Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ УШTE HEKOЛKУ 3AБЛУДИ 3A ДOЛГOBИTE

with 4 comments

Денешнава колумна е продолжение на колумната од пред неколку месеци со наслов „Неколку заблуди за долговите“ која ја објавив кога беше актуелен финансискиот колапс на Грција. Во неа зборував дека ако Унијата ја спаси грчката презадолжена влада, подоцна ќе мора да ги спасува и другите држави-борчлии со уште повеќе пари. Деновиве, токму тоа се случува со Ирска, а наскоро на дневен ред ќе дојдат и  Португалија и Шпанија.

1. Кој (не) го урива еврото? Стандарната теорија на заговор вели дека во ЕУ и економиите на нејзините членки сѐ си беше убаво до пред една година, си имаше многу пари, ефтини кредити, буџети полни со социјални расходи за високи плати на државните службеници и пензии за пензионерите, за субвенции за земјоделците, плус и за капитални инвестиции, но одеднаш – како гром од ведро небо – на лошите и алчни банкари од Вол Стрит им текна да го нападнат еврото како валута која му конкурираше на доларот за светска доминација.

Обрнете внимание на зборовите „напад“ и „доминација“. Небаре еврото е невина жртва во некоја си војна за некаква си превласт. Ништо не може да е подалеку од вистината!

Јапонија има валута која се вика „јен“ и во последниве неколу децении за горе-доле околу сто јени можевте да купите еден долар. На прв поглед, ако јенот е сто пати послаб од доларот би требало да очекуваме дека и јапонската економија е сто пати послаба од американската. А тоа не е точно, оти стандардот на просечниот Јапонец е ист, па во некои аспекти и повисок од оној на просечниот Американец.

Од друга страна, валутите на земјите богати со нафта од Персискиот залив се појаки од доларот (фамозниот кувајтски динар за кој можете да добиете три-четири долари) а појака од доларот е и британската фунта и сеуште еврото. Па сепак, стандардот на просечниот Американец е повисок од стандардот на граѓаните на наведените земји со посилни валути од доларот.

Што кажува тоа? Дека во борбата за некаква си „економска моќ“ нема врска колку ви е јака валутата, туку колку ви е јака економијата. При што под економија се мисли на развиена индустрија, трговија, финансиски сектор, услуги и тн.

Ако на злите американски финансиски стратези им пречат земјите со силна валута, па треба прво да ја удрат британската фунта и кувајтскиот динар, оти тие се појаки од еврото. Воедно, зошто би се нервирале (како што се нервираат) истите тие Американци за вештачки слабиот кинески јуан, кога ете нели, што послаба валута, тоа помала моќ имала државата?

По таа логика, ајде да видиме зошто слабее еврото во последниве месеци? Дали тоа некој го напаѓа со цел да ја уништи Европа или можеби е друго, далеку попрозаично објаснување во прашање.

Грција должи 400 милијарди евра. Моментално ѝ се итно потребни 110 милијарди, оти ако не ги добие, ќе мора да прогласи банкрот. Европската Унија собра солидарно 110 милијарди евра од богатите членки и почна да ѝ ги дава на Грција. Фино, ама потоа Ирска се јави со долгови што не може да ги врати. Ајде и за Ирска се најдоа неколку десетици милијарди евра. После Португалија ќе се јави со долг, па и за неа ќе треба евра, а истото важи и за Шпанија и Италија. Па можеби и за Белгија (ако не се распадне таа држава во меѓувреме).

Прашањето што секој инвеститор си го поставува е: „од кај бре толку евра ќе најде Унијата за сите долгови да ги покрие?“ Или ќе ги позајми, што само ќе биде префрлање на долговите од земјите-членки врз Унијата која и онака мора пак од своите членки да ги земе некогаш за да ги врати кредитите, или… ќе ги испечати тие пари, тие евра.

Е па, ако Унијата за да најде доволно евра за сите свои потреби мора да почне да ги печати, тоа значи дека ќе создаде инфлација, што значи дека наскоро секое поединечно евро ќе вреди помалку (како во последните години на СФРЈ). Ако со двеста евра сте можеле да купите на берза тон жито, догодина со двеста евра ќе можете да купите само 800 килограми, на пример.

Злите и ални банкари од Вол Стрит не ги печатат еврата, туку послушните банкари од Европската Централна Банка ги печатат еврата по наредба на европските лидери кои имаат потреба да ги покријат долговите што ги направиле со неколку децении погрешна економска политика. Е па кој навистина го урива еврото?

2. Кредит со кредит не се враќа: замислете дека сте пијани и дека имате потреба да се отрезните. Како ќе се отрезните? Со пиење на уште едан литар вино?! Сигурно не.

Можеби ќе треба да повраќате, а можеби и на студен свеж воздух да излезете. На крајот и едно кафе ќе мавнете, ама утре пак ќе ве боли цел ден главата. На времето, се препорачувало и пиење расолница, особено добра за разбивање на мамурлукот.

Но, ајде некој да им го објасни ова на премудрите политичари од презадолжените европски земји. Имено, еве да ја земеме Грција за пример: должат еден куп пари и сега за да вратат дел од старите долгови (тие што доспеале за враќање) ќе се задолжат со нови кредити А кога ќе дојде ден и тие кредити да се враќаат веројатно си мислат и тогаш дека ќе земат кредити за да ги вратат сегашните. И така до недоглед.

Тоа е еквивалент на пиењето за отрезнување. Што не функционира, оти нема смисла, а нема смисла и враќањето на кредитите со земање на нови кредити.

Еве проста математика: во 1980та година една држава земала кредит од 10 милијарди долари со камата од седум посто годишно, што значи дека во 1990та ќе треба да врати 20 милијарди, што пак значи дека треба да земе нов кредит од 20 милијарди долари. Само за да го врати оној од пред десет години.

Ќе го земе тој нов кредит, ќе го врати стариот, ама сега должи дваесет милијарди. Тоа значи дека во 2000та ќе мора да врати 40 милијарди долари, што значи дека треба и нив да ги позјами, и ако каматната стапка е истата ќе мора во 2010та да врати 80 милијарди долари. Кој ќе и позајми толку многу пари?

Една работа е да отидете кај комшијата и да му побарате една шолја шеќер, а друга е да побарате една вреќа шеќер да ви позајми.

При тоа, да не заборавиме дека само првите десет милијарди биле земени и потрошени во економијата. Сите други кредити се земени чисто за да се врати тој првичниот кредит и кредитите земани потоа за да се врати тој кредит.

3. Кој им е жирант на жирантите? Кога ќе отиде некое весело друштво во кафеана, и ќе фатат сите да пијат, барем еден од нив мора да остане колку-толку трезен, за ако затреба потоа да ги одвезе до дома другите или барем до некое такси да ги допрати.

Ако сите се напијат, кој ќе ги држи пијаните под мишка да не паднат на пат за дома?

Во сегашниот глобален финансиски систем, трезниот треба да е Меѓународниот Монетарен Фонд, кој ако некоја држава падне во монетарна криза ќе ја помогне со кредити дури таа не заздрави и застане пак на свои нозе.

Бидејќи ММФ освен што помага со кредити бара и одредени реформи да се изведат (за да нема нови кризи во иднина) тој е сметан за премногу строг спасител, па често државите се крајно незадоволни со препораките негови за економски реформи.

Во случајот со Грција за да се избегне строгоста на ММФ се создаде еден европски гарантен фонд, нешто што во суштината е како ММФ ама само за земјите од евро-зоната. При што и овој европски фонд е строг и бара реформи, ама не е баш толку строг како што е меѓународниот фонд.

Со други зборови, гарантниот фонд му доаѓа нешто како жирант на државите кои не можат да земат кредит на берзите оти никој не им верува дека ќе можат да го вратат. Па се јавува жирантот како гаранција дека тој ќе го натера должникот да ги врати парите утре, а ако должникот е ептен без пари, жирантот ќе ги врати место него.

Но, ако се сетиме на првата точка и на прашањето од кај ќе се најдат доволно евра за сите долгови да се вратат, се поставува прашањето: кој гарантира за гарантниот фонд“. Кој да им позајми на тие позајмувачи на пари? Кој е трезниот во друштвото пијаници?

Наводно, тоа треба да биде Германија. Но, што ако на Германците им дојде преку глава од тоа да плаќаат за грешките на другите?

Настрана фактот што давањето финансиски гаранции ги поттикнува луѓето и државите да се однесуваат уште понеодговорно. Тоа се вика moral hazard (најсоодветен превод на терминов на македонски би било „неограничена неодговорност“).

Кафеанска аналогија би било: ако еден човек оди сам да пие, тој ќе пие малку, оти ќе знае дека никој нема да го држи под мишка кога ќе оди накај дома. Но ако знае дека некој ќе биде трезен, тој ќе лока без мерка, оти колку и да се напие, некој ќе има што ќе му го „чува грбот“.

4. Кратењето на буџетските расходи не е лошо за економијата: гледајќи дека нема пари во буџетот за 14ти плати, субвенции за чување на ноеви, бесплатно факултетско образование и покачување на пензиите секоја година, повеќето европски влади започнаа да ги укинуваат тие бенефиици за своите граѓани.

Па се смалуваат плати, се укинуваат субвенции, се замрзнуваат пензии, се воведуваат школарини, мерки против кои низ цела Европа се протестира од страна на оние што ќе останат без тие бенефиции.

Логиката на демонстрантите е многу јасна, оти тие ќе останат без пари. Но, логиката е сосема нејасна на оние економисти кои велат дека кратењето на буџетските расходи лошо ќе одрази врз економијата.

Оти, следејќи ја кејнзијанската логика, тие велат дека ќе се отвори така спиралата на економскиот пад: имено, кога луѓето ќе замаат помали плати, тие ќе имаат помалку пари да трошат во продавниците, а тоа значи дека ќе има помали приходи за трговците, што значи помали приходи за производителите, што пак значи помалку пари за да им дадат тие плати на работниците во фабриките… шта пак значи дека овие ќе имаат помалку пари за трошење во продавниците, што значи уште помал промет за трговијата, а што значи уште помал профит за производителите, што значи уште помали плати… и така до дно!

Е затоа, велат тие експерти, не смее да се кратат буџетските расходи. Напротив, треба државата баш сега во криза да го зголеми своето трошење и со тоа да ја стимулира економијата.

Зошто оваа логика е бесмислена имам објаснето во точката „државата ќе ги чести граѓаните, но кој ќе ја чести државата?“ од колумната „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“.

Кафеанската аналогија би била иста со насловот на таа точка: во ниту едно кафуле или кафеана нема никогаш навистина гратис-пијачка. Секоја испиена капка алкохол гостите ќе си ја платат, или преку скапата влезница во клубот, или преку поскапите други пијачки, после првата која е „гратис“.

Куќата чести, ама кој ја чести куќата?

*

Своевремено, во периодот по крајот на Шпанската граѓанска војна и пред почетокот на Втората светска војна, во Париз за време на еден елегантен прием, амбасадорот на нацистичка Германија се сретнал со Пабло Пикасо, кој пак бил авторот на сликата „Герника“ во која бил насликан масакарот од бомбардирањето на гратчето со тоа име во северна Шпанија од страна на германските воени авиони за време на војната.

Амбасадорот го запрашал Пикасо: „Вие сте Пикасо, вие сте авторот на Герника?“ на што сликарот намуртено му возвратил на амбасадорот на хитлеровата влада: „Не господине. Вие нацистите сте авторите на ,Герника’, јас само го насликав вашето дело“.

Тоа истото може да им го кажат сите брокери, банкари и финансиери на европските граѓани кои деновиве плукаат врз нив и ги сметаат за виновни за кризата. Не се виновни тие за проблемите на европските држави, ами граѓаните кои со децении редовно избираа демагози на власт и цело време одбиваа да се едуцираат за основните принципи на економијата си се самите виновни. И сега токму тие ќе ги сносат последиците.

Што си сеел тоа ќе жнееш.

.

П.С: Текстот кој е дел од илустрацијата на денешната колумна се неколку стихови од песната на една моја пријателка, која што има цел блог полн со остроумни песни. Баш песната од која се земени стиховите имала најверојатно некоја лирска-емотивна-романтична смисла, ама убавината на добрата поезија е токму во тоа што може да се толкуваат нејзините пораки на најразлични начини, во зависност од бараниот контекст. За илустрација, една друга песна од истата авторка се користи со економски термини за да опише – сентиментални чуства.

П.П.С: Наредниот четврток очекувајте ја колумната „Ирационални верувања“. Во неа ќе стане збор за некои начини на гледање на светот што преовладувале во средниот век, и за кои сме убедени дека се далеку зад нас, ама ако подобро размислиме и погледнеме под површината ќе видиме деке и денешните генерации веруваат во слични такви, не велам глупави, ама сепак ирационални верувања.

До четврток, поздрав😉

Written by nenobogdan

02/12/2010 at 19:29

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Благодарам за укажаната чест Нено🙂
    имаше еден добар виц за долговите…. и за тоа како се вртат парите (нема да ставам линк до текстот туку ќе го ископирам тука)
    ————————–
    „Живеам во мал приморски град. Сите сме во долгови до гуша. Туристичката сезона е еднаква на нула – нема никој, никој не доаѓа, никој не се најавува да дојде.

    За Велигден, изненадно, кај Мате во пансионот, дојде еден американец. Бара апартман. Има слободни, нормално!

    Американецот остави $100 долари на рецепција, зеде клуч и отиде да го разгледа апартманот. Мате ги зграпчи парите и истрча кај месарот да му го врати долгот за купеното месо.

    Месарот ги зеде парите и отиде да му плати на добавувачот. Овој уште побрзо истрча до фармата за да му плати на селанецот за прасето, долг кој го влече уште од Божик.

    Селанецот ги зел парите и истрча до локалната „меракликa“ која веќе подолго време му давала на кредит и му се заканила дека ќе почне да му врачунува и камата.

    Меракликата дотрча кај Мате во пансионот за да плати за собата, долг од минатата година. Мате ги зеде парите, а американецот се симна во истиот момент и кажа дека не му одговара апартманот. Мате му ги врати неговите 100 долари и американецот си отиде.

    Сите во нашето место заклучија дека иако не беше некоја голема заработка од оној американец, сепак барем сите успешно си ги вратија долговите и нема причина за грижа.“

    Поздрав🙂

    oksimoron

    03/12/2010 at 18:34

    • Убава анегдота🙂

      Јас ја знам во друга верзија, ама ова твојава е поконцизна.

      А што се однесува до укажаната чест… ми беше чест да ти укажам чест😉

  2. Како млад амбициозен неодамнадипломиран инжинер агроном направив земјоделски бизнисплан и септември 2008 година зедов 185000 денари кредит од државната програма за самовработување, паралелно аплицирав со мојата ново основана фирма на државен тендер за доделување на државно земјоделско земјиште со понуда од 3550 денари/хектар за површина од 9 хектари или вкупно 31950 денари годишен закуп би добивала од мене државата. За жал земјиштето за кое конкурирав го добив во владение ноември 2010 со што изгубив 185000 денари плаќајки придонеси 2 години џабе, а земјиштето било необработено и не произведувало, а тоа не е се плус сум должен 185000 денари на државата за кредитот или вкупно државата ќе ми земе 370000 денари, а не ми даде ниту шанса парите да ѓи вложам во обработка на земјиштето.
    ЕТЕ КАКО ДРЖАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА СОЗДАВА ДОЛЖНИЦИ КОН ДРЖАВАТА КОИ ЕДВАЈ ЧЕКААТ ШАНСА ДА ЈА НАПУШТАТ, А ЗЕМЈАТА ЌЕ СТОИ НЕОБРАБОТЕНА

    лично

    12/12/2010 at 23:38

    • А исто ќе се случува и со кредитот од 400 милиони долари што ММФ треба да и го даде на владата наша.

      Прво ќе ги земат нашиве мамлази парите, па ќе почне да им тече каматниот период, а две три години нема да знаат да склопат проекти, па ќе дремат без везе парите во лер, оти нашите премудри административци нема да знаат да се снајдат.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: