Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KOJ ГO ШИШA БEPБEPOT?

with 3 comments

Сликава се вика „Стрижење на овците“ и иако на прв поглед нема врска со насловот, сепак поради длабоката ѝ симболика прилично точно ја илустрира основната идеја во колумнава

Има многу тврдења што ги прифаќаме за точни и правилни без да размислиме за изворот кој ќе може да ја потврди нивната точност или правилност. Сведокот може да сведочи за вината или невиноста на некој обвинет, но кој ќе сведочи за искреноста на сведокот? Експертот може да нѐ советува дали да прифатиме некој предлог, но кој да нѐ советува дали да го прифатиме тој експерт?

1. Кој да нѐ спаси од спасителите? Без разлика која политичка опција да е на власт, од опозицијата секогаш ги слушаме загрижените предупредувања дека „Македонија е во длабока криза“ и дека „на земјава ѝ се заканува пропаст“ или пак најчесто дека „крајно време е, оваа власт која ја упропасти државата, да си оди“.

А кој да дојде на место на власта која ја упропастила Македонија и ја довела земјава до работ на амбисот? Кој друг ако не Спасителите кои нѐ предупредиле на опасноста, се разбира. Прашањето тука веднаш логички се наметнува: „кој ќе нѐ спасува од тие спасители потоа?“

Еве да речеме, во конкретниов случај, во сегашнава „длабока криза во која е земјава“ од каде произлегуваат сите тешкотии? Наводно, од неинтегрирањето во ЕУ и НАТО, кое пак неинтегрирање е последица на неменувањето на името, кое пак оваа власт може да не го менува – оти народот на избори ѝ дал не само право туку и задача да не го менува. И сега од кого Спасителите ќе ја спасуваат Македонија со тоа што ќе го менуваат името ако дојдат на власт? Од македонскиот народ? Ако е така, за кого ќе ја спасуваат нашата земја од нас самите? За кого?

Се разбира, оние што се нудат сега како Спасители на земјава и самите се во длабока криза како политичка опција, па кутрите веќе со години не можат да соберат ни половина од рејтингот на „душманот“ од кој сакаат да ја спасат Македонија. Па од тука, дополнително се поставува прашањето: „кој да ги извлече од нивната криза оние што тврдат дека сакаат нас да нѐ извлечат од нашата криза?“.

Иако со заедничка мисија, тие сеуште се доста расцепкани (состојба предизвикана од суетите на нивните водачи) па нивните постојани повици за обединување околу нивната заедничка мисија води кон последното прашање: „кој да ги обедини обединителите?“.

2. Кој ги информира информаторите? Со други зборови, кој ги снабдува со „ексклузивни и доверливи информации“ новинарите и медиумите што нив ги контролираат? Медиуми кои за себе тврдат и сакат да веруваат дека го креираат јавното мислење. Но, кој го креира мислењето на оние што го креираат јавното мислење?

Читателите ги читаат весниците што ги пишуваат новинарите, но што читаат новинарите за да ги напишат нивните текстови во тие весници? Народот ги слуша новинарите на вести, но кого го слушаат новинарите за да дојдат до баш тие и баш такви вести? Треба ли да се прифата советите од луѓе за кои не знаеме чии совети прифатиле?

Барем во внатрешната политика многу добро знаеме кој ги информира информаторите. Еве во актуелниве превирања со лустрацијата, со досиејата за разни политичари кои излегуваат практично секој ден, и кои досиеја докажуваат дека тие политичари биле кодоши, јасно е од кај доаѓаат информациите. Се знае кој сега ги кодоши кодошите. Оној за кого тие кодоши кодошеле некогаш.

Тајните служби (и подоцна нивните остатоци, отпадоци и одметници интегрирани во партиите) уште пред да започне плурализмот во Македонија пред дваесет години беа основните извори за доверливи информации за медиумите, и таа практика си продолжи и после падот на комунизмот и до ден денешен е здрава и жива.

Но со кои мотиви таквите извори им даваат информации на новинарите за да ги пласираат тие во јавноста? И дали им ја кажуваат целата вистина, или само оној дел кој ним им одговара за да ја доведат јавноста во заблуда во врска со некои луѓе, или да го отргнат вниманието на истата таа јавност од некои други луѓе?

Медиумите се занесуваат дека тие сведочат за чесноста и нечесноста на политичарите и бизнисмените. Но кој да сведочи за чесноста или нечесноста на медиумите?

3. Кој ги рекетира рекетарите? Сигурно ја знаете онаа шеговита досетка од серијалот за Чак Норис: „кога децата одат на спиење, пред да си легнат проверуваат под креветот да не им се крие таму Баба Рога. Но кога Баба Рога оди на спиење, пред да си легне, таа проверува под нејзиниот кревет да не ѝ се крие таму – Чак Норис“.

Во соседна Србија своевремено припадниците на фамозниот Земунски клан заборавија дека и над попот има поп, и дека и Баба Рога се плаши од поголемата Баба Рога, па си умислија дека можат да водат криминална организација без да се плашат од било кого. Па решија да кренат рака дури и на самиот премиер, вршејќи атентат врз Зоран Ѓинѓиќ.

И потоа, како и сите мафијаши ширум светот низ целата историја на човештвото, ја сфатија пораката од насловот на оваа подточка: „рекетарите ги рекетираат граѓаните, но рекетарите ги рекетира власта“. Или барем оној дел од власта кој што има должност да се бори против рекетарите и мафијата.

Во Србија, припадниците на Земунскиот клан кои се занесуваа дека можат да бидат поголема власт од самата власт, откако ја преминаа линијата се соочија со жесток одговор од страна на власта на која претходно ѝ ги покажаа забите. Па повеќето членови и сите лидери на кланот беа или испоубиени или испоапсени, па сега дремат по белградските затвори, излегувајќи од нив само за да се појават на нови судења за кој знае кое по ред новооткриено нивно злосторство (од времето кога власта не ги прогонуваше).

Пред две децении, во Колумбија, легендарниот нарко-барон Пабло Ескобар исто така ја запечати својата плодна и успешна мафијашка кариера откако неговите гангстери почнаа да ги убиваат политичарите, наместо како до тогаш да продолжат да им плаќаат мито за да ги остават овие на мира. На мафијата ѝ се виде поефтино да заплашува наместо да потплатува, но таа заштеда се покажа набрзо дека била само краткорочна.

Исплашена за својот физички опстанок, колумбиската влада контактираше со владата на САД која ги снабди колумбиските полиција и војска со најмодерно оружје и техника и со разузнавачки информации, по што картелот на чие чело беше Ескобар беше ликвидиран. Се разбира дека и понатаму постои нарко-мафија во Колумбија, но нејзините водачи поучени од трагичната судбина на Пабло Ескобар не ни помислуваат да тргнат во војна со политичарите.

Слично, во Русија, кон крајот на 90ите години на дваесетиот век, неколку бизнисмени кои подоцна ќе станат познати како „олигарси“ со помош на нивните врски со тајната полиција успеаја во своите раце да го приграбат сите природни ресурси и сите индустриски капацитети во таа држава. Толку се збогатија, што некои од нив почнаа да забораваат кој им го овозможил тоа. Па влегоа во политиката, замислувајќи си дека штом се добрале толку лесно до парите, нема да биде некој проблем и власта да ја земат со своите валкани раце.

Се разбира, место власт го добија Владимир Путин кој откако ги испоапси или протера од државата најбогатите од олигарсите (и им ги конфискува имотите), ги потсети алчните грабачи кај им е местото во „синџирот на исхрана“. Сеуште има многу олигарси во Русија, ама тие веќе во политиката не се осмелуваат да се вмешаат. Поучени се од судбината на Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот човек во Русија, кој откако пројави желба да стане претседател на државата, брзо го најде својот пат до ќелијата во еден сибирски затвор.

Заклучок: не може да постои во ниту една држава организиран криминал или олигархија без власта во чие време тие се појавиле да биде вмешана во нивното појавување и процут. Воедно, таму е и лекот за нивното уништување. Власта треба да биде чувар на народот и на неговите права и слободи, но кој да го чува народот од чуварите?

4. Кој ги подмитува подмитувачите? Еве, да ја земеме за пример нашата криминална и пљачкашка приватизација од првата деценија на нашата самостојност. Делумно изведена под еден закон, делумно под друг, делумно под една владеачка партија, делумно под друга владеачка партија, делумно под еден премиер, делумно под друг премиер.

Ама логиката на приватизацијата секогаш беше иста. Да им се дадат за мали пари (за државата) и за голема провизија (за главните луѓе во власта) државните фирми на приватните бизнисмени кои потоа со нив ќе управуваат не само за свој профит, туку и на штета за граѓаните.

Таа штета за граѓаните беше доделувањето на експлицитни или имлицитни монополски привилегии на тие приватизирани фирми, со што се оневозможуваше појава на кокуренција на пазарот и купувачите мораа да плаќаат повисоки цени за сѐ што купуваа.

Во времето на Бранко, на приватизираните некогашни државни фирми им се доделуваа квоти за увоз на производи кои варираа од нафта и цигари, преку лекови и алкохолни пијалоци, па сѐ до кафе и шеќер. Воедно, на неколку олигарси им се даде де факто монопол врз шпедицијата и откупот на земјоделски производи (тутун и винско грозје), практика која ги осиромаши македонските земјоделци и малите бизнисмени, а ги збогати олигарсите и нивните политички ментори.

Во времето на владеењето на Љубчо пак, монополски привилегии добија Рафинеријата и приватизираниот Телеком, а било каква конкуренција која се појави во шпедицијата и увозот на акцизни стоки беше не во насока на слободниот пазар, туку за замена на поранешните олигарси со нови, верни на новата (тогашна) власт.

Се разбира, ништо од тоа не беше незаконско, оти за секоја штетна економска политика си имаше покритие во форма на соодветен закон и соодветни подзаконски акти. На хартија, црно на бело, за секој денар украден од народот си имаше оправдание. Сѐ беше легално и по пропис.

А за секој случај, ако нешто се најдеше сомнително, беа според закон и по пропис и судиите наместени по мерак на власта, па тие секој евентуален сомнеж ќе го прогласеа за недоразбирање, а никако за вистински криминал. А во ретките случаи кога криминалот беше апла очигледен, кривичното дело се влечеше по судовите доволно долго за да застари. Сѐ според закон.

А секој закон беше изготвен по внимателно советување од страна на внимателни советници и еспертски консултации од експертски консултанти. Но, никогаш не се запраша никој, кој ги советуваше советниците и кој ги консултираше консултантите?

*

Конечно, некој може да рече дека народот ги изгласал пратениците кои ги изгласале тие закони. А гласачите секоја власт ги поткупуваше со вработувања во државна служба, со лаги и ветувања на кои тие им веруваа. И така, неизбежно беше корумпираната власт да создаде корумпирани гласачи, по што корумпираните гласачи продолжија да избираат корумпирани власти.

А кога власта која краде ги донесува законите, сите кражби се во согласност со законот.

Народот ја избрал власта. Но кој го избрал народот? На тоа и на слични такви прашања, одговорив во колумната слична на денешнава со наслов „Ти мене сердаре, јас тебе војводо“.

.

П.С: Денешнава колумна ја објавив два дена порано, оти во наредниве денови ќе бидам презафатен со некои други работи, неповрзани со блогирањето и интернет воопшто. Сепак, квотата за оваа недела ја исполнив, со колумна која, се надевам, ви се виде интересна🙂

Наредниот четврток очекувајте ја колумната „Гордиевиот јазол како архетип“. Во таа колумна ќе стане збор за нишката која ги поврзува и објаснува причините за постоењето на обичајот на крвна одмазда, високите камати за земање кредит од банка, ризичниот живот што го водат криминалците и конечно, зошто не треба строго да се казнуваат оние што ќе направат штета при изведување на некоја работа.

Колумната е дел од серијалот на колумни во кои главна инспирација е одреден архетип, од кој серијал до сега минаа „Шерифот како архетип“ и „Пигмалион“.

До четврток, поздрав😆

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Вчерашна вест од А1 телевизија: „Ограбена полициска станица“

    http://a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=129932

    Кој да ги чува чуварите на редот?

    Наскоро очекувам вест за пожар во пожарникарска станица…

  2. А кој го критикува критичарот непогрешливиот НЕНО.

    Никој тој е непогрешлив и најдобар колумнист и Блогаташ на сите времиња. И секогаш како непогрешлив знае се за секого за Саркози, Путин, Русија, Србија, Македонија,Византија, Грција, Антика, Минато, Иднина и се се. Тој може секој политичар да го критикува секој научник секој поет писател или се што постои во универзумот.

    Нено дали си во некој филм незнам ама по малку претеруваш – корумпираната власт да создаде корумпирани гласачи, по што корумпираните гласачи продолжија да избираат корумпирани власти. Според тебе нам ни нема спас се наоѓаме во круг и корумпираните граѓани ке си бираат корумпирана власт и така заекогаш.

    Ако е така престани да пишуваш како треба и што да се прави. Според тебе нема излез па така банално е и да се бара излез готово е готово и крај е крај.

    Apollo

    10/11/2010 at 09:09


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: