Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ПA ШTO AKO E ПPИPOДHO

with 11 comments

Дури и кај граѓаните на Ирска, држава чие знаме е тробојно и составено од зелена, бела и портокалова, оваа слика не го буди патриотскиот нагон, туку еден сосема друг нагон буди. Оти, инстинктот е посилен од идентитетот.

Кај Маите и Ацтеките, кога овие народи имале сопствени цивилизации, клучен дел од нивната религија било верувањето дека за да утре сонцето изгрее пак, или за да нема поплави и суши, неопходно е да се принесуваат човечки жртви на боговите. Оваа човечка претенциозност, дека нашите дела можат да влијаат врз функционирањето на природата, до ден денешен не се изгубила, и е основа на скоро сета еколошка хистерија за штетата што цивилизацијата ѝ ја нанесеува на природата. И дека луѓето треба да страдаат, за да Сонцето не ја прегрее планетата. И дека треба ние луѓето да живееме во согласност со природата, за да не исчезнеме. Еве ги моите, како и секогаш, контрашки ставови на таа тема:

1. Што е, и што не е тоа „природно право“: бидејќи зборот „природно“ има позитивна конотација вкорената во секојдневниот муабет, луѓето често пати кога алудираат на нешто добро и убаво, го нарекуваат „природно“. Па така, во сферата на правата и слободите, се зборува редовно за „природно право“, при што под таа графа се наведуваат: правото на живот, на љубов, на слободен избор на место на живеење, на патување, на поседување имот, на слобода на говорот и само-идентификација.

Сите овие права се убави, потребни и навистина вредни за почитување, ама не се воопшто природни. Дури напротив, без постоењето на цивилизацијата наша, сите овие права не би постоеле. Така да, може да се каже дека правата што често ги сметаме за природни се највештачки што може да биде.

Правото на живот не е природно, оти во природата никој нема право на живот. Јагнето ќе си пасе мирно по ливадата (попречувајќи ѝ го правото на тревата да живее), ќе дотрча некој волк од некаде и ќе го задави јагнето и ќе го изеде, одземајќи му го правото на јагнето да живее.

Дали волкот некој „природен суд“ ќе го казни поради тоа прекршување на „природното право“? Не, напротив, волкот ќе страда доколку не убива секој ден јагниња, срни, елени и диви прасиња и зајаци. Дали јагнето има природно право на живот? Ако тоа остане неизедено, тогаш волкот ќе умре, оти нема што да јаде. Дали волкот има природно право на живот? Ако тој сака да живее, мора да јаде месо, а месо може да стекне само ако убива тревопасни животни.

Значи, во природата, правото на живот на еден вид животни е во директна спротивност со правото на живот на други видови животни. Каква правда е тоа!?

Воедно, постоењето на грабливци меѓу животните, остро ги ограничува „природните“ права на животните да се движат слободно низ просторот, како и правото на слободно изразување. Е да, врапчето ќе црцори на гранка, ама ако го чуе соколот, нема да црцори уште долго.

Конечно, правото на свој дом и на приватен имот не го има ниту едно животно, оти еве, ако волкот го улови јагнето во ливадата и почне да го јаде, и ако во тој миг дојде некоја гладна мечка, таа без да го прашува волкот за дозвола едноставно ќе му го украде пленот, и ќе си го изеде самата. Тоа значи дека волкот, иако го уловил јагнето – нема природно право да го задржи, доколку мечката која е посилна од него си го побара за себе.

Очигледно, да се зборува за правата кои треба да ги уживаат сите луѓе е бесмислено, ако тие се дефинираат како природни права. Природно право е правото на посилниот, и друго природно право нема. Правата на живот, слобода на говор и поседување имот, правото на движење и потрага по сопствената среќа се човекови права.

Тоа што тие се неприродни, не ги прави помалку вредни. Напротив, баш затоа што се уникатни за нашиот вид, се уште поскапоцени.

2. Природна храна: постојат екстремни вегетаријанци кои се убедени дека поради тоа што јадењето на сирово месо е речиси енергетски бескорисно за човекот, и дека единствен начин тоа да биде ефикасно употребено од организмот е да се конзумира готвено (печено, варено, пржено, димено) – е доказ дека јадењето на месо е неприродна работа и дека затоа треба да се избегнува за да се живее еден здрав, природен живот.

Во еден дел од својата логика вегетаријанците се во право. Јадењето на месо е неприродно за луѓето, оти (во груби бојки) за да се свари во желудникот на човекот одредено количество сирово месо, од кое ќе добијат 1000 калории, треба да потроши организмот некаде околу 800 калории, па така нето добивката е едвај 200 калории. Доколку тоа месо е приготвено, организмот многу помалку сопствена енергија троши за да го разложи месото, па нето добивката за телото е околу 800-900 калории.

Арно ама – кој вели дека она што е вештачки (јадење готвено месо) е штетно? Има луѓе кои дочекуваат и по сто години возраст, а цел живот јаделе готвено месо, па очигледно, јадењето на готвено месо воопшто не е штетно за здравјето.

Друга забелешка која се упатува кон конзумирањето на  месо е дека за добивање на еден килограм месо потребно е животното од кое ќе се добие тој килограм да конзумира седум до десет килограми жито, со што екстремните вегетаријанци докажуваат дека месото е „прескапо“ во поглед на ресурсите кои се трошат за негово добивање.

Наведениот однос на потрошени житарици и добиено месо е точен, ама тоа е како да споредувате две баби и две жаби и да прашате „што е повеќе?“ Оти за да добиете еден килограм месо навистина треба да потрошите во просек седум до десет килограми жито како сточна храна, ама енергијата која ќе ја добиете со јадење на тој еден килограм месо е еднаква на енергијата што ќе добиете со јадење на пет килограми жито (па и тоа жито првин мора да се доведе до состојба на леб).

Со други зборови, енергијата ја земате од житото и преку животното кое го гоите за месо ја „зипувате“ во поконцентрирана форма – наместо шеќери (скроб) добивате масти. Освен тоа, некои видови растителни состојки (целулоза) е невозможно енергетски да се употребат од човекот, ама тревопасните животни можат да ја претворат целулозата во маст, која пак потоа човечкиот организам може да ја употреби за енергија.

Воедно, некои видови храна не може да се конзумираат неприготвени. Најдобар пример за тоа се компирите, кои ако ги јадете живи ќе добиете труење, ама печени, варени, пржени – се екстремно ефикасен извор на енергија. На сличен начин може да се анализираат и гравот и повеќето видови печурки.

Да, готвењето е неприродно, ама отвора многубројни нови и поефикасни извори на храна за луѓето. Да ја парафразирам француската кралица Мари Антоанет, која во една пригода наводно кажала „ако нема народот леб, нека јаде колачи“: ако немаат луѓето способност да пасат трева, нека чуваат овци, па потоа нека го јадат месото и млекото од тие овци.

3. Технологијата нѐ оддалечува од природата? Екстремните приврзаници на Дарвинизмот се противат на вакцинирањето на децата, и сметаат дека тоа не треба да се прави. Оправдување за ова свое лудило тие наоѓаат во фактот што доколку луѓето не се вакцинирани и со тоа на вештачки начин имунизирани од заразните болести, при епидемии сепак еден дел од популацијата (што има природно повисок имунитет) ќе преживее и дека само таквите луѓе кои се носители на позитивни гени треба да преживеат и да имаат потомци на кои ќе ги пренесат тие гени.

Ова е глупава логика, и е рамна на логиката која противниците на летањето со авион ја имале на времето кога се појавиле првите авиони: „ако Бог сакаше луѓето да летаат, ќе ги создадеше да се раѓаат со крилја“. Овој начин на размислување е уништен со помош на фразата „да сакаше Бог луѓето да летаат еден ден, ќе им дадеше ум и разум во мозокот за да можат да замислат и измислат машина за летање. И бидејќи луѓето измислија машина за летање – тоа е доказ дека Бог им дал ум и разум да ја измислат, па тоа е доказ дека Бог сака луѓето да летаат со авиони“.

Истото важи и за вакцините, само што во случајот со Дарвинистите, Бог мораме да го исфрлиме од дебатата и да го замениме со „природата“. Но не менува ништо суштинско тоа.

Имено, зошто се јавува кај некои луѓе природен имунитет од некоја болест? Па, како последица на еволуцијата е тоа, оти тој имунитет им помага да преживеат, и преку нив, да преживее и видот. Е па така, дарвинистичката фраза: „да сакаше природата сите луѓе да преживеат туберкулоза или полио, ќе им дадеше преку еволуцијата на сите природен имунитет“ се уништува преку фразата: „да сакаше природата луѓето да бидат имуни од туберкулоза и полио, ќе им дадеше во текот на еволуцијата ум и разум еден ден да развијат наука со која ќе создадат вакцини за тие болести, а бидејќи луѓето во текот на еволуцијата очигледно дошле до вакцина за тие болести, тоа е доказ дека природата сакала да не умираат од тие болести“.

Детерминизмот кој е основа за научниот фанатизам (дарвинизмот) и за сите видови верски фантизам е апсурден во својата основна логика: имено, ако бог / природата не сакаат вака да биде како што е, а факт е дека е како што е, и бидејќи ништо не се случува без тоа да го дозволи бог / природата – тогаш е очигледно дека бог / природата сакале вака да биде како што е.

Со други зборови, ако сѐ е предодредено, и ние треба мирно да ја прифатме судбината, дали и тоа што ние не ја прифаќаме мирно судбината е предодредено?  И ако е тоа предодредено, тогаш зошто да ја прифатиме судбината – тоа би било спротивно на судбината која одредила ние да не ја прифаќаме!

Конечно, дарвинистите кои тврдат дека е неприродно луѓето да се штитат од болестите преку вакцини, немаат ништо против тоа да се шетаат облечни зиме и со тоа облеката (која исто така е вештачка) да ги штити од смрт од смрзнување. Зошто е океј да се носи облека која штити од смрт од студ, а е погрешно – демек, неприродно – да се носи во себе имунитет стекнат на вештачки начин преку вакцинација која штити од смрт од болест?

Нешто слично може да се каже и за противниците на генетски модифицираната храна, кои не сакаат да чујат за никакви аргументи дека таа е можеби сосема  здрава. Тие ја одбиваат само затоа што е создадена во лабораторија.

Се прашуваат ли тие некогаш, вакцините кои ги штитат од болести, на дрво ли никнале или и тие се создадени во лабораторија?

Аргументот „ова е вештачко, не е природно“ не е аргумент кој докажува дека тоа нешто е и нездраво. Земјотресите се природни, па не се здрави, шалот е вештачки, па сепак штити од студ и настинка т.е. е здрав.

*

За крај, ајде да видиме што навистина е тоа „природно“. За врабецот, најприродна работа е да собере гранки и листови од околината и да изгради гнездо. За мечката најприродно е да има густо крзно кое ќе ја штити од студ. За кравите и зајаците најприродно е да имаат специјални ензими во желудникот и устата кои им помагаат целулозата од тревата да ја претворат во прости шеќери и масти од кои ја добиваат енергијата што ги одржува во живот. Лавовите и волците природно си имаат остри заби и канџи со кои можат да го убијат пленот кој потоа ќе го изедат.

Човекот нема инстинкт да гради гнезда, ниту пак му расне густо крзно кое ќе го штити од студ, ниту пак може да ја претвори неговиот организам целулозата во енергија. Ниту пак имаме остри заби и канџи со кои би можеле да убиваме диви свињи. Природата тие дарби не ни ги дала.

Но, што има човекот, нешто што му дала природата како инстинкт, како природна дарба за да преживее?

Имаме разум за планирање, имаме јазик за комуникација, имаме слободна волја да размислуваме долгорочно и можеме со помош на овие дарби кои природата ни ги дала да се одржиме во живот и да просперираме и далеку над основните животни потреби.

Немаме инстинкт да изградиме гнездо, ама имаме ум кој во содејство со јазикот што овозможува една генерација да учи од искуството на претходната генерација создал можност да градиме куќи во кои многу поудобно живееме од птиците во нивните гнезда. Немаме крзно, ама умот и јазикот ни овозможиле да создадеме технологии за производство на облека која нѐ штити дури и најполарните студови. Немаме остри заби и канџи за лов, ама имаме ум и разум за да ловиме со оружја кои ги создаваме со помош на тој ум и разум, а и да не ловиме воопшто туку да припитомиме животни и од нив да добиваме повеќе храна отколку што би добиле ако ги ловиме низ дивината.

Па, нашата способност да размислуваме и да го користиме тој ум за да преживееме – нели се природни?

Луѓето не се раѓаат со способнсот да говорат, ами со способност да научат да говорат. Никој не се раѓа со азбуката во глава, ама се раѓа со способноста да научи да чита. Тој потенцијал е природен и уникатен за луѓето, и по таа основа сите продукти на тој потенцијал се природни.

Колку што гнездата на птиците се природни оти се продукт на нивните природни дарби, толку се и облакодерите и автомобилите и бродовите и авионите и вакцините и панталоните и готвената храна природни за нас луѓето, оти ништо од нив не би постоело ако природата не ни даде дарба т.е. ум и разум, за да ги создадеме тие нешта.

Така да, еве го парадоксот на секоја еколошка замисла и идеја за драматични промени во начинот на живот на човештвото: ако сѐ што луѓето прават е вештачко, тогаш тие никогаш не можат да се вратат кон природата, оти тогаш нема да бидат луѓе. Од друга страна, ако сѐ што луѓето прават е природно, тогаш тие нема потреба да се враќаат во природата – оти никогаш не ни излегле од неа.

Нема ништо неприродно во тоа луѓето да живеат како луѓе.

.

П.С: Како и секој петок, така и во утрешниот број на неделникот „Фокус“ ќе можете да прочитете една моја нова колумна која до сега никаде не била објавена, и е специјално напишана за весникот. Ако ви се допаѓаат моите колумни од блогов, сигурно и тие во неделникот ќе ви се допаднат. Затоа, час поскоро, „Фокус“ в рака и – читајте за нештата да станат појасни.

П.П.С: Наредниот четврток, очекувајте нова колумна на блогов со наслов „Изгубени Германци“ во која преку неколку примери, ќе сфатите дека не се само Германците изгубени, иако само нив ги споменува истоимената  пословица.

До тогаш, поздрав😉

11 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Убава тема си одбрал.
    Да се држеше човекот строго само до законите на природата ке си останеше во фаза на неандерталец.

    Елена

    25/03/2011 at 13:05

  2. Има луѓе кои сакаат да изедат шницла, а истовремено да го критикуваат носењето на кожа, а кога ќе ги прашате што треба да се направи со одраната кожа од домашните животни чие месо го јадат незнаат што да одговорат.

    Лично

    25/03/2011 at 22:14

    • Да, а има и вегетаријанци кои не јадат месо оти ги сожалуваат животните, ама истовремено (оти се љубители на животни) чуваат мачки и кучиња кои – јадат храна произведена од отпадоците од месната индустрија.

      Не може човек да биде и љубител на мачки и вегетаријанец од етички причини истовремено🙂

  3. Ние сме сепак животни и имаме имун систем не треба на секоја настинка да се трупаме со апчиња. Гледам луѓево пијат Fervex како да е чајче а не лек.

    Кољо Дијамант

    27/03/2011 at 00:04

  4. Ние сме сепак животни и имаме имун систем не треба на секоја настинка да се трупаме со апчиња. Гледам луѓево пијат Fervex како да е чајче а не лек. Потценувањето на природата на човекот ќе доведе само до деволуција. Сметам дека фармацефтската индустрија треба да се контролира повеќе бидејќи маркетингот веќе направи доволно штета на имуноста на луѓето. Нема шала со тие работи.

    Кољо Дијамант

    27/03/2011 at 00:14

    • Да, стварно фармацевтската индустрија е големо зло.

      Затоа во западните земји каде е најсилна таа индустрија умираат сега милиони луѓе од епидемии на колера, чума, сипаници, туберкулози, полио, тифуси, а во Африка каде нема фармацевтска индустрија, „ни за лек“ (буквално) сите се здрави и живеат долго.

      Да, на Запад умираат од рак и алцхајмерова болест. Ама умираат на 60-70 години, а во Африка умираат без рак, од други болести, на 30 – 40 години.

      Па што е подобро, ако само тие две се алтернативи?

      А она за падот на имуноста, читај горе: што ќе ти е природен имунитет ако имаш вакцини и лекови?

      Ако се потпираме на природниот имунитиет, ќе умираат 50 – 70 насто од болните (какоа што било се до пред сто години), а ако се потпираме на вакцини и лекови до 99 насто ќе преживуваат.

      Да, постепено бактериите стануваат порезистентни. Е ама и лековите постепено се усовршуваат. Што ако тие каскаат зад науката, кога науката е еден чекор пред нив постојано.

  5. Абе кога не се разбираш во нешто поќути си. Бактериите стануваат резилиентни на Penicillin кој е најдобриот лек. НЕМА ПОДОБАР ЛЕК ОД НЕГО. Поразговарај со некој доктор да ти објасни зошто е толку опасно…
    НЕ РЕКОВ ДЕКА ФАРМАЦЕФТСКАТА ИНДУСТРИЈА Е ГОЛЕМО ЗЛО. Не ми ги врти зборовите.

    Кољо Дијамант

    27/03/2011 at 17:31

    • Ова „резилиентни“ го извади од resilient?

      Кај го прочита тоа без да посветиш после време на размислување со своја глава?

      Пеницилиниот не е најсилниот антибиотик.

  6. Добро де резистентни сакав да кажам…

    Кољо Дијамант

    29/03/2011 at 09:07

  7. „Нешто слично може да се каже и за противниците на генетски модифицираната храна, кои не сакаат да чујат за никакви аргументи дека таа е можеби сосема здрава. Тие ја одбиваат само затоа што е создадена во лабораторија“.

    Нено да се измочам јас во таа Генетски модифицирана храна.
    Крави кои хормонски се третирани.
    Веќе на терен имаат дилери на генетско модифицирано семе, кое еднаш расте, не трпи конкуренција во околина, се ништи и после него потоп, ништо друго не расне на таа земја.
    Во оваа област, најдобро да ја анализирате Аргентина и нивната аграрна политика.
    Уништени се уште пред 10 години кај нив сето ова е уведено.

    Благоја

    18/05/2011 at 17:23


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: