Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KЛИH ЧOPБA

with 6 comments

Што има заедничко славењето на Новата Година и впрочем сите празници, обреди и ритуали, со купувањето и носењето на секси долна облека, со платениот годишен одмор и со кафе муабетот? Она што е заедничко за сите овие работи е што тоа се сѐ варијанти на рецептот за клин чорба.

1. Рецептот за клин чорба: овој рецепт е преземен од неколку бајки кои во форма на преданија и легенди се проширени низ практично целиот свет и ги има во секој фолклор. Имено, како се прави клин чорба?

Па, прво треба во голем сад да се сипат два литри вода, да се исецкаат три-четири моркови на коцкички, една главица кромид на колца, големо парче телешко месо, по неколку листови магдонос и нане, и најважно од сѐ – еден златен клин.

Многу е битно клинот да е еден и да е златен. Тоа се вари одредено време на умерен оган, па се додава црвен пипер, бибер и сол по вкус, и откако ќе се симне садот од огнот, се вади златниот клин и се става на страна, и јадењето се сервира. Велат имало одличен вкус, а истиот златен клин може да се употреби и при наредното готвење на клин чорба, која може да се модифицира и во клин манџа или пак во клин супа.

Оние што малку барем знаат хемија или за карактеристиките на златото, сфаќаат дека златниот клин во чорбата е сосема непотребен. Оти нели, златото е екстремно инертен метал, кој воопшто не се раствора, па никаков вкус не може да му додаде (или одземе) на јадењето.

Е арно ама, чорбава не се вика телешка чорба со зеленчук, ами – клин чорба. Оти во неа, поради необичноста и егзотичноста на клинот, иако нема никакво влијание врз конечниот производ, тој е доминантен елемент кој побудува многу емоции и очекувања. А е сосема бескорисен!

Како впрочем и некои други егзотични нешта.

2. Секси долна облека: постојат генерално два вида на долна облека: обична и секси долна облека. Обичната е без скоро никакви украси, сосема од најнормални текстилни материјли изработена и има најчесто само една функција – хигиенската.

Секси долната облека од друга страна е многу пораскошно скроена, од поскапи материјали направена и има многу повисока цена од обичната, па од таму, би се очекувало да има и дополнителна функција (на хигиенската). И има, а тоа е романтичната функција, да ѝ помогне на жената да го заведе мажот и привлече кон љубовниот чин.

Ако се има во предвид како нам мажите ни работи умот испаѓа дека секси долната облека е златниот клин во чорбата на заведувањето. Оти е сосема бескорисна, и ниту дава ниту одзема од вкусот на „главното јадење“.

Во клин чорбата битни се хранливите состојки, а златниот клин е само нешто егзотично кое треба да влијае на психата и да ги залаже оние што ќе ја јадат чорбата дека јадат нешто специјално, со посебен вкус.

Во брачниот (или вонбрачниот) кревет, за мажот е битна убавината на жената. Ако клин чорбата се направи без клин, пак ќе го има сосема истиот вкус. Ако жената е убава и заводлива, таа ќе ја предизвика сосема истата возбуда кај нејзиниот партнер дури и ако е сосема гола, без ниту едно парче од скапоцената секси долна облека.

Имено, да беше долната облека клучниот елемент на заведувањето, немаше сите манекенки на „Викторија’с сикрет“ да бидат убавици, туку ќе беа просечни жени, кои облечени во долната облека од таа фирма ќе се разубавеа одеднаш.

Е, ама ако жените го сфатат ова – цела една индустрија ќе пропадне.

3. Платен годишен одмор, ама од кого? Основната финта од клин чорбата е употребена и во социјалната политика, пред сѐ во правата на работниците.

Едно од тие права е правото на платен годишен одмор. Имено, работникот работи, да речеме 11 месеци, и зема плата за својата работа во текот на тие месеци, а потоа еден месец во годината оди на одмор и иако не оди на работа, сепак зема плата за тоа време исто како да оди на работа.

Потоа политичарите ги убедуваат работниците дека тоа е заслуга на власта и нејзината грижа за работниците. Ако малку само размислат работниците, ќе сфатат дека платениот годишен одмор е само една форма на клин чорба.

Имено, која е разликата ако работиш 11 месеци и земеш плата од 12 илјади месечно и потоа еден месец не работиш (одиш на одмор) и не земаш плата за тој месец, во однос на ситуација кога работиш 11 месеци и земаш по 11 илјади месечно но кога одиш на одмор за тој еден месец што не работиш пак земаш плата од 11 илјади денари.

И во двата случаи имаш еден месец во годината што не си работел, и во двата случаи си бил на одмор, и во двата случаи имаш работено само 11 месеци, и во двата случаи вкупната плата за годината е 132 илјади денари!

Разликата е што во првиот случај, не мораш да му се заблагодаруваш на политичарот на власт што преку закон ги брани твоите работнички права со тоа што ги обезбедува право на платен годишен одмор. Оти тогаш знаеш дека твојата плата никој не ти ја дава на послужавник, туку ја заработуваш самиот со својата работа, до последен денар.

Од кај ѝ се парите на фирмата да ти дава плата, ако не од твојот труд со кој што си ги заработил за неа? А бидејќи работиш 11 месеци, трудот е ист за таа година, дали си зел плата 11 по 12 илјади и плус еден месец по нула денари, или сите 12 месеци по 11 илјади денари.

Е ама, ако луѓето го сфатат ова, еден куп политички демагози ќе нема со што да ги лажат работниците.

4. Ритуали: практично сите организирани религии велат дека богот што го проповедаат е семоќен, но истовремено бараат за секој позначаен момент од животот да се направи посебен ритуал за да биде тој момент во согласност со божјата волја.

Како екстремен пример може да се земе погребот. Имено, кога човек ќе умре, секоја религија тврди дека телото мора преку сплет на точно пропишани ритуали да се тргне од светот на живите и да му се предаде на светот на мртвите, дали преку закопување (во западните религии) или преку палење (во источните).

При тоа овие ритуали мора да ги изведат свештените лица од соодветната религија и никој друг. Ако некој лаик ги изведе, или ако се направат нецелосно, тврдат свештениците дека Бог нема да ја прими душата на верникот и нема да ја стави во понатамошна процедура според заслугите (рај, пекол или според некои религии, реинкарнација).

Ова е сосема во спротивност со првото начело на секоја религија, а тоа е дека Бог е семоќен, па по таа основа, кога она што се случува со телото на човекот веќе не е под контрола на човекот (оти е мртов) не би требало да има влијание врз неговиот понатамошен „живот“ (поточно, духовно постоење) што прават другите (живи) луѓе.

Логичниот заклучок од барањето да се изведе погреб според сите верски прописи и дека тој погреб е неопходен за задгробната иднина на душата на верникот, е сосема спротивен на здравиот разум. Ако чесен и добар човек загине во планина паѓајќи во некоја провалија каде никој никогаш нема да го најде, дали тој нема да биде примен од Бога, кој истовремено ќе прими некој гангстер кој загинал во мафијашка престрелка ама бил погребан по сите адети?

Очигледно, ритуалот на погребување и сите други ритуали се само златен клин во клин чорбата која се вика религија. Духовноста т.е. искрената вера и хуманиот начин на живот се хранливите состојки во чорбата, а златниот клин се ритуалите, од кои само продавачите на тој клин, стручните изведувачи на тие ритуали т.е. свештениците имаат финансиска корист.

Ако нема ритуали, нема потреба од свештеници, но тоа не значи дека и духовната страна на религијата ќе ја снема. Како што чорбата ќе има убав вкус и без клинот во неа, само под услов да си останат хранливите состојки и зачините.

Ритуалите не се само верски, ами и секојдневни, а еден од нив е кафе муабетот. Луѓето можат и преку телефон да разговараат или преку мејл или да четуваат по фејсбук, и без да пијат кафе да си направат интелигентен и интересен муабет. Зошто тогаш би им требало кафе да пијат кога ќе се сретнат во живо да прават муабет?

Очигледно, кога луѓето би сфатиле дека ритуалите не им се потребни за да ја изведат суштинската задача на духовноста или комуникацијата меѓу себе, многумина „продавачи на златни клинови“ би останале без изворот на заработувачка.

*

Празнувањето на Нова Година и ветувањата кои си ги даваме себеси на првиот ден по најлудата ноќ се исто така варијанта на клин чорбата. Оти, реално гледано, по што се разликува Први јануари од било кој друг ден во годината? По ништо суштинско.

Но дали тоа значи дека не треба да се празнува Нова Година? Дали тоа значи дека не треба да се чека на Први јануари за да се започне одново? Не значи.

Оти што е празникот Нова Година ако не денот кога ќе донесеме одлука да го промениме животот. По таа логика, секој ден, било кој да е датум, може да биде нашиот личен, сопствен Први јануари, ако на тој ден донесеме одлука да почнеме поинаков живот.

Значајниот датум не го прави денот значаен. Денот на кој ние ќе му дадеме значење, го прави датумот значен. Со таа мисла, почитувани читатели, ви посакувам Среќна Нова Година.

.

П.С: Наредниот пост на мојот блог ќе биде објавен дури на 10ти јануари. Колумната ќе се вика „Една причина не е доволна“. До тогаш, поздрав и среќни празници😆

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Браво Нено, одлична колумна.

    Ти пожелувам да си жив, здрав и весел и во новата 2011 година🙂

    LupcoBocvarov

    27/12/2010 at 21:20

    • Како нема да е одлична, гледаш каква чорбаџика сум ставил на почетокот. Само чека клин🙂

      фала на честитките, ти пожелувам и тебе се’ најдобро😆

  2. Одлично се, освен кафе муабетот… Комунуцирам прилично преку интернет, квалитетно, суштински, но сепак жалам што не можам со тие физички далечни луѓе, да седнам на кафе (или што и да е, или ништо) и да се изнамуабетам како треба… Чувството на разговор во живо е сепак незаменливо за мене…
    Поздрав и Среќна 2011 и на тебе!🙂

    Мартинка

    28/12/2010 at 00:01

    • Комуникацијата очи во очи е „хранливите состојки“ во чорбата на разговорот, а кафето е златниот клин. Ако има комуникација кому му треба кафе?

      Освен на продавачите на кафе…

      Поздрав и Среќна Нова, Мартинка😆

  3. Види Нено… Има тука други моменти. Според логиката – работам 11 месеци за 132 илјади, испаѓа дека може човек да работи 10 години за џабе, и после 10 години газдата да му даде милион и 320 илјади. Ама не е баш така, нели… Тука секои сретства кои припаѓаат на еден или друг сопственик имаат т.н. интерес. Еве на пример, јас се согласувам за просечна плата од 300 евра (пола од мојата сегашна) да работам до својата 65-та година (30 години), ама нека ми ги дадат сите тие пари однапред…Пази за 50% се согласувам, да ми дадат сега 6 и пол милиони денари… И кој ќе ми ги даде? А зошто не?

    Методија Анѓелкоски

    31/12/2010 at 23:33

    • Мето, зарем во 23.33 часот (пола саат пред нова година) го пишуваше коментаров?

      Или многу ме цениш, или нешто многу си ми љут🙂

      Нејсе, мислам дека не си го разбрал делот за платениот годишен одмор. Оти таму вели убаво дека парите што ги добиваш за платен год.одм. веќе си ги заработил самиот, и дека не ти ги дава фирмата како поклон. Оти самиот си ги заработил.

      Глаголот е во манато време значи, од каде делот за да ти даде 100 илјади евра плата, па наредните 30 години да работиш без пари не стои. Оти тие пари прво треба ти да му ги заработиш на газдата па тогаш да ти даде плата.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: