Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПCИXOПATЛИЏAH

with one comment

Да си замислиме дека денешна Македонија, како нација, општество и држава, е всушност личност. Јасно е дека таа личност во својот карактерен склоп ќе носи многу лузни и трауми од безбројните злоставувања од нејзиното минато. Како што знаеме, луѓето кои имаат трауми често страдаат и од разни психолошки нарушувања, па да се запрашаме конечно: ако Македонија беше личност, што ќе ѝ „фалеше“ на психолошки план?

1. Шизофренија и подвоена личност: најочигледна и на прв поглед веднаш препознатлива е оваа состојба на растројство. Инаку, во насловот на точкава станува збор за две пореметувања кои на времето биле сметани за едно, па самиот збор „schizophrenia“ доаѓа од грчкиот јазик каде буквално значи „раздвоен ум“. Во денешно време се смета дека шизофренијата нема врска со синдромот на подвоена личност, па испаѓа дека иронично, токму самиот термин шизофренија е – шизофрен. Како и да е, да видиме како тоа се вклопува во темата на денешната колумна.

Имено, кај најголемиот дел македонски граѓани, а тоа е пресликано и во расположението на политичката ни елита, постои силно уверување дека ние можеме и во ЕУ и НАТО да влеземе, ама истовремено и да го сочуваме нашето име. Јас мислам дека тоа не е можно, и се залагам за отфрлање на стремежите за наше евроатланско интегрирање, за што имам зборувано во неколку колумни, најелоквентно во „Златно теле“.

Јасно е дека и двете работи не можат истовремено да бидат, но тука настапува синдромот на подвоена личност. Оти, луѓето кои страдаат од овој синдром, понекогаш се однесуваат како една личност, а понекогаш како сосема друга личност, и тоа го прават најчесто сосема несвесно (едната личност не сфаќа дека го дели истото тело со другата личност). Своевремено, пред развојот на модерната медицина, за секој таков човек се сметало дека е опседнат со некој лош дух или демон, кој ја презел контролата врз неговото тело кога тој човек се однесувал „необично“ и поинаку од личноста на која биле навикнати неговите блиски.

Се вели дека синдромот настанува после некоја голема траума кога човекот (сеуште со само една личност во себе) се чуствува потполно немоќен и неспособен да се справи со траумата, па едноставно неговиот ум бега од реалноста во која се наоѓа, преку креирање на сосема друга личност, во истото тело, во истиот мозок. Дури и кога ќе престане траумата, таа личност си постои и се развива паралелно, и од време на време се појавува на површина и ја презема контролата врз телото на човекот.

Нашиот национален синдром на подвоена личност настана по траумата на распадот на Југославија, кога не знаевме како да се снајдеме во новиот променет свет сами, па моравме да создадеме како нација една фикција дека сме една проевропски ориентирана, прозападна, модерна држава. А не сме, и затоа таа личност во истото тело е нашиот обид за бегство од неподносливата реалност.

Мнозинството македонски граѓани имаат негативен став кон хомосексуалците, имаат негативен став кон работењето од девет до пет, имаат негативен став кон менувањето на името и кон откажувањето од националниот идентитет. Што бараме ние со тие ставови во ЕУ? Ама кога ќе нѐ прашаат дали сакаме во ЕУ, (скоро) сите сме сложни во изјавите дека сакаме и сме спремни да направиме реформи за да нѐ примат таму.

Шизофреничноста на нашиот колективен национален ум е видлива токму преку нашите стремежи кон евро-интеграција. Имено, шизофрениците често веруваат дека некои Виши Сили им праќаат пораки во умот, дека некои духови им шепкаат чудни нешта и дека тоа се всушност наредби кои мораат да ги исполнуваат. За многу верски фанатици се смета дека пораките кои тие веруваат дека ги добиваат директно од нивниот бог се всушност последица на шизофренијата од која страдаат.

Нашите „гласови што ги слушаме“ се директивите и препораките од нашите „богови“ во Брисел и ние сме убедени, како и секој типичен шизофреник, дека тоа се наредби од вишите сили кои ние мораме да ги исполниме без размислување. При тоа, како и сите верски фанатици кои слушаат пораки во својот ум, и ние не можеме да сфатиме дека тоа не се некои премудри откровенија, кои ќе ни овозможат да го заслужиме нашето место во рајот, ами само бесмислени плампања на стерилните бирократи на Унијата, кои и самите си страдаат како систем од шизофренија, преку фактот што си замислуваат дека некој ним им „шепнал во умот“ и им дал света задача да го променат светот.

Ај што тие се улави, но зошто сме ние? Можеби тоа ни е последица од траумите од времето кога нѐ злоставуваше Белград?

2. Стокхолмски синдром: ова пореметување е наречено така оти за прв пат е дијагностицирано кај ослободените заложници од една заложничка драма која се одиграла во една банка во главниот град на Шведска во 1973та, кои луѓе подоцна на судењето на криминалците што ги држеле како заложници, сведочеле во нивна корист!

Имено, заложниците во својство на сведоци тврделе дека повеќе биле исплашени од полицијата кога таа се заканувала дека со сила ќе влезе во банката, отколку од самите ограбувачи на банката кои се заканувале дека сите ќе бидат убиени ако полицијата се обиде да ја оконча со сила заложничката ситуација.

Криминалците и покрај молбите на сведоците-поранешни заложници биле осудени на релативно долги затворски казни, но додека биле во затвор, нивните поранешни заложници редовно им пишувале писма со изрази на подршка. По излегувањето од затвор, таквата пријателска комуникација продолжила.

Значи, Стоклохмскиот синдром се користи како назив за појавата кога жртвата се спријателува со криминалецот. Кај нас, од овој синдром страдаат вљубениците и почитувачите на ликот и делото на Јосип Броз Тито, и вопшто сите југоносталгичари.

Овие луѓе сеуште копнеат за старите добри времиња кога Маршалот беше жив, и кога се знаеше редот во државата и кога сите писатели, поети и новинари во сите медиуми мораа на дневна основа да го воспеваат диктаторот, а непослушните редовно беа строго казнувани од семоќната тајна полиција.

Всушност, ако се има во предвид карактерот на титовиот режим, и основните предуслови за појава на синдромот, тоа и не треба да биде толку чудно.

Имено, многу важно за да се појави синдромот е криминалците да ги изолираат од комуникација со надворешниот свет  своите заложници, а преку потполната доминација со медиумите тоа комунистичкиот режим доста добро го изведе. Оние што имаа можност сепак да патуваат и да работат во странство (зошто режимот го дозволуваше тоа објаснив во колумната за „Митот за благосостојбата во социјализмот“), подоцна во плурализмот станаа членови и подржувачи на десните партии. Во Хрватска токму од емиграцијата се создаде националистичката партија ХДЗ, а и кај нас во Македонија токму луѓето кои или работеа во странство или беа блиски роднини со луѓе кои работеа во странство подоцна стана симпатизери и гласачи на ВМРО.

Воедно, кај заложниците треба да се создаде впечаток дека криминалецот е добар човек оти не убил никого, а и ако некој заложник настрадал, сепак самиот си го барал оти не бил послушен. И тоа режимот на Тито добро го правеше, оти физичката репресија во Југославија беше на ниско ниво, но секогаш беа присутни заканите дека ќе нема милост за внатрешните непријатели дека „ќе ги изеде темницата“ сите критичари на системот.

Конечно, кај заложниците мора да се створи страв од моментот на ослободувањето од заложништво. Дека иако е лошо да бидат неслободни да си заминат, сепак уште пострашно е ако полицијата влезе во зградата и со сила се обиде да ги совлада киднаперите, оти тогаш во метежот може да загине некој заложник. И тоа Тито добро го одигра, оти додека беше тој жив сите негови поданици беа преплашени за иднината после него. Се создаваше впечаток дека после Тито Југославија ќе потоне во хаос и затоа лојалноста (и подоцна носталгијата) кон него беше уште поголема.

Како и во случајот со Стокхолмскиот синдром, поранешните заложници на комунистичкиот диктатор, сеуште гајат искрени позитивни чуства кон него.

3. Параноја: за паранојата од која страдаат многу наши граѓани имам пишувано опширно во колумната „Заговор или изговор“ и не би се повторувал сега со истите работи што во неа ги имам кажано.

Само би ја додал констатација дека токму луѓето кои длабоко во себе страдаат од горенаведениот синдром, се главните пропагатори на теориите за светски заговор против Македонија.

Една новинарка која редовно пишува за заговорите на Билдербергите и Илуминатите против Македонија, православието и словенските народи, истовремено препорачувајќи го Карл Маркс и неговите докажано погрешни идеи како единствен спас за нас, еден уредник на телевизија кој секогаш прв дознава и објавува за сите тајни игри во темните разузнавачки и геополитички кругови, и еден водител на ток-шоу чии теми варираат од вонземјани и Атлантиди до геополитички и квази-економски анализи што немаат врска со логиката и со реалноста.

Најбизарно е што ова се кој од кој поголем комунист (не комуњар, туку баш комунист) а глумат патриоти и борци за слобода и демократија. Од такви шупелки, на човек да му е срам да се нарече патриот.

4. Комплекс на инфериорност: пуштете радио и побарајте некоја од станиците кои емитуваат поп или турбо-фолк музика. Без разлика која станица од таквите ќе ја одберете, ќе можете на неа да слушнете неколку македонски песни, неколку српски или босански или хрватски песни и – ниту една бугарска песна. Небаре бугарскиот турбофолк не е на нивото на високите естетски стандарди на екс-ју шундот и шљајмот.

Иста ситуација има и кај списанијата и весниците, кои на нашите трафики можете да ги најдете на македонски (се разбира) но и на српски и хрватски. Сепак, списанија и весници на бугарски јазик не можете да најдете на нашите трафики. Се разбира, постои за тоа комерцијално оправдание кое вели дека нема купувачи заинтересирани за таквите весници и списанија. И тоа е точно, но прашањето е:  зошто нема интерес?

Поради комплексот на инфериорност кој ни е всаден во годините додека бевме дел од Југославија. И наместо сега да ги гледаме и Бугарите и Србите како еднакво странски, сепак овие вторите ни се помалку странци од првите. Па песните и весниците на Србите и Хрватите ги слушаме и читаме и разбираме, па дури ги гледаме и нивните информативни телевизии како ХРТ и РТС, а песните и весниците на Бугарите ич не ни се мили, па на телевизија само по еден – два музички канали има од нив.

Освен тоа, кога беше во Македонија актуелно пријавувањето за некои бугарски реални шоуа, „и бол и бес“ ги зафаќаше сите овдешни „патриоти“, оти бараа знаци на предавство во тоа што некои наши граѓани се пријавуваа за тие шоуа. Ама кога наши млади Македонци и Македонки ќе се пријават и ќе учествуваат на српски реални шоуа – е тоа е океј, и тука нема проблем.

Комплекс на пониска вредност е тоа или комплекс на инфериорност кажано на постручен начин. Оти сме навикнати своевремено од Белград да примаме наредби, тој да ни е стандард и репер и од таму да бараме признание за сите наши подвизи и успеси, а немаме такви навики кон источниот сосед.

Просечниот македонски кафеански патриот знае дека Грците се педери, Бугарите се Татари и Албанците се Шиптари, ама за Србите никаков погрден назив немаме. Оти така?!

И впрочем, тоа што само Србите се поштедени од изблиците на македонскиот шовинизам, најдобро покажува од каде навистина ни е инсталиран тој шовинизам. Не за џабе се тврди дека фамозните извици „за Шиптари гасна комора“ кои се слушаа редовно на сите протести од раните деведесети, токму провокатори од Тајната Полиција ги измислија и иницираа, а простата раја присутна на тие демонстрации без размислување ги прифаќаше и продолжуваше да ги извикува.

*

Конечно, и за анти-хипохондријата која, како што кажува нејзиното име е појава спротивна на хипохондријата. Која пак, за оние што не знаат (и што ги мрзи да го проверат линкот од претходната реченица до википедија) накусо кажано е патолошка опсесија со здравјето, при која човекот зафатен со неа упорно верува дека има некаква болка, дека некоја болест го мачи, дека од некоја епидемија може да заболи или дека постојано е опкружен со нечистотија и бактерии кои се закана за неговото кревко здравје. А всушност, во реалноста, никаква опасност нема!

Е сега, тоа е хипохондрија, а анти-хипохондрија е баш обратно – патолошки став дека нема никаква опасност, дека нема никаков проблем, дека нема ништо погрешно во начинот на живот, и дека нема причина ама баш за никакви промени да се направат.

Со други зборови, анти-хипохондријата е ситуација кога болниот одбива да признае дека е болен (за разлика од хипохондријата кога здравиот одбива да признае дека е здрав).

А колку што е тешко на сосема здрав човек да му докажете дека не е болен и нема зошто да стравува, толку е потешко на болен човек кој си има проблем да му објасните дека не е здрав и дека треба да промени нешто драстично во својот живот, или во спротивно последиците наскоро ќе бидат неизлечиви.

За македонската анти-хипохондрија и за нашето упорно одбивање да признаеме дека си имаме проблем и дека за нашите маки самите сме си криви, зборував во колумната „Десет видови македонска глупавост“ и во нејзиното продолжение. Кој не ги прочитал, нека ги ѕирне.

Првиот чекор кон оздравувањето е дијагностицирањето на болеста. Македонија како нација и држава страда од многу државотворни болести. Ако сакаме да напредуваме, мораме да се излечиме. Ако сакаме да се излечиме, мораме првин да се соочиме со реалноста и да признаеме дека – нешто ни фали.

.

П.С: Денешната колумна е на некој начин продолжение на колумната „Автопортрет“, се разбира не по содржина и концепт, ами според основната порака: дека човек треба да се ослободи од заблудите и наметнатите предрасуди и да почне да мисли со своја глава.

Во четврток, во редовниот термин, очекувајте ја колумната „Театар“. До тогаш поздрав😉

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Одлично…Супер…Ако ја знаеме болеста ќе го најдеме и лекот…


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: