Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KOГA ИMAШ CAMO ЧEKAH…

with 11 comments

Поговорката вели дека „кога имаш само чекан и никаков друг алат на располагање, целиот свет т.е. секој проблем со кој ќе се соочиш – ти личи на клинец“. Ама со чекан не може да се реши секој проблем, може да се забие клинец ако тоа е потребно, но миење на валкани чинии, на пример, не се прави со чекан. Ова многумина не го сфаќаат, и за илустрација, еве неколку примери:

1. Зарем само УДБа е крива ама баш за сѐ? Една од најинтересните заблуди во модерната македонска историја е дека на десната страна од политичкиот спектар има еден силен антикомунизам. Имено, дека на многу вмровци им пречи комунизмот како идеологија. Тоа не е точно.

На повеќето „десничари“ всушност им пречат комунистите (и „комуњарите“ по екстензија) но немаат некоја посериозна забелешка за комунизмот како идеологија. Единствено тоа што во комунизмот имаше тенденција за некакво „братство и единство“ и негирање на значењето на националноста, но – ако се исклучи тој елемент (заедно со залагањето за атеизам), повеќето луѓе кои себеси се дефинираат како десничари воопшто не можат да најдат замерка на идеологијата која владееше до 1990та во нашата земја.

Направете една микро-анкета (ако така може да се нарече) и запрашајте неколку десничари кои ги познавате дали мислат дека треба да има приватни универзитети, приватни средни школи и приватни основни школи? Повеќето ќе ви кажат дека не треба да има, оти државата треба да го обезбедува и потполно да го контролира образованието, оти според нив само така може да се гарантира квалитет.

Прашајте ги дали треба да се дозволи странци да купуваат земјиште во Македонија и да поседуваат индустриски капацитети – искрено ќе ви речат дека би било најдобро странците да немаат никакво учество во нашата економија. Прашајте ги дали телекомуникациите и енергетиката и транспортот би требало да се во приватни раце, ќе ви речат повеќето самодекларирани десничари дека – не треба, оти тоа се стратегиски гранки и тие треба да се во рацете на државата.

Прашајте ги дали треба да се забранат сите медиуми и новинари и невладини организации кои имаат ставови спротивни од оние на Партијата на која тие (десничарите) ѝ припаѓаат, ќе ви речат дека „предавниците треба да се замолчат, мамето нивно“.

И потоа прашајте ги дали се сметаат себеси за противници на комунизмот – повеќето од нив ќе ви речат уште во првиот миг дека се жестоки антикомунисти и заколнати десничари!

И дури и да им објасните дека нивните ставови за горенаведените прашања се баш комунистички и тоталитарни, и дека немаат врска со десниите идеали за слободен пазар и слободно општество, тие нема да ви веруваат и да признаат дека имаат било што заедничко со комунистите.

Конечно, прашајте ги дали се согласуваат, како заколнати десничари, со констатацијата дека „комунизмот беше добар како идеја, ама за жал на погрешни луѓе им се даде да го управуваат“ и повеќето од нив, заколнати десничари, ќе се согласат со тоа тврдење.

Од каде доаѓа овој апсурд? Па, доаѓа од таму што негативниот впечаток што го имаат за комунизмот е создаден кај нив оти тие или нивни блиски биле репресирани од тајната полиција во ерата на комунизмот, па бидејќи сѐ што виделе од комунизмот како лошо била репресијата, за нив само тоа е лошото во комунизмот.

Од таму, најчесто првиот (и единствен) аргумент во секоја дебата за идеологијата со самонаречените десничари е дека „во комунизмот имаше Голи оток“. Нема сигурно да ви кажат дека негативно од комунизмот е што имаше многу кредити, па сите земаа кредити и високиот стандард беше резултат само на тие кредити.

Сеќавањето на УДБа (и Голи оток, и кодошење) е „чеканот“ метафорички кажано во нивниот случај, кој ги тера на секоја работа да гледаат како на клинец. Имаме политичари во нашата земја кои и покрај тоа што се моментално сосема минорни и маргинализирани, сметаат дека сеуште се надгледувани и следени од Службата, дека против нив постојано некои „штабови“ водат интриги и плетат заговори и дека на Македонија не може да ѝ тргне сѐ додека не се заврши до крај лустрацијата.

Тоа е сѐ убаво, навистина би требало да се заврши лустрацијата (подобро кажано, барем да почне!) но дури и ако ги исчистиме сите судови и државни органи и бизнисот и универзитетите од удбаши, кодоши и предавници – што потоа?

Пак ли ќе се вратиме на етатизмот (кај нас манифестиран како комунизам) во кој нема приватни школи, големите фирми сите се државни, државата кажува какви камати ќе бараат банките за кредите, джравата ќе кажува по која цена ќе се откупуваат земјоделските производи, државата ќе одлучува кој смее да инвестира и во што, државата ќе планира што ќе се гради, истражува, промовира…?

Во Грција немаа удбаши, но имаа етатизам во полна сила, каде државата има(ше) огромна улога во економијата. Еве до кај стигнаа со тоа на економски план. Очигледно, не е УДБа крива ама баш за сѐ што не чини.

Понекогаш оние политики кои се максимално јавни и општоприфатени и изгледаат сосема позитивни имаат на долг рок екстермно лоши последици. Како во шахот, каде што сите потези ги гледате, и вашите и на противникот уште од почетокот на играта, ништо не се крие, но во еден миг сепак бидувате матирани. Повеќе за ова во колумната „Покер или шах“ може да прочита кој не прочитал до сега.

2. Не е исто да даваш закони и да давиш со закони: кога твојот поглед на светот е изграден само од седење во канцеларија откако претходно си завршил правен (или економски) факултет, секој проблем ти личи на „клинец“ кој може и мора да се реши со помош на „чеканот на законодавството“.

И тука, нема врска од која страна на идеолошкиот спектар си поставен. Ако сакаш да се стави крај на мобингот и да не страдаат работниците од малтретирања од страна на нивните шефови – донеси закон против мобинг. И оп – нема веќе да има мобинг. Ама дека тоа не така, објаснив во „Трн во здрава нога“. Дури и ако законот против мобинг се почитува строго, тој ќе биде на штета токму на работниците кои требало да ги заштити!

Ако пак сметаш дека треба да се намали бројот на абортуси што ги прават македонските државјанки – донеси закон со кој остро ќе биде ограничено абортирањето, ќе се отежни процедурата, ќе се смали бројот на локации каде може да се прави или сосема ќе се забрани! И оп – веќе нема да има абортуси. Ама, тоа не е така едноставно, како што во една од точките на колумната „Процес или резултат“ поопширно објаснив.

Сакаш работниците да земаат поголеми плати? Донеси закон за минимална плата. Се разбира, ако тој закон се почитува строго, ќе предизвика сто илјади нови невработени да добиеме откако ќе доживеат колапс текстилната и чевларската индустрија, но, сме донеле закон, сме го решиле проблемот, тоа е битното!

Сакаш да се смали пушењето оти е негативна појава? Донеси закон со кој ќе забраниш во кафулињата да се пуши. Се разбира со тоа ама баш ништо нема да се постигне во поглед на зацртаната цел, оти луѓето ќе си пушат дома повеќе, или уште поверојатно во кафулиња каде што газдите се пријатели со инспекторите, ама нема врска – сте донеле закон, тоа се важи!

Кога имаш само метла – секој проблем ти личи на трошка кој може да се реши ако се турне под тепихот, каде што нема да се гледа.

3. И што ако се создаде Голема Албанија? Во општините со доминантно албанско население во западна Македонија, не е можно некој да стане ниту советник во општинскиот совет, а камо ли пак градоначалник на таа општина, ако не е цврст поборник за албанските национални интереси. При тоа, како врвен албански национален интерес е се разбира – обединувањето на сите Албанци во една држава т.е. создавањето на Голема Албанија.

Арно ама, откако политичарот кој цела кампања ја минал во зборење колку е тој голем албански патриот ќе стане функционер на локалната власт, ниту еден од проблемите со кои ќе се соочи во општината нема да има врска со сонот за Голема Албанија. Ниту еден.

Некој градоначалник бил на времето командант во УЧК. Браво, алал да му е, прав патриот. Сега не знае една санитарна депонија да отвори во која ќе се фрла ѓубрето од неговата општина. Или не знае отворен канал од атмосферска канализација да покрие. Или не знае да изгради резервоарска станица за неговите гласачи од некоја повисока населба во општината да имаат непречено снабдување со вода и лете.

Очигледно, една работа е да се залагаш за создавање на голема Албанија, а сосема друга е да решаваш големи инфраструктурни проблеми.

Воедно, луѓе од албанската емиграција во Швајцарија или Америка може да ти дадат пари за да купиш калашникови и зољи за војна, ама со калашникови и зољи не се метат улици. Лесно е да се копаат ровови за војна, ама ајде ископај ровови за водоводни цевки. Тие за водовод треба да се со точно одредена длабочина (ако се премногу плитки ќе замрзнува водата зиме, ако се премногу длабоки дефектите тешко ќе се откриваат) и со точно одреден наклон (за да тече водата слободно), а за тоа си треба инжинер, а не командант.

Оние емигрантите – патриоти нема да ти дадат пари за купување на багер за копање одводни канали. Едноставно, тоа нема врска со борбата за голема Албанија. Ама има врска со секојдневниот живот.

Никој не може да оспори дека некогашните лидери на Ослободителната Војска на Косово кои денеска се главните луѓе во политичката елита на Косово се бореле за албанските национални интереси. Убаво тоа, ама нивната држава сега има речиси 70% невработеност. Албанија е практично на работ на граѓанска војна меѓу двете водечки партии, Социјалистите и Демократите. Кај нас, обичните Албанци јавно сонуваат за голема Албанија, ама уште повеќе тајно сонуваат да си заминат во Белгија или Швајцарија.

Кога имаш само зоља, секој проблем ти изгледа како „борба за човекови права“. Но, улици со зољи не се асфалтираат, може само да се раскопаат.

4. Една бројка не е доволна: во текот на 2010та објавив неколку колумни посветени на разбивањето на митовите и заблудите кои ги имаме за бројките, и не би сакал тука да се повторувам. Ако не сте ги прочитале, почнете со колумната „Бројкофилија“ и продолжете со колумната „Под просекот, над просекот“ во кои има и линкови до другите колумни од таа тема.

Еве накусо само неколку општи насоки. Во човековата ДНА има 46 хромозми, од кои кај мажите (и само кај мажите) еден од тие хромозоми е и хромозомот Y, кој очигледно, се наследува само од татко на син. Благодарение на таа уникатна врска, може да се утврди дали некој денешен маж е потомок по директна машка линија на некој маж чија ДНА е зачувана и испитана, иако тој умрел пред неколку векови.

Арно ама, така може да се утврди само директната машка линија. И ништо повеќе. Од 46 хромозоми што ги имаме, само еден е Y хромозом, но само тој може да се употреби за некакво поврзување со некои од предците и од таму, како што многу поелоквентно објаснив во колумната „Апсурдноста на генетското одредување на националноста“ се користи само тој за некакво генетичко докажување на нашето потекло на овие простори.

Па така, благодарени на погрешното разбирање на некои сензационалистички пренесени информации за некои паушални исражувања од анонимни институти за составот на Y хромозомите кај балканските народи, се проширија во изминативе години еден куп идиотски заблуди за некаква чиста раса, за Македоноиди, за Грци од Етиопија, Бугари од Кореја и слични глупости. Кога имаш информации само за Y хромозомот, целиот свет ти личи на лабораторија за еугеника.

Сосема идентичен случај имаме и со одредувањето на интелектуалната способност кај луѓето, пред сѐ кога тие аплицираат за некакво вработување. Единствен начин да се измери прецизно коефициентот на интелигенцијата е преку тестови за таа намена, но нема никаква гаранција дека тоа прецизно мерење е и точно. За суштинската разлика меѓу поимите „прецизно“ и „точно“ зборував повеќе во колумната „Меѓу слонот и јарето“.

Конечно, таа опсесија со еден извор на логика, една наука, една идеја, една мисла, е најчесто видлива кај обожавателите на Фридрих Ниче, Карл Маркс, Ричард Докинс, па и на Библијата.

Кога си го читал само Ниче, целиот свет ти личи на некаков мегдан каде се судираат „ропскиот морал на обичните луѓе со волјата за моќ на надчовеците“. Ако само Маркс си го прочитал, за секој проблем решение гледаш во некаква класна борба меѓу капиталот и трудот. На пример, своевремено во Советскиот Сојуз имал водечка улога во науката еден шарлатан по име Трофим Лизенко, кој сериозно сакал да ја базира генетиката врз – основите на марксизмот и ленинизмот!?

На времето, Галилео Галилеј, грст луѓе кои само Библијата ја имале прочитано, го суделе оти се осмелил да тврди дека Земјата се врти околу Сонцето. А има денеска атеисти кои сериозно сметаат дека со експериментите во ЦЕРН од областа на нуклеарната физика ќе се докаже дека не постои Бог и потоа, од нуклеарните физичари ќе треба да учиме врз кои принципи да ги базираме нашите сфаќања за тоа што е правда и кои морални вредности треба да се следат.

Кога немаш прочитано ни една книга тогаш си неинформиран. Кога имаш прочитано само една книга, тогаш си дезинформиран.

*

Колумнава ќе ја завршам со македонскиот патриотизам и екстремно тесната дефиниција што ја имаме за него. Ако сте искрен и посветен македонски патриот, во нашата земја се очекува да мислите дека „Грците се педери, Бугарите се Татари, Шиптарите се дилери на дрога, Србите се криви за комунизмот и удбашите, Американците имаат план да ја уништат Македонија, само во Русија е спас кај брат Путин, оти таму се нашите браќа Словени и православни“.

Воедно, ако сте искрен македонски патриот, од вас се очекува да го сметате за најголем наш херој Александар (кој не бил ни православен, ниту пак христијанин), да верувате дека ние немаме врска со Словените, дека Русија сакала преку Санстефанскиот договор да им ја даде Македонија на Бугарите, дека Србите се единствен народ на Балканот со кој можеме да живееме во мир, дека е добро да се има бугарски пасош (за секој случај) или барем да се вози бугарска кола, дека нема друга иднина освен да влеземе во ЕУ и НАТО каде што е член Грција а не е член Русија и конечно да гласате за партијата која е во цврста коалиција со некогашните учки кои беа финансирани во најголем дел од дилери на дрога.

Јасно ви е колку е македонскиот патриотизам не само тесно дефиниран ами и контрадикторен?

Никој не може да каже дека политичарите во Грција не се грчки патриоти, или дека во Хрватска тамошната десница (која владее со земјата веќе две децении и која ја создаде државата) е предавничка. Арно ама, и во двете посочени држави моментално има исклучително тешка економска криза, која нема да заврши убаво за граѓаните на тие земји. Криза за која се виновни патриотските политичари.

Ако си овца, целиот свет ќе ти личи на ливада, а секој со стап и шарена торбичка на рамото ќе ти личи на овчар. Очигледно, да бидеш патриот е далеку покомлексно прашање од тоа „кого мразиш?“. Патриотизмот е одговор на прашањето „каква земја сакаш да биде твојата татковина?“.

Одговорот е: „Нема успешна Македонија без успешни Македонци, и нема успешни Македонци без успешна Македонија

Тоа е патриотизмот.

.

П.С: Во утрешното издание (од 18ти февруари) на неделникот „Фокус“, имаат објавено моја колумна со наслов „Така говореше мудрецот Конфузие“. И во претходниот број имаше моја колумна, онаа за политичките бројки, но таа веќе ја имаше на мојот блог. Оваа сега што е објавена е специјално напишана за весникот, и нема да се најде на мојот блог уште барем десетина дена (додека да ѝ помине рокот во „Фокус“ т.е додека да излезе нов број). Доста е интерсна, духовита, луцидна, и како што реков, необјавена тука, па најдете си „Фокус“ и прочитајте ја, час поскоро.

П.П.С: Наредниот четврток, на блогов ќе биде објавена нова колумна, со наслов „Врат и шија“. Меѓу овие два термини нема разлика, но меѓу други навидум синоними има, а за кои точно термини станува збор – во четврток, во редовниот термин.

До тогаш, поздрав😉

11 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Јас мислам дека сум десничар и не мислам дека енергетските компании треба да ги имаат странски фирми, мислам дека тоа е империјализам. Ако во Македонија Евн е австриска, тогаш би било фер во австрија евн да биде македонска-нели така би бил фер капитализмот.Сакам да кажам еден ден ќе испадне еден човек да го поседува светот.

    • Место одговор, цитат од колумната:

      „И дури и да им објасните дека нивните ставови за горенаведените прашања се баш комунистички и тоталитарни, и дека немаат врска со десните идеали за слободен пазар и слободно општество, тие нема да ви веруваат и да признаат дека имаат било што заедничко со комунистите.“

      Зборот „империјализам“ е еден чисто комунистички збор. Комунистите го измислиле, комунистите го употребувале… десничар се сметаш, ама гледаш ли дека со лева рака го држиш дурбинот низ кој го посматраш светот🙂

      И џабе, пак нема да ми веруваш дека умот ти е сеуште затруен со комунистичките заблуди….

  2. Мене Нено Богдан ме заболе Стојко за Патриотизам.
    зошто да бидеме патриоти на
    1. 33,4% невработеност
    2. Плати како во Буркина Фасо и Бурунди
    3. Секоја година поскапувања на давачките
    4. Даноци за ова даноци за она
    Треба ли да бидиме патриоти и да се гоедееме што сме Македонци а?
    Зошто да бидам патриот за оваа ебана држава кога ми ја ваде душата со памук, ме цеде како некоја крава со високомлекодајни способности од даноци, секоја година поскапувања на давачките струја, вода и треба ли да викам
    МАЈКО МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ГИНАМ ЗА ТЕБЕ А???

    На некој државата му е мајка а некој маќеа. Не може да се развие истото чувство. Некој најголема брига му е националноста, Aце, Фосилите… а на некој лебот. е сега, ако на некој децата му плачат за леб, а тој е патриот и само патриот – не знам што да му речам. Алал да му е.

    Замислете си ситуација при разговор од богат и сиромав Во еден разговор, сиромашниот се изјаснува дека не му е гајле, ни за Аце, ни за брадоњите од 1903, ни за името, ни за знамето, ни за грбот, ни за интеграциите. Сето тоа богатиот го прифати со „Ииииии, ц ц ц, како смееш, човеку. Нашите предци се бореа за ова, го дадоа животот, а ти вака? А сиромавиот му одговара на богатиот:
    – Немам време за тоа да размислувам. Ни на работа, а ни дома, кога се мислам како до први. Другите не го веруваа, оти како е не знаат. Патриотите гладни никогаш не биле. Нивниот проблем е името и Македонија. НА сиромашниот проблем му е едвај да дојде први за да земе плата за да преживее. Големи проблеми имаат двајцата. Сепак, Македонското прашање е нерешлив проблем, нели? Националното чувство е најголема движечка сила. Да, кај тие што тоа им е едниствен проблем. Другите се предавници.

    Благоја

    21/02/2011 at 13:59

    • „Да се јаде и да се пие е животна потреба, а не смисла на животот“

      Ова го кажал – Карл Маркс🙂

  3. Благоја баш поради недостаток на патриотизам сме во ваква мизерија. Вакви грабежи може да се случат само во тотално не патриотска држава.Во секоја нормална нација(Евреите,Албанците) овие лопови и терористи што се во собрание сега ќе беа убиени.Се додека се грижиме повеќе за себе отколку за државата ќе биде вака.Ние повеќе ги цениме другите отколку самите себеси.Чекаме некој друг да направи држава од нас.Еден пример.Имам другарка од Теарце(таму започна конфликтот) има дечко Шиптар, оди на одмор во Грција и слуша српско.И кажи ми има ли некоја Еврејка што ќе земе Палестинец и ќе слуша Арапска музика.тоа е non sence. Овде во оваа држава најнепопуларно е да бидеш патриот.Ние имавме поголемо национално еднинство за независноста за косово отколку за прешањето за името.Повеќе не здоболе кога се отцепи косово отколку кога на референдум ги изгубивме Струга Кичево и пола Скопје.Незнам што да кажам за оваа нација освен дека ваква нема на земјава.

    • Македонија во оваа ситуација токму поради немањето на грижа кај луѓето за сопственото добро. Наместо да се инстистра законите да важат исто за сите, во име на патриотизам, партиска лојаност или лојаност кон култ, Македонците замижуваат пред кршењето на законите на другите. Привин мора да си верен на себе си, пред да можеш да бидеш верен на било кој или што друго.

      • Конфузен си. Ај прочитај шо напишав пак или прочитај што пишува Нено за патриотизмот.Точно најголема услуга што можеш да и напраиш на Македонија е да бидеш успешен. Ама проблемот е што кај нас сите сакаат да бидат успешни на сметка на државата и нацијата.

        • Воопшто не сум конфусен: Грижи се за себе си преку инсистирањето на еднаквост пред законите. Тоа е најголемиот патриотизам.

  4. И уше една работа како бе нема невработеност за шиптарине.Како тие прават куќи и купуваат коли со платите од Буркина Фасо?Немој само да ми кажеш дрога…

  5. A што ќе кажиш за „Големите Патриоти“ од Македонската Дијаспора од Канада, Авастралија…
    нашата дијаспора само за чукање вгради НИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!!!!
    Ништо тие за Македонија.
    Еднаш ке дојдат на 10 години и ке се праат поголеми патриоти од мене и од некој друг, а го имаат заборавено јазикот Македонски.
    Таканаречената Дијаспора имат пари, само не ги дават. А ако ги дават, ги дават само за да земит повеќе.
    Кога фати војната во Југославија 1991 година Хрватите во Австралија куќите ги продаваа за да помогнат за државата, а нашите ќе пуштат по 10 долари или 20 како за на мајтап и уште ќе прашаат дали ви се доста.
    Се збирет нашите таму за викенд пеет песни таму Послушајте Патриоти, за Кралот Александар, веет знамиња со 16 краци и со тоа се прает патриоти невидени.
    За време наконфликтот 2001, имаше тогаш многу што имаа дојдено од Дијаспората. Што не се пријавија доброволци во војната ако се толкави големи патриоти. Туку си дојдоја тие тогаш за сунчање во Охрид.

    И ако се толкави патриоти што не се вратат во Македонија за стално?

    Благоја

    23/02/2011 at 13:18

    • Јас во 2001та бев бранител, така да не знам ова прашање зошто мене ми го поставуваш.

      Нашите иселеници ако донесат некоја пара тука, овдешните апаши на власт (која и да е партија) ќе им ја украдат. Никој не може да инвестира тука и да сака, оти власта краде и сака мито.

      А што се однесува до „даваат пари само за да профитираат повеќе подоцна“ можам само да ти кажам Блажо – ДОБРО УТРО! оти цел свет така работи откако постои.

      Глуп човек ќе се нервира што надвор врне. Паметен човек ќе сфати дека така е тоа и нема што да се прави, па ќе си земе чадор.

      И во една друга колумна „Под фенерот“ ако добро паметам, ти се нервираш што врне и велиш да протестираме, а јас велам дека тоа е факт и дека нема што да се прави освен да се земе чадор. Протестирај колку сакаш, нема да престане да врне. Земи си чадор, за да не се накиснеш.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: