Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ POMAH

leave a comment »

Ако сакаш фрлената коска да остане цела, дај им ја на две кучиња истовремено

Според стандардната логика, ако имате еден непријател, последната работа што ви треба е да добиете уште еден непријател. Арно ама, според обратната логика (која во политиката е основа на сите „византиски методи“) решението за проблемот со имање на еден лут непријател е да си создадете уште еден лут непријател. Што полут, тоа подобро. Нема смисла? Еве неколку примери кои покажуваат дека сепак има смисла:

1. Кој бил Роман? Во византиската историја има неколку луѓе, војсководачи и императори, кои го носеле ова име, и од некои од нив можеме да извлечеме интересни поуки, но нас сега за конкретнава колумна не нѐ интересира ниту еден од нив, ами човек кој воопшто не бил Византиец, туку Бугарин, и тоа не било каков ами еден (цел, се разбира) принц на тоа царство. Овој Роман живеел во епохата на царот Самуил. Кој пак, додека живеел Роман, не бил цар.

Кога во 963та година на власт во Византија доаѓа новиот, екстремено воинствен цар Никефорос II Фокас, тој испратил еден особено остар ултиматум до бугарската држава условувајќи го одржувањето на мирот меѓу двете царства со испраќањето како заложници во Константинопол на синовите на бугарскиот владетел, младите принцови Роман и Борис.

Децава биле испратени, мирот бил осигуран, и тука треба само да се нагласи дека зборот „заложници“ во тоа време го немал истото значење како во нашево време. Имено, принцовите – заложници не седеле во ќелија со врзани раце, ами добиле цела една палата со многубројни слуги и сите потребни удобности и луксузи, сѐ на сметка на византискиот буџет, и таму тие слободно примале гости, приредувале официјални приеми, се шетале низ градот на шопинг, склопувале нови познанства, со еден збор, му доаѓа тоа нешто како модерниов куќен притвор, само што „куќата“ ти е цел Станбол-град, кој во зенитот на византиската моќ бил подеднакво величествен како денешен Њу Јорк.

Како и да е, кога бугарскиот цар Петар, таткото на Роман и Борис умрел, тие биле ослободени и се вратиле во Бугарија,  каде постариот Борис бил прогласен за цар. Арно ама, при толку луксузирање во Константинопол, момчево не стигнало да најде време за учење на стратегија и политика, па државата веднаш паднала во криза поради инвазијата од страна на Киевска Русија, за одбрана од која царот Борис го повикал на помош византискиот цар (пуста навика, додека бил заложник за секоја потреба било доволно да побара од императорот и веднаш го добивал тоа) кој брзо ги протерал Русите, склопил мир со нив и оставајќи голем византиски гарнизон на бугарска територија, ги зел пак назад во Константинопол браќата Борис и Роман.

Се разбира, овие не се жалеле, оти ич немале желба да се нервираат и секираат со водење на држава своја, кога можеле да си уживаат во шопинг и тренди забави во центарот на светската цивилизација во тоа време. Управувањето со Бугарија им го препуштиле на Византијците.

Е ама, во западниот дел на териториите на царството Бугарија, една група локални аристократи, синови на извесен кнез Никола, одлучиле дека нема потреба да му бидат лојални на цар кој не сака да владее, на најобичен слабак и мекуш кој само пека за луксузи и приеми во палата во која е кираџија.

Овие четворица млади аристократи, познати под имињата Давид, Мојсеј, Арон и Самуил, отворено на Византијците им откажале послушност, прогласувајќи ја територијата под своја контрола за сосема независна држава. За да ги привлечат околу себе и другите аристократи од бугарската држава, кои можеле да помогнат со пари и со свои доброволци за војската, тие тврделе дека го бранат она што останало од Бугарија.

Значи овие аристократи, кои биле Македонци, се правеле Бугари заради стекнување на некаква подршка која ќе им обезбеди поголема безбедност. Во наше време, многу Македонци се прават Бугари од исти причини – за да не бидат екстрадирани во Македонија откако ќе побегнат од тука после некој сторен криминал. Очигледно, некои работи никогаш не се менуваат.

Бидејќи била зафатена со војни на други фронтови, Византија место да ги покори со воени средства македонските бунтовници што се правеле Бугари, решила да се справи со нив со помош на една византиска интрига. Имено, ги испратила принцовите Борис и Роман во Македонија за тие како легитимни носители на бугарската круна да ја преземат власта и потоа, со својата глупавост и неспособност, да ја упропастат и таа „Бугарија“ и така кога Византијците ќе завршеле со својата војна во Азија, само да поминат низ Македонија со симболична армија и да ја покорат и неа.

Арно ама, Борис бил убиен во мистериозни околности на пат кон Македонија, и кога дошол Роман, тој бил прогласен за цар на тој „остаток од Бугарија“ ама бил испратен во Скопје (градот бил прогласен за престолнина), и таму бил опкружен со вино, жени, храна, забави – она што всушност го барал цело време, со цел да не се меша во политиката туку фактички да владее без да владее. По принципот „нахрани кучета и не пипај копчета“.

Во меѓувреме, Самуил се ослободил од своите браќа (сите загинале во чудни околности) и станал дефакто владетел на таа „бугарска држава“ опкружувајќи се со многубројни приврзаници кои му биле лично лојални нему, а не на легитимниот цар Роман, кој сеуште си го терал ќејфот во „престолнината“ Скопје.

Така, немајќи веќе потреба од „правење лице“, Самуил реско ја намалил сумата што од буџетот се издвојувала за одржувањето на луксузот околу Роман, по што овој се навредил и пак преминал на страната на Византијците. Овие пак, сфатиле дека веќе немаат потреба од него, и неговиот живот по враќањето во Константинопол брзо се окончал. Веднаш по смртта на Роман, Самуил можел легитимно да биде прогласен за цар на Бугарија. Иако се разбира, јадрото на неговата територија било во Македонија околу градовите Преспа и Охрид.

Многу слично на ова е случајот со принцот Чарли кој во британската историја ја имал истата улога како Роман во македонската. Имено, откако неговиот дедо бил протеран од Англија по една револуција, семејството било финансирано и одржувано во Франција и Италија од страна на францускиот буџет, со намера еден ден тие да се вратат во Британија и таму да кренат востание, со што Англија би била ослабната и би била поразена во војна со Франција. Како и во случајот со Роман, и овде се покажало дека луѓе одгледани во луксуз не можат да покренат маса народ да ги следи во успешно преземање на власта.

Што пак од своја страна објаснува зошто во СДСМ никој (од помладите кадри, особено) не може да му го загрози приматот на Бранко.

2. Германците го создадоа Ленин: и така, откако ја објаснивме идејата на визанитската стратегија во првата точка, време е да се покажат неколку други примери низ историјата, со цел да се сфати до крај принципот.

Во текот на Првата светска војна, Германија војувала со Русија, и не можејќи и покрај многуте победи на бојното поле сосема да ја исфрли од војната руската империја, Германците се послужиле со интрига речиси идентична на онаа со која Византијците своевремено се обиделе да го уништат востанието на Самуил и неговите браќа.

Го нашле прогонетиот водач на руските комунисти, еден размазен сноб по име Владимир Илич Улјанов, познат и под прекарот Ленин, кој си уживал за времето на војната во мир и луксуз во Швајцарија (додека низ цела Европа гинеле милиони млади луѓе). Му кажале дека Русија е на работ на анархија, дека народот таму е многу незадоволен од царската власт, му дале еден куп пари и го пратиле на пат за дома за таму со помош на нивните агенти инфилтрирани во руската комунистичка партија, и со обилната парична помош, да крене некаква револуција со цел да настане хаос, па да биде принудена Русија да склопи мир со Германија.

Арно ама, Ленин бил толку мрзлив и неупатен, што револуцијата го претекнала, и речиси без крв царот бил соборен од власт и новата влада ја составиле луѓе кои сепак не биле германски агенти, туку руски патриоти кои не ни помислувале на примирје, ами сакале да ја реорганизираат армијата и да извојуваат победа во војната.

Сепак, во конфузијата околу промената на власта, дошло до распад на институциите на системот, па Ленин, благодарение на парите што му биле доставени од Германија, можел да обезбеди (со поткуп) ослободување од руските логори на германските воени заробеници, па со нивна помош и со помош на локалните криминалци (каков што бил професионалниот ограбувач на банки Јосиф Џугашвили, подоцна викан и Сталин) да крене „пролетерска револуција“ по која навистина бил склопен мир со Германија.

Голема заблуда, создадена со масивното фалсификување на историјата во комунистичкиот период, е дека руските работници и селани ја кренале Октомвриската револуција. Ударна тупаница на револуцијата биле поранешните заробеници од германската армија во руските логори, кои по изведената револуција си заминале дома, и токму поради нивното заминување, елементите на стариот режим виделе шанса за уништување на револуцијата на Ленин, па во Русија почнала граѓанска војна.

Сите бандити, мафијаши, шверцери и криминалци во Русија биле на страната на Ленин во таа војна оти тој им ветил дека сите пари и сите богатства на дотогашните богаташи ќе им ги даде ним, а воедно, од цела Европа по крајот на Првата светска војна се упатиле кон Русија како доброволци „комунистите“ (џганот од европските метрополи кои се криеле од регрутација за време на војната) привлечени од можноста за добра пљачка.

Знаејќи со какви „кадри“ започнало комунистичкото владеење во Русија, не треба воопшто да чуди што тоа било еден злосторнички режим кој убил милиони свои граѓани.

3. Англичаните ги создадоа Мусолини и Хитлер, а Израел Хамас: Од денешна гледна точка, може да делува глупо тврдењето дека Англија преку својата дипломатија и тајна служба била главниот инструмент кој го помогнал доаѓањето на власт во Италија и Германија на фашистите и нацистите. Ама тоа од денешна гледна точка изгледа така, ако не се има во предвид ситуацијата пред Втората светска војна.

Имено, веднаш по победата на бољшевиците во Русија, како главна закана за светскиот мир и поредок се појавиле комунистите, кои откако ја ограбиле Русија и се зацврстиле таму, пројавиле желба да го освојат и целиот свет во една „светска пролетерска револуција“. Главен експонент на таа идеја по смртта на Ленин бил Троцки, и за да ги смири западните сили, Сталин направил сѐ за да го протера тој лудак од советската држава и сите негови привразници да ги исфрли од функциите во власта.

На тој начин, се надевал Сталин дека ќе ги убеди западните сили да ја остават Русија на мира да се развива под негово водство, оти бил избришан секој сериозен повик за светска комунистичка револуција. Во организацијата која ги обединувала сите комунисти од светот, наречена Коминтерна што Ленин и Троцки ја создале како дел од планот за светска револуција, Сталин дозволил да се инфлитрираат агенти на британската тајна служба, со што јасно им ставил до знаење на западните сили дека не планира да ја користи таа организација за ништо сериозно, ами само како декор, како залажувачка за комунистите надвор од Русија. Од таму, како сосема бескорисна, Коминтерната била укината во 1943та, а нејзините главни кадри биле пред тоа истребени скоро сите во сталиновите чистки.

Свесни дека на апсолутниот владетел на голема држава не треба да му се верува никогаш, Англичаните ја активирале својата тајна служба уште во почетокот на ’20ите и им овозможиле (со парична помош) на екстремните радикални сили во Италија и Германија да дојдат на власт, за тие како подеднакво побркани и пореметени мегаломани, да бидат наведени на војна против Советскиот Сојуз.

Ако се има во предвид како се одвивала меѓународната политика меѓу двете светски војни, Англија како најголема светска сила во тоа време не направила ништо за да ги спречи фашистите и нацистите да прават што сакаат. Така, била поставена сцената за судир во Европа меѓу фашизмот и комунизмот, по кој судир се надевале Британците дека и двете страни ќе бидат премногу слаби за да останат било каква закана за „западните демократии“. Се разбира, тој план не поминал баш совршено, но тоа е друга приказна.

Нешто слично на ова примени и Израел кога во ’80ите години на минатиот век се обидуваше да се справи со Палестинците кои се бореа против него преку својата организација ПЛО.

Одредни членови на ПЛО сметале дека таа организација не е баш премногу успешна во борбата со Израел и решиле да формираат своја организација, наречена Хамас (тоа е кратенка од многу подолгото ѝ име) која ќе биде порадикална во своите методи. Интересно, во текот на првите години од формирањето на таа група, израелската тајна служба речиси воопшто не се занимавала со нив, и целата своја енергија ја насочувала во борба со ПЛО.

Со тоа, му се овозможило на Хамас да зајакне и да создаде структура на теренот речиси подеднакво силна како ПЛО. Гледајќи дека има конкурент во своите редови за доминацијата врз палестинскиот народ, ПЛО побрзала да склопи каков-таков мир со Израел, со цел да се посвети на спречување на подемот на Хамас, но веќе било предоцна.

Па така, денеска најголемиот непријател за Хамас иако официјално е Израел, всушност е ПЛО (чие политичко крило се вика Ал Фатах), и обратно. Овие две групи се борат меѓу себе за тоа кој ќе завладее со Палестинците, и додека тие меѓу себе војуваат, Израел прави сѐ преку тајно помагање на едната и на другата страна, балансот меѓу нив никогаш да не се промени премногу во корист на едниот или другиот табор.

Сѐ додека двете палестински групи се закрвени меѓу себе – нема да можат сериозно да се занимаваат со борба против Израел.

4. Без ДПА што ќе ни е ДУИ, без ДУИ што ќе ни е ДПА? Иако има еден куп теории на заговор околу тоа зошто, како и од кого навистина се формирани албанските партии во Македонија, ајде дозволете јас да дадам една моја византиска теорија за тоа прашање.

Имено, во раните ’90ти во Македонија имаше фактички само една релевантна партија на Албанците, тоа беше ПДП. Имаше и друга (НДП ако добро се сеќавам се викаше), ама таа не беше многу битна, оти дефакто се беше споила во првата.

Беше многу важно да се создаде друга релевантна албанска партија која што ќе биде некаков контра-тег на моќта на ПДП. Се формираше ДПА, за која во 1998та беше витално (иако имаше помалку пратеници добиено и на тие избори) да се стави токму таа во владата, за да може да дојде до пристап до пари од наместени тендери, партиски вработувања, и општо кажно, моќ и влијание.

ДПА ја употреби моќта ептен нестратегиски и ја уништи ПДП, при што врв на тоа уништување беше на изборите во 2000та, по што лидерите на ДПА, Џафери и Тачи направија клучна грешка која до ден денешен ги прогонува – на „тајните сили кои ги влечат конците од зад сцената“ им создадоа потреба да прибегнат кон византиска стратегија за да го скротат нивниот подем.

Така, не можејќи да се потпрат на ПДП, мораа фамозните „тајни сили“ (меѓународни заедници, тајни служби, криминални групи, бизнис олигархии…) да овозможат да се создаде нова албанска структура која ќе има фактички исти идеи и мотиви како ДПА, ама нема да биде ДПА. Таа нова структура се обедини околу Али Ахмети (при што војната која беше релативно добро менаџирана послужи најмногу за негова промоција), и од 2002та до денес, само две години не беше ДУИ на власт.

Од денешна гледна точка, да не ја уништеше ДПА на времето ПДП, можеби тајните сили немаше да имаат потреба да создаваат нова албанска политичка сила во Македонија.

Верувам дека водството на ДУИ намерно не се труди премногу сериозно да ја уништи ДПА, оти и самите знаат дека потоа тајните сили ќе мораат да создадат нова структура, овој пат против ДУИ, која ќе биде уште пострашна од ДПА. Како што впрочем на времето тајните сили создадоа нова стуктура против ДПА, која под името ДУИ ја замени ПДП.

Од гледна точка на нас, етничките Македонци, добро е да има секогаш две меѓусебно скарани партии во албанскиот блок, горе-доле со подеднаква моќ, отколку само една која ќе ја има сета моќ во тој кампус. Додека се караат меѓу себе, нема да имаат време да работат против Македонија.

Додуша, ние какви копуци сме, и нема потреба некој друг да работи против нас. Си имаме ние наши македонски партии, закарани меѓу себе, кои сосема се доволни да ја уништуваат нашата земја.

*

Во крајна линија, преку примерите во оваа колумна може да се види и зошто демократијата е подобра од еднопартискиот систем.

Оти, народот создава преку своите гласови две големи партии кои една со друга „ќе се јадат“ (како што би се изразил Заев). Ако едната направи нешто погрешно, другата ќе разгласи за таа афера во јавноста, ако едната се обиде да воведе некоја тоталитарна работа, другата ќе направи сѐ за да ја спречи.

Па така, еве за крај еден чуден заклучок: кога власта ќе ги зголеми пензиите и платите со цел да ги привлече гласачите да гласаат не за опозицијата ами за неа, што треба да направат гласачите? Па најумно е да гласаат баш за опозицијата – оти со тоа ќе ја држат владата на штрек. Ако таа сфати дека тие се одлучиле цврсто за неа, ако нема шанси да отидат кај полтичкиот конкурент, со нив ќе се однесува исто како да речеме што се однесува кон бранителите владата сегашна. Оти тие се толку патриоти, што нема шанси некогаш да загласаат за СДСМ или некоја друга предавничка опција, па нив може да ги заебава…

Подобро да си неодлучен гласач, оти така партиите се принудени да се борат за твојата наклонетост. Ако си цврсто определен, тој за кого си цврсто определен веќе ќе нема потреба да се занимава со тебе, оти веќе те ќарил и ќе те заборави.

Е затоа сончогледите и коалиционите партнери во македонската политика секогаш повеќе се ценети од страна на лидерите на двете партии во споредба со нивните најлојални приврзаници кои искрено и неповратно веруваат во идеологијата.

Ако кучето никогаш не залајува, газдата ќе заборави на него и нема да му фрли никогаш ни мевце, ни лепче, ни коска.

.

П.С: Наредниот четврток, очекувајте ја колумната Кога имаш само чекан…“ во која ќе биде преку разни варијации објаснета поговорката од чиј прв дел е изведен насловот на колумната (…тогаш целиот свет ти личи на шајка). Каква врска има македонскиот патриотизам со забраната за пушење во кафулињата, желбата на некои конзервативци за забрана на абортусот, лустрацијата, цифрата на странските инвестиции во земјава, тестовите за интелигенција, глобалното загревање и Y хромозомот со Фридрих Ниче и водоводите и санитарните депонии во западна Македонија, ќе видите во таа колумна.

Ако прв пат доаѓате на блогов, и ако успеавте да ја исчитате ова огромна колумна до крај (што значи дека ви се видела интересна) можете да ги погледате и сличните на неа, византиски колумни „Белисариус“ и „Теодора и Ника“.

До четврток, поздрав😉

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: