Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KOЛKУ OД ПУCTO TУPCKO CE ИMAME CMEHETO?

with 5 comments

Горнава слика на прв поглед делува како оние плакати со ликот на Че Гевара и повикот за драматична промена во општеството т.е. револуција. Е ама тука сега не е Че, туку е Мајмунче. Изгледа како револуција, ама ако подобро погледнете всушност испаѓа дека е еволуција. И тоа не многу напредната еволуција. Така и со сегашна Македонија и особено со македонскиот народ, споредени во однос на епохата на Пустото Турско.

1. Арамии, ајдуци, кодоши: барем според постоењето на овие категории „граѓани“ се чини ни малку не сме напреднале од времето кога народот ни беше раја, владеана од султани и паши со помош на башибозук и јаничари.

Кодошите биле неминовен дел од секојдневниот живот во Пусто Турско, оти тие биле навидум чесни, мирни и пристојни луѓе кои турската власт никогаш не ги малтретирала оти тие својот мир и просперитет си го заслужувале пријавувајќи ги своите соселани и сограѓани кај власта.

Од таму, ако за време Турско некој сакал да биде успешен трговец (а услов за тоа било да не му ја запленуваат стоката заптиите) морал да ги кодоши своите соседи редовно кај локалниот кајмакам или во уќуматот. Од каде мислите дека дошле во песната „Послушајте патриоти“ оние стихови „…од проклетите шпиони и неразбрани трговци..“?

Разликата меѓу арамиите и ајдуците била во тоа што првите работеле под (неофицијална) закрила на турската власт, а другите наводно во интерес на рајата изнудувале пари од неа. Ајдуците или „ајдутите“ како што често се среќаваат во литературата биле оние припадници на рајата кои имале малку поенергичен и поактивен дух од останатите ѓаури и тие се одметнале од средината и заминале во планините.

И денешните ајдуци се сите првобитно припадници на рајата и впрочем и самите постојано сакаат да се рекламираат како „луѓе од народот“ кои ете сега глумат дека се борат за интересите на народот, и се разбира од народот очекуваат да им ги полни џебовите т.е. да им ја финансира борбата за народните интереси. Некогашните ајдуци ги знаеле како „ајдути“ а денешните ајдуци ги викаат „политичари“.

Друго име, иста суштина.

2. Милет систем или рамковен систем: интересен елемент на правниот систем во Отоманската империја бил таканаречениот милет–систем, чија суштина се состоела во тоа за секоја религиозна група во рамките на царштината да важат посебни закони, со посебни права и должности за припадниците на секоја посебна религиозна група.

Имено, муслиманите како доминантен елемент во државата имале право да носат оружје и биле ослободени од одредени даноци. Христијаните пак немале право да носат оружје и плаќале поголем данок. Воедно, за секој вид на прекршок поблага била соодветната казна ако прекршителот бил муслиман, а за христијаните казните дури и за најмалите прекршоци биле многу сурови.

Во денешната рамковно уредена Македонија важи истиот тој милет-систем, само што место религизни групи имаме поделба на населенито на етнички групи. Главно Албанци и не-Албанци. Знаеме во Македонијава наша кој е поголем љубител на оружјето и за кои прекршители на законите државата има поголема толеранција, а истото важи и за плаќањето (или поточно, неплаќањето) на даноците.

Суштината на милет-системот била во тоа што државата кон своите граѓани не гледала како на индивидуи давајќи им индивидуални права, ами како на колективи, и секој поединец бил гледан пред сѐ како дел од некоја група, во случајот религиозна. Суштината на рамковниот систем не е многу поразлична од начинот на кој се гледа врз граѓаните, освен што верскиот е заменет со етничкиот принцип.

3. За сѐ мора да се консултираат чаушите: во времето кое нашиот народ го нарекува Пусто Турско, доколку припадниците на рајата сакале да подигнат некој позначаен објект (најчесто црква) морале претходно да побараат и да добијат дозвола од локалниот чауш (паша, бег, кадија, валија… што имале веќе во тој регион) и без нивна дозвола ништо каурите не смееле да градат.

Во денешно време, за секој закон или реформа што сакаме во државава да ги спроведеме, мораме прво да побараме и да добиеме дозвола од бриселските чауши, во некоја од безбројните комисии, служби, бироа или агенции на Унијата.

На времето од Станбол доаѓале катиљ-фермани според кои се постапувало спрема рајата. Денеска со срцето во петици овдешнава раја ги очекува извештајот ли, директивите ли, од новиот „Цариград“ т.е. Брисел.

Можеби чаушите веќе не се паши, везири или султани, ама рајата сеуште си е раја.

4. Два брата, едниот Грк другиот Бугарин: своевремено, особено во текот на деветнаесетиот век, кај Македонците почнале да влијаат пропагандите на соседните држави и нивните соодветни цркви и образовни системи, па имало случаи во едно исто село, ако има две цркви, едната дел од Патријаршијата (грчка) а другата од Егзархијата (бугарска) селаните во тоа село, иако сите роднини, да почнат да се мразат меѓу себе во зависност од тоа кој на која црква ѝ станал верник.

На пример, двајца браќа, ако едниот почнал да оди во црквата на Патријаршијата а другиот на Егзархијата да почнат да се сметаат себеси едниот за Грк, а другиот за Бугарин, и следствено да престанат да одат на заедничките семејни собирања (свадби, крштевки, погреби)

Според принципот „далеку од очи, далеку од срце“ колку помалку луѓето комуницирале меѓу себе, толку помалку и сакале да комуницираат меѓу себе, па постепено си станувале странци едни на други, небаре навистина едните биле баш Бугари а другите баш Грци. Иако сите биле баш Македонци.

Денеска го имаме сличниот случај, само што место грчка и бугарска пропаганда (на кои подоцна и српската им се приклучила) си имаме  партии и нашите партии се сите тукашни, овдешни, наши.

Ама омразата си е иста, па оние што се крстат во едната партија и оние што се венчани за другата партија ич не се ни погледнуваат меѓу себе и се мразат дури.

5. Туѓината пуста да остане: во врска со туѓината, нашите предци кога живееле под турско ропство имале генерално три вида на „комуникација“: востанија, печалба и тужби. А сличен е менталитет и денеска.

Не знам дали сте забележале, или пак тоа е само мој впечаток, ама сите големи востанија од турско време, нашите предци ги координирале со очекуваната помош од странство. Еве, да почнеме од Карпошовото востание, кое било кренато кога во текот на војната меѓу Австрија и Турција австриските сили извојувале серија победи и почнале да навлегуваат длабоко на Балканскиот Полуостров. Востанието било успешно додека имало надеж дека Австријците ќе победат, а кога тие почнале да се повлекуваат и востанието набрзо завршило со пораз.

Негушкото востание исто така било кренато како своевидна екстензија на востанието за независност на Грција, при што водачите на нашето востание се надевале дека истите големи сили што им помагале на Грците ќе им помогнат и ним. Тоа сепак не се случило, па по сломот на Негушкото востание, некои од неговите раководители побегнале во Грција каде што се откажале од македонскиот им идентитет и се интегрирале сосема во таа нова нација.

За Илинденското востание истото ова важи, иако ние сакаме да си замислуваме дека тоа било еден херојски обид на Македонците да извојуваат самите своја слобода. Гоце Делчев многу убаво знаел дека „ослободувањето на Македонија може да биде дело само на Македонците и на никој друг“ и баш затоа бил против предлогот за кревање на востанието. Арно ама, другите дејци на Организацијата сметале дека штом востанието ќе земе замав, ќе интервенираат големите сили и Турција ќе била принудена да спроведе темелни реформи кои во најоптимистичка варијатна требало да водат до автономија на Македонија во рамките на империјата.

Знаеме како тоа и востание завршило, а делумно на таа тема беше и мојата колумна „Белисариус“.  Денеска пак, за нашиот општествен развој гледаме исклучиво низ призмата на интегрирањето во големите структури, јали НАТО, јали Европската Унија, јали кај порадикалните (и понереалните) наши сограѓани во поблиски врски со Русија.

Колку што видовме ќар чекајќи ги големите сили во нашите востанија од Турско, толку ќар ќе видиме и од тие интеграции и сојузништва. Во колумната „Што можеме ние Македонците да научиме од Евреите“ свевремено убаво објаснив каде грешиме кога чекаме друг да биде поголем Македонец од нас самите.

Впрочем, тука може да се спомене и нашата опсесија со судот во Старзбур и изјавите од типот „ќе се жалиме и во Брисел ако треба“. Така на времето нашите предци си верувале дека правдата ако локалниот кадија не им ја досуди праведно, ќе ја барат и ќе ја најдат во Стамбол, пишувајќи му писмо со жалби лично на султанот или барем на великиот везир. Колку нашите стари виделе аир од сите фермани што ги праќале до Цариград, толку и од Стразбур и Брисел фајде видуваат сегашните баратели на правдата.

Конечно за печалбата, која била редовна појава во Пусто Турско, а и сега е. Младите луѓе тогаш не можеле да најдат никаква егзистенција и никаква надеж не гледале за подобрување на својата економска состојба останувајќи во својата земја и во родниот им крај, па оделе долги години на печалба на Запад. Исто е и денеска, и тоа поради сосема истите суштински причини.

Имено, не била и не е земјава сиромашна и безнадежна за нејзините млади луѓе оти нема услови за економски развој. Има услови, само поради лошата политика и поради апашкиот начин на кој се владее со неа во континуитет, од Пусто Турско па сѐ до ден денешен, до Пусто Каурско, не остануваат пари за народот откако сите пари ќе ги излапаат или ајдуците или арамиите.

*

Е затоа е илустрацијата на денешниот пост со мајмунот кој го имитира Че Гевара. Оти и нашето време имитира дека има некаква драматична разлика од некогашните услови на живеење, ама во суштина некоја голема разлика нема. Мајмунот го имитира Че, но кој го имитира Мајмунот?

Е затоа ако (како што велат вицовите) на турски лична карта се вика „сурат билет“ а универзитетска диплома е „ак’л тапија“, тогаш амбасадорот на ЕУ се вика „курназ јабанџија“, невладиниот сектор „дудлач мафија“, а секоја политичка партија е „апашлук тајфа“ во оваа држава на која странците гледаат како на „мајтап вилает“.

И после што има чудно во тоа што младите луѓе прават сѐ за да добијат „бујрум измеќар тапија“ (работна виза) од некоја западна земја и да заминат на „гурбет јок пишман“. Во странство без намера за враќање.

.

П.С: Денешниот вонреден пост го напишав по барање на една пријателка која ме инспирираше денеска со нејзините досетливи „турцизими“ што ги наведов во последните два пасуси од колумнава.

Илустрацијата не е мое дело, ја најдов на интернет во повеќе изданија и форми, и не знам кој ѝ е оригиналниот автор, но јас не сум. Затоа и не ја потпишувам, ама оти е многу интересна, ми се виде како соодветна за денешната тема.

Во четврток, во редовниот термин, очекувајте ја најавената колумна „Гордиевиот јазол како архетип“. Во меѓувреме, ако не сте ја прочитале, ѕирнете ја редовната колумна за оваа недела „Кој го шиша берберот?

До четврток, поздрав😉

5 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Супер текст, многу ми се допадна, се си е така, да не речам и бетер. Среќа што те инспирирала пријателката, зашто само така може да се напише нешто вакво во еден здив🙂

    Билјана

    12/11/2010 at 22:25

  2. Odlicno, sekoja cest za tekstot.

    Igor

    23/11/2010 at 21:35

  3. Порано имало влијанија но луѓето биле свесни за нив (ги идентификувале), денес има Огромно српско влијание но никој не го забележува тоа и тоа е најлошо. Љупчо во едно интервју кажа дека тоа што Србите во СХС ни го правеле со сила сега ние си го правиме сами.P.S не сум вмровец туку македонофил и хуманист воопшто.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: