Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ГOPДИEBИOT JA3OЛ KAKO APXETИП

with 5 comments

Ова не е воопшто толку комплициран јазол како гордиевиот, ама ете никако не знаеме да го одврземе

Каде лежи изворот на неуништливоста на Б.Ц и зошто сите кампањи насочени против неговиот лик и дело се темелно погрешни и контра-продуктивни? Кои се причините поради кои во одредени делови од светот крвната одмазда никако да исчезне како обичај? Зошто банките бараат високи камати за кредитите што им ги даваат на граѓаните и на фирмите? Како да се поттикнат инвестициите, зошто криминалците водат расипнички животи, зошто не треба за грешките во одредени професии да има превисоки казни и конечно, каква врска имаат сиве овие работи една со друга и со легендарниот чин на сечење на јазолот што го извел пред многу векови Александар Велики?

1. Приказната за јазолот: секој што барем малку знае за животот и делата на Александар Велики ја знае и приказната за тоа како тој го решил фамозниот Гордиев јазол. Приказната има неколку верзии, а една од нив вели дека во Мала Азија си имало еден град по име Гордион, во тој град имало некој значаен храм во кој имало една запрежна кола врзана за еден столб при што врзувањето било изведено со еден екстремно сложен јазол кој што јазол од што бил толку екстремено сложен никој не знаел како да го одврзе и со тоа да ја извлече колата од храмот надвор.

Оти толку многу комплицирано се покажало одврзувањето на јазолот, се развила цела легенда околу потенцијалниот одврзувач на јазолот, која легенда велела дека оној маж што ќе се најде што ќе успее да ја реши загатката на јазолот ќе биде благословен од боговите кои ќе му дадат натприродна подршка да ја освои цела Азија.

Многумина мажишта поминале низ Гордион и многумина пробале јазолот да го отплеткаат, ама никој не успеал. Сѐ додека во тој град и во тој храм не дошол македонскиот освојувач Александар, синот на Филип, кој сфаќајќи дека јазолот нема да може да го отплетка, со удар со својот остар меч едноставно ги пресекол јажињата од кој бил составен јазолот, и откако ја истуркал запрежната кола надвор од храмот со еуфорија бил поздравен од насобраните македонски војници кои од тој миг станале апсолутно убедени дека и боговите се на нивната страна во нивниот воен поход.

Многу слична легенда на онаа за Гордиевиот јазол како извор на моќ е легендата за кралот Артур кој успевајќи да го извлече мечот од каменот (нешто што никому пред него не му успеало) добил божествено право да стане крал. Слична е и легендата за Светиот Грал, пехарот од кој што оној што ќе се напиел добивал вечен (или барем многу долг) живот, а бидејќи бил скриен тој пехар, оној што ќе го најдел по многу перипетии и премрежија, со самото тоа што ќе ги преживеел сите тие авантури ќе докажел дека е достоен за таквата чест – да живее вечно (т.е. долго).

Бидејќи Гордиевиот јазол е присутен во една или во друга форма во многу легенди, тој според таа логика преставува архетип. И како таков, може да ни помогне да објасниме некои навидум сосема неповрзани работи.

2. Кој ја плаќа оштетата: замислете си дека сте столар кој што има приватен столарски дуќан во кој произведувате само столови. Да речеме дека во годината произведувате околу две илјади столови и сите ги продавате по пет евра парче. (примеров е многу поедноставен за да се долови суштината)

Да речеме дека од тие две илјади стола, 1999 столови сте ги направиле добро и тие нема да се скршат никогаш, без разлика како и да се седне врз нив, ама ете еден сте го утнале и тој се скршил кога некој седнал на него. Тој при падот се повредил, и морал во болница да плаќа за терапијата, па кога ќе оздрави, ве тужи и бара вие да му ја платите не само сметката за терапијата ами и штетата за нанесениот душевен бол.

Нема да навлегувам во тоа дали треба или не треба да се досудуваат оштети за душевни болови, тоа е сосема друго прашање. Прашањето е кој ќе ја плати таа оштета.

Која да речеме судот ќе ја досуди да биде десет илјади евра. Знаете кој ќе ја плати? Вашите муштерии, ете кој. Со тоа што ќе плаќаат за секој стол повисока цена.

Ако продавате вие 2.000 столови по пет евра секој, тоа значи дека во текот на годината ќе имате приход од 10.000 евра, кои ви се доволни да ги покриете производните трошоци и да обезбедите пари за сопствената плата и за данокот.

Ама со можноста еднаш годишно да морате за оштети да давате по десет илјади евра, вам ви се оптоварува бизнисот со дополнителен трошок. За да го покриете тој трошок ќе морате тие две илјади столови да ги продавате по 10 евра парче. Пет евра од цената на секој стол ќе оди за производните трошоци, за платата ви и за данокот, а уште пет евра од секој продаден стол ќе одат за вашиот „фонд“ за можните пресуди за оштета.

Принципот на Гордиевиот јазол тука јасно е изразен: место да се секирате и да се нервирате околу секој стол дополнително за да се осигурате дека ама баш ниту еден нема никогаш да се скрши (а еден од две илјади сигурно ќе го утнете, колку и да се трудите), едноставно ќе го пресечете тој гордиев јазол со зголемување на цената на секоја единица од финалниот производ.

И така, во конкретниот пример, за да се заштити душевниот мир на еден незадоволен купувач, сите други купувачи ќе бидат принудени да плаќаат двојно повисока цена од реалната цена за која може да се произведе еден стол. Во западните држави каде што за дефект во автомобилот, техничките апарати или зградите во кои живеат и работат луѓето можат да го тужат производителот, во цените на сите тие производи се вкалкулира и дополнителна сума за да се покријат сите евентуални трошоци од таквите тужби.

Се разбира дека право да тужи и да добие оштета за дефектен производ треба да има секој купувач. Ама, никогаш не треба да се заборави кој навистина ја плаќа оштетата. И затоа тие оштети никогаш  не треба да бидат преголеми.

3. Високи камати за кредитите: кај луѓето на кои им требаат пари постои едно убедување дека банкарите се едни многу зли луѓе, едни алчни гниди и вошки и пијавици кои едвај чекаат да им дојде некој наивен барач на кредит и тие веднаш да го поробат со нивниот кредит на кој ќе му стават една безобразно висока камата.

Ако човек одбива малку да подразмисли за ова прашање, сигурно ќе се согласи со вкоренетата заблуда дека банкарите се криви за високите камати. Ама, ако се има на ум архетипот на Гордиевиот јазол, сосема друга испаѓа логиката.

Еве вака: ако банкарите им дадат на своите клиенти кредити во условите на нашиот економски и правен систем, тие ризикуваат после некое време, кога ќе треба да се врати кредитот, да мораат да потрошат многу пари за да го наплатат тој кредит. Или пак, воопшто да не успеат да го наплатат кредитот, доколку клиентот е фирма која пред да отиде во ликвидација, ќе го раскрчми својот имот, па нема да остане ништо за наплаќање.

Воедно, поради кусогледата монетарна политика на нашата Народна Банка, која за да го држи курсот на денарот нереално висок ѝ создава од година во година на нашата економија сѐ поголем и поголем дефицит во трговијата со странство, банкарите постојано живеат во страв дека денарот ненадејно еден ден ќе доживее девалвација и со тоа парите што им ги позајмиле тие на клиентите нема да ја имаат истата вредност кога ќе бидат вратени, дури и со камата.

Овој страв делумно го покриваат со девизната клаузула во договорите за кредит (земаш денари, а враќаш денари колку што вределе тие денари во евра кога си ги зел, се разбира со плус камата).

Е затоа, од тој пусти страв од неможноста да се наплати кредитот поради сложените бирократски процедури, правни лавиринти и неефикасната администрација, и дополнително поради стравот од девалвација, банкарите се принудени за да ја заштитат својата инвестиција да бараат високи камати. Што и да се случи, ќе има доволно приход од каматата за да се покријат сите потенцијални бирократски трошоци и непријатни монетарни изненадувања.

Ако сакаме пониски камати, треба да постапиме како Александар со јазолот: не да се обидува централната ни банка да го штити курсот на денарот кој ќе го може да го зачува сѐ додека не пукне балонот на трговскиот дефицит па една вечер да си легнеме сите со курс од 62 денари за едно евро и утредента да се разбудиме со курс од 162 денари за едно евро. Воедно, со поедноставување на процедурите, за да се обезбеди полесна наплата на кредитот и реализирање на хипотеките, нема да имаат банките потреба да планираат дополнителна камата за покривање на евентуалните трошоци при тужби, за извршители и слично.

4. Зошто нема инвестиции: нешто слично на претходната точка може да се каже и за немањето на инвестиции во земјава. Па како да ги има кога потенцијалниот странски инвеститор не знае дали земјиштето на кое планира да гради хотел, фабрика или бензинска пумпа е баш негово откако ќе го купи или можеби поради нерасчистени имотно-правни односи утре ќе мора пак дополнително да плаќа за него на оние сопственици за кои не знаел на почетокот на зделката дека постојат?

Од таму, соочен со ризикот да се заплетка во бирократските јазли, инвеститорот едноставно ја отпишува Македонија како премногу несигурна од правен аспект и оди да инвестира во друга држава. И таму да отвори фабрика, таму да отвори нови работни места, таму да дели плати, таму да плаќа даноци…

А нам не ни текнува бирократскиот јазол самите да го пресечеме и конечно на секој потенцијален вложувач да му понудиме чиста ситуација со чисти и јасни и едноставни правила на игра.

Нешто слично имаме и со работните односи, кои и покрај тоа што пред некоја година ги поедноставивме со новиот закон за работни односи според кој газдата на приватна фирма може да вработува и отпушта во својата фирма кого сака без да се плаши од административни и правни компликации, сеуште се непотребно прекомплексни.

Оти, ние не би биле Македонци ако не играме оро по принципот „еден чекор напред, два назад“ па сега веќе е во процедура предлогот за донесување закон за спречување на мобинг на работното место. Поглупа од оваа идеја нема, барем кога се во прашање работните односи, а зошто е тоа така имам објаснето во колумната „Трн во здрава нога“.

Накусо, идејата во неа е дека ако сакаме да привлечеме инвеститори кои ќе отвораат нови работни места не треба да ги плашиме со можноста утре да бидат тужени од работниците што ќе ги вработат. Убаво е да се има заштитени работници од мобинг, ама ако некој вложувач треба да избере каде ќе инвестира, дали кај нас што штитиме, или кај некои други што не штитат, сигурно ќе ги избере другите.

Џабе што човек е заштитен од мобинг на работното место, кога со истиот тој закон е „заштитен“ и од можноста да добие работно место воопшто.

5. Криминалците, расипништвото и алчноста: ако човек се занимава со криминал, да речеме продава дрога или ограбува банки, тој за кусо време ќе може да собере еден куп пари во својот џеб, толку многу што нема веќе во џебовите да му ги собира. Или пак, можно е (и далеку пореално!) при некоја „зделка“ да добие куршум в глава од некој мафијашки конкурент или пак од полицијата да биде „лишен од живот“ кога ќе пружа вооружен отпор при обидот за апсење.

Со други зборови, денес си жив, утре може не. Ризикот е огромен, а и профитот исто така, па ако сакаш брзи пари, ќе мораш да го прифатиш тој ризик. И затоа нема смисла за еден успешен криминалец да живее пристоен, културен, мирен живот. Оти ако го живее, нема да може да заработува многу пари. А ако е „откачен“, ќе може да заработи многу пари, ама ќе може да „заработи“ како што беше кажно погоре, и куршум во главата.

Па така, кога веќе и онака е практично осуден на смрт поради начинот на кој заработува за живот, секој поактивен криминалец мора да постапи како Александар со јазолот и едноставно да престане да се секира и да почне да ужива во животот додека може, со полна пареа. Коцкање, лесни жени, пиење скапи вискија, брзо возење со брзи коли…

Не дека се криминалците алчни и расипнички предодредени да бидат, ами тоа е единствениот логичен заклучок од таа професија. Не вреди да се секираш за иднината, оти живот што го живееш е толку многу ризичен што најверојатно и нема да имаш иднина.

Сличен мотив ги води и луѓето кои се збогатиле во услови на големи општествени промени, и по екстензија кај луѓето што на власт дошле во време на бурни случувања, како на пример граѓанска војна или државен удар. Хаосот никогаш не може да трае премногу долго, и порано или подоцна редот и поредокот ќе се вратат и можеби тие што уловиле многу во матното ќе треба да објаснат од кај им се парите и моќта.

Па затоа, секој ловец во матно е најпаметно да ги потроши своите пари и да ја искористи својата моќ колку што може понеограничено додека му се може, затоа што не знае што го чека утре. Или, ако навистина е доволно паметен да сфати дека еден ден бурата ќе престане, а тивко мирно ветре ќе почне да дува, сѐ што украл на време ќе си префрли во странските банки, на сигурно, во некоја држава каде има ред и закон и каде што ќе може на мира на стари години да си ужива во богатството.

Од таму, реално да збориме, сите муабети во Македонија за некаква си ревизија на приватизацијата или за преиспитување на начинот на кој богатите се збогатиле, се штетни за развојот на државава, оти тие луѓе никогаш нема да ги вратат назад парите и да ги инвестираат ако стравуваат дека државата ќе им ги земе.

Не навлегувам во тоа дали е праведно или не е да се амнестираат апашите од транзицијата, тоа е друго прашање, главно од морален карактер. Меѓутоа факт е дека тие нема да ги донесат парите назад од швајцарските и кипарските банки каде им лежат сѐ додека не станат сигурни дека парите никој нема да им ги земе тука поради ревизија, преиспитување и слични работи.

Амнестијата за транзициските профитери и апаши можеби не е праведна, ама сигурно е практична. Па мислам дека доколку не успеваме да ги убедиме странците да инвестираат (погоре објаснето зошто) можеби е најпаметно да го пресечеме гордиевиот јазол за нашиве богаташи и да ги прогласимме за застарени и ништовни сите можни и потенцијални тужби за сите транзициски дубари. Како што реков, не е праведно, ама е практично.

6. Крвна одмазда: ако Џони го убие Енди во Ванкувер, Канада, прилично големи се шансите канадската полиција да го најде Џони порано или подоцна, и врз основа на доказите, да обезбеди тој да помине долго време во затвор како казна за своето злодело.

Од друга страна, ако Башким го убие Шкљз’м во некое планинско село во Северна Албанија или Јужно Косово или Западна Македонија, шансите тоа злосторство институциите на системот да го санкционираат се, поради сплет на околности, толку минимални што се практично никакви.

Од таму, за да се избегне хаос во општеството каде што секој ќе може да го убива секого, во Канада, Америка, Англија и во другите цивилизирани држави, доволни се полицијата и судовите. Ама во државите каде што не постои ефикасен систем за одржување на редот и законот, тој општествен мир мора да се одржува со помош на обичајот за крвна одмазда.

Можеби Башким и Шкљз’м ќе се мразат меѓу себе и ќе си имаат бурни расправии, ама Башким ќе внимава да не го „упука“ Шкљз’м оти ќе знае дека со тоа ќе го навлече врз себе гневот на фамилијата на убиениот. Кој гнев нема да биде насочен само кон него, туку и кон неговото семејство. Па така, со обичајот на крвна одмазда, дури и другите членови на семејството на Башким ќе имаат силен мотив да внимаваат на својот брат, братучед, син, внук, да го контролираат да не забега премногу. Нешто што, во старите времиња, кога албанското општество било релативно изолирано во горенаведените планински региони, било доволно да го сочува редот и мирот меѓу луѓето.

На времето, за еден убиен од едно семејство се барало само да биде убиен еден член на другото семејство (по можност баш убиецот) и тука престанувала крвната одмазда. Но во поново време, достапноста до моќно автоматско оружје, до многу пари поради криминални активности и поради искуството од животот во западните земји, некои семејства се чуствуваат премногу моќни за да важи и за нив традицијата, па крвната одмазда го доби својот денешен лик – циклус на непрекинато насилство кој никако не престанува.

И тој обичај нема да престане сѐ додека не се цивилизираат до крај териториите во кои живеат Албанците, и конечно да профункционираат правната држава и редот и законот и таму.

*

Конечно, за неуништливоста на Бранко: последнава точка не мислев да ја пишувам, но поради актуелноста на аферата „Надеж“ во која е вмешан бившиот ни претседател на државата и особено поради начинот на кој се води вмровската кампања против неговиот лик и дело морам да ја споменам во колумнава, оти баш има врска со принципот на Гордиевиот јазол.

Оти, со избивањето на оваа афера не му се нарушува рејтингот на Бранко, туку напротив, му се зајакнува! А на Груевски му се намалува рејтингот со тоа што го напаѓа Б.Ц за криминал и не успеава да го дотолчи. Како така?

Е па, кој бре тоа од оние што гласаат за СДСМ искрено „смета и верува“ дека Бранко е еден „чесен и поштен“ човек? Никој, оти дваесет години е во политиката. Па зошто гласаат за него? Е па затоа што постои силен впечаток дека Бране е еден заебан играч кому никој ништо не му може, дека тој знае да се снајде во секоја ситуација и никој не може да го казни за ништо што ќе направи, па макар колку и да било тоа против-законско и очигледно. Со други зборови, луѓето кои го подржуваат Бранко тоа го прават оти сметаат дека Бране може да им се најде во мака и да им заврши работа кога ќе комуницираат со системот.

Па со аферата „Надеж“ вмровците баш тоа го докажуваат за точно! Дека Бране навистина е толку јак фраер што успеал да лапне пари, сега тоа си го признава и пак никој ништо не му може. Значи, и покрај тоа што според вмровците има еден куп докази за криминалот на БЦ нему влакно не му фали, што е доказ дека „Бане е еден заебан играч кому никој ништо…“ што баш е изворот на неговиот рејтинг.

Каква врска има ова со Гордиевиот јазол? Па, во држава со неверојатно комплексен систем како нашава што е, од кој политичар ќе имате поголема директна корист: од оној што може да ви заврши работа оти е искусен фраер и знае да се снајде дури и кога е во опозиција, или од оној што и покрај тоа што е на власт и во раце ги има сите институции и ги поседува сите докази за некој апашлук – ништо не може да стори?

Накусо, ако македонскиот правен, административен и воопшто општествен систем е Гордиевиот јазол, Бранко таков каков што е, е мечост на Александар кој може да го пресече тој јазол и да му овозможи на подржувачот на Б.Ц да си заврши работа во бизнисот, судовите, медиумите, образованието и тн.

Ако навистина сакаат вмровците да го уништат БЦ, место да го „тупат“ неговиот меч, можеби би требало да го пресечат самите еднаш засекогаш горе-опишаниот јазол со драматично кратење на бирократијата и со темелни реформа во секоја сфера. Ама, ако се зафатат со тоа, најверојатно нема да им остане доволно време за градење на триумфални капии и за поставување статуи на шмизли…

.

П.С: Знам дека денешнава колумна беше долга, ама како што гледате еден куп работи покри таа. Наредниот четврток очекувајте ја колумната „Уште неколку заблуди за долговите“ која ќе биде продолжение на колумната „Неколку заблуди за долговите“.

До четврток, поздрав😉

5 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. бране е нашиот чак норис!😀

    yo blow

    19/11/2010 at 20:41

    • Хах, ја знаеш онаа за Чак Норис: „Солзите на Чак Норис лечат рак, само за жал, тој никогаш нема заплакано“

      Така и со Бране: „Кога Бранко не е на власт, Македонија напредува, само за жал, Бранко секогаш е на власт, дури и кога не е“

      Или за Чак онаа: „Чак Норис не прави склекови, тој ја турка планетата Земја надолу“

      За Бане би било: „Бранко никогаш не се симнува од власт, тој само ја менуав раката со која ги влече конците“

      Поздрав🙂

  2. Чек… ти всушност велиш дека ВМРО и Грујо се слуги на Бранко…ај напиши една колумна за тоа ако веќе немаш


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: