Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ CУБBEHЦИИTE И ШИШAЊETO

with 2 comments

Во текстот што следува, ќе се обидам, преку практичен пример со берберници и потшишување, да објаснам кои се ефектите од давањето на субвенции за било која услуга или производ. Субвенционирањето може да ја постигне целта за која е предвидено ако се направи правилно, ама ако се направи погрешно, ќе даде сосема обратни  резултати од посакуваните.

Замислете дека во еден град живеат 100 илјади мажи, од кои шеесетмина се бербери (не 60 илјади, туку 60). Потшишувањето чини 60 денари, и бидејќи има толку многу бербери, а крајниот производ (скратена коса) е секаде идентичен, цената е иста кај сите бербери, поради конкуренцијата.

Поради цената од 60 денари, оние 100 илјади мажи, во просек, одлучуваат да се потшишаат по еднаш во сто дена, или годишно во градот сите бербери треба да направат околу 360 илјади потшишувања. Тоа, при цена од 60 денари за едно шишање, е побарувачката на пазарот за таа берберска услуга.

Воедно, ако секој бербер работи по шест дена во неделата по седум часа (оти многумина сакаат во сабота да се шишаат) и ако работи 48 недели во годината (има одмор од четири недели), и ако за едно потшишување му се потребни 20 минути за да го направи саглам, тоа значи дека еден бербер може за една година, ако постојно има муштерии во дуќанот, да работи најмногу 6х7х48=2016 часа, и со три потшишувања на час да изведе годишно 6048 потшишувања. Нека бидат шест илјади заокружено.

При шеесет бербери кои можат да изведат по шест илјади шишања годишно секој, понудата на пазарот е 360 илјади потшишувања годишно. Иста како побарувачката, што значи дека цената од 60 денари за едно шишање е реалната цена.

Но, да речеме дека Власта решава да преземе нешто, оти нејзината стратегиска определба назначена преку слоганот „Со пократка коса подалеку ќе стигнеме“ е мажите во градот да имаат пократка коса и следствено, почесто да се шишаат. За да го поттикне почестото шишање, Власта обезбедува субвенции за секое потшишување.

За таа намена се предвидени по 30 денари за едно шишање, па за 360.000те шишања годишно, обезбедена е буџетска ставка од 10.800.000 денари. За секоја фискална сметка што ќе ја издадат берберите, добиваат субвенција од буџетот од 30 денари.

Во прво време, оваа вест ќе ги израдува берберите многу, оти ќе им обезбеди простор да ги намалат цените на својата услуга, и со тоа да ја победат конкуренцијата. А бидејќи сите ќе го направат тоа, цената на шишањето во било кој дуќан ќе падне на само 30 денари. Ќарот за берберите е ист, оти претходно добивале од муштеријата по 60 денари за шишањето, а сега добиваат 30 денари од муштеријата и уште 30 денари од субвенцијата. За да можат да ги задоволат повеќето муштерии што сметаат дека ќе ги украдат од конкурентите, секој од нив е спремен да работи екстра часови секој ден.

Е арно ама, давањето на субвенции не само што им овозможува на берберите да ги намалат цените, ами и со тие намалени цени, мажите ќе можат почесто да одат на  бербер. Па место да чекаат во просек 100 дена да им порасне косата, сега ќе одат еднаш на 50 дена. А токму тоа е целта на субвенционирањето, оти Власта со тоа сакала да им помогне на мажите – почесто да се шишаат и да не дозволат да им порасне косата премногу.

Но еве ја новата ситуација на пазарот: тие 100 илјади мажи кои сега ќе плаќаат од свој џеб по 30 денари за едно шишање, ќе одат на секои 50 дена на бербер, што значи дека ќе има побарувачка на пазарот за 720.000 потшишувања годишно!

А берберите сеуште се само 60 луѓе, сеуште им требаат по 20 минути за саглам потшишување, што значи дека за да се задоволи побарувачката, треба да има и иста понуда, т.е. секој бербер годишно да потшиша по 12 илјади мажи, т.е. да работи секој ден по 14 часа, шест дена во неделата. Или пак, да го забрза секое потшишување, па да не потшиша никого како што треба, или, конечно, да ја зголеми цената со што ќе го намали бројот на луѓе спремни да одат толку често на шишање.

Дека берберот ќе работи по 14 часа на ден нема сигурно, оти која е смислата на животот му тогаш, а од друга страна, ако работи само седум часа како порано, ќе ги заработи истите пари како порано, па најверојатно, ќе работи по седум часа на ден нормално работно време, што значи дека половина од муштериите нема да можат да добијат шишање.

Па секое утро ќе има долги редици пред неговата ординација, пардон, берберница, од луѓе што чекаат ефтино шишање, а за оние што се спремни да платат повеќе, и да добијат сигурно потшишување, ќе обезбеди да дојдат после работното време, кога за повисока цена, ќе можат да добијат добро потшишување без да чекаат во ред (оти кога треба да се плати повеќе, нема толку муштерии, па нема ни чекање ред)

Втора можност е докторот т.е. берберот да шиша двојно побрзо и така за исто работно време да потшиша двојно повеќе муштерии, но така нема да потшиша ниеден муштерија квалитетно, па така, незадовлните пациенти, пардон муштерии, ќе бидат исто така принудени да дојдат подоцна, после работно време, за да си платат повеќе и да си добијат квалитетен преглед и третман, пардон шишање.

Трета опција е едноставно да ја зголеми цената на шишањето на 90 денари, па пак секој пациент, т.е. муштерија кој ќе сака шишање да мора да плаќа по 60 денари од својот џеб (кои со 30те денари субвенција, ќе му обезбедат на берберот 90 денари по едно шишање).

Кои се ефектите од субвенционирањето? Или ќе има долги редици, со што џабе е поефтиното шишање кога не можеш да дочекаш да ти дојде редот, или ќе има шишање за сите, ама тоа ќе биде брзо и неквалитетно па џабе си се шишал, или ќе има шишање како и порано, да платиш по 60 денари, ама сега оти е скапо ќе се шишаш како и порано, еднаш на сто дена.

Значи, субвенциите не го дале воопшто саканиот резултат, во било која од трите опции.

При првата опција половина од луѓето воопшто нема да се потшишаат, што е полошо од првобитната ситуација, кога сите успевале барем еднаш на сто дена да се потшишаат,

При втората опција сите се лошо потшишани со што се губи целата смисла на проектот на Власта за поубави фризури на граѓаните, а плус и поради тоа што се 720.00 потшишувања направени ќе треба буџетот за субвенциите да се удвои (на 21.600.000).

Конечно, при третата опција граѓаните ништо не добиле оти се шишаат по иста цена од 60 денари и пак еднаш во сто дена, а од буџетот сепак се исплаќаат по 10 милиони и 800 илјади денари секоја година.

Во реалноста, вкупниот ефект од субвенционирањето ќе биде мешавина, во одредени делови, од секоја од трите опции, со што е јасно зошто во нашиот здравствен систем имате долги редици пред лекарските ординации, имате лекари кои набрзина ќе ве прегледаат и по таа основа погрешна дијагноза и терапија ќе добиете, и конечно, зошто во континуитет цените на здравствените услуги раснат, а и трошоците на Фондот за здравство исто така.

Особено неочекуван ефект од субвенционирањето се јавува при третата опција, кога само берберите имаат ќар од субвенциите, а ниту државата има (оти народот пак се шиша на сто дена еднаш и се шетаат мажите наоколу со предолги коси), ниту пак граѓаните (оти пак плаќаат по 60 денари по шишање).

Бидејќи берберите сега добиваат по 90 денари за секое шишање, нивниот бизнис станува попрофитабилен (при ист труд како и порано) па сега е поатрактивен за нови бербери, нови луѓе кои сакаат да влезат во тој бизнис.

Нормално, постојните бербери не се улави па да го дозволат тоа, па од таму создаваат лоби кое ќе бара од секој нов бербер да помине неколку години во обука, па ќе имаат комисии пред кои ќе полагаат стручен испит, и кои комисии ќе ги буткаат на најситни грешки, па ќе има кланови во берберскиот бизнис и на берберскиот факултет каде ќе се менуваат низ децениите имињата а презимињата ќе си остануваат исти (т.е. непотизам), и на долг рок, поради тоа ќе опадне драматично со тек на време општиот квалитет на берберските услуги. Тоа го имате кај нас во Македонија најјасно изразено во сферата на медицината.

Ако пак не се способни берберите да го спречат влегувањето на нови луѓе во нивниот бизнис, наскоро во градот ќе има не 60 ами 120 бербери, ќе има пак понуда еднаква на побарувачката, цените ќе паднат на посакуваните 30 денари за граѓанинот (со плус 30 денари од државата субвенција) но ќе треба да се даваат многу повеќе пари за субвенции (не планираните 10.800.000 ами 21.600.000) и ако случајно еден ден државата ги укине субвенциите, ќе предизвика половина од земјоделците, пардон берберите да банкротираат. И тогаш имате социјална револуција.

Кое е решението? Бидејќи сите проблеми во субвенционирањето доаѓаат од неразбирањето на принципот на понуда и побарувачка, таму треба да се бара и лекот.

Ако побарувачката е поголема од понудата, или ќе има повиски цени, за да луѓето купуваат помалку, па да се изедначат пак понудата и побарувачката, или ќе има недостаток на производот (услугата), па џабе ниската цена кога не можете да го најдете производот, или ќе има доволно производи (услуги) за сите по ниска цена, ама ќе бидат со многу лош квалитет.

Ако сакате да ја задоволите зголемената побарувачка, морате да ја зголемите понудата, преку либерализација на пазарот и укинување на сите видови монополско однесување. Мобилната телефонија во нашата земја е најдобар пример за тоа.

Ако сакате да ја задоволите зголемената понуда морате да ја зголемите побарувачката т.е. да го проширите пазарот преку либерализација и укинување на монополот што го имаат неколкуте лиценцирани откупувачи. Либерализацијата на услугите на финансиските трансакции пред една деценија, кога се укина Службата за општествено книговодство е најдобра илустрација за тоа.

Економските законитисти и принципи секогаш се во сила, слично на природните закони. Можете да не ги сакате, можете да се преправате дека не постојат, можете да ги ставате под тепих, ама на крајот тие ќе избијат на површина со сите негативни ефекти за кои не сте сакале ни да размислувате на почетокот.

Кој не знае да планира два чекори однапред, ќе се сопне уште на првиот.

.

П.С: Колумнава е вонредна и инспирирана е од еден муабет што вчера го имав со еден пријател на тема „субвенции“. Во четврток, очекувајте ја редовната колумна „Овчарчето што викало волк“. Во неа ќе дознаете за опозиционерот што викал „фашизам“, лекарот што викал „штетно за здравјето“, патриотот што викал „предавство“ и други варијации на истата тема.

До тогаш, поздрав😉

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. -Со буџетот за субвенционирање 2010 год. беа предвидени 8000 ден/хе за посев пченица од која се прави лебно брашно, а видовме дека покачувањето на лебот за 3 денари крена прашина, а истовремено за посев тикви ќе добиевте 20000 ден/ха субвенција.
    -Со полна агротехника трошокот за сеење и собирање на 1 хектар пченица е 25000 ден/хе, а просечниот принос е 2500 кг/ха.
    (24000ден/2500кг= 10ден/кг) Значи производната цена во жетва беше 10ден/кг, а продажната во истиот период беше 8ден/кг со што земјоделецот губи 5000денари. (2ден/кг*2500кг= 5000денари) Овие 5000 денари ѓи покрива со 8000 денари од субвенцијата за пченица, а нето профит му остануваат само 3000 денари.
    -Трошокот за сеење на 1 хектар тикви е 10000 ден/хе, тиквите немате обврска да ѓи берете оставете ѓи да скапат на нивата, од земјоделскиот инспекторат кога контролираат ѓи интересира само да се посеани нивите.
    На крај од годината ќе земете 20000 денари од субвенцијата за тикви ќе ѓи покриете трошоците од 10000 денари и ви остануваат чисти 10000 денари нето профит.
    -ЗАКЛУЧОК: Од хектар посеани тикви кои реално не се ни произведени земјоделецот профитира со 10000 денари, а од истата површина пченица само 3000 денари.
    Пченицата е стратешка култура од која не ѓи задоволуваме своите потреби и 40% ја увезуваме, од пченица се прави брашно, а од брачното леб кој се покачи само за 3 денари и реаѓираа 50% од народот на кој лебот му е основна храна.
    Ако продолжи вака да се субвенционира без анализа и стратегија што ни е приоритетно ќе немаме леб, а тиквите ќе ни бидат основно производство и ќе бидеме нација на тиквари.
    -Кога започнала колективизацијата во СССР и производството на храна било уништено, народот гладувал започнале масовни кражби на храна, а Ленин и комунистите одговориле со закон КРАЖБАТА НА ЛЕБ НЕ Е КРАЖБА! се плашам како што им стојат приоритетите на владава за некоја година ќе го донесе истиот закон во македонска варијанта КРАЖБАТА НА ТИКВИ НЕ Е КРАЖБА И ТАКА НИКОЈ НЕ ЃИ БЕРЕ, А ЃИ СУБВЕНЦИОНИРАМЕ!

    Иван

    16/01/2011 at 21:29

    • Благодарам на примерот од пракса.

      Добро надополнување на она што јас го имам напишано во колумнава.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: