Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДOЛEBAЊE MACЛO BO OГHOT

with 6 comments

Соочена со неочекувано жестоките протести на незадоволните земјоделци, Владата наша почна на сите страни на сиот глас да објавува податоци за тоа колку десетици и стотици милиони евра одвоила за нив во изминативе години откако е на власт. Во кусава колумна што следува ќе се обидам да ви објаснам дека баш тој пристап е контра-продуктивен, оти наместо да ги смири, уште повеќе ги разгневува незадоволните.

1. Ќе почнам со еден поучен виц: во брачниот кревет, во кој веќе подолго време не се случуваат никакви интересни работи, жената разочарано и загрижено го прашува својот маж:

-Миличок, ние веќе со месеци не сме воделе љубов. Да не си станал импотентен? – вели таа.

– Јас импотентен?! Нема врска, што збориш, од каде таква помисла ти дојде? Да знаеш само сабајлево на работа како ја „плескав“ цел саат секретарката, после работа наминав кај швалерката и неа да ја задоволам, а пред еден час додека ти беше на кафе-муабет кај едната сосетка, јас бев на секс-муабет кај другата сосетка. Така да, миличка, не сум импотентен, не грижи се… чекај ма, врати го пиштолот во фиоката, еј, полека, еј… мисли ма што правиш… еј…

И утредента, во весниците во црната хроника има вест за една жена која го застрелала својот маж, а иницијалите на убиецот одговараат на иницијалите на сопругата од погоре опишаниот муабет.

Сфативте нели каде згреши мажот во муабетот со жената си? Тој ѝ објасни убаво дека не е импотентен, извади бројки и факти и аргументи како доказ за својата потенција, ама тоа не само што не ја смири жената, туку уште повеќе ја разгневи. И ситуацијата излезе од контрола.

2. Како комунизмот го создаваше цинизмот: во државите во кои владееше комунизмот најголемиот дел од обичните граѓани живееја бедно и сиромашно, но поради цврстата контрола на власта врз сите медиуми, тоа беше вешто маскирано, и сите постојно беа убедувани дека секој ден во земјата под водство на премудрата Партија се случуваат сѐ нови работни победи, и дека „свакога дана све више и више напредујемо, у сваком погледу“.

Слично како што жената од првата точка го прашуваше мажот дали е импотентен, така и граѓаните сакаа да знаат дали можеби има некои неочекувани проблеми во социјалистичката преродба на општеството. И власта постојано ги убедуваше за новите работни победи и дека на сите страни тече мед и млеко.

Е сега, луѓето гледаа дека не тече мед и млеко кај нив лично, па логиката им велеше да се запрашаат: „или власта лаже и секаде е лошо како и тука – што значи дека комунизмот не чини, или власта ја кажува вистината и навистина во земјава има прогрес, ама ете кај мене очигледно нема. Ако второто е вистина, тогаш – зошто за сите има мед и млеко а за мене само лук и вода?“

Заклучокот од таа логика е негативен како и да е за власта која со пропагандата мислела дека ќе ги смири луѓето. Ако лаже власта за прогресот – значи пропагандата не ја остварила својата цел. Ако е вистина, а прогрес нема кај човекот што ја слуша пропагандата, тогаш тој си заклучува дека власта него лично го дискриминира и следствено, место да ја засака власта, уште повеќе ќе ја замрази.

Национализмот кој ескалираше при распадот на Југославија произлезе во голема мера токму од тоа. Власта ги убедуваше сите народи дека се грижи за развојот на сите републики и покраини, ама во секоја република и покраина луѓето гледаа дека ним не им станува подобро, па си велеа „сигурно парите се трошат за подршка на некоја друга република, за друг братски народ и народност, наместо за нас“ или пак си велеа дека комунистичката влада потполно лаже и никаде нема прогрес, па или ги замразија другите народи во федерацијата, или го замразија комунизмот.

3. Атеизмот и мистицизмот почнуваат од исто искуство: ако некој човек кој што е религиозен се најде во некоја голема животна неволја, било некој сериозен здравствен проблем, или пак некое економско или семејно премрежие, тој ќе оди во црква да се помоли, искрено да побара помош од некој светец.

И ако во неговиот живот ништо не се подобри, тој ќе се запраша зошто дотичниот светител на кој му запалил многу свеќи и понудил многу молитви не му помогнал. Тоа прашање можеби ќе му го упати и на соодветниот свештеник во храмот, на што попот без да размисли за последиците ќе прибегне кон „долевање масло во огнот на сомнежот“.

Имено, тој ќе фати да му раскажува на верникот за сите чуда што светците навистина ги сториле за другите луѓе кои се помолиле за нивната помош, и следствено ќе го убедува човекот дека молитвата е ефикасна.

– Како бе тоа „светците не помагаат“? Знаеш ли ти, о чедо божје, на колку луѓе во мака, до сега им има помогнато баш овој светец, а? – ќе рече самоуверено попот.

На што човекот ќе се запраша: „ако е вистина дека светците помагаат и им помогнале досега на многу луѓе, зошто мене не ми помагаат сега? Дали можеби ме мразат мене лично? Што грев сум сторил толкав па толку да ме мразат? Од друга страна, можеби попот лаже и светците не направиле никакви чуда, и ако е пак тоа вистината – зошто воопшто да се молам и да бидам верник?“

Секоја успешна религија (а и други комплексни системи на идеи и тврдења, како на пример наука и политика) прибегнуваат кон објаснувањето кое го опишав во колумната „Грешка во секој чекор“ кое што објаснување е единствениот испробан и со милениуми докажано успешен начин да се победи сомнежот во ефикасноста на системот. Оние кои не се успешни, ќе продолжат да верглаат дека светците прават чуда, само ти моли се, знаеш ли на колку луѓе им помогнале… и од верникот ќе направат атеист.

А и обратно, од атеист да се направи мистик, од човек кој верува во моќта на науката да се направи некој што ќе собира амајлии и ќе бара бајачки да го водат неговиот живот, процесот е сосема идентичен.

Кога човек долго време ќе верува во науката, ќе очекува за секој негов голем проблем таа да му даде решение. А рационално решение ако не се најде, тој ќе побара решение во мистицизмот, каде што ќе развие менталитет на фанатизам и тогаш рационалните објаснувања кои го воделе долги години нема да можат да допрат до неговиот разочаран од науката и рационалноста ум.

За ова пример е колективното лудило кое ги зафатило Германците во времето непосредно пред да дојде на власт Хитлер, кога сите политичари пред него не успеале да ги решат тешките економски и социјални проблеми со помош на рационални и разумни методи, па разочараниот народ му ја доверил власта на лудиот нацистички фирер кој им ветувал волшебни решенија. Била потребна крвава светска војна по која сосема била разурната земјата им, за да се освестат Германците од мистицизмот и да се вратат пак кон разумот. Од тогаш, па до ден денешен во Германија скоро сите работи се прават на екстремно рационален начин.

*

Конечно, каде греши нашата Влада кога се обидува да ги смири земјоделците со кажување колку таа им помогнала до сега со милионски евра субвенции:

Значи јасно е дека оние кои протестираат очигледно не се задоволни од тоа што го добиле. А владата долева масло во огнот кажувајќи им: „како не сме дале за земјоделците, па до сега стотици милиони дадовме за ова, за она, за ваму, за таму, тоа направивме за оние, ова за оние… и наместо да ги смири демонстрантите, со тоа уште повеќе ги разбеснува луѓето кои слушаат ете дека владата има пари, дека дава пари, ама знаат дека за нив лично не дала (доволно) пари.

Мантрата на СДСМ кога беше на власт беше дека „нема средства“ и следствено за никого не даваше пари, па луѓето немаа зошто да се бунат. Сите најавени селски буни во тоа време доживуваа фијаско, оти немаа волја да се бунтуваат земјоделците.

Со други зборови, сопругот на сопругата ѝ велеше дека е импотентен (иако зад нејзин грб ги „плескаше“ и секретарката и швалерката и комшиката) и сопругата имаше разбирање за тоа, па иако беше тажна, сепак не се обидуваше да влезе во црната хроника. Се разбира, на крајот се разведе најкултурно од него и си зеде друг сопруг.

А сега овој маж ѝ се фали дека не само што не е импотентен, ами на сите страни растура, и нормално дека сопругата ќе се налути кога ете при толку „давање“, таа не „прима“ доволно.

Сосема друга приказна се некои од помладите пратеници на владеачката партија кои иако се од урбаните средини и не ни виделе до сега поле со тутун (а не па да работеле на него), а ниту пак се пушачи, кога им објаснуваат на луѓето кои самите се тутунари цел живот – дека сега им е поубаво отколку порано. Демек земјоделците не знаат како им е, па овие што не се земјоделци ќе им објаснат.

За тој вообразен менталитет, и за крај на колумнава, еве една соодветна мудрост: подобро да молчиш и луѓето да мислат дека си глупав, отколку да почнеш да зборуваш и да им докажеш на луѓето дека навистина си глупав.

.

П.С: Колумнава беше вонредна и затоа во четврток вечер, во редовниот термин, очекувајте ја најавената колумна „Златното доба како архетип“ во која ќе биде покажана врската што ги спојува митологијата, екологијата, анархо-капитализмот и другарот Тито, со античкиот град Петра во јорданската пустина и мамутите кои некогаш живееле во Сибир.

До тогаш поздрав😉

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. te procitav

    hadzi-nicev

    25/01/2011 at 23:29

  2. Никој не е во брак со никоја Влада,освен тие што се!Колку интересно,би рекол доста поучно.Но,не поучно како што започнавте со поучниот виц.За на крај,истиот тој виц испадне турли тава од културно-сексуална изопаченост.Впрочем и мегу редови вицот ни кажува колку можат да бидат погрешни работите, доколку несоодветно се компарираат.И не само тоа.Кога се ,би се сведувало на женската перцепција,тогаш се би било “полесно”!

    Vashile

    26/01/2011 at 08:51

    • Велат на англиски: beauty is in the eye of the beholder.

      „Убавината е во очите на оној што ја гледа“

      Или парафразирано за конкретниов случај тука: „поуката од некоја приказна е во умот на оној што ја прочитал приказната“

  3. Бравос за ова!🙂

    Петар

    30/01/2011 at 22:00


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: