Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ABTOПOPTPET

leave a comment »

Добило ли пиленцево од надлежните институции дозвола за испилување?

Во нашиот секојдневен јазик постои една силна стигма врз термините како „самопрогласен“ и „самонаречен“, зборови кои генерално ги поврзуваме со оној страшен термин „ароганција“. Почнувајќи од тоа како луѓето се збогатуваат или стануваат популарни, преку тоа како доаѓаат на власт, па сѐ до тоа во што веруваат, обичните луѓе во нашата земја имаат силна предрасуда против ароганцијата. Па толку ли е тоа страшно, да се биде арогантен?

1. Новопечени, ама тешко сварливи: се мисли тука на новопечените богаташи, луѓе кои своето богатство не го наследиле од родителите им, ами самите (вака или онака) успеале да го стекнат со свој труд и напор.

Ништо пострашно нема во нашето општество од тоа да те сметаат за новопечен богаташ. Штом си новопечен или „скороевич“ (како што велат Србите и обожавателите на нивниот јазик меѓу Македонците) тоа по автоматизам означува дека богатството си го стекнал на некаков нечесен начин.

Импликацијата од тоа е дека нема ништо нечесно во тоа да наследиш пари од татко ти кој тие пари ги украл, ама срамота е самиот да ги украдеш. Што е многу чудна импликација. Која пак објаснува зошто многу Македонци никогаш не би се согласиле Србија да ја земе нашата држава под свое владение (и пак да бидеме Јужна Србија „као што смо били некада“) ама немаат никаков проблем со тоа Србија да ја земе пак под свое владение територијата на Република Косово.

Како што објаснив во точката „кој ги признал признавачите“ од колумната „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“ буквално колку што е праведно Србија да го земе пак Косово, исто толку е праведно да ја земе и територијата на Република Македонија. А барем за второто, знаеме дека ич не е праведно.

Но, многу Македонци тоа не го сфаќаат. Да, во средниот век српските „владари“ владееле и со Македонија и со Косово, и да, во 1912та година српските војски ги освоија и Косово и Македонија. И да, и во Македонија и на Косово мнозинство се не-Србите и да, со помош на војна и успешен вооружен бунт и Македонија (во 1944та) и Косово (во 1999та) тргнаа на патот кон конечна самостојност. И како тоа нашиот случај е различен од косовскиот?

Но да се вратиме на новопечените богаташи. Во политичка смисла новопечни богаташи се вмровците, а „стари пари“ се аристократите (поточно, феудалците) од СДСМ. Оти овие првите сега се дојдени на власт и не го наследиле своето место во општеството од нивните моќни родители. Во културна смисла, новопечени се турбо-фолкерите, кои сите тие се имаат пробиено самите со својот талент низ многубројните кафански настапи, и токму затоа се популарни меѓу народот – оти знаат што на народот му е убаво.

Луѓето кои се новопечени богаташи морале за да се збогатат да бидат паметни доволно за да сфатат што народот сака и тоа да му го продадат. Турбо-фолкерите морале за да станат популарни да знаат што народот сака да слуша и таква музика да му свират и пејат. Нашите десничари дојдоа и сеуште се на власт оти знаат што народот сака – заштита на националното достоинство и ефикасна и чесна власт.

Кога тоа ќе го заборават (а веќе покажуваат знаци на силна амнезија) ќе станат исти како аристократите од ес-де-ес, кои сеуште веруваат дека власта и моќта природно им припаѓаат и дека не мораат со ништо да ја заработат, оти како што тате им обезбедил десетки на факултет кога студирале и потоа функции во партијата и државата, така сега и меѓународната заедница ќе им овозможи пак да се вратат на власт.

2. Ние сме си наши и ние ќе решиме кој е наш: во Кина, како што сите знаеме, моментално е во тек период на економски бум, при што, водечки сили во тој економски бум се – капиталистите. Кинески претприемачи кои имаат свои фабрики и кои на чисто капиталистички начин ги управуваат тие фабрики и создаваат огромни профити.

Истовремено, додека Кина е преполна со капиталисти кои практикуваат „див“ капитализам, со земјата сеуште владее партија која се нарекува самата себеси буквално „Партија за колективна сопственост“ термин што веќе осумдесетина години се преведува во западните јазици како Комунистичка Партија.

Па се поставува логичното прашање: „каква е таа комунистичка партија (за колективна сопственост) која целата држава со која раководи ја базира врз принципот на приватна сопственост и капитализам?“

Некои комунисти од Европа им го беа упатиле пред некоја година баш тоа прашање на кинеските комунисти на што добија еден екстремно арогантен одговор, но сосема валиден во логичка смисла: „Ние сме комунисти и ние ќе одлучиме што е тоа вистински комунизам. Да, точно, имаме ние кај нас приватна сопственост и капитализам, ама кои сте па вие да ни кажете нам дека и тоа не е еден вид на комунизам“.

Во наша денешна Македонија многу актуелно е прашањето со Македонската православна црква и нејзините обиди да стане таа дел од големото семејство на православни цркви (во кое членуваат српската, грчката, руската…). А тие, повеќето, барем официјално, не ја признаваат Македонската православна црква ни за македонска, ни за православна, ниту пак за црква.

И тоа е во ред, оти се разбира дека тие се суверени во својата надворешна политика и ако не сакаат да нѐ признаат нас за Македонци и за православни, тогаш и не мораат. Но прашањето е – зошто ние бараме воопшто признание од нив?

Дали МПЦ ќе добие финансиска помош од другите православни цркви? Дали тамошните верници ќе станат членови на нашата црква? Дали можеби ќе има техничка помош од нив при изградбата на православни храмови тука? Не.

Па која е поентата да се бара воопшто признание од другите православни цркви. Доволно е македонскиот народ да ја признае МПЦ за своја црква. Ако тоа македонскиот народ го прави во најголем дел, и ако од донациите на македонските верници се финансира црквата, и ако од страна на македонските верници се регрутираат свештениците и монасите – тогаш што е целата смисла на барањето на признание од другите „сестрински“ православни цркви?

И да нѐ признаат и да не нѐ признаат, што ни менува тоа од финансиска и кадровска гледна точка. Апсолутно ништо. А само тие две полиња навистина имаат бил какво практично значење.

3. Терминот „легитимна револуција“ не е оксиморон: редовните читатели веројатно се сеќаваат на колумната „Оксиморонштини“ во која беше практично покажано што значи терминот од насловот на таа колумна.

Имено, ако „оксиморон“ е фраза (најчесто составена од два збора) во која едниот збор го негира по смисла другиот збор (ладен оган, сува вода, светла темнина, громогласна тишина), оксиморонштина е цела една реченица која како целина е противречена самата на себе („вистинското лице го покажуваат само кога носат маска“ или „толку е очигледно што никој не може да го види“).

Од таму, секоја револуција, како обид за насилно уривање на поредокот, е по дефиниција нелегитимна, па затоа „легитимна револуција“ како термин, на прв поглед делува како оксиморон. Соодветна оксиморонштина би бил извикот на револуционерите: „ние немаме никакви права, но затоа имаме право да се избориме за нашите права!“. Ако немаат никакви права, значи дека немаат никакви права, па следствено ниту право да се борат за да се стекната со некои права, нели?

Ама ете, како пилето во илустрацијата на денешната колумна, и тие го имаат природното право да постојат и да живеат како слободни луѓе. Поосновно право од правото да постоиш нема, ниту може да има, затоа што од тоа право произлегуваат сите други права. Ако не постоиш, џабе сите права на сѐ, ако едноставано те нема на светов.

Низ историјата, ниту една власт никогаш не им признала на своите поданици дека имаат право да војуваат против неа во револуција или востание. Арно ама, никогаш ниту еден востаник или револуционер не се срамел од тоа што е востаник или револуционер.

Континуитетот во владеењето е само начин да се каже дека претходната власт ја признава сегашната власт, што е одлика на секоја демократија. А дисконтинуитет во владеењето значи дека претходната власт не ја признала сегашната власт дури и откако таа со сила ја соборила.

Прашањето е: кој ја признал првата власт? Во Америка, на времето тамошните жители се кренале на востание против британската власт и откако ги поразиле во неколку битки британските војски, британската влада сфаќајќи дека нема ќар од водење понатамошна војна, од чисто прагматични причини ги признала за легитимни институциите на САД. Сигурно, да не ги изгубела битките со американските колонисти, Британија никогаш немало да им го признае правото на независност.

Од таму, секоја револуција станува легитимна во тој момент кога ќе победи. Ако револуцијата не победи, тогаш не е легитимна. Барем не во очите на оние што не ја признаваат. Во очите на оние што ја кренале револуцијата, таа е легитимна од старт.

4. Кој го крстил кумот? Како што знаеме, кога како мали бебиња ќе нѐ крсти кумот, од тој миг и официјално стануваме христијани. При тоа, црковните канони најстрого забрануваат некој човек што не е христијанин да го врши крштевањето, што е логична апликација на принципот „да те пушти внатре да влезеш може само човек што веќе самиот е внатре“.

Но кој го крстил мојот кум? Неговиот кум, очигледно. Кој го крстил пак него? Неговиот кум. А него – неговиот кум. И така, секој денешен христијанин си има непрекината кумовска врска до првиот кум, кумот на сите кумови, првиот кој вршел крштевање, библискиот лик Свети Јован Крстител. Но, кој го крстил пак него?

Според Библијата, тој бил крстен и со тоа добил легитимитет да крштева други, директно од Светиот дух т.е од Бога. Арно ама, Јован го тврдел тоа, но немало никој да посведочи. Па од кај знаеме ние дека тој навистина добил директно од Бога право да крштева. Ако тој лажел, ако тој измислувал, тогаш сите крштевања што тој ги извршил се нелегитимни, и сите луѓе од него крстени немале право да крштеваат други луѓе, кои потоа немале право да крштеваат други луѓе, и така, ако Јован лажел – денеска нема ниту еден христијанин легитимен.

Но, тука доаѓа во сила принципот од денешната колумна: кога човек одлучува да стане кум нечиј, тој прифаќа без доказ – значи верува – дека основните принципи и догми на верата се точни и следствено, дека Јован не лажел, ами ја кажувал вистината.

Затоа секоја религија се нарекува уште и вера. Оти верникот кој ја прифаќа таа религија верува дека основните нејзини принципи се точни. И без разлика што другите ќе му кажат, тој верува. Дали другите околу него веруваат или не, не е битно. Дали другите му признаваат дека има право да верува не е битно. Со самото тоа што тој верува, тоа значи дека има право да верува, оти тоа е дел од неговиот идентитет – што пак е друго име за правото на постоење, кое е нели основното природно право.

*

И така, дојдовме до нашиот спор со Грција за името. Многу научници од многу реномирани светски универзитети застанаа пред некоја година зад тврдењето на Грција дека ние, Македонците што самите себеси се нарекуваме Македонци немаме врска со Македонците кои живееле во антиката и самите себе се нарекувале Македонци. Некои овдешни политичари тоа го зедоа како уште еден аргумент во нивниот повик ние да попуштиме во спорот со Грција. Но самиот аргумент е килав и бесмислен, ако се има во предвид принципот од денешната колумна.

Сликарот слика портрети на луѓе, но кој го слика портретот на сликарот? Дали сликата нема да биде портрет на сликарот ако другите сликари му кажат дека тоа не е портрет?

Ние треба нашата историја и археологија да ја проучуваме и истражуваме не за да им покажеме на другите кои сме и што сме, туку за нас самите. Тие се четките и боите со кои ние го сликаме нашиот национален автопортрет. И како што ниту еден сликар кој што е сигурен во својот талент не бара некој друг да му го признае за портрет автопортретот, така и ние нема зошто да бараме подршка од „знаменити научници и историчари од реномирани светски универзитети“.

Само луѓето кои немаат самодоверба имаат потреба од тоа некој да им каже што се и колку вредат. Оние што веруваат во себе, самите себе се признаваат и тоа им е доволно. Ако ние самите себе сме се признале за Македонци, кој друг имаме потреба да нѐ признава за Македонци?

.

П.С: Во понеделник, како своевиден анекс на денешнава колумна ќе го објавам текстот „Психопатлиџан“. Насловот е кованица од зборовите „психопат“ и „патлиџан“ при што патлиџанот асоцира на македонското општество. Колумната ќе зборува за психолошките пореметувања кои би се дијагнозирале кај денешна Македонија, да беше општествово наше личност.

Во четврток, пак во редовниот термин, ќе биде објавена колумната „Театар“. До тогаш, поздрав😉

Written by nenobogdan

16/12/2010 at 18:27

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: