Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПOЛИTИЧKИ БPOJKИ

with 11 comments

Во политиката, било секојдневна, било висока, постојано се користат разни бројки при аргументацијата на сопствените ставови, при фалењето за сопствените достигнувања, напаѓањето на идеите на противникот, како и за анализа на ситуацијата и за планирање на иднината. Се разбира, како и во секоја сфера каде се користат бројките – се прават грешки, не толку при утврдувањето на точните параметри, ами при нивното разбирање. Па затоа, еве во колумнава што следува – нешто за бројките во политиката.

1. Земај често по малку, давај ретко по многу: како што покажува и илустрацијата на денешниот мој текст, многу е битно големите бројки кои се непријатни (ако станува збор за трошење или земање од народот) да се разбијат на најмали можни компоненти, со цел да изгледаат што е можно побезболни.

Од таму, најпаметна форма на оданочување е данокот на додадена вредност, кој секој од нас го плаќа кога купува производ за кој добива фискална сметка, при што секоја поединечна сума која од цената на секој производ оди како данок е минијатурна и сосема безначајна сама по себе. Капка во морето. И затоа никој не се секира за денар или два или пет кои на фискалната сметка ги пишува дека отишле на ставката ДДВ.

А најглупа форма на данок се разбира е данокот на доход, приход, персоналец, на дивиденда или на имот, кога еднаш во годината морате да платите огромна сума и се разбира, тоа ви создава лутина и гнев. А математички гледано, не би требало.

Оти, ако секој ден трошиш по 200 денари за купување на прехранбени производи (со данок од 5%) и средства за лична хигиена (со стапка од 18%), секој ден за де-де-ве ќе плаќаш отприлика 20 до 30 денари. За една година, тоа се околу 150 евра што на државата ќе ѝ ги дадеш како данок, дури и ако трошиш само 100 до 150 евра месечно за храна и сапуни и шампони и тоалетна хартија и за плаќање сметки за струја и вода.

Од таму, кога на некое сиромашно семејство кое живее со една плата од 100 до 150 евра месечно ќе му дојде решение да плати данок на имот од илјада денари, се секира, се нервира, и почнува да ја мрази власта која нема усул штом толку многу бара. Без да се сети главата на тоа сиромашно семејство дека десет пати повеќе во текот на годината дава за де-де-ве, ама тие пари не ги чуствува.

Слично на ова се и кредитите т.е. финансирањето на буџетските дефицити преку задолжување во странство. Имено, државата денеска ќе земе неколку десетици милиони евра и ќе ги потроши за пет – шест големи проекти да исфинансира, а потоа, со години, ќе го враќа по неколку милиони годишно тој кредит. Па така, нема ни да се осети кога после десет години, вкупно за враќање на кредитот ќе отидат два пати повеќе пари отколку што се земени.

А луѓето кои ќе добијат плата или профит од трошењето на кредитот, ќе ги добиваат парите одеднаш, и ќе почуствуваат дека добиваат многу. Иако се разбира, во текот на наредните години, токму тие преку плаќањето на малите секојдневни даноци, ќе ги вратат сите пари, па и повеќе од тоа што добиле.

Тоа е големата нумеричка мудрост во политиката: да земаш малку секој ден, а да даваш многу еднаш месечно или еднаш годишно. Затоа, оние на кои им земаш немаат баш мотив да ти заблагодарат ако им ги скратиш тие даноци, ама оние на кои им даваш, имаат ептен силен мотив да се бунат ако престанеш да им даваш ним, намалувајќи ги буџетските расходи.

2. Бројките не се луѓе, луѓето не се бројки: во оваа точка ќе стане збор за бескорисноста на статистиките за економските параметри со кои политичарите многу сакаат да се расфрлаат, било за фалење, било за критикување на политичкиот непријател.

Имено, нема ништо поглупо од тоа да излезе преставник некој на власта и да се пофали дека во изминатите години откако се тие на власт, се намалила невработеноста и да додаде плус некоја бројка, од неколку проценти на намалување. Зошто?

Затоа што тие бројки ги слушаат реални луѓе и секој од нив за време на периодот за кој се однесуваат кажаните бројки или: 1) се вработил или 2) останал на рабата или 3) ја изгубил работата, или 4) не се вработил.

Ако се вработил, која е поентата да му кажуваш дека имало не знам колку проценти намалување на вработувањето, кога тој и самиот знае дека добил работа. Таман да се смалува бројот на вработени, нему тоа не му значи ништо, оти тој не е во тие што ја изгубиле работата, туку се вработиле. Тој е веќе убеден дека е подобро оти нему му е подобро и нема потреба него да го убедуваш со убави брјки.

Од тука, партиските војници кои се вработени во бирократијата ама баш не ги тангира што нивните вработувања се непродуктивни. За нив лично се продуктивни, оти плата земаат!

Ако оној што ги слуша бројките за тој период бил и си останал вработен, што ќе си каже тој, освен дека во неговиот случај не се променило ништо. Да биде благодарен за „статус кво“ – никој не е способен. Така да кога премиерот се фали оти Македонија поминала релативно безболно низ рецесијата светска, никому не му е гајле и никој „фала“ нема да му каже за тоа. Бранко во 1998та се фалеше дека од војните во Југославија нашата Македонија излегла како оаза на мирот – и покрај тоа сепак ја изгуби власта.

За промена на полошо те пцујат дури и ако не си крив, за промена на подобро ти благодарат, но за останување на стаус кво – луѓето се сосема рамнодушни.

Ако ја изгубил работата, како оние вработените во кафулињата кои беа отпуштени поради падот на прометот по забраната за пушење во угостителските објекти, тој сигурно нема да биде среќен што – тој останал без работа, ама ете други се вработиле (оти нели паднала невработеноста). Ќе си рече веднаш: од мојата уста крадете, за на вашите партиски војници да им дадете работа.

Ако пак не се вработил во меѓувреме додека нели, според власта, се смалувала бројката на невработени – тој ќе биде најлут. Ќе си рече: ако секој ден нови луѓе се вработуваат, значи има работни места, но зошто нема за мене? Или власта лаже па не се зголемува вработеноста, или – вистина е дека се вработуваат луѓе, ама мене власта ме дискриминира па за мене нема вработување. Подетално овој начин на размислување го опишав во колумната „Долевање масло во огнот“.

Значи, тотално бескорисно е во било кој случај да се фали власта со бројки и факти и аргументи во подобрувањето на економските параметри. Ако мене ми е подобро, јас тоа ќе го почуствувам и не ми треба бројка за да ме убеди дека ми е подобро. Ако мене ми е полошо, а бројките велат дека во просек е подобро, се прашувам зошто мене ми е полошо и на кого тоа му е подобро  (и зошто баш нему?) ако мене ми е полошо?

Истото важи и за критикувањето на економските параметри кое го прави опозицијата, кога вели колкумина останале без работа поради некоја владина мерка или на колку семејства им е укината социјалната помош или колку земјоделци не зеле субвенции. Тие што не зеле пари и што изгубиле помош или работа – си знаат најубаво дека им е полошо. Ним не им требаат бројки за да сфатат дека не им е арно. А за другите граѓани пак важи она „ситиот на гладниот не му верува“. Така да ним џабе им се пласираат бројките за неуспесите на владата, кога самите лично не ги чуствуваат.

Ако пак самите виделе дури и ќар од владата, ептен е џабе да им се збори за бројки и факти и аргументи во однос на големата слика. Како може да е полошо кога мене ми е подобро? Сите седат по кафеани по цел ден, сите пијат скапи пијалоци и возат скапи коли – значи не е точно дека е полошо.

Вели поговорката: кога тагуваш, сѐ околу тебе ти изгледа потмурно отколку што навистина е, а кога си задоволен сѐ околу тебе ти изгледа посреќно отколку што навистина е. А друга слична поговорка вели: секој човек светот го гледа низ својот прозорец.

3. Не е исто „колку вреди“ и „колку чини“: еве едно многу едноставно прашање: „што може да се купи за 4,4 милиони евра“? При тоа имајте во предвид дека што и да купите за тие пари ќе чини исто (4,4 милиони евра) ама нема да вреди исто. Понекогаш, тоа што најмногу чини не вреди ич, а понекогаш она што сте го купиле скапо не само што нема да ви заврши работа, ами и подоцна ќе ве чини уште повеќе пари.

Еве за наведените 4,4 милиони евра можете да купите една Триумфална капија и да ја изградите среде Скопје. Или пак, да ја финансирате изградбата на сто двособни станови кои ќе ги поделите на млади брачни парови со мали деца. И едната капија и стоте станови чинат сосема исто, ама не вредат исто. Особено ако сте политичар кој сака да добие гласови за наредните избори.

Ајде, градежните работници кои ќе добијат работа и плата ќе ги добијат тие нешта и ако градат Капија и ако градат зграда со сто станови. Значи, за нив вредноста на двете варијанти е иста, оти ќе работат и ќе бидат платени и во двата случаи идентично.

Ама не и за оние сто млади брачни парови и за нивните родители. За околу 200 луѓе кои немаат стан (и за нивните 300-400 родители) не е иста вредноста на 4,4, милиони евра потрошени за Триумфална капија и потрошени за станови. Во Триумфалната капија не можат да живеат, а во становите можат.

Така да, еве да одговориме на прашањето: 4,4 милиони евра си чинат 4,4 милиони евра. Но 4,4 милиони вредат една Триумфална капија и нула гласачи, или сто станови и околу 500 гласачи.  Со други зборови, изградете една Триумфална капија и нема да добиете 500 гласови. Изградете сто станови, поделете ги на сто брачни парови и нивните и гласовите на нивните родители скоро сите ќе ги добиете, ама нема да имате Капија.

Љубчо Георгиевски кога беше премиер изгради Крст на Водно и го обнови Плашник и го спаси Дојранското Езеро преку системот за полнење со вода. И покрај тоа, ја изгуби власта оти не доби доволно гласови за да остане на власт. На изборите во 2002та доби помалку гласови од конкуренцијата дури и во Охрид (каде што е Плаошник и обновената Самуилова тврдина) и во Дојран (каде што е езерото).

Една рекламна кампања од типот на „Ти си Македонија“ чини околу 400 илјади евра, ама не вреди ништо, оти со тие пари може да се изгради нешто корисно кое ќе се „даде“ за стекнување на неколку десетици гласови плус. А никој не верува во пораките на таа кампања кога гледа каков однос има власта кон бранителите, кои навистина беа (поточно, бевме) Македонија кога тоа беше најпотребно. Па уште кога ќе рече власта дека нема пари за остварување на некои барања на бранителите – а има пари за секакви глупости (како бронзени шмизли на пример) – е тогаш не само што не стекнува гласови, ами и губи. И никакви милиони дадени за реклами и кампањи нема да ги убедат тие луѓе да гласаат за оној кој им вели дека нема пари за нив.

На избори не можат да гласаат бронзените луѓе. Но живите луѓе можат. Ако некој не ги изеде во меѓувреме🙂

4. Не е битно колку членови има партијата, битно е колку гласачи има: а токму за партијата во која членува моментално најекспонираниот „јадач на живи луѓе“ ќе стане збор во оваа точка. Имено, опседнати се во ес-де-есот со тоа колку луѓе донеле тие на некој митинг, и дали бројот на луѓето на нивниот митинг бил поголем и колку пати бил поголем од оној број луѓе што се собрале на некој митинг или манифестација на владеачката партија.

Па што има чудно во тоа партија која на избори добила 200 илјади гласови на митинг да собере 50 илјади? Или нека собере и 190 илјади, колкав што митинг никогаш немало во Македонија, па што со тоа? На изборите ако добие пак 200 илјади, пак нема да ја освои власта. Не е битно колку луѓе сте собрале на митинг, ниту пак колку членови имате во партијата, битно е колку гласачи имате на изборите.

Еве на слична линија може да се анализираат и протестите во Египет кои се случуваат деновиве. Сите гледаме на теве-екраните снимки од огромни толпи народ кои се излезени на улиците и бараат Мубарак да си замине. Но, во текот на најголемите протести се проценува најоптимистички дека имаше два до три милиони присутни. Во држава во која живеат 80 милиони жители, што се два или три милиони? Да, три милиона протестираат, ама 77 милиони не протестираат. Веројатно токму ова сознание му дава кураж на Мубарак и на неговите верни приврзаници (колку и да ги има) да не попуштаат пред барањата на демонстрантите.

Арно ама, и тој треба да знае дека и само сто илјади луѓе, ако се доволно решителни и добро организирани, се доволни за да го соборат од власт. Впрочем, за овој принцип пишував опширно во „Еден ама вреден“.

Да се вратиме во нашата политика, каде што постои еден мит дека „Груевски е водач на целиот народ и дека сите Македонци стојат зад него“. Не знам од каде е овој мит произлезен, оти наједноставна анализа на бројките од изборите и пописите ќе ни каже дека не стојат не само сите, ами ни половина од етничките Македонци зад политиката на премиерот.

Имено, во Македонија има околу милион и триста илјади етнички Македонци, од кои, поради нискиот наталитет кај Македонците, над еден милион се постари од 18 години т.е. се гласачи. Да претпоставиме дека на изборите во 2008та кога владеачката партија доби најголема подршка воопшто во својата историја, ама баш сите гласови за неа биле од етнички Македонци. Што во голема мера е точно, иако имаше и мал број гласачи од етничките партии во коалицијата.

Ако има милион етнички Македонци, а само 480 илјади гласале за партијата на Груевски на парламентарните избори, па тоа значи дека помалку од половина од етничките Македонци ја подржале неговата политика и програма за преродба. Да, според анкетите дури 60 од гласачите ги подржуваат ставовите на премиерот (а тоа е околу милион луѓе) ама кај се тие милион Македонци на избори да покажат дека навистина го подржуваат премиерот?

На фејсбук имаше на времето една акција за собирање на пари за операцијата на некое болно дете, и „лајк“ кликнале на таа група 25 илјади луѓе. Арно ама, преку мобилен донирале пари само 2.500 луѓе па беа собрани 250.000 денари само. И сега, што му врдат на тоа дете оние 22.500 подржувачи кога не дале пари? Што му вредат на премиерот оние 60% подржувачи што во анкетите (сликовито кажано) кликнале на лајк, ама не планираат да гласаат за неговата партија?

Зоран Заев можеби има амбици некој ден да касне живи луѓе, ама во меѓувреме да не заборавиме дека тој победи уште во првиот круг на локалните избори во Струмица. Оти знае како пред да ги изеде живите луѓе може да ги „угои“ со тоа што ќе им заврши некоја услуга, ќе им најде работа, ќе им издаде дозвола за градба, ќе ги упати на право место кај правиот човек со убава препорака.

Од друга страна, битните фаци од партијата на власт имаат обичај на секое барање за услуга или нешто слично да одговараат со „тоа е ситница, не се замарам со ситници“. Е па, секој барател на услуга ќе си рече тогаш: „ако е стварно ситно, што не ми завршиш работа, туку ме моташ. Ако не ми вршиш работа, или не е ситно за тебе (значи слаб си и зошто тогаш го креваш носот) или, можеш да ми завршиш работа, ама не ми завршуваш оти ме мразиш“.

*

Конечно, во политиката многу работи се релативни. Како на пример, резултатите од изборите. Оти луѓето кои нема да излезат да гласаат, нема да се бројат при распределбата на пратеничките мандати, па од таму, ирелевантно е што на опозицијата не ѝ расне рејтингот, ако во меѓувреме на власта ѝ паѓа рејтингот.

Во услови на низок одзив на изборите, кога најголемиот број од апстинентите ќе бидат оние кои се разочарани од владеачката партија, односот меѓу добиените гласови на едниот и на другиот табор ќе биде потесен отколку на претходните избори, иако најверојатно ес-де-ес ќе добие ист број гласови како и во 2008та.

Па така, малите десни партии како онаа на Љубчо, онаа на Љубе и најновата на Филип Петровски, дури да не влезат во парламентот, пак ќе го смалат бројот на гласови што ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ, со што пропорцијата меѓу нив и СДСМ ќе се смали. Па во соодветна коалиција со неколку албански партии (поттикнати од странскиот фактор на кој му се лојални), може да се повтори ситуацијата од првите избори во 1990та, кога вмровците добија најмногу пратеници ама не можеа да формираат влада оти се создаде коалиција против нив од скоро сите помали партии.

Така да, сѐ е релативно. Оти, ако градите брана за да ја преградите реката, не се прашувате само колку материјал имате за градење на браната. туку и колкава река треба да преградите. Лете, реката е ниска и не изгледа дека ќе надојде и ќе однесе сѐ пред себе, но на есен или напролет, може да надојде ако заврне доволно дожд. Џабе голема брана, ако реката надојде уште поголема.

.

П.С: Минатиот четврток, по грешка, најавив дека денеска ќе биде објавена колумна со наслов „Претерани бројки“. Таа е планирана за неколку недели од денеска, а всушност сакав оваа што ја објавив да ја збунам, ама се најавив. Оти имаат многу сличен наслов двете.

Како и да е, наредниот четврток, на блогот ќе има една колумна со византиска тема, налик на „Белисариус“ и „Теодора и Ника“. Ќе се вика таа „Роман“ а за што станува збор во неа – ќе видите наредниот четврток.

До тогаш, поздрав😉

11 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Одлична демистификација на бројките.
    Можеби не беше лошо да ги проиграш и оние бројки што ги пласираат фантомските институти без ниеден вработен, но со „многу јаки показатели“.
    Поздрав Нено!

    alexandro

    03/02/2011 at 20:40

    • Ма речиси 3.000 зборови има колумнава. Уште ако фатев да демистифицирам анкети, кои се приказна сами за себе… немаше да ја собере колумнава на блогов🙂

      Во некој иден пост, можеби со наслов „Анкетари и рекетари“. Ќе биде и тоа.

  2. Во едно мало гратче има 10 невработени. Тие 10 души во градчето кое броело 100 работоспособни биле 10%. Шансата на секој да биде вработен на следниот оглас е иста – 10%. Но откако се вработиле двајца, невработеноста паднала на 8%, што значи секој од нив добил шанса за наредното вработување 12.5%… Да, луѓето се луѓе, но и бројки, во еден микс наречен НАДЕЖ. За оној кој чека работа не е истои дали шансите да се вработи се 1% или 99%…

    • Ако има партиска книшка од владеачката партија и е во добри односи со локалниот лидер – шансите за вработување се 100%. Во државна фирма.

      Ама тоа вработување не е продуктивно, па ако има надеж за него – нема надеж за иднината на државата.

  3. Нено остај теорија кажи што да правиме реално, оти ако дојде бранко на власт отиде и име и идентитет, па после џабе ни е се.Ќе испадне работава за едни реклами на Владата шо не ги пуштаат веќе на А1 да си го изгубиме идентитетот.

    • Бранко ќе дојде на власт ако народот му сврти грб на Грујо. А ќе му сврти грб, ако продолжи да се глупира и да троши милиони за бесмислици, наместо за паметни нешта.

      Така да, не е проблемот што Бранко ќе победи, туку што Грујо сам ќе изгуби.

      А што се однесува до име и идентитет – мене Грујо не ме направи Македонец и пред него бев и после него ќе бидам Македонец. А Бране бил вкупно десет години на власт (како премиер), па сме го преживеале, та проблем било уште четири да биде.

  4. Амин.Незнам ова е проклета држава.Нема мир.

  5. Абе Нено шо мислиш да напишеш една книгичка за основи на бизнис…овие нашиве земјоделци се толку заглавени во тој модел на ЗИК шо појма немаат од капиталистичко земјоделсктво. Дефинитивно треба да се образуваат земјоделците, штом тоа не го прави владата направи го ти.
    …Шо мислиш…

    • Па како прво, земјоделците не читаат книги.

      Како второ, и да напишам книга, што од тоа фајде, кога не можам да ја издадам. Немам спонзор😦

      Како трето, од кај знаеш дека веќе не сум напишал книга со наслов „Што треба секој Македонец да знае за Капитализмот?“ а која дреме необјавена поради причината објаснета во втората точка од овој коментар?

  6. Точно.Нема спонзори.Ја мислев некое книгиче од 10 страници, кое ке го фотокопираме и ке го поделиме по неколку села.Од друга страна ,земјоделците не читаат книги…Ама 100% ти тврдам од прва рака дека тешката состојба во земјоделството нема врска со ништо друго освен со личната необразованост на земјоделците…:)
    Останува да направиме нешто или да чекаме на подобри времиња..

  7. se vika racionalnost – taa povlekuva razmisluvanje, sto, zosto, kako i koga

    guceskimarko

    10/02/2011 at 23:55


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: