Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ИPAЦИOHAЛHИ BEPУBAЊA

with 6 comments

Бидејќи живееме денеска во едно модерно време со едни модерни технологии, би се очекувало да имаме и едни модерни сфаќања кои би немале врска со заблудите и догмите на едно далечно минато. Е арно ама тоа не е така, оти и денеска има многу луѓе, и тоа од сите слоеви на општествената хиерархија кои сеуште веруваат во истите глупости во кои верувале неуките луѓе од минатите епохи. Како на пример:

1. Алхемија во економијата: на времето, во периодот што ние го викаме среден век, многу луѓе сметале дека доколку во еден сад стават одредена количина од некој релативно ефтин метал (како на пример олово), и тој метал го посипат со некоја чорба од некои специјални тревки зготвена, и проговорат неколку волшебни зборови врз тој сад, оловото ќе се претвори во злато!

Навистина интелигентни луѓе пробувале навистина најразлични комбинации на ефтини метали, специјални тревки и волшебни зборови за да дојдат до злато – ама никогаш не успеале во своите намери. Таквите луѓе се нарекувале алхемичари, а она што го правеле, нивниот напор да се дојде до злато се нарекувал алхемија.

За среќа, експериментирајќи со разните состојки, случајно алхемичарите понекогаш знаеле да откријат и корисни нешта. На пример, многу киселини, бои, лакови и лекови биле производ на разните алхемичарски обиди да се дојде до благородни метали. Подоцна, како што напредувало сфаќањето за суштината на материјата, интелигентните луѓе сфатиле дека од олово никогаш не може да добие злато, барем не со технологиите достапни во тоа време. (во денешно време, со помош на посебни нуклеарни реактори кои го цепат атомот и пак го составуваат може да се добие злато од било кој елемент, ама процесот е премногу скап, па таквото злато е економски неисплатливо)

Алхемијата полека згаснала препуштајќи ѝ ги здобиените знаења и експериментални методи на хемијата.

Е арно ама, во полето на економијата до ден денешен има луѓе кои размислуваат алхемичарски, па се убедени дека „од олово може да се добие злато“. Што значи тоа?

Еве, баш деновиве на глобално ниво е актуелен случајот со Бен Бернанки, шефот на американската централна банка, кој упорно оди по американските медиуми убедувајќи го американскиот народ дека тоа што институцијата со која тој раководи во наредните шест месеци ќе создаде 600 милијарди нови долари (со печатење и во електронска форма), воопшто нема да има за последица создавање на инфлација што ќе го обзвредни доларот, ами напротив, тоа ќе биде добро за економијата, оти новите пари ќе значат ново богатствто кое ќе може да се троши и инвестира.

Е тоа е модерен алхемичар, како што впрочем централните банкари секаде се: ќе земе некоја безвредна хартија, ќе отпечати на неа шарени слики и букви и бројки и оп – таа хартија ќе ја нарече „пари“ на соодветната држава и одеднаш државата е побогата! Од безвредно олово во скапоцено злато.

Таква алхемија пробаа на времето на овие простори алхемичарите од Народната Банка на некогашната СФРЈ во последната деценија од нејзиното постоење кога веќе почнаа да пресушуваат кредитите од Запад. Навистина искрено веруваа социјалистичките банкари дека со печатење пари ќе го спречат економскиот колапс на Југославија.

И во Македонија во првите неколку години по осамостојувањето имавме инфлација, оти тогашните наши „народни банкари“ уште си живееја со умот во мрачното доба, барем што се однесува до монетарните работи. Поради големата инфлација народот не ѝ веруваше на сопствената валута, па од тогаш ни остана навиката сите позначајни цени да ги изразуваме во германски марки и подоцна во евра.

Бидејќи веќе одамна немаме монетарни шокови во земјава, би си помислиле дека алхемичаризмот веќе не се практикува во лабораториите на нашата Народна Банка. Ама, тоа би го помислиле само ако не знаете што се тоа „благајнички записи“.

Имено, кога граѓанин оди во обична банка и таму депонира милион денари, подоцна таа банка му ги дава тие пари како кредит на некој бизнисмен кој ги инвестира, прави профит, и на банката ѝ враќа два милиона денари после неколку години, од кои банката му дава милион и пол денари на граѓанинот што вложил (главнина плус камата), а остатокот го зема како свој приход банката. Не е толку едноставен процесот, ама во суштина е тоа и има смисла. Некој бизнисмен мора да инвестира за да се зголемат парите.

Арно ама, кога обична банка ќе отиде во Народната Банка и ќе вложи милион денари во благајнички записи, Народната Банка тие пари едноставно ги држи во својот сеф и не ги позајмува. Со тоа ја „стега“ монетарната политика. После неколку години на обичната банка ќе ѝ врати два милиона денари. Тој едниот милион не е дојден од некој бизнисмен кој инвестирал успешно па вратил кредит. Јок, тие пари се – од ракав истресени, оти Народната Банка едноставно ги испечатила и ги пласирала во економијата како дел од „олабавувањето“ на монетарна политика.

Петнаесет години кај нас Народната Банка преку благајничките записи ја креира монетарната политика, и петнаесет години, сите цени раснат постојано и невработеноста не се намалува, и петнаесет години никому не му текнува дека со монетарна политика не може да се поттикне раст економијата.

Алхемичарите се сеуште меѓу нас, и сеуште се обидуваат од олово да направат злато.

2. Еликсир на младоста во медиумите: имало во древните времиња и алхемичари кои не ја барале тајната за претворање на оловото во злато, ами се раководеле со далеку повозвишени цели – имено, ја барале тајната на вечниот живот.

Бидејќи да се живее вечно, а да не се биде вечно млад значи да се биде вечно стар – а тоа никој не сака – потрагата по тајната на вечниот живот всушност била потрага по тајната на вечната младост. А како резултат на таа потрага, верувале трагачите, требало да се најде еликсирот на младоста.

Во суштина тоа било некакво овошје, корен, тревка или напивка која штом ќе се конзумирала, на оној што ја испил т.е. изел му обезбедувала здравје, виталност, енергија, потенција, сила и остар ум за век и векови.

Сериозни луѓе, од калибарот на кинески цареви, индиски махараџи, турски султани и римски императори финансирале многубројни експедииции за барање и наоѓање на еликсирот на вечниот живот, но се разбира никогаш не бил пронајден тој еликсир.

Огромни суми се трошеле, а како главни луѓе во тие експедиции редовно биле разни белосветски хохштаплери и вешти преваранти кои од владетелот добивале неброени богатства убедувајќи го дека нивните напори ќе му донесат на спонзорот вечен живот.

Во денешно време, моќните и влијателни луѓе не си го губат времето со преваранти кои им ветуваат вечен жвиот. Денеска моќните и влијателни луѓе си го губат времето со хоштаплери кои им ветуваат висок рејтинг и бесконечна популарност!

Спинот и пропагандата се новите еликсири на вечниот политички живот. Се разбира, она што е младоста во однос на животот (периодот во кој имаш најмногу сила), тоа е власта во однос на политичката кариера, па на политичарите медиумските преваранти им ветуваат вечна младост т.е. вечно владеење.

Понекогаш, било ветувано и подмладување ако спонзорот веќе бил стар човек, па денеска еквивалент на тоа е – враќање на власт, ако спонзорот е во опозиција.

А сѐ се тоа глупости. Како што некогашните еликсири на младоста не му додале никому ниту еден единствен ден повеќе младост или дури и живот, така и пропагандата денеска е безвредна. Не е бесценета, оти си има цена и таа е многу голема и се мери во милиони евра за реклами и спинување, ама нема вредност.

Во 2004та во Македонија имавме референдум на кој 450 илјади луѓе излегоа да гласаат. Во 2008та имавме избори на кои за „патриотската опција“ гласаа истите тие 450 илјади луѓе и плус нешто Роми, Срби и Турци од другите партии во коалицијата. Ако утре се одржат избори, за владеачката партија која тогаш ги доби тие 450 илјади гласови од патриотското гласачко тело би гласале едвај 350.000 луѓе. А во меѓувреме, таа владеачка партија потроши за спин и пропаганда десетици милиони евра. За џабе, очигледно.

Истото може да се каже и за опозицијата. И покрај упорното пропагирање на нејзините идеи од страна на скоро сите медиуми – никако бре тие идеи да станат прифатени од гласачите и рејтингот значително да им се крене на, условно кажано, „предавниците“.

Значи, власта фрла десетици милиони за себе-рекламирање и рејтингот полека ѝ паѓа. Опозицијата ги има на своја страна скоро сите медиуми и рејтингот не ѝ расне. Па да се праша човек – која е ползата од сиот тој спин?

Колку што некогашните цареви и кралеви виделе аир од трагањето по еликсирот на вечната младост, и покрај огромните суми што ги трошеле за тоа, толку и сегашните моќници имаат фајде од трагањето по еликсирот за вечната популарност и висок рејтинг, и покрај огромните суми што ги трошат за тоа.

3. Уроците како заговори: стандардната легенда вели дека по некое патче си одела некоја стара баба и се сопнала некако и паднала во ендекот кој минувал паралелно на патчето. Не можела да излезе од тој ендек, но за среќа баш во тоа време минувале по патчето некои деца и бабата побарала од децата да ѝ помогнат да излезе. Но, тие гледајќи ја како лежи беспомошно во ендекот само презриво ѝ дофрлиле неколку навреди на сметка на нејзината возраст и си продолжиле по патот.

Бабата налутено ги проколнала односно ги урочила, па на децата кога дошле дома почнале да им се случуваат баксузни работи. Те болести, те смртни случаи, те несреќи – сѐ тоа поради клетвите на бабата на која одбиле да ѝ помогнат.

Во такви глупости какви што се ефикасноста на клетвите и урочувањето од страна на стари баби верувале скоро сите луѓе некогаш. И денеска има проста раја што во тоа верува, ама тие се малку.

Денеска верувањето во моќта на клетвите е заменето со верувањето во теориите на заговор. А стандардната теорија на заговор не е многу поразлична од приказната за бабата погоре раскажана.

Имено, вели легендата, Џорџ Буш во својство на претседател на САД бил на некој самит во Букурешт и таму побарал од едни грчки политичари да дозволат Македонија да стане членка на НАТО. Е арно ама, оти Буш бил стар (т.е при крајот на мандатот му) тие Грци немале страв од него и со презир ја одбиле неговата молба да не ставаат вето на приемот на Македонија во НАТО.

И Буш налутен за тоа ги „проколнал“ грчките политичари и цела Грција од тогаш остана урочена, па еве денеска две години по самитот во Букурешт им се случуваат сѐ саде баксузи. Те економски колапс, те улични немири, те катастрофални шумски пожари… сѐ е тоа масло на ЦИА која ги казнува Грците оти решиле на времето да му кажат „не“ на американскиот претседател.

Е тоа е објаснувањето што за проблемите и страданијата на нашиот јужен сосед си го имаат многу, премногу, македонски граѓани. И искрено веруваат во тоа.

Зошто теориите за заговор немаат смисла имам зборувано оддамна, во колумната „Заговор или изговор“. Зошто не треба да се гледа на актуелните економски проблеми на Грција низ призмата што ни ја сервираат нашите неписмени новинари зборував во колумната „Неколку заблуди за долговите“ која неодамна доби и свое продолжение. Кој не ги прочитал нека ги ѕирне тие колумни.

Овде само би додал дека главниот товар што на плеќи го носи Грција се 400те милијарди долари јавен долг, кои долгови не го спопаднаа нашиот јужен сосед како цунами од мирно море, ами капка по капка се таложеа во изминативе три децении.

Така да, и да му кажеа „да“ и да му кажеа „можеби“ на Буш во Букурешт, пак ќе си имаа сега Грците 400 милијарди долари долг и пак ќе беа во истата каша во која се сега. Оти, во економијата грешките се како во шахот: сѐ што се случува гледате пред вас како се случува, нема никакви тајни, ама на крајот пак ако не сте играле паметно – мат ќе ве стрефи. За тоа, повеќе имам пишувано во колумната „Покер или шах“.

Кога човек ќе мавне неколку лути ракии на екс и ќе седне зад воланот и ќе се тресне во некое дрво после првата кривина, тоа не е бидејќи некој го урочил или проколнал – ами бидејќи возел пијан.

4. Крунисувањето како признавање: уште од мугрите на древните цивилизации, владетелите секогаш тврделе дека нивната власт е легитимна оти им ја дале дозволата да владеат никој друг туку семоќните богови.

Владетелот на древниот Вавилон, кралот Хамураби кога го напишал својот славен законик наредил да се исклеса во карпа сцена на која е прикажан богот на Сонцето како му го дава законикот на Хамураби, за потоа Хамураби да им го даде законикот на обичните луѓе.

Во средниот век, ниту еден крал или цар не си ја ставал самиот круната на глава при чинот на крунисувањето, ами тоа го правел „во името на бога“ главниот свештеник (патријарх или папа) на религијата во која верувал владетелот. Во нашата историја, познат е примерот со Самуил на чие крунисување за цар имало присутни преставници на папата од Рим кои му донеле посебна повелба (официјално писмо) во кое папата го благословил тој чин на крунисување.

Дури и денеска, кога некој политичар ќе ја преземе должноста премиер или претседател или министер, тој дава – свечена изјава. Нема никакво практично значење изјавата (баш затоа е и свечена), ама ете таков е адетот. Па и во комунизмот се даваа свечени заклетви, иако системот беше атеистички и не признаваше постоење на никакви виши сили.

Таквите адети се остаток од времето кога морало за да се има легитимитет во владеењето некаков „благослов“ од некоја Виша Сила.

Таа желба да се добие признавање од некој друг на сопственото природно право на постоење е најсилно видлива во нашата опсесија да бидеме признати, дали како држава, дали како автокефална Македонска православна црква, дали како народ со свој јазик, историја, култура, традиции. Сеедно, не можеме да се ослободиме психолошки од таа заблуда дека некој мора да нѐ признае, оти ако не сме признати, демек исто како да немаме право да сме тоа што сме.

Дали пилето бара дозвола од некого да се испили? Дали лавот бара дозвола од некого да биде лав? Дали Македонецот треба да бара од некого дозвола да биде Македонец?

Ако самите себе сме се признале… кој друг имаме потреба да нѐ признава?

.

П.С: За прашањето од последниот пасус на денешната колумна имам напишано посебен текст со наслов „Автопортрет“ кој текст ќе го објавам наредниот четврток. Насловот на колумната доаѓа од фактот што големите сликари кои биле сигурни во својот уникатен талент никогаш не дозволувале некој друг сликар да ги слика, ами секогаш самите си го сликале својот портрет.

Таа колумна ќе биде објавена наредниот четврток, а дотогаш, ако ви се допадна денешната, ѕирнете ја мошне сличната на неа колумна со наслов „Страшни работи“.

До четврток, поздрав😉

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Да вчера Љубе Трпески на паричник рече дека Бен Бернаке е генијалец.. Ќе му се смее народ за некоја година..

    Очигледно економскава наука има изгубено допир со реалноста..

    Томислав Најдовски

    11/12/2010 at 19:54

    • Читав во една колумна од еден познат економист наш пред две три години, каде тој го нарече Ален Гринспем – монетарен волшебник.

      Баш така, волшебник.

      Алхемичар, со други зборови.

      Велам јас – луѓето уште веруваат во средновековни заблуди.

  2. „Ако самите себе сме се признале… кој друг имаме потреба да нѐ признава?“
    ете така, стопати побрзо ќе не признаат (штом толку сакаме) и почитуваат ако сами си се почитувами и си ја градиме државичкава како треба, отколку со цимолење…
    а, пак, кога веќе ја спомна и црквата, што па тие толку имаат мерак да се признаеи од соседниве цркви… за да учествуваме на некакви си собори ли…?!

    Мартинка

    13/12/2010 at 00:23

    • Почитувај се сам себе, за да те почитуваaт и другите.

      А што се однесува до црквата, стварно не можам да ги сфатам, спремни се да му свртат грб на својот народ, само за да им се додворат на некои што и онака не ги ценат.

      Садомазохизам?!

      Веќе имаме шизофренија во ставот „сакаме и име да сочуваме, ама и ЕУ да не прими“, страдаме од параноја во однос на Бугарите, комплекс на пониска вредност во однос на Србите, па ништо чудно и садомазохизмот да е едно од пореметувањата на нашата национална психа.

      Па па, па, ова последниов пасус би можел во колумна да го развијам. Само ми фали уште едипов комплекс (сме си ебале мајката!) и неколку фобии да најдам.

  3. АААА…Бернанке не е случајен човек и не кажува работи што не треба да ги каже…Зарем сериозно мислиш дека не знае што прави…God damn’ it…типот е директор на највисоката финансиска институција во Светот…

    • Тоа што некој е на висока функција не го прави непогрешлив.

      Докази колку сакаш. Почни од Дариј III кој бил цар на Персија кога таа била на врвот на нејзината моќ и богатство, па сепак начисто се поебал против Александар, губејќи ги сите битки и власта и главата на крајот, па оди до Џорџ Буш кој иако беше претседател на САД сепак никој не тврди дека беше генијалец.

      Луѓето што се на висока позиција сепак – се само луѓе.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: