Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ MEЃУ CЛOHOT И JAPETO

leave a comment »

Бројте од стопалата нагоре, слонот има пет нозе, но бројте од стомакот надолу, слонот има четири нозе. Па колку нозе има слонов?

Кога бев многу мал, на тогашното Радио Скопје одеше една емисија која се викаше „Меѓу слонот и јарето“. Или барем јас така го слушав насловот, оти како мало дете, сеуште не го знаев зборот „јаве“, па си го толкував вистинскиот наслов „Меѓу сонот и јавето“ според единствената (детска) логична смисла т.е. со слон и јаре. Поентата е дека на луѓето можете да им кажете убаво што ви е идејата, ама ако тие не можат да го разберат тоа што го слушаат, ќе го слушнат тоа што го разбираат. Ова важи за многу луѓе, од земјоделци што протестираат за повиски откупни цени, преку економисти кои ги проучуваат монетарните параметри, па сѐ до членови на партии кои бранат или напаѓаат одредени потези на власта.

1. Разлика меѓу „знам“ и „убеден сум“: на времето, во Македонија имаше една штедилница чија директорка беше прогласена за „Менаџер на годината“ и лично претседателот на државата, ако добро се сеќавам, ѝ ја предаде плакетата за таа престижна награда.

Во нејзината штедилница имаа свои влогови сите побитни фаци од политичката елита на државата, од обични градоначалници и пратеници, до министри и судии во Уставниот и Врховниот суд. Народната Банка вршеше редовни контроли во штедилницата и сите нејзини извештаи за работењето на таа штедилница беа блескави и полни со пофлаби за директорката.

Што требаше да заклучи било кој обичен граѓанин од тоа? Па, едноставно, ако целата државна елита штеди во таа банка, ако сите институции што ја контролираат не ѝ наоѓаат ни една маана, јасно е дека станува збор за угледна финансиска куќа во која не треба никој да има страв да штеди. Таа штедилница се викаше ТАТ, и сите се сеќаваме, а особено 20те илјади обични штедачи кои штедеа во неа, до кај стигна таа приказна.

Патем, обичајот политичарите од власта да се дружат официјално со бизнисмени е останат до ден денешен, како на пример премиерот јавно да пие јогурт со директорот на млекара која потоа скандалозно ќе пропадне. Заедно со инвестиците во фармерска опрема што илјадници млекари ги направија убедени дека млекарата е чесна фирма, штом дури и премиерот во кого има полна доверба присуствуваше на церемонијата на нејзиното отворање.

Во поново време, во нашата земја имаме Закон за тутун, според кој строго се одредни сите операции и активности кои можат да се вршат во процесот на откуп на тутун. Освен тоа, има и владини инспекции кои официјално го надгледуваат извршувањето на законот. Владата дава и великодушни субвенции за тутунот. Оти Владата го има прогласено тутунот за стратегиски производ. Витален за државата!

Секој човек би си помислил дека тутунскиот сектор е еден одлично регулиран сектор од економијата, оти има и Закон за него, оти е стратегиски, оти е витален, и инспекции има, и субвенции се даваат, па секој би очекувал тоа да функционира перфектно. Деновиве сите сме сведоци колку перфектно функционира тоа.

Секој умен човек треба да знае дека она што политичарите и институциите го ветуваат, ретко, ако и тогаш како што треба, можат да го исполнат. Но, повеќето луѓе се убедени дека она што институците го ветиле, и она што политичарите го кажале, е вистина.

Лутината, разочарувањето, чуството дека некој ве предал настанува кога ќе сфатите дека има огромна разлика меѓу значењата на термините „знам“ и „убеден сум“. На штедачите во ТАТ никој никогаш не им кажал дека нивните влогови се ама баш сто проценти сигурни, а и да им кажал некој така, требало да се запрашаат дали и тој што тоа им го кажува е сто проценти сигурен. Во СФРЈ државата гарантираше за штедните влогови во банките, но кој гарантираше за државата?

На тутунарите никој не им рекол дека секоја година ќе имаат цени какви што посакуваат за нивниот производ, но оној што не го разбира финансискиот еквивалент на зборот „јаве“, ќе го слушне финансискиот еквивалент на зборот „јаре“. Па како и секое жртвено јаре, и тука ќе се бара некој што ќе биде крив.

Многу малку работи можеме навистина да ги знаеме, но во еден куп глупости и лаги можеме да бидеме убедени.

2. Разликата меѓу „прецизно“ и „точно“: пред неколку месеци ја напишав колумната „Бројкофилија“ и еве еден кус цитат од неа:

„Разликата меѓу прецизно и точно многу луѓе не знаат да ја направат, па ги мешаат овие два поима. Еве на пример, јас можам да ви кажам дека македонскиот крал Филип II бил роден на 11ти февруари во 382та година пред новата ера точно во 7 часот и 25 минити рано наутро, но од овие екстремно прецизни податоци едвај за годината можеме со околу 90% сигурност да тврдиме дека е точна (таа е историски прифатената, ама тој „факт“ се заснова на многу скудни и индиректни историски извори). Другите податоци се тотално неточни бидејќи со ниту еден извор не може да се поткрепат.“

Просто е неверојатно колку луѓето имаат потешкоти да сфатат дека она што ќе го добијат како прецизна бројка од некое мерење, не мора да биде воопшто точната бројка од тоа мерење.

Мерењето на коефициентот на интелигенција е класичен пример, при што било кој од општо-прифатените тестови за IQ да ги направите ќе добиете една прецизна бројка која ќе ви каже колкав е вашиот коефициент на интелигенција.

Тестот сведочи за вашиот коефициент на интелигенција, но кој сведочи за тестот? Качете се на вага и таа ќе ве измери колку сте тешки, колку килограми имате, но што ако вагата не е точна, ако системот на тегови во нејзиниот механизам е расштиман и неизбалансиран? Ќе добиете прецизен резултат (толку и толку килограми) ама тоа нема да биде точен резултат.

Сосема истото го имаме кај повикувањето на авторитети во ликот на некои истакнати научници или мислители. Има припадници на левицата кои се расправаат за прашања од нивната идеологијата и како главен аргумент во сите дебати им е дали Маркс кажал така или Маркс кажал поинаку. При тоа никој од нив не застанува да размисли дали Маркс воопшто е во право за дотичното прашање или само глупости тресел од ракав.

Во христијанството има долга традиција на расправии (па дури и војни) околу тоа дали одредени догми треба да се прифатат во реалноста и да се живее животот според нив, и како главен аргумент во дебатите на теолозите секогаш е дали тие догми се во согласност со Библијата или не се. При тоа, никој од теолозите не зема да подразмисли дали Библијата воопшто е точна и применлива во реалниот живот.

Исто како во теологијата и во други науки се прави, не толку во техничките оти таму скоро секогаш теорите може да се потврдат или отфрлат експериментално дали се точни или не, ама во општествените науки и особено во историјата редовно се заборава основниот принцип на логиката: „ако премисата е точна, тогаш ако се следат логичките правила и заклучокот ќе е точен, но ако премисата не е точна, тогаш заклукот нема да биде точен, и покрај следењето на логичките правила?“

Со пример: ако македонскиот јазик е сличен на другите словенски јазици, тоа значи дека Македонците потекнуваат од Старите Словени. Но, можеби е обратно, можеби словенските јазици се слични на македонскиот, па тогаш заклучокот е сосема поинаков, како што пишував во една колумна од пред две години.

Или поконкретен пример: ако директивите и препораките од ЕУ се корисни за нас, тогаш со донесување на овој закон ќе се усогласиме со тие препораки и директиви. Но, што ако директивите од ЕУ не се корисни за нас? Жив пример – прашањето за името.

3. Разликата меѓу „трошење“ и „инвестирање“: во последниве месеци, во Македнија многу се користи во јавноста зборот „инвестирање“ главно од страна на Владата која со тоа сака да ја оправда употребата на милиони евра за изградба на спортски објекти, споменици и монументални зданија.

При тоа се зборува за „инвестирање во културата“ или за „инвестирање во спортот“ или „инвестирање во образованието“. Некои од тие  пари се навистина инвестирани (во образованието), иако ефектот од нив, повратот на инвестицијата, ќе биде далеку помал од она што се ветува. Но, поголемиот дел од тие пари оди на трошење, а не на инвестирање.

Со краток и едноставен пример ќе објаснам која е разликата меѓу „инвестирање“ и „трошење“ на пари.

Замислете дека има два града одвоени меѓу себе со висока планина и дека доколку некој сака од едниот град да отиде со автомобил до другиот град, ќе мора да се вози низ планински пат, и за тоа патување ќе потроши три литри гориво (ако користи просечен автомобил). Да речеме дека секој ден во просек две илјади коли одат по тој пат, во било кој правец.

Значи, секој ден, 6 илјади литри гориво се употребени од граѓаните на двата града за патување низ планинскиот пат кој ги поврзува градовите, или за една година, околу 2 милиона литри. Ако секој литар чини едно евро, тоа значи дека годишно 2 милиона евра граѓаните даваат за патувања по таа делница, само за гориво.

Сега, да речеме дека владата доаѓа на идеја да изгради тунел низ планината со што драматично ќе се смали употребата на гориво (оти патот ќе стане и порамен и покус) па секој автомобил што ќе патува низ тунелот ќе употреби само еден литар гориво за да стигне од едниот до другиот град. При ист обем на сообраќај, од две илјади коли на ден, вкупните заштеди на граѓаните ќе бидат 4 илјади литри на ден, или околу 1,4 милиони литри т.е. евра годишно.

Да речеме дека изградбата на тунелот и неговото одржување во работна состојба за првите 12 години ќе чини 8,5 милиони евра, кои владата ќе ги набави преку кредит со 5,5% камата (има грејс-период додека трае изградбата, па тогаш не тече каматата). Со таа камата значи дека после 12 години, владата ќе треба да врати двојно повеќе т.е. речиси 17 милиони евра. А за тие 12 години, граѓаните ќе заштедат на гориво баш толку, 17 милиони евра.

Од таму, инвестицијата за опшеството како целина ќе се врати за 12 години, и тунелот потоа ќе се користи уште најмалку педесет години пред да мора да се реновира во целост.

Е тоа е инвестиција: даваш пари за да можеш на долг рок да заработиш или да заштедиш многу повеќе пари одошто си дал.

Да речеме и дека во чест и спомен на изградбата на тој тунел, владата одлучува да потроши и уште 8,5 милиони евра за изградба на монументален бронзен споменик наречен „Градителот“ (и евентуално и музеј, со примероци од карпите, фотографии од процесот на изградбата и делови од работната облека и алатките).

Тие осум и пол милиони евра се трошење пари. Од нив никаков финансиски ќар ќе нема, ниту ќе создаваат заштеда во иднина, ниту ќе носат заработка. Можно е да доаѓаат туристи за да го видат споменикот и посетат музејот, но нивниот број нема да биде толку голем за да донесе профит.

4. Разликата меѓу „се трудиме“ и „работиме“: најубаво за оваа разлика пишував во колумната „Под фенерот“ каде што објаснив дека целта на трудот не е да се работи нешто колку да се работи, ами да има резултати од тоа нешто.

Често пати многу луѓе, особено политичарите, не ја сфаќаат таа разлика, дека можеш да се трудиш многу околу нешто и на крајот да не го постигнеш тоа што си го наумил.

Еве за цигарите кои нашата премудра влада одлучи пред една година да ги забрани за пушење во кафеаните, рестораните и кафулињата. Идејата беше да се намали количеството на цигари што се испушуваат од страна на посетителите на тие кафеани. Воедно, непушачите во кафеаните (гости и персонал) да се заштитат од пасивното пушење.

Тоа беше намерата, а резултатот е дека луѓето или си седат дома и дома си прават седенки и си пушат исто толку цигари колку што би испушиле ако седат во кафеана без забраната, или одат во оние кафеани чии газди се партиски и роднински поврзани со инспекторите, па не стравуваат од казни, и следствено во нивните локали слободно се пуши.

А во меѓувреме многу од вработените во оние кафеани каде забраната се почитува, поради падот на посетеноста, станаа невработени, па сега се заштитени и од пасивно пушење и од земање плата.

Во колумната „Процес или резултат“ зборував за тоа дека не секогаш она што го правиме води кон посакуваниот резултат, ами само го продолжува процесот без било каков ефект. На пример, кампањите со кои се сака да се убедат луѓето да имаат повеќе деца или да не вршат абортуси. Намерата е добра, ама начинот на кој се прави тоа е гарантиран да не донесе ама баш никаков успех.

*

Човек може да се труди цел ден во решето да префрли вода од еден во друг базен, но нема да пренесе многу. Од друга страна, човек ако е умен, ќе земе еден здрав сад соодветен за пренесување на вода и ќе ја сработи таа работа многу побрзо.

Никој нема да ти каже „браво“ затоа што си пробал. Никому не му е гајле за твојот изговор зошто не си успеал. Џабе е да велиш „совеста ми е чиста“ и за секој свој неуспех да ги обвинуваш другите. Секој будала може да проба и да не успее, па да тврди дека совеста му е чиста оти сепак се обидел. Потребен е паметен човек за да ги надмине тешкотиите и да триумфира.

Ако немаш резултати, значи дека не си паметен, па тогаш која е разликата меѓу тебе и другите будали?

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја колумната со наслов „Овчарчето што викало волк“ во која ќе има многу практични примери и варијанти на познатата басна.

До тогаш, поздрав😉

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: