Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ OBЧAPЧETO ШTO BИKAЛO „BOЛK“

with 4 comments

Приказната за овчарчето кое постојано кревало аларм за напад на волци на стадото (а волци никогаш немало) сите ја знаеме. Знаеме и дека после неколку лажни тревоги возрасните овчари престанале да се одзвиваат на повиците на овчарчето, па кога дошол навистина волкот да ги нападне овците, и кога овчарчето кренало пак аларм – никој не дошол да му помогне да се одбрани од волкот. Приказната е толку позната што би требало сите да ја имаат во предвид. Но, не е така, па еве неколку примери од реалниот живот кои докажуваат дека сепак има луѓе што од оваа општо-позната басна не ја извлекле поуката.

1. Вмровците што викале „зад ова стои СДСМ“: уште во времето кога Љубчо беше неприкосновен лидер на македонските патриоти (неколку години пред да извади бугарски пасош) членовите на неговата партија ја развија следнава навика: за секоја непријатност да им биде крив нивниот политички непријател.

Прво, додека беа во тешка опозиција, кај вмровците кога и да настанеше некоја чисто внатре-партиска кавга спротиставените страни ги обвинуваа оние од другата фракција дека се „удбаши“. Кој за што, а вмровците за УДБа збореа.

Толку многу се експлотираше тоа обвинување, што на крајот луѓето престанаа да го слушаат и да му обрнуваат внимание. Па кога дојдоа вистинските удбаши во врвот на партијата – никој не можеше да ги препознае дека се тие баш, оние вистинските на кои цело време се предупредувало.

Потоа, кога дојдоа на власт (и во првиот и во сегашниот мандат) на вмровците за секоја пречка во остварувањето на нивното владеење, било тоа да се барања од албанскиот фактор, било да се некакви економски проблеми во државата, било да се појават корупциски скандали, непријатни изјави од странски дипломати и политичари – стандардното обвинување е дека „тоа е масло на СДСМ“.

Ако Уставниот суд укине некој закон што е апла противуставен – тоа е по налог на Бранко кој сака со тоа да ги спречи реформите, ако протестираат тутунарите или млекарите или лозарите за некакви чисто економски барања свои – тие се организирани од Бранко и неговата партија, ако има секојдневни грабежи на банки кои остануваат нерасветлени – и тоа е дело на структурите во подземјето контролирани од опозицијата.

Конечно, било кој што е во опозиција, било кој да најде било каква замерка на било која глупост или грешка на актуелната власт – сигурно е во таен сојуз со есдеес.

Со тек на време, луѓето отрпнуваат на ваквите обвинувања, и ќе дојде денот кога навистина ќе имаат големи проблеми вмровците со тајните интриги на СДСМ, ама кога ќе речат дека зад тоа стои опозицијата и дека народот не треба да наседнува на нив – никој нема сериозно да ги сфати и да им верува на вмровците.

Баш како што во 2001та се случи војната, а за неа народот поверува дека се криви баш Љубчо и Џафери, кои ниту имаа потреба од такво нешто, ниту извадија било каков ќар за себе. И тогаш вмровците велеа дека удбашите во безбедносните структури ја саботирале одбраната на земјата – ама никој не им веруваше.

2. Опозиционерот што викал „диктатура“: слично на оние од првата точка, тука ги имаме припадниците на опозицијата, на невладините организации и на разните анти-владини медиуми кои за секој проблем што го имаат со власта тврдат и на цел глас се дерат дека е тоа доказ за „диктатурата на Груевски“ и дека ни помалку ни повеќе во земјава имаме „класичен фашизам“.

Ако на еден протест, еден млад хулиган му удри клоца на некој од левичарските демонстранти – тоа е знак дека власта почнала да ги тепа јавно опозиционерите, баш како што правеле нацистите и фашистите во свое време. Ако некој градоначалник го притворат под обвинение дека учествувал во некоја финансиска дубара – тоа е диктатура, ако влезе полицијата и даночната инспекција во зградата на приватна телевизија (во која зграда има и десетина други фирми кои немаат врска со медиумот) – тоа е „почеток на тоталитаризмот“.

Со тек на време, луѓето отрпнуваат на таквите обвинувања и не им обрнуваат внимание и затоа никој не му верува на Велија сега дека е жртва во борбата за замолчување на опозиционата му телевизија (иако можеби е!). Па кога навистина ќе почне власта да забегува во својата заблуда дека ќе владее вечно и навистина ќе почне со тоталитарни и диктаторски постапки – никој нема да верува кога опозиционерите ќе се жалат и на тоа.

Од таму, човек што е во опозиција во Македонија треба да биде штедлив при делењето на епитети и етикети. Оти, ако денеска ги потрошиш сите предупредувања за ситни работи, што ќе ти остане кога ќе дојде големата работа, кога оној вистинскиот „голем лош диктаторски-фашистички-тоталитарен волк“ ќе го нападне навистина трлото?

3. Патриотите што викале „предавници“: во СССР во времето пред Втората светска војна, владетелот Сталин имал обичај насекаде околу себе да гледа предавници и шпиони кои работат во служба на внатрешниот и надворешниот непријател. Ова било логична последица на личното искуство на Сталин кој во борбата за да дојде на власт искачувајќи се низ партиската хиерархија секогаш знаел да ги предаде своите надредени, да ги накодоши кај тогашниот водач Ленин дека се тајни агенти на царската полиција или и самиот да контактира со тајната царска полиција и да ги предаде своите ривали за значајните функции во бољшевичката партија.

Значи, човек што постојано тајно работел против своите најблиски соработници, нормално е да го очекува сосема истото однесување и од своите потчинети кога ќе се искачи на врвот на владеачката пирамида.

Како превенција од можен заговор против него, Сталин редовно им верувал на сите тврдења дека некој негов потчинет е шпион на странските сили или член на завера во самата партија со цел негово уривање од власт, па таквите луѓе, најчесто ни криви ни должни завршувале во затвор или биле стрелани.

Со тек на време, Сталин отрпнал на таквите обвинувања кои постојано му ги доставувале потчинетите кои на тој начин сакале и самите да се ослободат од своите конкуренти за унапредување, и иако продолжил со затворања и стрелања на своите најблиски соработници, тој никогаш искрено не верувал дека тие се навистина сериозни непријатели.

Така, кога во 1941та советските шпиони му кажале дека Хитлер планира да го нападне Советскиот Сојуз, Сталин не верувал во тврдењата на своите агенти, и сметал дека како што и тврдењата за другите непријатели биле лажни, така и за овој непријател не треба да се земаат премногу сериозно. Па затоа Сталин ништо не направил да ја подготви земјата за одбрана од нацистите, што резултирало со милиони жртви на руска страна, кога нацистите навистина нападнале.

Во наше време, многу вмровци толку многу забегаа со фрлањето на етикетета „предавник“ врз секој што не се согласува ама баш во сѐ со нив, што грст новинари кои беа и останаа по убедување тврдокорни комунисти ги сметаат за поголеми патриоти од луѓето кои во 2001та ја бранеа Македонија а сега се маргинализирани и репресирани токму од партијата која се нарекува патриотска и под своја закрила ги има дотичните новинари – пропагандни мегафони.

4. Научникот што викал „ова е лошо за здравјето“: нема ден а во јавните гласила да не чуеме или прочитаме за некое ново откритие на медицинските експерти кои во некое свое истражување откриле некој нов ризик за здравјето. Те џвакањето мастики ги расипува забите, те возењето велосипед ја смалува потенцијата кај мажите, те бојата во кинеските играчки е полна со олово, те сончањето повеќе од пет минути е смртоносно, те користењето на фејсбук заглупавува, те пушењето убива… крај нема.

За што ѝ да се фати човек, може да најде некое предупредување од сериозни медицински експерти дека тоа е лошо за здравјето и дека може да му створи рак, срцеви проблеми, импотенција или брчки на лицето.

Со тек на време, луѓето отрпнуваат на сите овие предупредувања за ризиците од сѐ што ги опкружува и дури и кога навистина ќе се соочат со сериозен ризик за здравјето го игнорираат.

Лично има правено муабет со човек кој ми објаснуваше дека во патиките што ги носев на нозете за време на разговорот (а кои беа произведени во Кина) Кинезите ставале некои забранети во САД и ЕУ лепила кои предизвикувале рак на кожата. Додека ми објаснуваше пријателот како лепакот во кинеските патики ќе ми го скрати животот, во раката му гореше цигара од која на секои десет–петнаесет секунди повлекуваше тој по еден длабок дим.

Е ајде де, лепакот од патиките е канцероген, ама чадот од цигарите е лековит!? Од друга страна, вреди ли да се борите против пушењето во кафулињата со глупави забрани, а да работите упорно на рестартирање на велешката топилница истовремено игнорирајќи го загадувањето што го предизвикува рафинеријата?

Некој навистина треба да ја прочита мојата колумна „Еден ама вреден“.

5. Публиката што викала „браво“: еден пријател пред некое време ми забележа што на мојот блог, во моите колумни често знам да упатам сериозни критики кон актуелната влада и дека му било чудно што јас, за разлика од него, не ја подржувам безрезервно власта. „Мислев дека си десничар“ – разочарано ми кажа другарот.

На времето, кога вмровците беа прв пат на власт (во ерата на Љубчо, кого нагалено си го викаа „војвода“) луѓето од таа гарнитура правеа скандали, афери, грешки и општо кажано глупости практично на дневна основа. Немаше бре ден без да се обрукаат десничарите тогашни. Но, ако за тоа коментираа и предупредуваа нивните политички противници, оние од нивната партија си молчеа.

Оти не можеа да ја направат разликата меѓу „политиката“ и „политичарот“. Па наместо да ја подржуваат партијата поради нејзината идеологија, тие ја подржуваа идеологијата поради партијата која ја застапуваше.

Да бидеш десничар не значи за секоја будалаштина на оние што се нарекуваат „десница“ да ракоплескаш и да викаш „браво, одлични сте, само така продолжете“. Да бидеш десничар значи да веруваш во одредени идеали и идеи, и гласно да ги критикуваш оние кои не ги следат тие идеали и идеи и не сакаат да ги спроведат во пракса иако ветиле дека тоа ќе го направат.

Слично како што наставничката што на учениците секогаш им пишува петки, без разлика колку и да (не) знаат, им прави лошо ним оти не им овозможува да сфатат дека грешат, така и десничарите кои ги премолчуваат глупостите на својата партија ѝ прават лоша услуга на десната опција оти со молчењето праќаат порака дека со глупирањето може да се продолжи.

А како што паметиме од првиот вмровски мандат, од 1998та до 2002та, тоа не може да заврши добро.

*

Од друга страна, да си припомниме за ноември 2004та, кога изгледаше сериозно дека Македонците конечно решиле да му кажат „не“ на Западот и на меѓународната заебница (заедница, де!), кога во големо мнозинство, според сите анкети, рекоа дека ќе гласаат на референдумот против територијалната реорганизација.

Гледајќи дека публиката кај нас (ѕирнете ја патем колумната „Театар“) престанала да вика браво за секоја изведба на Странците, тие одлучија да ја поткупат македонската јавност со признавањето на САД на нашето уставно име. Ако кучето не залаеше, ќе му фрлеа ли коска?

Тогаш, да не се побуневме против нивните диктати, дали ќе нѐ признеа како Македонија Американците? Сигурно не.

Лидерот што ќе се опкружи себеси со полтрони кои постојано ќе му ласкаат, е како човек што седи во куќа полна со огледала, ама во која нема ниту еден прозорец. Секогаш ќе може да види колку е убаво зачешлан, ама никогаш нема да види што се случува во реалниот свет.

Па кога реалноста ќе затропа на врата и ќе почне да фрла камења и шишиња кон државните зданија, ќе си мисли дека тоа е нечие масло, некој тие луѓе ги изманипулирал.

Бабата си седела пред своите огледала, а не ѝ текнувало да погледне низ прозорецот. Па така, додека селото почнало да гори, бабата загледана само во огледалата си се чешлала, и чешлала, и чешлала… додека огнот не ја зафатил и нејзината куќа и веќе било касно за сѐ.

.

П.С: Наредниот четврток, очекувајте ја колумната „Златното доба како архетип“ во која ќе видите што имаат заедничко Јосип Броз Тито, Адам и Ева и филмот „Аватар“ со пустината Сахара, грчката митологија, американските Индијанци и сибирските мамути.

До тогаш, поздрав😉

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Не се обидувај да ја категоризираш политичкава состојба во Макеоднија зошто вакво нешто не постои во теоријата ова е башибозук

  2. Коментар во врска со насловот, кој пак е во врска и со целиот текст.

    Приказната за овчарчето што викало волк. Ова подолу е легендарна реплика од Ѕвездени патеки – Deep Space 9, кога Др. Башир (кој е човек) му ја раскажува приказната и општо прифатената поента на Гарак (кардасијанец, шпиун). За Гарак да заклучи: „Дали си сигурен дека поентата е да не се лаже? Поентата е никогаш не ја кажувај истата лага два пати!“.

    За жал, ниту не се лаже, ниту се кажуваат различни лаги.🙂

    Васко Цацаноски

    18/02/2011 at 00:45


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: