Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ EДHA ПPИЧИHA HE E ДOBOЛHA

with 2 comments

Не е битна бојата, ами квалитетот на чевелот, и уште повеќе талентот на спортистот што ќе гази со тие патики

Слично на пословичната ластовица која не ја чини пролетта, така и за други работи не е доволна само една причина да ги предизвика. При тоа, примерите се движат од криминал и турбофолк, преку секогаш неизбежната античка историја, па сѐ до националната гордост и економската политика. А многу луѓе тоа не го разбираат…

1. Крадење, силување, фанатизам: за лошите работи што некои луѓе ги прават постојано таквите лоши луѓе и нивните заштитници ќе најдат изговор. А најчест изговор е оној од типот: не е крив тој, условите во кој се наоѓал му наложиле да се одаде на криминал. При тоа, секогаш се потенцира еден услов. Како на пример:

Крадел оти бил сиромав: ова е можеби најстариот изговор во историјата. Толку е стар што ама баш секоја држава уште во најраните цивилизации го користела за да ги оправда своите освојувачки походи кон соседите: „да, тоа не е наша територија, ама ние немаме доволно земја за нашиот народ, немаме животен простор, немаме море, немаме рудни наоѓалишта, па мораме, принудени сме, да ги украдеме од соседите, кои (пази богати!), секогаш имаат повеќе отколку што им треба.

Во поново време тоа се користи за оправдување на крадците на метални предмети од јавните површини (бисти на борци или делови од железничка опрема). Демек, сиромаси биле кутрите, па за да се прехранат кутрите, принудени се кутрите да крадат. Душички, жал да ти падне за нив.

Прашањето е: дали само тие се сиромаси, па ако не се, ако има и илјадници други сиромаси, зошто тие другите сиромаси не крадат? Бидејќи има илјадници сиромашни луѓе, а само мал дел од нив се крадци – не ќе да е баш сиромаштијата главната причина за крадењето, туку можеби криминалниот менталитет на крадецот. Кој, и да бил богат, ќе се занимавал со криминал. А криминалци има и од средната класа и од богатата класа.

Жив пример за последново се политичарите, па може да се каже, ако човек роден со криминална склоност се роди како сиромав тој ќе краде бисти на борци и делови од пруги и далноводи, а ако се роди како дел од средната класа или во богато семејство, ќе влезе во политиката и ќе краде од народните пари во буџетот кога ќе стане дел од власта.

Ја силувал оти го провоцирала: слично на горнава логика, кога некој маж ќе силува некоја жена, тој обично се вади на аргументот дека не бил тој крив туку таа, оти била премногу нападно облечена, премногу разголена, демек „самата си го бараше, ороспија никаква“.

И ова оправдување е со фабричка грешка, и не треба да се прифати. Оти, зарем само тој ја видел неа така провокативно облечена, сигурно кога одела по улица или во кафулето кога седела, десетици други мажи ја виделе неа така провокативна, па тие десетици мажи не ја силувале, туку баш тој, обвинетиот што сега се вади дека бил „жртва“ на ороспијата што самата си го барала.

Така да, и тука не е провокативноста на жената причината за силувањето, ами криминалниот менталитет на силувачот. Таман жената да била најпристојно и најконзервативно облечена, силувачот да имал прилика, пак ќе ја силувал. Пример за ова се војните, кога многу жени бидуваат силувани од некои непријателски војници, кои не вршат таков злочин оти жените во воената зона се нашле разголени, ами затоа што виделе злосторниците прилика своите склоности да ги задоволат неказнети, во услови на воен хаос.

Војната не ги прави луѓето злосторници, туку само им дава прилика својот злосторнички нагон да го покажат во пракса. Слично, војната не ги прави луѓето лидери или херои, таа само им дава можност на оние со лидерски или херојски потенцијал да дојдат до израз.

Фанатизам: пред некој ден, во Америка еден фанатик кого го опишаа медиумите како „екстремен десничар“ застрела меѓу другите луѓе и една тамошна левичарска политичарка. Освен такви лудаци, отсекогаш имало и луѓе кои во името на една или друга религија вршат злосторства.

Една од десетте божји заповеди, која гласи „не го изговарај напразно името Божјо“ се однесува токму на таквите лудаци и ги осудува директно. Оти заповедта забранува да се прават кражби, убиства и злосторства и да се оправдуваат потоа со верски причини, т.е. дека се направени во името на Бога.

Се разбира, верските фанатици од сите бои никогаш не се обѕираат на таквите „ситници“ и религијата им служи само како згоден изговор за да ги исполнат своите злосторнички намери.

Со други зборови, не треба никогаш да се обвинува некоја религија за злосторствата што некои луѓе кои се нарекуваат верници на таа религија ги вршат. Оти има милиони други верници од истата религија кои не прават злосторства. А има и злочинци кои се декларирани атеисти, па од таму заклучокот е јасен – една причина (припаѓањето на некоја вера) и во овој случај не е доволна (ниту пак неопходна) да го направи некого убиец.

2. Музиката не заглупавува: пред некоја година, имаше во весниците вест за некоја студија од некои научници, кои откриле дека ако мајките на бебињата им пуштаат сериозна музика додека се ептен мали (или уште за време на бременоста) тие ќе имаат повиска интелигенција кога ќе пораснат.

Демек, слушањето на сериозна музика ги прави луѓето попаметни. Што е навистина бизарно тврдење, оти многу од познатите композитори (кои не само што слушале, туку и создавале сериозна музика) воделе навистина промашени и несреќни животи, поради глупавите одлуки кои постојано ги донесувале.

Со сличен пристап како во таа студија, настапуваат и критичарите на турбофолкот кај нас. Демек, слушањето на таква музика ги заглупавувало луѓето. Па има и сосема улави теории дека во Србија режимот на Милошевиќ намерно ја подржувал таа музика со цел да ги држи Србите глупави, за да може полесно да владее со нив.

И ова е бизарна логика, оти знаеме колку беше преплавена Србија со турбофолк, и во времето на Милошевиќ и сега, па во меѓувреме народот таму се крена на револуција и го собори диктаторот. Е па, како тогаш таа музика ги заглупавувала луѓето, а сега не ги заглупавува, штом сега подржуваат демократски партии?

Повеќето луѓе што слушаат техно не се дрогираат, а има и наркомани кои воопшто не слушаат техно музика. Значи, видот на музиката не е доволна причина да се донесе заклучок за интелектуалните способности на љубителот на таквата музика.

Слично може да се каже и за омразата која припадниците на партиите ја чуствуваат за припадниците на другите партии. Демек, ако е вмровец сигурно е будала (мислат есдеесовците) или сигурно е патриот (мислат вмровците) или пак ако е есдеесовец сигурно е предавник (сметаат вмровците) или сигурно е прогресивен човек (веруваат есдеесовците). Будали и предавници, како и умни и патриоти има во сите партии. Од таму, не го прави партиската припадност човека предавник или патриот, ниту глупав или умен. А најдобра илустрација за ова има во првата слика од колумната „Збунети од формата“.

3. Што вреди фалангата без Александар: во повеќето историски книги во кои се споменува Александар Велики, особено во Македонија, се дава многу внимание на пешадијата од неговата војска, познатата „македонска фаланга“ која имала специјално оружје, долгото копје кое се викало „сариса“.

Толку многу е врзано името на Филип и Александар со фалангата и сарисата, што човек да си помисли дека без нив никогаш овие двајца немало да ја направат Македонија глобална империја.

Меѓутоа, фаланга имале со векови пред тоа и Грците, па тие не создале империја. Од друга страна, Монголите под водство на Џингис Кан немале фаланга (едвај да користеле воопшто пешадија, оти биле строго коњаници) па сепак тие создале огромна империја, откако во многу војни ги поразиле своите многубројни непријатели.

Значи, фалангата сама по себе не е доволна причина за успехот на Македонците предводени од Филип и Александар. А воедно, системот на организирање на армијата што го користеле овие двајца бил преземен од нивните наследници, генералите на Александар што си ја поделиле империјата по неговата смрт, па сепак нивните потомци кои имале такви армии сите биле поразени од Римјаните.

Така да, Филип и Александар и да немале фаланга и сариса веројатно ќе нашле начин да бидат успешни во војувањето, а фалангата без нивното водство се покажала како неуспешна.

Истово може да се каже и за големите спортски клубови кои некогаш нижеле победи, а сега се на дното на табелите. Нема никакаво значење името или брендот на клубот, неговата традиција и историја, ниту загреаните навивачи. Загреани навивачи имаат сите клубови, па не нижат победи. Битни се играчите да вредат. Со добри играчи, и клуб без традиција буквално вчера формиран може да стане шампион.

А истото важи и за политичките партии.

4. Апсурдите на шовинизамот: со еден пријател Албанец на времето правевме муабет околу тоа дали треба да се гордее тој со Ферид Мурад и Мајка Тереза. Тој сметаше дека фактот што тие добиле Нобелови награди и се Албанци е многу значаен.

Моето прашање беше: ако научникот Ферид Мурад  добил Нобелова награда најмногу заради тоа што е Албанец (по татко барем, по мајка не е) зошто милиони други Албанци кои живеат во исто време со него не добиле и тие Нобелова награда? Истото и за Мајка Тереза, која наградата не ја добила затоа што била Албанка, ами затоа што направила многубројни хумани дела.

Слично на ова, многу хомосексуални активисти сакаат да се фалат со Леонардо да Винчи, кој освен што бил генијален научник и уметник, бил и хомосексуалец. Небаре, тоа што тој бил хомосексуалец имало влијание врз неговата генијалност. Па низ историјата на светов дошле и заминале милијарди луѓе, меѓу нив сигурно десетици ако не и стотици милиони мажи со хомосексуални склоности, па само еден бил Леонардо да Винчи. Воедно, имало многу уметници и научнци кои биле генијални, а за кои нема основа да се тврди дека биле хомосексуалци.

Слично на ова, многу расисти сметаат дека со самото тоа што има многу научници или уметници од некоја нација, дека тоа е знак дека таа нација е некава „виша раса“, предодредена за таква наука или уметност.

Се заборава дека има милиони Роми низ Европа, па не се сите надарени за музика, а има и одлични музичари  кои не се Роми, има милиони Евреи низ светот па не се сите генијални физичари како Ајнштајн, а имало физичари од таков калибар кои не биле Евреи. Не се сите Германци и Јапонци надарени за математика па да бидат инжинери, а има многу инжинери кои се надарени за математика ама не се ни Германци ниту пак Јапонци.

*

Секогаш кога се зборува за економијата, луѓето се склони да предлагаат едноставни објаснувања или прости решенија. Ако сте ја читале колумната „Митови на геополитиката“ знаете зошто е многу тешко да се објасни зошто некои држави се богати, а други не.

Во нашава држава долго време тема е девалвацијата на денарот, за која што нејзините поборници тврдат дека ќе го подобри извозот. Се зборува за темелни реформи во образованието, за кои поборниците тврдат дека ќе ја направат Македонија попросперитетна. Се зборува за странски инвестиции кои ќе ја покренат економијата напред. Се зборува за „зелени технологии“ кои ќе ја спасат животната средина.

Една ластовичка не ја прави пролетта. Со една нога никаде не се стигнува, сам човек не може да создаде семејство.

Светот не е ниту црн, ниту бел, ниту црно-бел, ниту пак во боја. Светот има бои, форми, звуци, мириси, и ако само една од тие карактеристики се земе за валидна, а другите се отфрлат – светот не може да се спознае.

А без да го спознаеме светот, како ќе го освоиме?

.

П.С: Веќе во четврток, во редовниот термин, очекувајте ја новата колумна насловена како „Меѓу слонот и јарето“. Таа нема да има многу врска со слонови и јариња, ама сепак насловот има врска со темата во неа.

До четврток, поздрав😉

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Во секој стереотип има по барем малку вистина инаку не би постоеле

    • И во секоја лимонада има по малку шеќер, па сепак тоа не е доволно да ја направи слатка лимонадата.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: