓу граѓаните и да се поврати, со модерен реченик кажано, националната гордост и достоинство загубени по неколкуте векови постојани порази.

Оваа визија наишла на воодушевување кај аристократите кое што воодушевување траело едвај неколку минути, додека младиот император не им кажал дека за да се оствари тоа, ќе треба да се спроведе темелна даночна и правна реформа, што тие го сфатиле како знак дека ќе треба да почнат да плаќаат зголемени даноци.

Од тој миг, аристократите исплашени за своите привилегии почнале да коваат завера против царот и на секој негов потег за реформи во правосудството и даночната сфера одговарале со интриги и озборувања против луѓето што тој ги поставувал на чело на тие ресори и кои требало да ги спроведат во пракса реформите. Така, најомразени луѓе (против кои имало еден куп неосновани обвинувања за корупција и злоупотреби) во империјата станале министерот за финансии Јован Кападокиецот и министерот за правда Трибониан.

Теодора, сопругата на Јустиниан, жена од неаристократско потекло, но сепак исклучително интелигентна личност, наскоро по доаѓањето на власт на нејзиниот маж почнала да чуствува дека тој ја запоставува и дека во својот реформаторски занес можеби ќе му текне наскоро и да ја отфрли, и да земе некоја аристократка за жена, некоја што со својата „сина крв“ ќе му помогне да се вклопи во духот на „враќање кон традициите“.

Кога Јустиниан бил никој и ништо било во ред да биде оженет со жена од ниско потекло, но кога веќе станал главен човек на империјата, можеби дошло време да си земе жена од високо потекло (преку кој брак можеби ќе склопел и политички сојуз со некоја од аристократските фракции).

Исплашена за својата судбина, Теодора започнала тајни преговори со незадоволните аристократи, информирајќи ги дека и таа е незадоволна од начинот на кој Јустиниан раководи со државата, оти цело време е со своите советници и помагачи во реформите, и дека таа, како човек што нема учество во политиката не може никако да го задржи неговото внимание.

Затоа, Теодора ги советувала аристократите да се обидат да изведат некаква улична револуција, ангажирајќи ги како директни извршители мафијашите и рекетарите од Константинопол. Планот бил овие криминалци преку својата контрола врз навивачките групи на стадионот (групи познати како Сините и Зелените) да отпочнат протести против реформите на Јустиниан и да побараат негова абдикација (оставка), по што Теодора ќе го советувала мажот ѝ да побегне од Константинопол, со што ќе се отворел простор за нов император, некој што ќе бил по мерка на аристократите и што ќе го запрел реформскиот процес.

Значи, тие ќе си добијат цар по свој ќеф, а таа ќе си го зачува мажот, кога веќе не може да ја сочува својата позиција на царица покрај него како цар. Аристократите се согласиле, паѓајќи на глумата на Теодора („јас сум само обична, глупа женичка, која страда во љубовта“) и со помош на големи поткупи ги поттикнале хулиганите на демонстрации кои прераснале брзо (според планот) во вистинско востание, запаметено во историјата како „востанието Ника“.

Соочен со размерите на нередите (што го зафатиле целиот град) Јустиниан паднал во очај и ѝ рекол на Теодора да се пакува, оти ќе бегаат од Константинопол. Според договорт со аристократите, таа требало да повлијае врз него баш тоа да го направи (а тој толку се испаничил и самиот што и не морала таа ништо да му каже), но… тогаш стапила на сцена нејзината лукавост.

Теодора одлучно се спротиставила на неговата намера за бегање, велејќи му нешто во стилот: „Кој да бега бе, ти да бегаш, јас да бегам, цар и царица на најголемата империја во светот? Па од кого и да бегаме, од оваа толпа хулигани што секоја ноќ се пијанчат, секој викенд се дерат како ненормални на стадионот, а преку неделата се тепаат меѓу себе по улиците, од нив ли ќе бегаме? Ако ти не си доволно маж да се справиш со нив, јас како жена ќе се справам на женски начин!“

Јустиниан само си ја покрил резигнирано главата со дланките и нејзе ѝ дал одврзани раце да прави што знае. Таа веднаш од државниот трезор извадила голема сума пари, кои преку нејзините агенти биле доставени до некои од водачите на востанието, и тие штом ги добиле парите веднаш дезертирале. Во истиот миг, додека преостанатите востаници се чуделе што се случува и каде заминуваат некои од нивните соборци, генералот Белисариус на чело на царската гарда („специјалната полиција“ со модерен речник кажано)  ги нападнал востаниците кои потоа биле испоубиени практично до последен човек. Повеќето од нив на стадионот каде им бил штабот, а голем дел и по улиците на градот и во нивните сопствени домови дури.

После тоа, низ целиот град биле извршени масовни апсења на сите аристократи кои биле вмешани во заговорот против Јустиниан (нив Теодора ги знаела кои се, оти со нив одглумила дека е во преговори кога се ковал планот за востанието) и поголемиот дел од нив биле или убиени или испратени како робови во рудниците или како веслачи на бродовите на морнарицата.

Кога слегнал правот, кога востанието било потполно задушено, Јустиниан согледал дека не само што успеал да остане на власт, туку и сите аристократи кои ги саботирале неговите реформи и кои биле потенцијална закна за него биле истребени. И сето тоа по заслуга на Теодора, чија што итрина од тој миг научил да ја цени и почитува.

До крајот на нејзиниот живот, за секоја политичка одлука, за секој стратегиски потег, за секое кадровско решение во владеењето со Византија, Јустиниан се консултирал со својата жена, нешто што било за тогашните патријархални норми на размислување вистински скандал, па многу историчари од таа епоха пишувале цели книги полни со најбезобразни лаги и најгнасни измислици против Теодора. Најзначаен од таквите автори бил извесниот Прокопиус, чија книга „Тајната историја“ се смета за најобемно сведоштво за омразата што некои луѓе ја имале кон лукавата Императорка.

2. Како Хитлер дошол на власт? Се надевам дека суштината на византиската метода од горната точка ја сфативте. А таа е: „помогни да се создаде проблемот, потоа лесно реши го проблемот (лесно, оти си учествувал во неговото создавање) и потоа ќе ја имаш целата заслуга за решавањето на проблемот и целата благодарност на оние што биле загрозени од тој проблем“.

Тоа го направила Теодора кога нејзината позиција на царица била загрозена од занесеноста на Јустиниан со реформите што тој сметал дека сам може да ги спроведува, а истото го направиле и неколку познати политичари во текот на вековите поминати од тогаш. Ќе се задржам на модерните примери.

Во јули 1932та година, во Германија се одржале парламентарни избори, на кои партијата на Хитлер освоила најголем број гласови. Сепак, недоволно за да може да формира самата влада, а пак сите други партии, и левите и десните, одлучно изјавиле дека со Хитлер нема шанси да прават коалиција. Ај што левите не го сакале, тоа било очекувано, ама особено фрустрирачки за идниот фирер било што ни десните т.е. конзервативните партии не го сакале.

Како да ги натера да го сакаат и да влезат во коалиција со него? Тоа било дилемата што во текот на неколкуте месеци преговори никако не знаел да ја реши Хитлер. Додека не му текнало да примени една византиска стратегија, баш оваа што е тема на денешната колумна.

Имено, откако преговорите за составување на десничарска владина коалиција пропаднале, биле свикани нови избори, кои се одржале во ноември истата година. На овие избори се случило големо изненадување: имено, нацистите изгубиле два милиона гласови. Туку така, за само три месеци од претходните избори гласовите ги снемало, цели два милиона луѓе одлучиле да не гласаат за нацистичката партија.

Каде исчезнале овие гласови? Па, на истите избори, најголемиот непријател на нацистите, Комунистичката партија, добила цел милион гласови повеќе во однос на јулските избори. И тоа, баш во оние изборни едници каде што нацистите изгубиле најмногу гласови, комунистите добиле најмногу гласови.

После изборите, соочени со драматично зајакнатата екстремна левица лидерите на десните партии одлучиле да ги прифатат барањата за Хитлер и да стапат во коалиција со него, со што тој можел да стане премиер на Германија. Патот кон апсолутната власт бил отворен за него потоа и наскоро тој го одржал ветувањето што им го дал на своите десничарски коалициони партнери дека ќе ја уништи левицата и особено германските комунисти.

Каде е тука византиската итрина на нацистите? Па, никој не ги сакал нив по јулските избори, и за да се избегне таква пат-позиција и по ноемвриските избори, нацистите плански жртвувале дел од свотите гласови (им рекле на најверните членови да гласаат за комунистите, нивниот најголем противник) со цел да ги испаничат десните партии во насока дека со секој изминат изборен циклус со нацистите што не прават коалиција, комунистите стануваат сѐ посилни.

Една година откако дошол на власт, со цел да ја придобие на своја страна и армијата (чии генерали исто така не ги сакале и не им верувале на нацистите) Хитлер ги ликвидирал и дел од своите најблиски соработници во познатата ноќ на долгите ножеви. Луѓето што ги испоубил во текот на таа ноќ биле сите раководители на најекстремните и најнасилните делови на нацистичката партија. Тој самиот прво им дозволил да станат насилни и да шират страв меѓу граѓаните, со цел подоцна да се појави како решавач и на тој проблем и да ја стекне наклонетоста на оние фактори во германското општество кои би се почуствувале загрозени од силеџиите. Но тоа е друга византиска метода, за која во некоја наредна колумна пошироко ќе пишувам.

3. Како непопуларната Маргарет Тачер доби уште еден мандат? Во 1979та година, Британија ја добила својата прва жена-премиер. Тоа била лидерката на Конзервативната партија, дотогаш релативно непознатата поранешна министерка за образование, Маргарет Тачер.

И во нејзината сопствена партија кога партиските главатари ја поставиле на лидерската функција не го направиле тоа оти таа бил нешто посебно популарна меѓу членовите на партијата, ами оти партијата била во голема криза во тој период, па додека да се договорат „мажиштата“ меѓу себе кој да биде газда, решиле како привремено решение да турат жена на чело, која баш затоа што е жена и нема своја база на подршка, нема да е закана за ниту една од фракциите и крилата во партијата.

Откако на изборите победиле Конзервативците (не оти луѓето гласале за нив, ами оти народот гласал против другата партија, онаа што била на власт и не ја оправила државата) Маргарет станала премиер т.е. премиерка.

Веднаш почнала со спроведување на храбри економски реформи, со големи кратења во јавните трошоци, со намалување на даноците и со кратење на бирократијата, нешто што кај многу структури во тогашното британско општество научени да живеат на државна сметка предизвикало паника, па многу брзо земјата ја зафатиле штрајкови, протести и демонстрации кои поради непопустливоста на премиерката постепено ескалирале во вистински нереди.

За само две години од доаѓањето на власт, рејтингот на премиерката (кој и онака не бил висок кога таа дошла на власт) се преполовил, и веќе било гарантирано дека идните избори нејзината партија ќе ги изгуби. И тогаш – се случило нешто неочекувано.

Во април 1982та година, како гром од ведро небо во британската и светската јавност одекнала веста дека два острови во јужниот Атлантик кои биле под британска управа, Фолкландските Острови, биле окупирани во една блиц-криг операција на аргентинската армија. Баш така, Аргентина, со која во тоа време владела воена диктатура, решила да ги зграпчи островите што ѝ припаѓале на Британија.

Логиката на раководителите на диктатурата во Аргентина била дека штом во Британија има секојдневни улични нереди, штом премиерката има рекордно низок рејтинг и нема скоро никаква подршка во јавноста и плус штом островите биле десет илјади километри оддалечени од Британија, тоа било најпогодниот миг да стават рака врз тие територии (за кои Аргентинците со децении сметале дека се нивна сопственост).

Но, генералите кои владеле со Аргентина се шокирале кога сфатиле дека ова нешто Маргарет Тачер како да го очекувала. Без да покаже и секунда паника или барем нерешителност, таа моментално испратила моќна флота од Британија кон островите, и по една кратка и крвава војна позната како Војната за Фолкландите, Аргентинците биле протерани од островите и врз нив бил вратен британскиот суверенитет.

Додека траела војната никој не протестирал и не штрајкувал по улиците во Британија, оти сите чекале како ќе заврши операцијата. А по победата, патриотизмот кај Британците просто летнал до небо, а заедно со него и рејтингот на премиерката под чие „одлучно водство“ се извојувала таа славна победа.

Брзо потоа биле свикани предвремени избори,  на кои Конзервативците на крилјата на триумфот од војната во јужниот Атлантик ја задржале власта. Во вториот мандат, економските реформи на владата на Тачер почнале да даваат видливи резултати, и потоа врз основа на тие резултати таа ќе добие и трет мандат, а нејзината пратија ќе владее со Британија сѐ до 1997та година.

Е сега, каде е тука византиската стратегија? Па, да се прашаме дали Аргентинците ќе тргнеле во војна за освојување на Фолкландите ако некој не им кажал дека Британија нема да се бори? Дека ако ја понижат премиерката таа ќе даде оставка или дека во парламентот ќе ѝ биде изгласана недоверба? Најверојатно не, оти Аргентинците сосема добро знаеле дека немаат никаква шанса да победат во војна со Британците.

Очигледно, некој од врвот на британската влада им кажал (тајно и индиректно, се разбира) на генералите од Аргентина дека можат да направат проблем, и уште повеќе каде и како тој проблем да го направат. И потоа, истиот тој некој се појавил пред британскиот народ како решавач на проблемот. Така, тој некој ја стекнал благодарноста на британската нација и уште поважно, на бранот на тој патриотски занес, и гласовите на таа нација. И си добил тој некој втор мандат, иако една година пред тоа рејтингот на тој некој му бил скоро никаков.

4. Како Никола Саркози стана претседател на Франција? Бидејќи во претходните три точки принципот беше објаснет преку примери, во оваа точка само ќе протрчам преку фактите.

Во 2002та тогашниот француски претседател Жак Ширак, го постави тогаш релативно безначајниот политичар Никола Саркози за министер за внатрешни во владата на Франција. Наредните две години, овој млад функционер ги потроши главно во собирање на афери за ривалите во партијата (за што сигурно имаше помош од структури во полицијата) кои насобрани компромитирачки податоци ги искористи за да дојде на чело на партијата му, па во 2004та претседателот го разреши од таа функција.

Една година подоцна, до ушите на претседателот Ширак почнаа да доѓаат доверливи полициски извештаи дека во предградијата на Париз има цели квартови во кои полицијата не смее да влезе оти локалните банди (составени од млади криминалци од арапско потекло) владеат со улиците и никој не смее да ги чепка.

Со цел на овие непотврдени муабети да им го фати крајот, Ширак го врати Саркози на чело на Министерството за внатрешни и му нареди да види колку вистина има во нив. Само неколку месеци подоцна, истите тие банди од предградијата започнаа жестоки нереди, кои прераснаа во вистинска војна со француската полиција, од која се разбира дека полицијата излезе како победник, а Саркози, под чие „одлучно водство“ беше скршен отпор на хулиганите – стана херој за обичните Французи оти за нив, „конечно се најде човек кој со цврста рака воведе ред и закон“.

Во еуфоријата која потоа се создаде околу ликот и делото на Никола Саркози, министерот што ја спаси Франција од силеџиите, никој не обрна внимание на фактот дека цели три години пред нередите истиот тој Саркози беше министер на полицијата и ништо не презеде превентивно да го спречи подемот на бандите од предградијата.

Напротив, човек би помислил дека трите години поминати како прв човек на полицијата ги потрошил во помагање на развојот на бандите, за некој ден, ако му притреба некој што ќе создаде проблем што тој ќе треба да го решава и да го реши – да има каде да се обрати.

*

Мое мислење е дека македонско-грчкиот спор околу името на нашата земја грчките политичари го имаат креирано токму, во голема мера, инспирирани од византиската стратегија што ја опишав во денешната колумна. Во раните години на независноста, при еден Бранко и еден Киро и еден Андов на власт и еден Љубчо како шеф на опозицијата, Грците ако само посакаа можеа многу лесно да ги примораат овие наши „големи“ лидери да го сменат името на државата ни. Не без причина, јас тој период го нарекувам „бљак-период“ од нашата историја, по првите букви од популарните називи на главните политичари (Бранко, Љубчо, Андов, Киро) и истовремено како асоцијација на блуеница и гнасност.

Како што впрочем во еден миг и направија, без јавноста посебно да се возбуди околу тоа. Истото се случи и со знамето, кое го сменија нашиве главатари без референдум, без протести од народот, без ништо.

Се чини дека времето кога такви лидери беа главни играчи во Македонија помина, а воедно се чини и дека на грчките политичари веќе не може да им го јакне рејтингот глумењето сила врз нашата држава, поради далеку поважните прашања од економски карактер што ја секираат јавноста во нивната држава.

Па се поставува прашањето: ако на оваа финта ѝ помина рокот, која византиска игра ја играат сега Грците во нивниот спор со нас?

.

П.С: Слична на оваа колумна по структурата и темата беше колумната „Белисариус“. Ако ви се допадна денешната, а не сте ја читале таа, прочитајте ја. Во четврток, очекувајте ја колумната „Кој ги шиша берберите?“ која ќе биде своевидно продолжение на колумната „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“.

До четврток, поздрав🙂

Written by nenobogdan

03/11/2010 at 22:05

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: