Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ 3ЛATHOTO ДOБA KAKO APXETИП

leave a comment »

Во Русија, непосредно по крајот на комунизмот и распадот на Советскиот Сојуз, се беше појавил еден ваков виц: „Адам и Ева сигурно биле советски граѓани, бидејќи иако биле голи и боси, сметале дека местото во кое живеат е рајска градина, а сопственикот на тоа место го почитувале како Бог“. Овој виц, најдобро ја објаснува подготвеноста на многу луѓе да веруваат во архетипот за златното доба, кој што архетип се јавува (како и секој архетип) во многу варијанти.

1. Од каде доаѓа архетипот: сите архетипови се логичка последица или ако сакате „рационализација“ на човековите основни инстинкти. Бидејќи практично секој човек ги има во себе тие инстинкти, секој човек е подготвен биолошки да ги прифати и разбере архетиповите, при што архетипот може да добие безброј форми и варијанти, соодветни на културниот супстрат на кој се изградил човекот како личност.

За илустрација, во антиката, пред луѓето да станат христијани, тие го славеле богот на виното кој на Балканот бил познат како Дионис (а во други региони под друго име, во Рим на пример како Бахус, па од таму и терминот „баханалии“ за ритуалите во негова чест) со веселби исполнети со музика, ора и пиење. Откако станале христијани, луѓето ги вршеле сосема истите ритуали во суштина, со веселби и музика и пиење, но сега во чест на христијанскиот светец Свети Трифун.

Слично е и со разните светци и архангели што војниците ги сметаат за свои заштитници, што е само „превод и адаптација“ од боговите на војната (Марс, Арес) од предхристијанската епоха. Или со јунаците и хероите, како Персеј кој ја спасил принцезата убивајќи го змејот, мит што христијаните го преработиле во легендата за Свети Ѓорѓи кој ја спасил принцезата убивајќи ја ламјата, мотив што се среќава на еден куп фрески и икони.

Луѓето имаат психолошка потреба од вакви митови за архетиповите, и каква конкретна форма ќе заземе митот, со кои имиња и симболи ќе се изрази, е прашање на културолошка традиција. Во денешно време, како модерна форма на митот за архетипот на јунакот кој го спасува светот убивајќи натприродни чудовишта имаме во многу популарните компјутерски игри како Doom, Resident Evil или Half Life.

Ликот на Супермен (и другите супер херои) не е ништо друго туку преработен и модернизиран митот за Херкул. Ниту еден супер херој не е сосема човек (или е дојден од Криптон, или е каснат од радиоактивен пајак па мутирал во Спајдермен, или е удрен од гром додека работи во лабораторија полна со чудни хемикалии како Флеш, и сл.) како обичните луѓе, а и Херкул е син на Зевс, т.е. само половично (од мајка му) е човек.

Слично е и со архетипот на златното доба, кое во старогрчките митови е опишано како времето пред Зевс да стане врховен бог, т.е. кога владеел неговиот татко, богот Кронос. Во тоа време луѓето живееле без било каква цивилизација, но таа и не им требала, оти имало храна во изобилие (нема потреба од земјоделие), секогаш било сончево (нема потреба од куќи), немало болести (нема потреба од медицина), немало омраза меѓу луѓето (нема потреба од војска и оружја)…

Но, еден ден Зевс ја презел власта од Кронос и златното доба завршило, па луѓето се нашле во состојбата во која се до ден денешен. За сѐ што сакаат да добијат од околината, мора да се помачат, да работат, да војуваат, а и тогаш не им е сигурно дека ќе успеат да постигнат што наумиле.

Овој мит, во разни форми е присутен во сите религии, а ние го знаеме од христијанството преку митот за Адам и Ева кои живееле во рајската градина, ама биле прогонети, и од тој ден, нивните потомци (т.е. сите ние) не живееме во совршен свет, ами за сѐ што сакаме да добиеме мораме да работиме напорно.

Психолошката основа на овој мит е, бидејќи е универзален митот, архетипска, т.е. инстинктивна. Имено, секој човек бил дете, практично секој има убави спомени од тој период од животот (ако немал трауми), кога мама и тато обезбедувале сѐ за детето, немало тоа грижи за ништо, немало потреба да мисли за иднината, туку живеело во љубов, мир, топлина и безбедност.

Тој период се разбира завршил кога човекот станал возрасен и почнал да се грижи сам за себе (не секогаш успешно), и од таму, е еквивалент на периодот после златното доба, кога човештвото мора да се труди многу за да постигне било каков напредок во цивилизацијата.

И така, бидејќи секој од нас си има сеќавање за безгрижен период од сопствениот живот, секој од нас е склон да верува дека во некој период од историјата имало таков општо-присутен безгрижен живот, т.е. златно доба.

2. Златното доба за идеологиите: секоја идеологија, исто како и религиите, си има свое златно доба на кое се повикува со цел да ги убеди потенцијалните следбеници дека доколку ја прифатат таа идеологија, ќе постигнат да се врати златното доба и пак животот да биде убав.

Еве, во комунизмот како целина, златното доба било времето на праисторијата во кое немало приватна сопственост, па сите луѓе биле еднакви и сите делеле сѐ меѓу себе. Што е најобична лага, оти примитивните луѓе биле сосема идентични биолошки како и денешните модерни луѓе, што значи дека истата психологија ја имале, т.е. истите инстинкти го движеле нивниот менталитет.

Значи, и кај ептен примитивните луѓе во ептен примитивната праисториска епоха, си имало водачи на групите луѓе, си имало алфа-мажјаци кои им наредувале на другите и кои потоа си земале за себе најголем дел од пленот, си имало хиерархија, сосема исто како што кај сите видови мајмуни си има хиерархија во нивните групи.

Во нашиот комунизам, за златно доба се смета времето на Тито, кога за сите имало сѐ, немало сиромашни и немало незадоволни, и немало меѓунационална омраза, и сѐ било убаво. Никој не сака да се запраша зошто стотици илјади Македонци и милиони други Југословени во титово време одеа да работат во странство, во Германија најчесто. Или пак од каде одеднаш изби толкава меѓуетничка омраза кога Југославија се распаѓаше, ако сите живееја до тогаш во една слога и едно братство и едно единство?

За фанатичните приврзаници на слободниот пазар пак, златно доба на капитализмот бил деветнаесетиот век, кога според нивните фантазии, границите меѓу државите биле чиста формалност, луѓето слободно тргувале и патувале, немало книжни пари ами се плаќало во злато, и следствено имало еден невиден прогрес и еден незапамтен напредок и сите луѓе имале шанса да успеат и животот станувал секој ден сѐ поубав и поубав за сите.

Комунизмот се појавил како идеологија токму во таа епоха и привлекол многу луѓе, главно од работничката класа со ветувања за подобар живот. Е па, ако навистина бил капитализмот тогаш толку совршен, како ли тие луѓе биле привлечени кон идеологија која повикувала отворено на уништување на капитализмот? Очигледно тоа златно доба и не било баш толку златно како што си го замислуваат анархо-капиталистите.

3. За национал-романтичарите од сите нации, златно доба е епохата во нивната историја кога државата била предводена од силен лидер (крал или цар) и под неговото премудро водство и цврста рака нацијата и државата достигнале територијална експанзија.

Кај Србите тоа е цар Душан, после чија смрт државата се распаднала, па тоа е знак дека можеби и не бил тој толку генијален како што го замислуваат неговите денешни обожавачи.

Кај Италијанците е стариот Рим, кој патем бил општество во кое 90% од населението биле робови и за чија елита главна занимација било следењето гладијаторски борби во кои луѓе се колеле меѓу себе за ќефот на грст богаташи.

За Албанците е времето на Скендер бег кој самиот себеси откако кренал востание против Турците престанал да се вика и Скендер и беј, па називот што денеска го користат за него неговите обожавачи би бил тешка навреда за него лично да може да го чуе.

За Грците е епохата на античка Грција, во која епоха сите философи и државници имале хомосексуални врски, пред сѐ со млади момчиња.

За Французите е ерата на Наполеон, кој кога ја нападнал Русија влегол со 600 илјади војници, а излегол поразен со едвај 20 илјади, што значи неговата авантура резултирала во Франција со нови 580 илјади вдовици кои ги изгубиле своите мажи и околу милион сирачиња кои ги изгубиле татковците.

А за нас Македонците, се разбира е времето на Александар Велики, кој откако си заминал од Македонија никогаш не се вратил, а и сите жени со кои имал љубовни или брачни односи биле не-Македонки (повеќе за жените и девојките на Најголемиот Македонец во колумната „Аце педерот или Аце швалерот“) што нешто кажува за неговите чуства кон Македонија, нели?

Златното доба во историјата изгледа златно само ако го гледате од далеку. Ако го погледнете од блиску, ако ја проучите историјата поподробно, ако размислите малку повеќе, ќе сфатите дека врз златниот оклоп на витезот на бел коњ, има и малку р’ѓа. А кога сме веќе кај витезите, за кои постои романтично убедување дека тие се однесувале витешки, бранејќи ги немоќните и спасувајќи ги дамите од неволја, би било убаво да се прочита како витезите во крстоносните војни ги масакрирале сите жители на градот Ерусалим кога го освоиле, или пак како витезите на кралот Вилијам I Освојувачот во Англија се справиле со луѓето кои ја бранеле својата слобода.

Зборот „кавалер“ доаѓа од францускиот јазик каде значи „витез“. Се чини, однесувањето на реалните витези од средниот век најмалку било кавалерско и наликувало повеќе на однесувањето на најодвратните воени злосторници од најкрвавите војни на дваесетиот век.

4. Златно доба за еколозите: како што можевме да видиме во филмскиот хит од предминатата година, блокбастерот „Аватар“ примитивните луѓе се сметани за чувари на природата кон која имаат мистична почит и со која интимно комуницираат на еден духовен план, за разлика од цивилизираните луѓе кои се отуѓиле од природата и наместо да живеат со неа, живеат од неа, и наместо да бидат во хармонија со околината, тие сакаат да владеат со околината.

Филмот „Аватар“ беше само филм, но општите сентименти од него се слика за тоа како размислуваат скоро сите еколошки активисти. Кои си замислуваат дека последните луѓе на планетава кои сеуште живеат во хармонија со природата се примитивните племиња во амазонската џунгла (по неа беше моделирана планетата Пандора од филмот) и дека од нив модерните луѓе можат и треба да научат како да се вратат кон природата.

За нели, да се создаде ново златно доба, во кое сите ќе живееме среќно и весело, баш како невините и блажените Индијанци од Амазон.

Патем речено, никој не се прашува како е можно Индијанците од Амазон да не користат контрацепција а нивниот број постојно да се одржува на исто ниво? Дали тоа можеби нивните деца кои се лишени од услугите на модерната медицина умираат многу почесто од болести во споредба со децата на цивилизираните луѓе? Ако е тоа така (а така е) дали е тоа навистина моделот што треба ние сите да го следиме? Да се откажеме од цивилизацијата и потоа ако создадеме шест деца, три или четири од нив да ни умрат?

Очигледно модерната цивилизација си има свои предности од кои ама никој нормален не би сакал да се откаже. Една од нив е модерната медицина, која не би била возможна без другите гранки на науката која пак е развиена поради развојот на индустријата – која нели, постои оти црпи природни ресурси и ја загадува околината.

Примитивните луѓе се воспевани од еколозите дека биле чувари на природата и дека тие, за разлика од нас модерните луѓе, не ги загрозувале животинските видови со кои ја делеле планетава. Демек, во времето пред да станат луѓето цивилизирани, немало исчезнувања на цели животински видови, како што има сега. Никому не му текнува да се запраша како тоа исчезнале мамутите?

Оти ако се запраша, ќе сфати дека тие прекрасни животни во праисторијата биле истребени до последен од страна на тогашните примитивни луѓе кои ги ловеле заради месото, кожата и коските. Предците на Индијанците во Северна Америка ги ловеле за храна и коњите (линкот води до документарец на јутјуб) па ги истребиле, и денешните коњи на тој континент се сите потомци на оние коњи што ги донеле европските доселеници.

Конечно, пустината Сахара пред само неколку илјади години воопшто не била пустина, туку плодна савана во која живеле милиони луѓе, примитивни сточари, ловци и земјоделци. Толку примитивни што ги исекле сите дрвја и добитокот им ги испасел сите ливади, па поради ерозијата територијата станала пустина.

Цивилизацијата на древниот Египет одеднаш се појавила со сите белези на развиена писменост, архитектура, култура и слични цивилизациски придобивки. Од каде така одеднаш, ако не од оние култури кои во Сахара постепено ги развиле тие работи, ама бегајќи од дезертификацијата на тој регион се преселиле во долината на Нил каде и покрај сите нивни обиди, не можеле да ја упропастат и таа територија, оти реката секоја година ја обновува со својот плоден нанос.

Па така, нам ни се чини дека античкиот Египет од никаде изникнал како цивилизација. А корените на таа „инстант“ цивилизација се закопани во Сахара под песочните дини и чекаат некои археолози да ги пронајдат.

Истото уништување на околината се случило и  со пустината во Арабија, најдраматично видливо во околината на археолошкиот локалитет Петра во денешен Јордан, која некогаш било град со десетици илјади жители кои живееле во центарот на плодна околина со бујна вегетација, ама ја уништиле со прекумерна употреба на ресурсите, па сега е пустина во која нема услови за живот.

*

Идеализирањето на минатото и на „старите добри времиња“ е природна тенденција на човечкиот ум и тоа е последица на нашите спомени од среќното и безгрижно детство. Сепак, од историјата не треба да идеализира ниту еден период без да се обрне внимание на фактите.

Се разбира, минатото не треба ни да се оцрнува автоматски и за сите луѓе и историски ликови и појави треба да се суди според контекстот на нивното време, а не според вредностите на нашето време.

Во минатото на човештвото не постоел ниту еден период кој навистина би можел да се нарече „златно доба“. Се разбира дека имало добри моменти, но генерално, животот во минатите епохи за повеќето луѓе бил краток, суров и полн со страдање. Сите наши предци, од сите генерации, на удобностите на модерната цивилизација би гледале со завидливост како на златно доба.

Минатото не треба да се мистифицира, туку да се проучи, да се разбере правилно и од него да се извлечат вистинските поуки. Затоа мојата книга која можете да ја симнете бесплатно од мојот блог се вика „Што можеме ние Македонците да научиме од Александар Велики“ а не „Што можеме ние Македонците да научиме за Александар Велики“.

Многу поважно од тоа да знаеш, е да разбираш. За разликата меѓу тие две (и некои други) работи на времето направив и една одлична графичка илустрација.

Убаво е да се посети од време на време некој музеј. Но, не е убаво да живее целиот живот во музеј.

.

П.С: Наредниот четврток, на блогов пак ќе се навратиме на заблудите за бројките, преку колумната „Претерани бројки“. Инаку, неколку други колумни од таа тема имате линкувано на крајот на колумната „Под просекот, над просекот“ која и самата е посветена на подобро разбирање на бројките.

До четврток, поздрав😉

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: