Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ KOHTPAДИKTOPHOCTИ

with 15 comments

Постојат многу тврдења, изјави, верувања, изговори, идеи и идеологии кои, доколку подлабоко ги анализираме ќе сфатиме дека се противречни самите на себе. Имено, кога ги кажувате, за да не се збуните, морате откако ќе ја изговорите првата реченица од нив, да заборавите што сте кажале, за да можете и втората реченица од истата мисла да ја кажете без да згрешите. Еве неколку конкретни примери:

1. Спорот со Грција: логиката во овој случај почнува вака: „ние Македонците мораме да се откажеме од национализмот, оти во Европа нема место за такви застарени идеологии“. Океј, првата реченица, сама по себе, има логика. Но, втората реченица од истата мисла е контрадикторна на првата:

„Нас нема да нѐ примат во Европа, оти Грција, која е членка на ЕУ, е опседната со националистички идеи, и за жал, ние мораме да се покориме пред нејзините барања, оти нема да нѐ примат во Европската Унија“

Значи, во ЕУ нема место за никаков национализам, и затоа ние мораме да го оставиме нашиот надвор, оти во ЕУ веќе се наоѓа национализмот на Грција. Па нели нема место за национализам таму?

Кога сме веќе кај Грците, и нивните барања да се откажеме од „претензиите кон нивната историја“ се поткрепени со контрадикторни аргументи. Имено, тврдат тие дека целиот свет и сите научници се на чисто со научната вистина која е дефинитивно докажана и непобитно гласи дека Александар и античките Македонци биле Грци и дека ние немаме врска со нив. Значи тоа му е јасно како бел ден на секој сериозен научник.

Таа мисла сама по себе може да има логика, но еве ја наредната мисла: „и затоа Скопјаните мораат да престанат или дури и да им биде забрането да тврдат дека тие се потомци на античките Македонци“.

Океј, научен факт кој што е непобитен е дека земјата е топка. Никому не му е забрането да тврди дека е рамна плоча, оти ако некој тврди – ќе биде исмејан од секој умен човек и сфатен ќе биде како будала. Следствено, ако е навистина непобитен научен факт дека ние „Скопјаните“ немаме врска со античките Македонци, зошто мора да ни се забранува да го тврдиме тоа? Нека нѐ остават да тропаме такви глупости, да се брукаме пред цел свет, сите да ни се смејат и – така нема потреба од нервоза.

Очигледно, тврдењето дека денешните жители на Република Македонија немаат врска со античките Македонци и не е баш некоја непобитна научна вистина дефинитивно докажана и утврдена за точна. Ако се суди според жестокоста на обидите да се забрани таа поинаква верзија на историјата – очигледно има нешто многу спорно во официјалната приказна која Грција ја пласира како единствено точна.

2. Албанците имаат висок наталитет, ама малку се: уште пред девет години, кога се правеше пописот во 2002та, имаше многубројни сериозни луѓе кои излегоа со сериозни тврдења дека во Македонија нема повеќе од 15 до 17 проценти на Албанци.

И дека пописот кој даде 25% учество на Албанците во целото население на Република Македонија бил манипулиран со политички цели, оти не е можно да има толку голем број на Албанци во Македонија.

Ова до некаде и има логика, ама таа се губи откако ама баш истите луѓе кои ја оспоруваат високата бројка на Албанците во Македонија ќе кажат дека „Албанците имаат азиски наталитет, имаат по пет, десет, петнаесет деца сите, и тие работат со децении веќе на тоа да ја преплават Македонија и да станат мнозинство“

Во ред, ако со децении работат Албанците со имање на еден куп деца за да ја преплават Македонија, како е тогаш можно – после децении упорно работење на случајот – да се толку малку колку што тврдат дека ги има оние кои велат дека нема повеќе од 15% Албанци во Македонија?

Па или е едното точно, а друго не е, или некој само тропа глупости. Ако со децении имаат висок наталитет, би се очекувало да стигнат до бројката од 25 проценти. А ако не се толку многу, значи дека во последниве децении тие и немале баш толку висок наталитет и – нема што да секираме дека тие сакаат да ја преплават Македонија и да станат мнозинство.

Најсмешно е што сосема истите лица тврдат дека и Албаците имаат страшно висок наталитет веќе со децении, и истовремено дека не се повеќе од 15%. И не сфаќаат тие луѓе дека двете тврдења се контрадикторни меѓусебно и дека се исклучуваат едното со другото.

Кога сме веќе кај Албанците, кај македонските кафеански патриоти има и друга теорија за нив, која што теорија е составена од две контрадикторни тврдења: имено, Албанците се многу заостанати и примитивни, и затоа се затворени во кланови и не се мешаат со други народи. Таа мисла сама по себе има логика, ама – наредната реченица вели дека има многу малку вистински Албанци, дека тоа се главно Власи (во јужна Албанија) и Торбеши и Горанци во Македонија и Косово и уште и Турци и Бошњаци во Косово и Северна Албанија.

Значи, ем се Албанците затворени и не се мешаат, ем најголемиот дел од нив се од други народи претопени. Па како се претопија, ако оние „оригиналните“ не ги примаат во нивните цврсто затворени редови!?

3. Македонија е вечна и затоа мораме да ја чуваме: ова е варијанта на класичниот парадокс на строгиот детерминизам. Пред да го видиме во нашиот случај, еве го од религијата.

Оваа мисла е заедничка ама баш за сите религиозни фанатици од било која религија: имено, тие веруваат дека ама баш сѐ е предоредено и дека за секоја ситница одлучува Бог и дека се разбира, Бог е на нивна страна и тие, поради тој семоќен фактор на нивна страна – не можат да изгубат.

Е сега, тоа има некоја логика само по себе, ама не и ако се поврзе со наредната реченица од истата мисла: „и затоа ние мораме да се бориме до крај, со сите сили, мораме да не се предаваме, оти победата е наша“.

Добро, ако навистина сѐ е во рацете на Бог и тој предодредил до последна ситница дека вашата фанатична мисија ќе успее – зошто морате да се борите воопшто? Оти, што и да правите, вашата мисија ќе успее, оти нели Бог е со вас. Тоа е аналогно на тврдењето дека „Србите и Кинезите се заедно – милијарда луѓе“. А самите Кинези колку се, без Србите – исто милијарда!

Значи, секој фанатик кој мисли дека треба да убива и да уништува затоа што Бог е на неговата страна треба да се искулира и да олабави малку, оти и да не бори ама ич, пак ќе успее мисијата оти – Бог е на негова страна.

Нешто вакво во XIXиот век и комунистите како тогашни фанатици проповедале. Имено, тие сметале дека Маркс во неговата најважна книга „Капиталот“ докажал дека е историска неминовност капитализмот да биде заменет со комунизам и дека тоа е природен закон на историјата и дека ама баш ништо не може ја спречи таа иднина.

Иако биле убедени дека пророштвото на Карл Маркс неминовно ќе се оствари, следбениците на тој човек упорно се обидувале да организираат револуција. Зошто толку мака и труд, ако комунизмот и без тие да се трудат ќе се остварел – оти тоа е неминовно, според законите на историскиот развој?

Конечно, за најромантичната мисла на нашите кафеански патриоти: Македонија е вечна, и никој не може да ја уништи, и таа и покрај сите премрежија ќе триумфира. Аха, тоа да речеме дека е точно, но – ако е точно, зошто тогаш воопшто мораме да се бориме за неа и да се залагаме да ја зачуваме? Та нели е вечна и непобедлива, па ако е таква, што и да правиме и да не правиме ние или било кој, таа пак ќе победи. Ако е вистина дека Бог ја чува Македонија, што има и ние обичните луѓе да се замараме?

4. Омразата е парадоксална: првин ќе почнеме со обожавателите на Бин Ладен, кои тврдат дека тој не е виновен за злоделата што Американците му ги припишуваат нему и на неговата организација. Имено – тврдат неговите фанови – тој не е нарачателот и организаторот на нападите од 11ти септември 2001та, ниту пак на уште неколку спектакуларни бомбашки напади низ Европа, Африка и Азија во изминативе две децении.

Истовремено, фановите на Осама тврдат дека го подржуваат и сакаат својот херој оти тој се бори против Американците. Прашањето е: ако тој не е крив ама баш за никаков напад никаде, како тогаш тој се бори против Американците? Тоа е како да се тврди дека некој волк е многу страшен и опасен, ама нема изедено ниту едно јагне во текот на својот живот. Колку што се волците вегетаријанци, толку е и Осама невина жртва на американскиот „империјализам“.

Сличен статус меѓу своите фанови има и Адолф Хитлер, кој што тврдел дека Евреите се нижа раса составена од интелектуално инфериорни индивидуи, за веќе во втората реченица од истата мисла да каже и дека Евреите владеат со светот. Никој од неговите подржувачи не помислил да праша: ако се навистина Евреите инфериорни интелектуално, како е можно да владеат со светот?

Во последниве децении има и една нова контрадикторност со ликот и делото на фирерот, која оди вака некако: „холокаустот не се случил, тоа е лага на Евреите, но Хитлер е голем човек оти ја исчистил Европа од Евреите“. Е па, како ја исчистил така без холокауст, како вегетаријански волк ли?

*

Конечно, оправданијата на диктаторите се контрадикторни и ние во нашата земја, која своевремено беше дел од Југославија тоа добро го паметиме. Дури и сеуште има луѓе кои не разбираат колку се глупи нивните изливи на љубов кон Тито и неговото време.

Имено, зошто во било која диктатура не е дозволено да има слобода на говорот и слободни медиуми? Е па – велат сите диктатори – затоа што народот е задоволен и го сака владетелот свој, па нема потреба од такви медиуми што ќе шират лаги. Ама, зарем не тоа контрадикторно, оти ако навистина народот во огромно мнозинство го сака својот лидер – кој тоа може да го излаже и да го заведе  со лагите изнесени во некој „независен“ медиум?

Со други зборови, луѓето се доволно паметни да го препознаат својот премудар и безгрешен водач, ама не се доволно паметни да разликуваат дрска лага и манипулација во некој опозиционен весник од фактите кои се насекаде околу нив и кои сведочат за правилното раководење на водачот?!

Нема логика, нели?

Во Југославија на Тито немаше независни медиуми, оти и онака немаше ништо лошо па немаше за што да известуваат. Во Југославија на Тито немаше никакви проблеми, па народот беше презадоволен и немаше потреба да бидат дозволени други политички партии да егзистираат. Во Југославија на Тито имаше едно братство и единство меѓу народите и немаше потреба да се ставаат на дневен ред воопшто било какви национали прашања.

Така и во Египет размислуваше Мубарак, така и во Либија размислува(ше) Гадафи. Нема потреба да се отвори капакот на лонецот, оти и онака нема оган да ја загрева водата во него, зарем не? Па од каде одеднаш излезе сета оваа зовриена пареа?

Со самото тоа што се трудиш со сите сили да го сокриеш проблемот, докажуваш дека проблемот постои. Колку повеќе време трошиш за да го сокриеш, толку помалку време ти останува да го решиш.

Сѐ додека не стане предоцна и проблемот не почне самиот да се решава.

.

П.С: Во утрешниот број на неделникот „Фокус“ можете да прочитате уште една моја колумна, која досега не била објавена никаде, оти е специјално напишана за во весникот. Така да, ако сте редовен читател на мојот блог, што пак значи дека ви се допаѓаат моите колумни, еве ви шанса да прочитате и нешто мое, надвор од блогов. Текстот во неделникот е доста духовит и луциден, па затоа – час поскоро набавете си „Фокус“.

П.П.С: За овој четврток беше најавена колумната „Врат и шија“ но поради одредени причини (многу сум настинат!), неа ја оставив за наредниот четврток, а ова што ја објавив сега е од мојата „златна резерва“ за вакви моменти кога не стигнувам да ја напишам најавената колумна. Значи тогаш очекувајте ја неа на блогов. Се надевам, ќе ми помине настинката до тогаш.

До четврток, внимавајте да не настинете и вие, и бидете поздравени😉

Written by nenobogdan

24/02/2011 at 20:50

15 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. „4. Омразата е парадоксална: првин ќе почнеме со обожавателите на Бин Ладен, кои тврдат дека тој не е виновен за злоделата што Американците му ги припишуваат нему и на неговата организација. Имено – тврдат неговите фанови – тој не е нарачателот и организаторот на нападите од 11ти септември 2001та, ниту пак на уште неколку спектакуларни бомбашки напади низ Европа, Африка и Азија во изминативе две децении.

    Истовремено, фановите на Осама тврдат дека го подржуваат и сакаат својот херој оти тој се бори против Американците. Прашањето е: ако тој не е крив ама баш за никаков напад никаде, како тогаш тој се бори против Американците? Тоа е како да се тврди дека некој волк е многу страшен и опасен, ама нема изедено ниту едно јагне во текот на својот живот. Колку што се волците вегетаријанци, толку е и Осама невина жртва на американскиот „империјализам“.“

    Дури и на самите Американци им е јасно дека нападите од 11 септември не се дело на Осама Бин Ладен туку на Заговорниците, Масоните, Илуминатите…
    како може од 19 арапи кои биле во авионите 4ица да се сеуште живи, на емисијата на А2 дадоја интервју со еден од нив.

    Има интересни факти кои кажуваат дека зградите биле срушени со експлозив поставен во зградите и дека со толку мал пожар не може да се сруши зграда која има челична конструкција.

    А ова дали има логика??? Деловите од авионите се тотално стопени, а некои тела во зградите биле идентификувани.

    По таа логика испаѓа дека човечкото тело е поотпорно на оган од авионот. СВАШТА.
    Па затоа отидoa САД во Авганистан,за да профитираат. Бидејќи Авганистан е најголем производител на морфиум и опиум во светот. Таа дрога оди на нарко пазарот во САД. И затоа ги урнаа двете Менхети се со цел да најдат изговор за да ги нападнат. И сега демек отидовме таму во борба против тероризмот.

    Благоја

    13/03/2011 at 16:18

    • Море Блажо, кога ти реков да го оставиш џоинтот не мислев дека треба да фатиш шприц и во вена да се фиксаш.

      Па дај батали со тие трипови, мајку му стара, аман веќе.

      Америка има 14 трилиони долари GDP. Од сета дрога во Афганистан, дали 14 милијарди може да се извади профит. Илјада пати помалку.

      Ако ти имаш плата од 12 000 денари месечно, дали ќе продаваш дрога за 12 денари месечно?

      Нема логика, нели? Е па исто така, нема логика да се тврди дека Америка се загна во војна цела за да ќари, при „плата“ од 14 трилиони годишно, 14 милијарди годишно плус.

      И сега на мојва логика ти ќе ми одговориш со „CNN ти го испрала мозокот Нено“. Тоа ти е одговор за се кога немаш аргументи.

  2. Како бе немам аргументи…

    Бин Ладен или Топол сеедно, е во дирекна врска со планетарните криминалци капиталисти кои ги држат под своја контрола природните богатства на планетата.
    Тој доаѓа од школата на Саудиска Арабија која па е протекторат на САД, односно на тие што владеат со САД.

    Зошто Осама Бин Ладен пошто е праведен, наместо по невиниот народ да удри пример по газдите на Шел кој на големо ги експлоатираат нафтените полиња на блиски исток.
    Или по други крупни капиталисти кои ја цедат планетата со цел остварување на исклучиво високи профити на сметка на било каква демократија.

    Во еден документарен филм, новинар го бара Осама Бин Ладен.
    И прашуваат еден Авганистанец, дали знаете за Осама ?
    Тој вели НЕ.
    А овој му објаснува, тој што ги урна кулите во Америка.
    Ааааааааа, Fuck Bin Laden and Fuck America.

    А за нападите на 11 септември има илјадници факти на Зејтгеист. Гледај ги тие делови на Зејтгеист па ќе видиш дека тоа го направиле самите Американци…
    Кулите близначки ги урнаа амЕрите,но не со авиони…АВИОНИ НЕМАШЕ!

    Туку се користеше тродимензионална холографија значи авионите се лажни т.е само холограм,е сега за звукот-саунд ефект му платиле на холувуд…чунки искусни се.

    Благоја

    13/03/2011 at 23:04

  3. „… Кулите близначки ги урнаа амЕрите,но не со авиони…АВИОНИ НЕМАШЕ!

    Туку се користеше тродимензионална холографија значи авионите се лажни т.е само холограм,е сега за звукот-саунд ефект му платиле на холувуд…“

    Реков јас дека ВО ВЕНА СЕ ФИКСАШ. Вакви халуцинации само при тежок трип може да се јават.

  4. Добро така нека е.
    Има Нено и други работи на светот што може да се гледаат и да се прочитаат.

    Колку книги од областа на Светските Заговори си прочитал каде што е добро објаснето за нападите на 9/11 и дали воопшто си гледал еден дел од Зејтгејст за 9/11 и Дејвид Ајк еден од најголемите познавачи на Конспираци теориите каде што и тој објаснува за нападите на 9/11???

    Благоја

    14/03/2011 at 14:50

    • Дејвид Ајк кој што тврди дека Клинтон и Буш беа рептили – вонземјани кои се маскирани во човечка форма, и заедно со другите рептили маскирани како луѓе веќе пет илјади години ја сочинуваат тајната елита која владее со човештвото?

      За тој ли Дејвид Ајк збориш?

  5. Да да.
    Иако има и многу чудни идеи како онаа за рептилите,се на се е еден од највлијателните автори во последниве години кој има многу вредни идеи,колку човек и да не се согласува со некои негови ставови.Покрај тоа има предвидено многу настани како 9-11,7-7,денешнава економска криза и други.

    Има напишано 18 книги, безбројни предавања во над 50 земји,стотици текстови…

    А еве видео од Зејтгејст да видиш дека Кулите близначки не се рушени со авиони…

    Благоја

    14/03/2011 at 20:02

    • Влијателен кај кого е Ајк бре?

      Кај травари и џанаци?

      Откако ќе напишеш дека со човештвото владеат рептили маскирани како луѓе – што било да напишеш друго е џабе. Луд си, и умен човек не се замара со тебе.

  6. Сите ”експерти” за конспирации се лудаци кои не успеале во вистинскиот живот па бегаат од реалноста во некоја друга реалност. Но 9/11 e контроверзен настан со самото тоа што извршител е Бин Ладен. Има документи дека тој работел за ЦИА во војната на СССР со Авганистан, дека бил вооружуван од Америка за го организира отпорот. Причината на нападот на кулите според западните медиуми е тоа што Осама сметал дека Америка е сатаната. Епа ако Осама знаел дека Америка е сатаната зошто тогаш земал оружје од сатаната.Исто така контроверзно е тоа што не ги урнале авионите, штом некој авион скршне од патеката контрола на летање е автоматски известена за тоа…Контроверзен е падот на кулите кој е толку добар што е против законите на физиката(во дадениот случај ударот на авионот и експлозијата на горивото)- би требало кулата да се навали барем при падот.Секој што бил во Америка се чуди како не може да си ја внесе четката за заби во авион а овие талибанциве оружје…Едноставно Нено премногу работи насочуваат на тоа дека е се тоа добар маркетинг…да потсетам Буш им читаше приказна на децата(колку фино) и според мене најконтроверзно од се е како тоа ЦИА не успеа да го најде Бин Ладен…ма дај…типот е на дијализа.,. америка даваше незнам колку милиони награда за да го најдат, оние утепани авганистанци ги боли стапот за некој забраден одма ќе го предадат…Не викам дека Американците го направиле тоа, незнам кој ама не Бин Ладен.Кнедлата е преголема за да се голтне

    Кољо Дијамант

    14/03/2011 at 20:34

    • Абе Кољо и ти ли почна во вена да се фиксаш, мајку му стара? Саде џанаци ми го читаат блогот🙂

      Бин Ладен работел за ЦИА и тоа е доказ дека сеуште е нивни човек?

      Ај, а Грујо што работел (како министер) за Љубчо (премиер) на времето доказ ли е дека Грујо сеуште работи за Љубчо?

      А она околу рушењето на кулите спротивно на закони на физика нема врска. Не се срушија од ударот па да се навалат, ами се стопи од пожарот металната конструкција на столбовите и затоа паднаа надолу без навалување.

      Ама зошто да се прифати логичното објаснување кога некој сака кнедли да голта? Не е интересно ако … нема заговор, нели?

  7. Eве ти уште еден факт за Заговорот на 9/11.
    Во Кулите близначки работеа 666 Евреи.
    Како мајката се погодило баш тој ден ниту еден Евреин да нема???

    Благоја

    14/03/2011 at 23:50

    • Факт е податок кој е објективно потврден за точен.

      Ова што ти си го навел ниту е потвредено, ниту е точно. Не е факт, туку тресење од ракав бесмислици и глупости.

      Од кај ги најде овие „информации“? Од Дејвид Ајк ли? А кажува ли тој колку рептили имало во кулите?

  8. Да ти кажам ме боли Стојан за Америка и заговори. Мојата загриженост е од Шара до Пирин, другите нека прават што сакаат. Благоја бидејќи ти спаѓаш во таа загриженост би те замолил да искулираш и да си а гледаш својата мака. Кој го владее светот не е битно, битно е кој го владее твојот свет. Ако Дејвид Ајк може да ти помогне да се дообразоваш или да си купиш кола тогаш продолжи да го следиш. На крајот , знај дека ништо не е вечно и дека се се менува. И во времето на Рим никој не мислел дека ќе пропадне па пропаднал.

    Кољо Дијамант

    15/03/2011 at 15:17

  9. „Факт е податок кој е објективно потврден за точен.“
    Факт е за тебе тоа што ќе го потврди „ПЕРАЛНАТА ЗА МОЗОЦИ“ CNN и слични такви срања. Епа вака е тоа:
    Американците се најголеми носители на демократијата во светоти ги подржуваат само демокаратските земји.На пример С.Арабија Кувајт Бахреин Катар Јордан Египет ОАЕ Пакистан и многу други дамократии да не ги набројувам тука.Знам дека на некого тука нема да му изгледаат за демократии ама е добро да се насмееме исто како и тезата дека америте носат демокрартија а никако не војуваат за своите интереси.

    Сигурно во Ирак не отидоа заради нафтата туку да го одбранат народот од режимот на Садам.
    Во Виетнам отидоа бидејќи претставуваше закана за човештвото. Можит, да, ако фрлеа една лопата или вила, ке не снемаше сите.
    Америве влегуваат во војни за да ги спречат војните тоа не сум го знаел и заради член 51 од повелбата на ООН а никако заради своите инетереси.Што да кажам вистина не знам

    Америве никако не се мешаат заради тоа дека Венецуела има нафта тоа никако и никако не поджуваат режими кои се богати со нафта иако немаат ни Д од демократија.Ова не смее ни Обама да им го каже на децата сега за Велигден нема да му поверуваат.
    Тезата на Н.Б. е дека америве воуваат за демократија во свеетов.
    Така је
    поздрав.

    Благоја

    16/03/2011 at 20:48

  10. Не верувам дека Нено е толку глуп да верува дека америка е демократска земја. Од друга страна не гледам што хистеријата со демократијата…од каде тоа дека најубаво се живее во демократија.Власта нема толку големо влијание врз животите на луѓето, никој не може да ти го контролира мозокот.

    Кољо Дијамант

    17/03/2011 at 18:47


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: