Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БУKEФAЛ KAKO APXETИП

with 16 comments

Направиле споменик на коњот, а витезот го заборавиле?! Или можеби немале доволно бронза. Така е тоа секогаш, кога целата бронза ќе ја потрошиш за овековечување на коњот, нема да ти остане ништо за овековечувањето на витезот

Постои една изрека која вели дека патриотизмот е последното прибежиште на неранимајковците. По мое мислење, тоа е неточна поговорка. Оти патриотизмот е првото прибежите на гадовите. Колку поголем атеист е во душа, толку поголем златен крст ќе закачи на врат, колку понеспособен е некој научник, толку повеќе ќе се повикува на својата академска титула и конечно, колку поголем предавник е политичарот со толку поголемо знаме ќе мафта пред народот. А каква врска има ова со коњот на Александар Велики? Еве каква:

1. Кој е поважен, коњот или витезот: лани ова време, имав можност со еден прилично загорен патриот да правам муабет околу националноста на Букефал. Да, убаво прочитавте, околу националноста на коњот на Александар зборевме и споревме.

Неговата теорија беше дека Александар како најголем Македонец во историјата сигурно не би јавал никогаш на коњ што и самиот не бил македонски, па бидејќи Тесалија (областа во северна античка Грција од која според историските записи бил купен коњот) е блиску до територијата на античка Македонија, сигурно и коњот не бил грчки ами македонски.

„Кобилата која го родила Буки сигурно била од Македонија, а? Порасната во шталата на кралот Архелај, хранета со зоб од нивата на Пердика и поткована од налбатинот на Аминта Трети лично?“ – шеговито поентирав јас, но тој тоа го сфати сосема сериозно велејќи дека „нема шанси од Грци да дојде толку јако педигре, тоа мора, абе м-о-р-а да е македонско ждребе кое само пораснало у Тесалија, ама у душа си било Македонче!“

На мојата забелешка дека: како прво, коњите немаат националност оти тоа е одлика само на луѓето, и како второ дека е сосема небитно од каде бил набавен коњот и дека е важен јавачот на тој коњ, тој ми одговори (малку конфузно) дека историјата е полна со фалсификати, и дека Грците отсекогаш знаеле дека не можат да ни го украдат Александар, па затоа ни го украле (со помош на лагите на нивните антички историчари) Букефалчо наш. Ама дека „еден ден, ќе видиш, вистината ќе излезе на видело, и пак ќе праиме муабет!“.

Невозможно беше за мене да го убедам дека на Александар кој во својата армија вработувал луѓе од сите нации и потекла, при што единствен услов била лојалноста кон него лично и се разбира, способноста на кандидатот, како и дека при изборот на жените со кои водел љубов и имал деца воопшто не водел сметка за расата или за „географското потекло“ ами за нивната убавина, интелигенција и шарм, воопшто не би му било гајле ждребето што го јавал од каде е по мајка кобила и татко коњ, ами дали е соодветно за употреба во војна.

Откако не успеав да го убедам да се концентрира на јавачот а не на коњот, му ја препорачав мојата колумна за кучето на Александар кое најверојатно било шарпланинец, која што колумна се разбира го воодушеви. Иако нејзината намена не беше да докажува дека денешните шарпланинци се директни потомци на песот на Саше Великиот, ами дека има многу работи кои се на прв поглед дефинитивно утврдени, ама на втор поглед за нив може да има и алтернативно толкување, подеднакво можно и веројатно.

Слично, во врска со мојата книга која заклучно со денешниот датум веќе две години може да се симне слободно и бесплатно од блогов, имаше читатели кои ми праќаа мејлови со критика за тоа што сум мешал анализи и размислувања за модерново време, политика и економија, со приказните од антиката за животот на нашиот најголем херој, советувајќи ме дека требало да се ограничам само на историјата.

На моето инсистирање дека книгата се вика „Што можеме ние Македонците да научиме од Александар Велики“ а не „Што можеме ние Македонците да научиме за Александар Велики“ добивав одговори дека кон Александар треба да се однесуваме со максимална почит и пиетет, а не да се обидуваме да му наоѓаме маани, или да помислуваме дека неговата надчовечка мудрост можеме било кога да ја разбереме.

Со други зборови, има луѓе кои тврдат дека го почитуваат Александар, ама всушност го почитуваат ликот, но не и неговото дело. Но, без делото, што е ликот?

Доколку Александар не ги направел тие подвизи на тој начин на кој ги направил, ќе го знаевме ли воопшто? Ќе беше ли битен тој за историјата, не само наша ами и светска?

Ако човекот и неговото дело ги замислиме како Букефал (материјална форма т.е. телото) и Александар (идејата т.е. делата на тој човек), излегува дека оние кои се концентрираат на човекот без да водат сметка за неговото дело, всушност како да го обожаваат Букефал, а не Александар.

Се разбира дека за уникатен воин каков што бил Александар бил потребен и уникатен коњ, како што за големите идеи да станат реалност се потребни големи луѓе да ги спроведат во пракса, но да не заборавиме дека дека Букефал е запаметен само заради неговиот јавач. Исто како што големите луѓе низ историјата ги паметиме по нивните дела. А не обратно.

2. Што ми е гајле бре за клавирот на Бетовен? На Запад, во престижните аукциски куќи, од време на време ќе се појават за продажба покрај ремек-делата од слики и скулптури, и обични предмети кои сами по себе немаат никаква вредност, но бидејќи некогаш им припаѓале на познати личности, достигнуваат високи цени на тие аукции.

Па се даваат милиони евра, фунти и долари за клавирот на кој компонирал Бетовен, или за виолината на која свирел Паганини, или за гитарата на која музицирал Хендрикс, или за марамчето со кое носот си го исшмркала Мерилин Монро…

Бетовен бил сиромашен и неговиот клавир не бил од прва класа, ами бил најефтиниот и најскапаниот што можел да го набави од некој бувљак-пазар. Сепак, на таков чкарт инструмент тој успеал да создаде неверојатни композиции оти бил голем музички гениј. Не значи дека ако денеска некој го купи тој клавир и ако почне да свири на него и самиот ќе поприми дел од креативниот гениј на Бетовен. Генијот на Бетовен завршил во оној миг кога и Бетовен завршил со својот живот, а сведоштво за тој гениј се неговите композиции на кои и денеска се воодушевуваме.

Во нашава земја пак, имаме луѓе кои паѓаат во севдах ако наидат на револверот на Гоце, или како што имавме можност да видиме пред околу една недела на вести, во куќата во штипско Ново Село во која некогаш живеел Гоце Делчев сеуште ја чуваат чинијата од која јадел грав. И се фалат гордо пред камерите со неа.

Се прашувам дали во посебни херметички садови под притисок го чуваат и воздухот кој се создавал во собата откако Гоце, после јадењето на гравот – ќе прднел? Ако го чуваат, под итно мора да го откупи државата (без да се прашува за цена) и еднаш на четири години, кога ќе се конститутира секој нов состав на парламентот, да испуштаат по неколку кубни сантиметри од боците во собраниската сала, за да замириса малку на „историја“, со што ќе се створи нераскинлив линк меѓу сегашните и минатите генерации борци за Македонија!

3. Хартијата била поважна од текстот запишан на неа: своевремено, пред да биде измислена првата машина за печатење, секој примерок од било која книга морал целосно да се произведува рачно, т.е. некој писар морал целиот текст во книгата да го препише од оригиналот од првата до последната буква.

Бидејќи малку луѓе знаеле да читаат и пишуваат, малкумина и имало квалификувани за да бидат писари во скрипториумите во кои се вршело препишувањето на книгите, а и процесот бил долготраен и барал многу работни часови да се вложат во секој поединечен примерок, па секој примерок од секоја книга бил скап.

Бидејќи самата книга како таква била скапа, не било проблем да се направи и мал дополнителен трошок за украсување со вредни метали и скапоцени камења на секој примерок, и ова особено се практикувало за Библиите.

Па, кога на простата и неписмена раја дојдена во црква за неделната богослужба свештеникот ќе ѝ кажел дека пред себе на олтарот гледаат примерок од Светото писмо, и плус таа книга ја гледале опточена со сребро и тиркизи и опали, или дури и злато и рубини и смарагди во побогатите средини, луѓето бидејќи не биле писмени за да прочитаат што пишува во книгата, со поголем пиетет се однесувале кон самиот предмет, отколку кон пораката запишана во книгата.

За време на Крстоносните војни, витезите од западна Европа кои биле во најголем дел сосема неписмени луѓе и никогаш не го прочитале Светото писмо на религијата за која се бореле, тргнале во воен поход за ослободување на гробот на Исус во Ерусалим, град кој паднал во рацете на муслиманите. Во текот на тој поход, кога прв пат ја презеле контролата врз Ерусалим, крстоносците извршиле масакр врз сите жени, деца и старци (мажите способни да носат оружје биле убиени уште за време на опсадата).

Значи, оние кои тврделе и искрено самите верувале дека се борат за Исус, кој проповедал мир, толеранција, љубов и ненасилство, за да го ослободат гробот (во кој после воскресението Исусовото тело не било веќе присутно) ги прекршиле сите заповеди на Христос, пролевајќи крв до колена низ улиците на Ерусалим!

Тоа на некој начин преставува една проширена и надградена форма на оксиморонштина од типот „војување за мир“ или „убивање во името на животот“ или „казнување во името на прошката“ или како што би бил парафразиран насловот на една од точките во мојата колумна „Оксиморонштини“, за да ја докажат својата вера, се откажале од сите нејзини принципи.

Во наше време, во нашата земја, припадниците на десницата тврдат дека го мразат комунизмот, но не го мразат тие комунизмот како идеологија, ами како конкретна реализација, т.е. ги мразат комунистите кои го „остварувале на погрешен начин“. Многу луѓе кои се нарекуваат десничари во нашата земја се залагаат за политики кои по ништо не се различни од комунистичките. За тоа повеќе пишував во колумната „Кога имаш само чекан…“ а и во други колумни низ блогов (на кои не можам да се сетам баш сега).

Поентата е дека и во религијата и во политиката, луѓето не ги следат идеите кои тврдат дека ги следат, ами политичарите кои тврдат за себе дека ги застапуваат тие идеологии. Па така, после некое време престануваат луѓето да бидат христијани, ами пред сѐ се сметаат за католици, православни, протестанти. Или  кај нас, престануваат да бидат Македонци, и првенствено се дефинираат себе си како есдеесовци, вмровци…

Следејќи го знаменосецот, тие забораваат да го следат знамето (знамето е симбол на идејата која ја преставува). Следејќи го лидерот кој ја води партијата која има(ла) некоја своја идеја и идеологија, тие забораваат на идеите и идеологијата и стануваат пред сѐ верни поклоници на лидерот.

Посебна варијанта на ова е опсесијата со некаква чиста македонска крв, некакви генетски истражувања за хаплогрупи од античките Македонци по кои наводно се разликуваме од другите балкански народи. За апсурдноста на генетското одредување на националноста имам пишувано во истоимената ми колумна, каде ептен елоквентно ја имам срочено мојата мисла за таа тема, а овде би додал само дека германскиот дипломат Ханс Лотар Штепан (Бог да го прости, умре неодамна) иако Германец беше поголем Македонец од скоро целата политичка елита на сите македонски партии заедно.

*

Критикувањето на власта многумина го поистоветуваат со критикувањето на државата. Или пак, критикувањето на водачите на партиите кои себеси се сметаат за патриотски членовите на тие партии го сфаќаат како критикување на самиот патриотизам како таков.

Тоа е идентично како да се тврди дека оној кој има негативно мислење за Букефал, не го почитува со тоа ни Александар, што е очигледен нон сенс. Оти Александар ќе бил Велики и ако јавал на друг коњ или дури и ако одел пеш цело време, но Букефал без Александар врз неговиот грб ќе си останел едно сосема анонимно и за историјата тотално непознато добиче.

Оние пак кои се лојални на политичарот оти имал одредени достигнувања и придонеси во минатото за Македонија, сакаат да поентираат со фразата дека „коњот што победува на секоја трка, не треба да се менува“.

Да, коњот може да победи на секоја трка, ама сепак ќе остане на крајот на денот – само коњ. А ако уште испадне дека цело време бил и „тројански коњ“, дали треба воопшто да се радуваме на неговите триумфи. Можеби сите негови триумфи ги одглумил за да го пуштиме внатре, каде што потоа полесно без да се посомневаме ќе нѐ ограби тој и неговите верни соработници.

Ако е така, зарем не треба што поскоро да го исфрлиме надвор од ѕидините на нашата „Троја“, пред да стане предоцна?

.

П.С: Како и претходните петоци, и во утрешниот број на неделникот „Фокус“ ќе биде објавена моја колумна. Таа досега не била објавена на блогов, и е специјално напишана за во весникот, па ако сте редовен читател на моите текстови тука – што значи дека ви се допаѓаат – еве ви можност да прочитате и нешто што овде нема да го видите. Затоа, час поскоро – набавете Фокус.

П.П.С: Наредната колумна на блогов ќе биде објавена во редовниот термин, наредниот четврток навечер. Таа ќе се вика „Селанска буна“. Посветена е на поврзување на револуциите кои се случуваат во арапските земји сега со селанските буни изведени во средновековна Европа, и за некои стратегиски поуки од нивните порази кои и денеска се релевантни.

До четврток, поздрав😉

Written by nenobogdan

10/03/2011 at 21:24

16 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. или букефал е коњ или ние сме магариња
    таман
    ова со фокус ти е грешка!

    Александар

    11/03/2011 at 01:29

  2. МИ СЕ ДОПАДНА ТЕКСТОТ. ИАКО БИ ТРЕБАЛО ДА ГО ИСКОМЕНТИРАМ ИЛИ ПАК ДА ДЕБАТИРАМ ЗА ИСТИОТ, ВО МОМЕНТОВ КЕ СЕ ВОЗДРЖАМ
    ЈАС КАКО ЕДЕН ОД ТВОИТЕ НАЈРЕДОВНИ ЧИТАТЕЛИ ОД ТВОИТЕ ПОЧЕТОЦИ, КЕ СИ ЗЕМАМ ЗА ПРАВО ДА ТЕ ИСКРИТИКУВАМ ЗАТОА ШТО ТИ СЕ НАЈДЕ ЗА ЈУНАК ДА ГО СПАСУВАШ ВЕКЕ ПОЛУПОТОНАТИОТ БРОД НАРЕЧЕН ФОКУС.
    СО ЗАМИНУВАЊЕТО НА ДВЕТЕ НАЈСИЛНИ ПЕРА ЗОРАН ДИМИТРОВСКИ, И ДАРКО ЈАНЕВСКИ ФОКУС ВЕКЕ НЕ Е ТОА ШТО БЕШЕ. ИНАКУ ЕДНИОТ Е СЕГА ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК НА НЕДЕЛНИКОТ ПУБЛИКА А ДРУГИОТ Е ВО МОМЕНТОВ СПОРЕД МЕНЕ НАЈРЕЛЕВАНТНИОТ ДНЕВЕН ВЕСНИК НОВА МАКЕДОНИЈА. МОЈ СОВЕТ Е ДА МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИШ НА ВЕЧНО ЛУЦИДНИОТ МЛАДЕНОВ И НА ОНАА ИСКУБАНАТА И ЛАТЕНТНА КОМУЊАРКА ЕГЕЈКА КОСТОВА КАКО БИ МОЖЕЛЕ ЦЕЛОСНО ДА ПОТОНАТ ЗА ПОВТОРНО ДА СЕ РОДИ ОНОЈ СТАР ДОБАР ФОКУС КОЈ ШТО НА СИТЕ НАС ПОЛИТИЧКИ НЕУТРАЛИТЕ И ТОА КАКО НИ НЕДОСТАСУВА

    НИКОЛА

    12/03/2011 at 13:01

    • Никола бре, caps lock копчето да не ти се заглави додека го куцаше коментаров?

      Па и малите букви заслужуваат да се најдат понекогаш во некој текст, не мора ама баш се со големи букви да се пишува, нели?

      Мене лично Зоран Димитровски и Дарко Јаневски не ми се баш омилените новинарски пера (т.е. во денешно време „тастатури“) уште од времето кога едниот од нив во секој број на Фокус пишуваше за Пејо Јаворов и за ништо друго, а другиот дека Исус бил распнат во Охрид (?!).

      Кај и да се сега овие двајца, со среќа да им е, нека си тераат работа, големи да пораснат еден ден и кога е студено, шалчиња да си носат, да не настинат кутрите. Што сакаат нека пишуваат, ама јас не ги читам. Не ми се интересни, што да правам.

      Сепак, за вкусовите не се дискутира.

      Јадранка Костова била егејка? Срам да и е, срам и арам да и е, како смее да биде егејка. Знае ли она дека да се биде егеец е најголем грев на свет. Уште еднаш, срам да и е што нејзините родители, уште пред таа да се роди, биле протерани од Јужна Македонија.

      И на Никола Младенов срам да му е. Нели може бре како Латас да биде објективен и неутрален професионалец кој не му слугува на ниту еден олигарх, нели може како Томиќ да биде кано-клисурина пред секој политички моќник а не да се клања и „пастир“ да го нарекува, нели може како Мирка бре да пишува само реални и разумни работи без да забегува во светски заговори и билдерберги и сакс-кобург-готски?

      Нека учи, велам јас, нека учи тој пезевенк Младенов од премудриот Миленко што значи тоа да се биде вистински новинар! А не, се запнал Никола Младенов во Фокус за вознемјани да пишува, за ротшилди и рокфелери кои со помош на циа се борат против Груевски, најголемиот македонски патриот…

      Пулс, Старт, Зум, Форум, Денес, Актуел, Дело, беа неделници политички низ двеве децении македонски плурализам, ама тие беа толку многу ценети меѓу граѓаните за да згасант сите до еден.

      А не ко она срање од неделник што Младенов веќе 15 години го држи во живот. Срање е оти народот мудро рекол: „се што е добро кратко трае“ а Фокус е најстариот неделник во Македонија кој уште постои. Значи, штом не траел кратко, не е добар.

      И у право си, Никола другарче, у право си. И мене ми е срам што во Фокус пишувам, ама што да правам? Еве, хонорарот што ми го даваат, ќе го донирам за фондацијата за изградба на уште поголема и уште потриумфална капија среде Скопје!

      Значи фала ти Никола, мој редовен читателу уште од почетокот на моето блогирање, што ме просветли и упати на правиот пат.

  3. Ајде,
    Во “фокус“ заврши… Аирлија… Па да ти се множат текстовите…
    Поздрав

    • Не сум ЗАВРШИЛ во Фокус, таму продложувам со мојата „мисија“ која паралелно ќе ја терам и на блогов.

      Пишувам по две колумни неделно, една за тука, друга за у Фокус.

      Леле, колку ме бива😆

  4. Село гори баба се чешла…тоа е…наместо како патриоти да бидеме загрижени за губењето територии и морталитетот на нацијата, ние збориме за кучето и коњот на Аце. Не дека Аце ни е крив за ситоацијава ама стварно не е време. Тоа докажува во каква апатија сме. Предлог за следна тема – КРАВАТА НА ОЛИМИЈА

    Нено немој да стануваш параноичен, човекот само прокоментира дека фокус пропаѓал, тоа е негово мислење, не го спомна ни латас ни другите.Според мене фокус можеби не пропаѓа ама сигурно не е во златно доба…остана само добриот фотошоп.

    Кољо Дијамант

    13/03/2011 at 02:44

    • Човекот само прокоментира со сите букви големи, небаре се дере на цел глас.

      Уште од прво одделение ги знам малите букви (големите ги научив пред тоа, од Бушава Азбука), па мислам дека можел и со мали букви да пишува.

      Но океј. Фокус бил пред пропаѓање, Фокус бил за никаде, Фокус бил ваков, онаков. Добро бе, не мора да го чита.

      Мене Фокус ми е арен. Мене ми е чест и ќеф да пишувам во единствениот независен неделник во Македонија.

      А што се однесува до оние твои глупости за „кравата на Олимпија“ само ќе ти кажам ова: блог ми е, двор ми е.

      Ако сметаш дека треба да се пишува за други теми – ОТВОРИ СИ САМ БЛОГ и пишувај што сакаш, колку сакаш, кога сакаш, како сакаш.

      Еве ти мисла за денов: ако гледаш во огледало ќе го видиш својот лик, ако гледаш низ прозорец – ќе видиш други ликови.

  5. ме разочара тотално

    Александар

    13/03/2011 at 02:44

  6. се испЛука на крајот нено

    Александар

    13/03/2011 at 02:46

    • Многу ми е жал што те разочарав.

      Ама млад си, ќе се навикнеш.

      А и ти мене ме разочара, штом не ми кажа зошто пишувањето во Фокус е грешка.

  7. Добро во право си за буквите, еве помали. ма не погрешно си ме разбрал околу КОСТОВА, појма немам дали е егејка туку името не ми текнуваше ама знам дека беше некое морско име. а околу егејците не само што немам ништо против туку напротив, камо огромен дел он нив да се населеше во денешна (ненаселена)Р.Македонија ке имавме покомпактно македонско христијанско население кое што ке беше гарант за стабилноста на државата зошто јас не верувам во мултиетнички држави.
    Друга работа. околу новинарите што ги спомна не дека имам сјајно мислење туку она што ме спојува во моментов со нив е онаа математичка формула дека минус и минус даваат плус (- + – = +) конкретно мислам на тоа што сите останати новинари влегле во рамковен филм и тие очигледно стварно веруваат во оваа мултиетничка приказна што ни е наметната како експеримент од надвор во која што јас колку и да се трудам не верувам дека ке успее, додека овие новинари сепак делат мислење најблиску до моето во врска со новото братсво и единство

    НИКОЛА

    13/03/2011 at 12:51

    • Два негативни броја собрани не даваат плус, туку ПОМНОЖЕНИ даваат позитивен број.

      Имено, -5 и -6 даваат како збир -11.

      Ама -5 помножено со -6 дава +30.

      А каква врска има ова со новинарите не знам, ама мислам дека математиката морав да ти ја исправам. Значи множено, а не собрано.

      Да мразиш новинари оти имаат ставови кои не ти се по волја е погрешно. Луѓето имаат право да имаат свое мислење, и јас мислам подобро е да се каже тоа искрено, отколку да се лажеме.

      Нешто во стилот: „подобро да си имам работа со еден искрен предавник, отколку со сто лажни патриоти“

  8. Кој ќе одговара за твоите невистини?

    Александар

    14/03/2011 at 07:19

  9. За грешката со фокус си свесен
    Нема потреба да ти објаснувам сам си знаеш
    Ги фрли мислите во вода и к.ро те боли, така?
    ти си хуманист
    многу е важно кој ќе го земе после ова нено.. или рамо или нена
    врати се рамо враааатиииии)

    Александар

    14/03/2011 at 07:44

    • Океј, со самото тоа што сум ја направил грешката со идење во Фокус покажувам дека сум глуп.

      Бидејќи сум глуп, очигледно не можам да ја сфатам грешката што сум ја направил. Тоа е суштината на секоја глупост, кога си толку глуп што не си свесен дека си глуп.

      Затоа те молам, објасни ми, да сфатам.

      А попат, те молам објасни ми кои тоа конзервативни и семејни вредности ги промовира статуата на шмизла за која оваа влада плати 150.000 евра?

      Објасни ми и како може да има 10 милиони евра годишно за реклами на владата, ама нема 5 милиони годишно за бенефиции за бранителите.

      Објасни ми и што е поважно да се изгради, тениско игралиште или атмосферска канализација?

      Објасни ми и како уникатниот македонски национален идентитет ќе се унапреди со градење на Триумфална капија во Скопје која е копија на онаа во Париз која и самата е копија на онаа во Рим. И дали тие 4,4 милиони евра не може попаметно да се употребат?

      Објасни ми и како помага во економскиот развој тоа што за последниве пет години се вработија 30 илјади нови партиски војници во администрацијата?

      Објасни ми и зошто Никола Тодоров сеуште е министер, а Трајко Славески беше исфрлен.

      Објасни ми и зошто во Албанија пративме за амбасадор човек без и еден ден дипломатско искуство.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: