Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ГЛACHИ ПOPAKИ OД TИXИOT OKEAH

with one comment

Ова не се некои „чупи костурчанки“ туку три девојки од Хаваите, членки на некое тамошно културно-уметничко друштво кои изведуваат танц од нивниот фолклор

Бидејќи како општество си имаме изградено силна традиција на интелектуална мрза и информативна ограниченост, склони сме да си замислуваме дека некои наши проблеми се само наши т.е. уникатни. Дека никаде во светот никој друг не страда од такви болки во историскиот развој како ние тука што си страдеме и патиме. Ама, тоа не е баш така. Во денешната колумна, ќе стане збор за неколку острови во Тихиот Океан кои се по некои нешта, ептен слични на нас.

1. Самоа и спорот за нејзиното име: за нашиот спор со Грција околу нашето име знаеме сѐ, и за сѐ во тој спор ние сме во право, освен за една работа: тоа не е единствен случај во светот каде што на една независна и суверена држава не ѝ се дозволува самата да си го избере името под кое ќе ја признаваат другите држави.

Имено, постои уште една таква држава, а таа се вика, според нејзиниот устав, Независна Држава Самоа. Арно ама, владата на САД одбива да ја признае под тоа име и инсистира на име со географска одредница – Западна Самоа. Причината поради која ова се бара е за да се избегне забуна со една територија под американско владение која исто така се вика Самоа (поточно Американска Самоа), ама која не е дел од државата Самоа.

И во двете Самои живеат Самоанци, и оние Самоанци кои живеат под американска власт се вознемирени од желбата на нивните соседи од некогашна Западна Самоа да го отфрли географскиот префикс од името, оти на тој начин ќе биде загрозено правото на источните Самоанци да се чуствуваат и тие како припадници на самоанскиот народ.

Зошто не се обединат во една држава, ќе прашате, ако се еден народ? Е па затоа што оние од Независната Држава Самоа се првите воопшто Полинезијци кои стекнале независност и престанале да бидат колонија уште во 1962та, откако цел век поминале под управите на Германија, Англија и на крај на Нов Зеланд. И на тоа се многу горди.

Оние пак од Американска Самоа исто така цел век се под американска управа и од тоа имале до сега многубројни економски поволности, па никако не сакаат да се откажат од нив. Освен тоа, кај нив најпопуларни спортови се кошарката и бејзболот, а кај независните им сонародници крикетот и фудбалот.

И така, проблемот си тлее веќе со децении и никакво решение за името не е на повидок. Се разбира, тоа не им пречи ни на едните ни на другите да соработуваат на секој можен план, за разлика од страните во еден друг спор за едно друго име, во еден друг дел од светот.

2. На кој од двата народи му припаѓа Фиџи? Недалеку од Самоанските острови постои еден архипелаг во чиј состав има многу малечки островчиња и два поголеми, Вануа Леву и Вити Леву, и на тој архипелаг со територија нешто помала од територијата на Македонија, се протега државата Република Фиџи која има околу 800 илјади жители.

Од овие осумстотини илјади луѓе околу 55% се етнички Фиџијанци, а околу 40% се етнички Индијци. Етнички Фиџијанци можеби ќе имало и повеќе, ако во текот на деветнаесетиот век, под изговор дека на островите живеат човекојадци, Британците не испоубиле огромен број од домородците, и откако им ја конфискувале земјата на оние племенски главатари кои се спротиставувале на колонизацијата, основале свои плантажи на кои како земјоделски работници донеле луѓе од Индија.

Потомците на тие луѓе се денешните етнички Индијци во Фиџи, а потомците на оние домородци кои го преживеале воспоставувањето на британското ропство се денешните етнички Фиџијанци. Патем, не постојат практично никакви докази дека навистина биле домородците канибали, бидејќи сите податоци за тоа доаѓаат од записите на британските колонизатори. Кои имале интерес да најдат изговор тие примитивни луѓе да ги „цивилизираат“ (со тоа што ќе ги испоубијат и ќе им ја украдат земјата). На сличен начин Грците на времето ја „цивилизираа“ Егејска Македонија.

Како и да е, во 1970та година, Фиџи стекнува независност и од тогаш почнуваат проблемите меѓу двата најголеми етникуми. Индијците биле верни слуги на британските колонизатори и по таа основа кога дошла независноста практично сета економска моќ била во нивни раце. А со тоа и политичката моќ, па иако премиерите на Фиџи биле сите етнички Фиџијанци, тие зависеле во парламентот од гласовите на партиите на етничките Индијци, со кои влегувале во коалиции за да ги блокираат своите политички ривали од другите етнички Фиџијански партии.

Оваа траело сѐ до 1999та кога за прв пат премиер станал етнички Индиец, настан што од темел ги потресол етничките Фиџијанци, кои сфатиле дека конечно дошло време да се престане со меѓусебните кавги и да се обединат околу стратегија за национален спас. Па така, само една година откако дошол на власт Индиецот, бил извршен воен удар и власта ја презеле пак етничките Фиџијанци.

И до ден денеска, и покрај неколку излети во демократизација на државата, сеуште политичката и воената моќ се цврсто во рацете на етничките Фиџијанци. А Индијците постепено се иселуваат од таму, гледајќи дека нема надеж никогаш повторно да ја преземат доминацијата.

Каква врска има ова со нас? Е па, Индијците иако биле малцинство, поради тоа што имале подршка од странска сила (Британија) и се држеле меѓу себе успеале да се наметнат врз мнозинскиот народ. Сѐ додека припадниците на мнозинскиот народ не сфатиле на кое дереџе стигнале и дека ако не престанат да се караат меѓу себе и не се обединат, пак ќе ја изгубат својата татковина како што им се случило на нивните предци.

Е каква врска има ова со нас де?

3. Островот Науру и неговата мизерија: за овој мал остров кој што сепак и покрај својата маленкост е независна и суверена држава пишував во колумната „Науријци“. Оние што ја имаат прочитано веројатно се сеќаваат на многубројните сличности што Науријците ги имаат во нивната сегашна економска мизерија со нас, Македонците, со нашата економска мизерија.

Не би сакал да се повторувавм, па затоа накусо би додал дека иако меѓу нас и Науријците нема ама баш никаква географска, етничка, генетска, историска и политичка врска, сепак поради одредени клучни сличности во економската политика сме стигнале и ние и тие практично од истиот очаен резултат на економски план.

Тоа само докажува дека економските законитости важат секаде и дека игнорирањето на нивните начела секогаш ќе доведе до сиромаштија. А тоа нѐ води до следната точка:

4. Каква врска имаат Велигденците со Илинденците? Островот кој се вика Велигденски Остров не е независна држава, ами е под управа на Чиле, но некогаш, пред да го освојат колонизаторите, тој бил не само независен, туку и прилично просперитетен.

Толку многу просперитетен, што за разлика од сите други домородци на сите други острови во Пацификот, оние од Велигденскиот Остров создале вистинска цивилизација, од која денеска најпознати остатоци се големите камени статуи кои привлекуваат туристи од целиот свет.

Денешното население на островот живее во најголем дел од приходите од туризмот, и на прв поглед можеби ќе си помислите дека предците на денешните Велигденци биле во право кога сметале свовремено додека ги граделе статуите и монументалните споменици, дека по тоа идните генерации ќе се сеќаваат на нив.

Ама тоа не е точно, оти домородното население на тој остров речиси сосема било уништено и денеска многу малку од жителите на островот имаат значително потекло од оние кои ги граделе статуите на кои денеска им се восхитуваат туристите.

А не дека домородците биле истребени од некоја странска инвазија, таман работа. Самите си биле криви за колапсот на цивилизацијата им, и како главна причина за тоа било – токму градењето на статуите.

Имено, иако имале развиена цивилизација, тие немале пристап до метали и не тргувале со другите острови во Пацификот, па како главен економски ресурс биле шумите, со кои првобитно целиот остров бил покриен. Од нив добивале огрев, материјал за изградба на куќите, плодовите и листовите ги користеле во исхраната и производството на облека соодветно, а и рибарските чамци ги делкале од дрвја.

Арно ама, во еден период од нивната историја, домородците ги зафатило некое неразбирливо лудило, па си помислиле дека најбитна работа е да почнат да поставуваат статуи и други монументални камени споменици по плажите на островот им, веројатно со цел нешто да остават зад себе по што идните генерации ќе ги паметат.

Изградбата на овие тотално бескорисни статуи и споменици била екстремно скапа активност, изразено во ресурси, оти захтевала употреба на многу дрвја, од кои се правеле валјаците и скелињата со кои се транспортирале и поставувале статуите.

Во текот на неколку децении, опседнати со желбата да постават што е можно повеќе статуи и величествени споменици, домородците буквално си ја исекле гранката на која седеле. Велам буквално, оти ги исекле сите дрвја и со тоа им снемало материјали за градежништвото, за греење, за чамци за риболов. Тотален банкрот.

Па почнале да гладуваат, што пак довело до граѓанска војна во која разните групи се бореле да воспостават контрола врз неколкуте преостанати ресурси, па со тоа населението на островот било драматично намалено.

Кога европските морепловци го откриле островот (на ден Велигден во 1722та, по што му го дале и името на островот), ги пречекале многубројни монументални статуи, ама малубројни изгладнети домородци.

Во текот на деветнаесетиот век, колонизаторите донеле работници од Перу и Чиле да чуваат овци (тревата останала како единствен ресурс), од кои работници некои се ожениле со домородните девојки и нивните потомци денеска себеси се сметаат за потомци на градителите на камените статуи, иако можеби од 16 или 32 предци пред четири (односно пет) генерации, едвај еден ако бил домородец.

Се чини, инвестирајќи ги сите ресурси за оставање на статуи со кои ќе гордеат идните генерации, градителите на статуите не оставиле доволно ресурси за да постојат идни генерации кои би се гордееле со тие споменици.

И каква врска со нас, потомците на Илинденците и актуелни градители на Триумфални капии, има оваа приказна за потомците на градителите на монументалните статуи од Велигденскиот Остров?

*

Конечно, за „култот кон товарот“: на некои зафрлени мали острови во Тихиот Океан во текот на неколку децении после Втората светска војна се изведувале чудни религиозни ритуали при кои вернициите создавале долги и релативно широки патеки низ џунглата од чија површина ја отстрануавале сета вегетација и на чиј крај подигнувале од бамбусови прачки објекти кои изгледале како авионски хангари и радарски кули, а во комбинација со долгите патеки, сето тоа од далечина потсетувало на воен аеродром.

Какви што имало многу на тие острови во текот на Втората светска војна кога Американците изградиле по еден аеродром на скоро секој остров, со цел полесно да ја снабдуваат својата флота низ Пацификот која тогаш војувала со Јапонија.

Додека траела војната, на секој остров каде што имало аеродром, Американците имале и своја воена база со многу војници кои пак во интеракцијата со домородците, им подарувале предмети (огледала, ножеви, слатки, алкохол) какви што домородците никогаш немале претходно видено.

Откако завршила војната, аеродромите станале бескорисни, па биле напуштени, објектите демонтирани, пистите оставени да ги покрие пак вегетацијата, а си заминале и војниците, а со нив и немало веќе кој да им дава подароци на домородците.

Тие ништо не знаеле од технологија, географија и геостратегиски прашања, па во обид да разберат што се случувало тие неколку години, дошле до заклучок дека војниците и нивните подароци дошле на островите поради аеродромите, и дека ако сакаат домородците пак да се вратат луѓето што носат подароци, ќе мораат да ги обноват тие објекти.

И од таму, се развиле на практично сите острови на кои имало воени аеродроми, такви култови кон товарот, чија главна цел била да ги обновуваат аеродромите (со тие примитивни материјали кои им биле на располагање) со цел да овозможат подароците кои доаѓале како дел од товарите на воените авиони да се вратат пак и пак да има огледалца, ножеви, слатки и алкохол за домородците.

Нормално, ова нам цивилизираните луѓе денеска ни се чини апсурдно, но што разбирале тие примитивни домородци кои до 1941та немале видено ни авион, ни подморница, ниту пак бели луѓе?

Е, такви култови кон товарот си имаме и ние во Македонија. За нас, улогата на товар полн со подароци за домородците ја имаа кредитите што западните земји им ги даваа на Југославија, а она што беше крајот на Втората светска војна за домородците од тихо-океанските острови, за нас беше крајот на Студената војна.

Откако пресушија подароците, домородците продолжиле да градат „писти“ надевајќи се дека ќе се вратат подарувачите и нивните подароци. Ние пак, откако ни пресушија кредитите, градиме евроатлански интеграции од каде што се надеваме дека ќе доаѓаат пак ефтини кредити и странска помош.

Домородците биле премногу примитивни и не сфаќале дека светот се променил. Се разбира, после неколку децении модерната цивилизација и до нив допрела, па веќе не се активни „култовите кон товарот“.

Кога тоа ние ќе излеземе од примитивната состојба на умот и духот ни и ќе сфатиме дека треба да се откажеме од нашиот „култ кон товарот“ и да почнеме да се потпираме самите на себе и на сопствените сили?

.

П.С: Колумнава беше вонредна, ја напишав по барање на една читателка на која многу ѝ се беше бендисала колумната „Науријци“ и која ме потсети на приказната за Велигденскиот остров како уште еден остров од Тихиот Океан од кој можеме да извлечеме битни поуки. Мене ми текна и за други два острови и – ете се создаде колумна. За која се надевам дека ви беше интересна и поучна.

Во четврток навечер, во редовниот термин, очекувајте ја најавената редовна колумна „Ирационални верувања“. До тогаш поздрав😉

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Патем, ова со култот кон товарот, му псолужило како инспирација на еден германски писател за да ја објасни сличноста меѓу древните египетски пирамиди, зигуратите во Месопотамија и оние пирамидите во Централна Амеррика што ги изградиле Маите и Ацтеките.

    Имено, според неговата теорија, пред неколку илјади години на нашата планета наминале вонземјани кои им давале подароци на луѓето и откако си заминале вознемјаните засекогаш, примитивните луѓе почнале да градат разни објекти и да вршат чудни церемонии и ритуали со желба, слично на домородците од култот кон товарот, да направат да се вратат вонземјаните.

    Постепено заборавиле на вонземјаните како вонземјани и почнале да ги сметаат за богови, а објектите што ги граделе постепено се трансформирале во храмови.

    Еве линк до првиот од деветте клипови од тој многу интересен документарец. Другите клипови побарајте ги на јутјуб:


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: