Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ TEATAP

with 4 comments

Често пати, политиката ја споредуваме со театар, па од таму и изјавите од типот „конечно маските паднаа“ или „ова се прави во режија на…“ или се споменуваат некакви сценарија (во последно време најчесто романски) а цело време се зборува за некои задкулисни игри и за скриени раце кои ги влечат сите конци со кои се врзани марионетите на сцената. Па при толку театарски метафори за кои се зборува во политиката, редно време беше и јас да напишам нешто… театрално. Па еве:

1. Публика: ако политиката е како театар, сите престави кои се изведуваат на нејзините „штици што живот значат“ (а на кои застануваат најчесто политичари на кои им фали по некоја даска) се прават за да го задоволат интересот на народот, па од таму, во политичкиот театар народот е публиката. Нашата публика е поделена на два дела: активна и пасивна.

Активна е онаа составена од членовите на големите партии, и тие си имаат гратис влезници и седат во првите редови па имаат најдобар поглед на претставата. Тоа им овозможува од блиску да ја забележат секоја, дури и најмала грешка на актерите кои не се од нивната партија, и гласно да ги довикуваат и да ги исвиркуваат. Арно ама, оти имаат гратис влезници т.е. се вработени тие ли нивните роднини во јавната администрација, не смеат да ги исвиркуваат актерите на партијата што ги вработила, па макар тие биле катастрофално лоши глумци.

Пасивната публика според одзивот на последните изборни циклуси и од сите анкети, е околу половина од целата публика присутна во театарот, и таа се чини сосема незаинтересирано ја следи преставата. Повеќето од нив сметаат дека сето тоа е многу здодевно, и сонуваат да си заминат во друг театар, во некоја друга држава каде што ќе има некоја поинтересна престава.

Има и многу луѓе во публиката на кои им е дојдено толку многу преку глава од слабата глума и лошата престава што ги исвиркуваат сите актери, без разлика од која партија и да се. Таквата публика е позната како „вечни опозиционери“.

Критичарите се специјализиран дел од публиката и овде нив мораме да им посветиме барем еден пасус: имено, некои режисери или актери си имаат блиски односи со некои критичари, а со некои се пак скарани, па често наместо објективно критичарите да ја информираат јавноста за уметничката вредност на преставата, тие ја воспеваат или ја кудат во завист од тоа како си ја имаат намирено работата со режисерите (актерите). Мал е бројот на независните медиуми т.е. објективни критичари, и нив главно никој не ги слуша.

2. Ликови: ликовите се главниот дел од приказната, па дури може да се каже и дека без заплет може да има престава, ама без ликови не. Без заплет, тоа ќе биде импровизација, каде што актерите на кои никој не им дал сценарио ја смислуваат приказната во од, а без ликови – ќе нема кој да го прави заплетот, дури и да стои тој во сценариото убаво напишан. (нешто вака: се крева завесата, на сцената нема никој, така стои десетина минути, ништо не се случува, завесата се спушта, публиката збунето ракоплеска)

Значи, кои се ликовите во политиката? Не, тоа не се политичарите, оти тие се како што ќе видиме подолу, актери кои ги интерпретираат ликовите од сценариото. А ликовите се архетиповите и стереотипите што се очекуваат од политичарите.

Еве, да ја земеме за пример  нашата политика: во десницата се очекува да има еден авторитарен водач кој со цврста рака ќе ја води партијата која пак мора да глуми дека е патриотска. Дури и кога водачот нема авторитарен карактер лично, како Љубчо што си беше искрен демократ на времето, оние околу него го прикажуваат (и го сметаат дури) за авторитарен, па во ерата кога денешниот бугарски државјанин беше водач на ВМРО-ДПМНЕ, се зборуваше дека партијата има дисциплинирано членство и затоа ниту еден одметник од таа партија никогаш не успеа да просперира политички откако ќе си формираше своја партија.

Дури и самиот Љубчо кога се одметна од својата бивша партија, не успеа да се наметне како политички фактор со својата нова партија. Затоа што тој се беше одметнал од ликот, и сакаше да игра друга улога, со друг лик, со друг карактер. А тоа не бива, оти публиката си бара лик каков што си бара. Подоцна друг актер го замени него за истата улога, која сега-засега ја глуми прилично професионално.

Кај албанските политичари пак, колку и да се либерални и отворени во размислувањата лидерите на нивните партии, тие мораат да глумат некаков силен албански шовинизам, да се залагаат барем реторички за Голема Албанија, иако се сите свесни дека многу поубав живот ќе си тераат (тие, лидерите) во Македонија, каде се секогаш тие неодминлив дел од било која власт, за разлика од една голема Албанија во чиј политички систем лидерите на овдешниве Албанци би биле сосема маргинализирани како политички фактори.

Затоа пред своите гласачи мора да глумат дека се албански патриоти, па дури и кога претходно сосема обратни работи правеле и зборувале. Пример за тоа е Имер Селмани, некогаш нарекуван „македонскиот Обама“, кој откако не успеа да стане претседател на државата, одлучи да се врати во ликот што публиката го очекува од секој лидер на албанска партија – радикал и шовинист, со секогаш екстремни барања, залагања и ветувања.

3. Актери: како што рековме погоре, актери се крупните играчи на политичката сцена, оние што навидум го придвижуваат дејството. И како што видовме во претходната точка, тие не се креаторите на приказната, тие само мораат да ги играат најдобро што можат зададените ликови од сценариото. Ако отстапат од ликот, ќе бидат исфрлени од сцената или ќе им се даде некој маргинален удел во целата приказна.

Стојан Андов е најдобар пример за последново. Човекот кој во 1999та како претседателски кандидат успеа да убеди сто и кусур илјади „човеци“ да гласаат за него, сега падна на срамно ниско ниво на популарност, толку слабо што во 2009ата како носител на советничката листа на Либералната партија за Скопје не успеа ни еден единствен советник да ѝ обезбеди на партијата.

Зошто се случи падот? Е па затоа што Андов на времето го играше доста добро ликот на итар и искусен државник кој за секоја политичка дилема имаше остроумно решение, ама откако почна да дава совети од типот „мораме да попуштиме, нема друг излез“ неговата аура на итрост и препреденост сосема исчезна, а со неа се истопи и неговата популарност кај публиката.

Успешен политичар е оној што ќе успее да го најде својот лик во сценариото и штом ќе му се даде шанса да застане на сцената, на аудицијата која се одвива минимум еднаш во четири години (а ако има предвремени избори и почесто) да ја воодушеви публиката и таа да му додели улога во преставата.

Затоа Љубе Бошкоски никаде нема да стигне со својата партија, како што и Тито Петковски не стигна далеку со неговата. Затоа и ВМРО-НП не успеа да се наметне за сериозен играч во политиката, и затоа и пропаднаа кај Албанците ПДП и некои поситни радикални партии. Оти актерите од тие партии претендираа да играат ликови за кои немаа глумечки потенцијал да ги исполнат.

Му личи ли на Љубе да се залага за било каков компромис? Дали Марјан Додовски ви делува како актер што може да одигра уверливо авторитарен водач, каков што вмровската публика очекува да види?

Во левицата пак, дали Бучко или Рада делуваа како лидери што можат да му „завршат работа“ на секој нивен член? На Бранко пак таа улога на талентиран муватор и мешетар кој знае да се „снајде у секоја гужва“ одлично му прилега и затоа од него не можат да се ослободат.

Конечно, што не разбираат оние либералните демократи кога глумат некаков цврст и одлучен став за сите прашања, а ставовите им се меки бре како свежо лепче? Тие бескомпромисно се залагаат за компромис!? Жестоко се залагаат за умереност!? Тоа треба да се прави лежерно и искулирано, како Тупурковски во своите златни времиња, кога успеа со грст сосема стерилни и банални изјави по сто илјади гласови да придобие.

4. Режисери: во нашата политка режисерите се една многу комплексна појава. Оти, дел од нив се мртви (но од гробот сеуште ја контролираат играта), дел се странци кои богатите продуценти ги испратиле тука да ги контролираат овдешните актери (не сфаќајќи дека овие самите си играат некоја своја престава) и конечно, некои од режисерите се олигарсите кои со помош на своите донации се обидуваат да ја стекнат довербата на актерите и да ги натераат да играат по нивниот ќеф.

Кои се мртвите режисери? Лазар Колишевски и Јосип Броз Тито, иако се оддамна умрени, сепак во свое време го направија изборот на актерите (и индиректно, на децата на тие актери) кои денеска ја играат политичката престава во нашиот театар. Токму двајцава режисери го создадоа Киро Глигоров, а тој пак во првите години на независноста ни, ја играше улогата на Стариот Лисец.

Конечно, да не забораваме дека овие двајца се најодговорни за сценографијата која сеуште ја користиме во нашиот театар, оти ете на пример образовниот систем (ориентиран кон општествените науки и создаден да креира кадри за администрацијата) и основните столбови на македонската економија (металургија и девизни дознаки од дијаспората) денеска се сосема исти како во нивното време. А од сценографијата многу работи зависат во претставата.

Странските режисери сета моќ што ја имаат тука ја добиле поради парите т.е. кредитите што продуцентите од меѓународната заедница ги даваат за да продолжи претставата. Истото важи за олигарсите–режисери кои своето право да ги насочуваат актерите го добиле само затоа што дале пари кај што требало (по малку на секој побитен актер). А пак за криминалните босови и разузнавачките служби и како тие истовремено по малку и режираат и глумат, пишував повеќе во колумната „Кој го шиша берберот“.

*

Конечно, и за она што се случува зад сцената т.е во бекстејџот, или како што своевремено тоа се викаше „зад кулисите“. Таму, се знае, се случуваат задкулисните игри.

Кои што, интересно, и немаат баш некое суштинско влијание врз текот на преставата. Оти, што се прави во бекстејџот? Се мести шминката кај актерите, се менуваат костимите, или пак се суфлира текстот што некој актер треба да го изговори уверливо кога ќе се појави пред публиката. И толку.

Пример за ова е некогашната УДБа која во своите златни времиња за да го зачува комунистичкиот систем и да ја одбрани Југославија од злите сили на непријателската емиграција, не се стеснуваше и од вршење атентати врз поистакнатите анти-југословенски дејци од дијаспората.

Хрватските, српските и македонските политички емигранти беа редовна мета на егзекуторите на Службата, ама тоа на долг рок воопшто не помогна да се спаси СФРЈ од пропаст, која настана пред сѐ од економски причини.

И покрај сите обиди на тајната полиција, комунизмот пропадна, и потоа кај нас, и покрај сите обиди да се спречи десницата да дојде на власт, таа дојде. Да, некои од актерите во неа беа нашминкани од Службата во бекстејџот, некои дури и текстот што го зборуваа цело време го добиваа преку суфлерите од Службата, но тоа не смени многу во текот на претставата.

Денешната владеачка партија, иако е преполна со искрено убедени комунисти и удбаши, кутрата мора да глуми патриотизам, оти тоа се очекува од неа. Оти публиката која ракоплеска на потезите на нејзиниот главен актер, публиката која го направи ѕвезда него, е истата публика која ја подржува таа партија веќе дваесет години. Глумците се сменија, но публиката не!

А публиката не ја интересира кој глумец глуми, туку колку добро го глуми тој актер ликот што треба да го глуми. Ако сегашниот актер се обиде да излезе од ликот, ќе биде исвиркан како и претходниот кој го глумеше истиот лик и некој друг актер ќе го заземе неговото место на сцената.

Меѓутоа, меѓутоа, меѓутоа… кај нас проблемот се чини дека не е во актерскиот талент на глумците или во способноста на режисерите да ги насочат. Се чини дека преставата не е добра, се чини дека сценариото и сценографијата не ги бива, иако овој народ, оваа публика, друга престава не може ни да замисли да се игра во овој театар.

Половина од публиката не е заинтересирана за преставата и сонува да си замине во друг театар. Како да ја задржиме таа публика тука? Со уште едно менување на актерите и режисерите, дали мелодрамата која се граничи со бурлеска ќе престане да наликува на фарса?

Можеби треба да се размисли за менување на сценариото? Наместо да очекуваме чесен и храбар витез на бел коњ што окованата принцеза ќе ја спаси од канџите на змејот и потоа ќе стане царски зет (и половина од кралството како лична сопственост ќе си земе), зарем не би било поубаво да се ориентираме кон некој пореалистичен заплет?

Ако и после неколку промени на актерите, преставата и понатаму не чини, можеби треба да се промени преставата? Па да видиме конечно и ние хепи-енд.

.

П.С: Бидејќи наредниот четврток е ден пред последниот ден во годината, нема смисла баш тогаш да постирам нова колумна, па колумната за наредната недела ќе биде објавена во понеделник (27ми декември). Таа ќе носи наслов „Клин чорба“. До понеделник, поздрав😉

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. 🙂🙂🙂
    Навистина театрален текст! Супер!
    И на почетокот ептен ти позавидував за слободата на коментарот:(а на кои застануваат најчесто политичари на кои им фали по некоја даска), aма после си се утешив со фактот дека главниот актер ти е како во Хари Потер (He Who Must Not Be Named/You Know Who)🙂

    Билјана

    24/12/2010 at 01:15

  2. Или пак Безобразниот Разбојник, Апашот Невоспитан, Крадецот Одвратен?


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: