Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ И3ГУБEHИ ГEPMAHЦИ

with 23 comments

Каде е Германија? Па вака, иди по овој пат едно десет илјади километри натака, па сврти десно...

Се разбира, нема во денешната колумна само за изгубените Германци да пишувам, ама оти само за нив имаме пословица, ми се виде интересна фразата како наслов. А слично на нив, има и изгубени Македонци (и антички, но и од поново време), изгубени Евреи кои толку многу се изгубиле што буквално станале црнци, изгубени Римјани во Кина, и се разбира тек-тук-таму по некој изгубен Македонец. Значи во денешната колумна: каква е врската на Фридрих Ниче со Зимбабве и на Кинезите со Молдавија?

1. Кои се изгубените Германци: прво ќе почнам со овие, оти тоа е насловот на колумнава. Имено, ако по интернет сурфајќи налетате на Нуева Германиа ќе дознаете дека тоа мало гратче во џунглатата на Парагвај во 1887ма година го основале сестрата и зетот на философот Фридрих Ниче, кои се викале Елизабет и Бернард, и кои биле и обајцата баеги забегани расисти и цврсти приврзаници на идејата дека Германците се една специјална раса чија супериорност зависи од зачувувањето на нивната чиста крв, која според нив, во Европа била загрозена од мешањето со другите „инфериорни“ раси.

Ај што биле расисти, тоа не е чудно и необично за тој период од историјата на Германија, ама биле многу забегани, па одлучиле да ги инвестираат сите пари што ги имале во проектот за обнова на германската чиста раса, проект кој се состоел во тоа да се земат неколку десетици семејства „чистокрвни“ Германци и да се преселат некаде во Јужна Америка, каде ќе основаат среде џунглата изолирана заедница која ќе се занимава со земјоделие и еден ден, кога доволно ќе се зголеми нивниот број со природен прираст, да излезат од џунглата и да завладеат со целиот свет.

Елизабет и Бернард успеале да наговорат десетина сиромашни семејства од работничките сламови на големите градови во Германија да заминат со нив во Парагвај каде што требало да основаат „Нова Германија“ и со тоа да го почнат остварувањето на сонот за преродба на ариевската раса. Арно ама, ниту Елизабет, ниту Бернард, а ниту пак нивните следбеници немале поим од земјоделие, па во џунглата брзо дошле во очајна ситуација, гладни и без покрив на главата.

Бернард како и секој фанатичен расист откако ќе се соочи со реалноста доживеал нервен слом и се самоубил едвај две години по доаѓањето во Парагвај, а сестрата на Ниче си ги собрала парталите и си заминала назад во Германија (каде во меѓувреме брат ѝ веќе почнал да страда од менталната болест од која и ќе умре неколку години подоцна). Четириесет години подоцна, кога Хитлер дошол на власт, нацистите ја нашле оваа жена како живее на работ на сиромаштијата и откако финансиски ја помогнале, таа јавно го прогласила фирерот за „надчовекот“ чие доаѓање го проповедал брат ѝ во своите книги.

А десетината семејства донесени од Германија останале среде џунглата да се снаоѓаат како знаат и умеат, оти толку биле сиромашни, што немало пари да се вратат дома.

Како и да е, откако овие кутри луѓе навистина станале Изгубени Германци, откако нивните психопатски водачи или се самоубиле или побегнале, решиле да го баталат расизмот и да почнат да комуницираат отворено и без предрасуди со нивните соседи, Индијанците кои живееле насекаде околу нив во џунглата. И така, постепено научиле да соработуваат со нив и да тргуваат, и преживеале.

Подоцна дошло до бракови меѓу Германците и Индијанците, па денеска во малото гратче Нуева Германија во источен Парагвај, од околу четири илјади жители, некаде околу една десетина од нив имаат по барем еден предок од оние Германци кои пред 120 години се населиле таму, за да основаат нова земја на чиста ариевска раса. Операцијата била неуспешна, ама ете пациентите (и нивните потомци) преживеале!

Во меѓувреме, оние други Германци кои останале во Германија, некои 50-60 милиони на број, ја немале таа среќа практично да согледаат дека идеите за чиста раса и ариевска доминација се глупи, па им ја довериле својата судбина на нацистите кои ги промовирале токму тие идеи. Неколку години подоцна, и тие Германци ама баш исто како Германците со Новата Германија, доживеале водачите или се самоубијат или да избегаат, оставајќи ја во рушевини државата.

Потоа, на Германците им дошол умот и денеска се едни од најтолерантните народи во светот, соработуваат со своите соседи и се доста просперитетни, со исклучително висок стандард на живеење.

Од тука, еве ја универзалната поука и од изгубените Германци од проектот на сестрата и зетот на Ниче во Парагвај, но и од подоцна уште поизгубените Германци од проектот на Хитлер: за да се најдете – морате прво да се изгубите. Откако ќе ги пробате сите лаги, тоа што ќе ви остане е – вистината.

2. Изгубени Евреи: нацистите, како што сигурно знаете, најмногу од сѐ мразеле Евреи и црнци. Ги сметале за инфериорни раси, и према нив се однесувале со гадење и презир. По таа основа, навистина било голема среќа за сите нацисти (а несреќа за остатокот од човештвото) што тие не дошле во допир со народот Лемба кој во последниве две илјади години живее на територијата на Зимбабве и кои се истовремено и црнци и Евреи! При толкаво гадење и спрема едните и спрема другите, да слушнале за Лембите, нацистичките водачи веројатно колективен инфаркт од премногу згаденост ќе ги стрефел.

Но, како успеале Лембите да станат истовремено и црнци и Евреи? Е па, пред едно 25 векови, кога Ерусалим бил освоен од страна на Вавилонците, и голем дел од Евреите биле или убиени, или однесени како робови во Месопотамија, еден мал дел сепак успеале да останат слободни, ама за да останат такви, морале да избегаат од својата земја.

Кога подоцна Евреите се вратиле од прогонството покрај „реките на Вавилон“ (имаше една многу певлива истоимена песна пред неколку децении) ги впишале во своите книги тие Евреи како „исчезнатото племе“.

Тие биле изгубените Евреи, сѐ до почетокот на XXиот век, кога во Зимбабве европските истражувачи не наишле на еден народ, едно племе составено од луѓе со црна боја на кожата кои по ништо не се разликувале од другите црни племиња во тој регион, освен по тоа што во својот фолклор имале еден куп митови и легенди и преданија за нивното потекло од Израел!

Дури и нивната религија била заснована во голем дел на формата на јудаизам која постоела пред 25 векови. И додека мејнстрим јудаизмот се променил доста во меѓувреме поради историски околности, овој нивен јудаизам си еволуирал независно од мејнстримот, но сеуште останале во суштина, барем според легендите и обичаите – Евреи. Иако, во меѓувреме се измешале со локалните црни популации, и веќе не биле бели како нивните предци кога тргнале од Израел – туку станале сосема црни, како нивните соседи.

На тврдењата за нивното потекло на Лембите малкумина им веруваа сѐ до пред околу една деценија кога со помош на генетички истражувања кај машките членови на ова племе беше утврдено дека навистина кај многу од нив Y-хромозомот е доста сличен со Y-хромозомот кај многумина од „официјално признатите“ Евреи, па така, се верува денеска дека во нивната приказна дека токму тие се она „изгубеното племе“ има многу вистина.

Се разбира, во Израел денеска има многу ултра-ортодоксни Евреи (некои од нив со руса коса и сини очи!) кои не можат да прифатат дека некакви си таму црнци во Африка може да имаат било какво потекло од Евреите од библискиот период и упорно одбиваат да им го признаат нивното еврејство, оти демек не биле „чистокрвни“.

А оние синооки и русокоси Евреи кои себеси се сметаат за „чистокрвни потомци на Абрахам“ најверојатно имаат во своето семејно стебло многу Викинзи и Словени од времето кога во источна Европа егзистирала империјата на Хазарите, народ од централна Азија кои го прифатиле јудаизмот како своја религија, и како сопственици на империја имале во своите хареми русокоси-синооки жени од Северна Европа, со кои имале деца кои ја наследиле религијата од своите татковци и подоцна кога пропаднала хазарската држава се влеале нивните потомци во општата популација на источно-европски Евреи. И така, денеска Евреите кои имаат предци Викинзи им велат на Евреите кои имаат предци црнци дека овие вторите не се чистокрвни!

Кога човек не е свесен за апсурдноста на генетското одредување на националноста, подготвен е да збори секакви глупости.

3. Изгубени Римјани: нешто слично како со горенаведените Лемби, има и во Кина, каде што има еден регион во западниот дел на земјата каде што живеат луѓе кои себеси се сметаат за потомци на една група војници од Стариот Рим кои откако паднале во заробеништо кај Персијците биле испратени на источната граница на Персиската империја и таму останале, а нивните потомци живеат во тој регион што денеска е дел од Кина.

За изгубените Римјани пишуваше во својата научна рубрика пред некоја година британскиот весник „Телеграф“ (кликнете тука за линкот до статијата), а регионот во кој живеат нивните потомци денеска се вика Ликиан и може да се најде на Википедија (таму води линкот врз името) каде има и дополнителни информации за нив.

Дополнителна случајност (која верувам дека е само фонетска коинциденција) тука е што римските војници кои на времето биле заробени и завршиле во Кина биле дел од легиите што ги командувал војсководачот Маркус Ликиниус Красус (истиот оној Красус кој во својата рана кариера го задушил востанието на Спартак) па името на регионот Ликиан можеби има некаква врска со презимето на Ликиниус?

А кога сме веќе кај фонетски сличности поврзани со имиња на изгубени племиња кои потекнуваат од војници на антички освојувачи, еве да си припомниме за една од жените што Александар Велики ја љубел и со која имал дете. За неа пишував во колумната „Аце педерот или Аце швалерот“ во која наведов уште осум други жени со кои македонскиот освојувач имал, според античките историски извори – сексуални односи.

Станува збор за кралицата на еден индиски народ чие име (на кралицата) на латински се пишува како Cleophis и која заради политички причини (да го сочува својот престол) спиела со Александар и родила син кој го добил името по својот татко.

За оваа жена и за нејзините потомци нема скоро никакви податоци во западните историски извори, ама еве тука една лингвистичка шпекулација со името на народот со кој владеела, и кој народ се викал Ашвакас.  Тоа име пак значело на санскрит (јазик кој се зборувал во тоа време во тој дел од светот) „коњаници“ и така доаѓаме до Хунзите кои денеска живеат во истиот тој дел на светот и кои за себе тврдат дека се потомци на војниците на Александар Велики.

Значи, Ашвакас значело „коњаници“. Чисто како игра на зборови и букви кои звучат слично: хунза – хоунза – хонза – хоназа – хонаца – конаца – коњаца – коњица. Со други зборови, можеби војниците на Александар кои можеби зборувале на јазик кој можеби е сличен со јазикот на денешните Македонци можеби само го превеле името на народот од кој можеби потекнувале нивните жени и роднините на тие жени со кои можеби засновале нов народ во тој дел од светот – коњаници?

Гледате дека неколку пати го употребив зборот „можеби“? Колку што има логика Ликијан да има фонетска врска со Ликиниус, толку има логика Хунзи да имаат фонетска врска со Коњаници што е македонски превод на санскритскиот збор Ашвакас. Уште еднаш „можеби“!

4. Изгубени Македонци: за Хунзите не се знае точно каква и колкава врска имаат со нас и со античка Македонија, арно ама за Македонците во Војводина се знае дека се поврзани со овие простори наши. Имено, после поразот на Карпошовото востание, се случила голема преселба на христијанско население од регионот на Јужна Србија и Северна Македонија, кои луѓе се населиле во регионот на денешна Војводина (тогаш под австриска власт) и чии потомци до ден денешен живеат таму.

Во српската историографија се зборува за „Велика сеоба Срба“ и никакви Македонци не се споменуваат, ама каде ли исчезнале сите потомци на луѓето кои од регионот во Македонија зафатен со карпошевото востание избегале на север?

Сепак, не се само тие Македонци изгубени, 300 години пред нив од истиот регион, Северна Македонија, заминале кон денешна Молдавија и една група Македонци предводени од извесен Богдан, кој со своите приврзаници се населил на територијата меѓу денешна Украина и денешна Молдавија и таму формирал – независна држава која ја нарекол Богданија!

Подоцна, по неговата смрт, неговите потомци кои владееле со оваа територија ја изгубиле власта, па новата династија која завладеала со тој регион земјата ја нарекла Молдова, според името на една река кој тече низ тој предел.

А пак во XXиот век, кога Молдова за краток период после Првата светска војна стекнала независност, во нејзиниот парламент како пратеник седел и Крсте Петков Мисирков. Се чини, на Молдавците судено им е државите да им ги создаваат луѓе од Македонија!

Морам да признаам дека за овој изгубен лик од македонско потекло не знам многу, а бидејќи дури името на земјата која ја основал било сменето подоцна – претпоставувам дека и многу историски документи за него се изгубени или и намерно уништени. Сепак, ако некој знае повеќе – нека пише како коментар на оваа колумна.

До тогаш, овој Богдан од Македонија кој ја основал првата Молдавија – ќе остане навистина изгубен Македонец.

Нешто слично на овој полу-легендарен лик е и полу-легендарниот лик Кадмо, кој што во антиката бил сметан за принц од Феникија кој на Балканот одиграл улога во формирањето на неколку градови и династии, па меѓу другото, од Кадмо тврделе дека потекнуваат и владетелите на племето Енхелеи кои владееле со регионот околу Охридското Езеро (името на племето значи „Јагулари“, а јагулите се риби кои до ден денешен се мрестат во тоа езеро).

Областа со која владееле потомците на Кадмо од антиката па сѐ до времето на Свети Климент се викала Кутмичевица (линкот е до бугарска википедија, оти на македонската нема (а зошто нема?!) за неа статија). Каква врска има Кутмичевица со Кадмо – не знам, ама можеби е нешто слично на Ликиан со Ликиниус? Треба некој да испита подетално.

*

Ќе пишував и за други примери на изгубени народи, ама колумнава веќе преголема стана. За нив, можеби во некоја идна пригода. Воедно, на слична тема е и мојата колумна „А нема врска со нас“ во која ќе дознаете за една македонска држава која пред 70 години постоела во западна Егејска Македонија и за која во денешната македонска историографија ништо не се кажува. А ќе дознаете и за некои други македонски работи кои иако го носат името на нашата земја немаат многу врска со неа.

Но, сепак убаво е да се прошират знаењата и за работите кои на прв поглед не се поврзани со нас, оти – на втор поглед можеби ќе испаднат и поврзани, како на пример во колумната „Гласни пораки од Тихиот Океан“. Само, кој има време втор поглед да фрла?

.

П.С: Оние што ме читаат редовно знаат дека од пред еден и пол месец станав колумнист на неделникот „Фокус“. За таму се резервирани моите политички писанија, а за блогов ги оставив сите неполитички теми за кои имам ставови.

Во утрешниот број на неделникот има моја колумна во која на ситуацијата во Либија ѝ пристапувам од еден сосема макијавелистички агол, објаснувајќи зошто војната таму веројатно ќе трае уште долго. Интересен текст, па ако ви се допадна своевремено логиката изнесена во колумната „Белисариус“ сигурно ќе ви се допадне и логиката во колумната моја во Фокус. Затоа, час поскоро – набавете Фокус и читајте – за нештата да станат појасни.

П.П.С: Наредниот четврток, во редовниот термин на блогов очекувајте ја колумната „Ренде“. До тогаш, поздрав😉

Written by nenobogdan

31/03/2011 at 20:34

23 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ако размислиш убаво да се биде националист или патриот е глупаво. Сите сме луѓе.

    Кољо Дијамант

    31/03/2011 at 23:04

    • Ако размислиш уште поубаво, да се биде националист или патриот е паметно. Оти сите сме луѓе и сите имаме потреба од свој дом, место кое е наше и каде сме свои на своето, и бидејќи татковината е екстензија на архетипот на „домот“ – нормално е да бидеме патриоти.

      Сакам да имам СВОЈА куќа, сакам да имам СВОЈА држава.

      Седи Кољо, кец. Научи поубаво, и друг пат јави се на испит пак.

  2. „Ако размислиш уште поубаво, да се биде националист или патриот е паметно.“

    Самиот патриотизам и неговиот дебилен брат, национализмот се базираат на “љубов„ кон некаков замислен ентитет наречен “држава“ или “народ“ во најчеста смисла на употребата на овие поими. Исто така имплицира на некаква позитивна разлика спрема сите останати ентитети кои се именуваат како народи и држави.

    Емоциите насочени кон замислени ентитети не е новост, религијата е најдобар показател до каде може да ескалира сето тоа.

    Но патриотизмот како релативно нова појава е кулминација. Ако во религијата барем „љубовта“ се давала на некаков семоќен ентитет наречен Бог, од кого се очекувала награда со живот вечен, во случајот на патриотизмот имаме емоционално едностран однос кон некакви црти на географска карта и некакво име кое ја означува таа територија. Секако зад тој концепт се кријат сосема конкретни механизми за грабеж на населението на одредена територија и експлоатација. Генијалноста лежи во перењето мозок кое бара од оштетените да го сакаат својот злотвор, бидејќи им продава приказна за посебност,припадност кон поголема целина,ги апсолвира длабоките стравови кои секој просечно лоботомиран припадник на некоја нација гледа да ги избегне во текот на животот земски.

    Со други зборови патриотизмот вирее на плодната почва на кукавичлукот на поединецот и неговата умствена инертност .Исто како и многу други ментални пореметувања.

    Оваа ментална болест ексалира на светско ниво со преименувањето на државите во нации во 18.век. Најмногу благодарејќи на нус-продуктот на француската револуција, Наполеон.

    Ниеден патриот или националист не може да објасни што е тоа добро во наведените ентитети.Што е тоа кое наведува на емоционален ангажман од него кон замислената социјална конструкција.

    Дали на пример, мастурбацијата на македонско издание на Плејбој е израз на патриотизам? Или сепак е само мастурбација? Ако е првото тогаш патриотизмот и мастурбацијата се еквивалент.

    Со своето делување патриотизмот спречува развивање на личност со вечно инсистирање на непоставување прашања (имаше една Кенедиева небулоза) и условување на поединецот.

    На територијата позната како РМ и годината 2011. оваа болест е се повеќе присутна и се заканува да го убие секое независно мислење и да спречи било каков tipping point во правец на индивидуални и колективни вредности спротивни спрема патриотизмот. А уште полошо во многу случаи човекот е условуван меѓу биолошки опстанок и свој став. Погодете кој има приоритет…

    Нација е замислен ентитет на еден друг замислен ентитет наречен народ спакуван на одредена географска територија со замислени црти на карта наречени граници и со правно-економски субјекти кои подлежат на даночниот и политички систем на таа територија.

    Благоја

    31/03/2011 at 23:26

    • Ова било замислен ентитет, она било замислен ентитет… што ти значи тоа „замислен“? Демек не постои, само луѓето веруваат дека постои?

      Народ е група на луѓе кои сметаат дека и припаѓаат на таа група.

      Ако луѓето веруваат дека и припаѓаат на таа група значи дека тоа е група и значи дека постои. Значи не е замислена.

      А што се однесува до менталните пореметувања, ај потсети ме кој напиша коментар на блогов дека во зградите на Светскиот трговкси центар не удрија авиони, туку тоа беа само холографски проекции? Кој верува дека Дејвид Ајк збори паметни работи?

      Кој е менталниот пореметен, а Блажо?

      Границите не се замислени туку постојат, оти ако се обидеш да минеш некоја граница без дозвола од органите на државата, ќе те стават во апс. И тој да не е замислен?

      Или можеби е холографска проекција?

    • Ако си рационалист биди до крај. Тогаш кажи ми зарем фамилијата не е глупост??? Па и самата ”љубов” е глупост. Според која логика ти би требало да ја сакаш мајка ти и татко ти. Се обидуваш да ја побиеш патријархалната филозофија со “љубовта” која е дел од нејзе а не е дел од рационализмот и дарвинизмот. Тоа е како да се бориш против војната со оружје.
      Незнам што да ти кажам освен дека ми е ЖАЛ за тебе.

      Кољо Дијамант

      03/04/2011 at 15:06

      • Коментаров не го разбирам.

        Ако си рационалист, треба да ги мразиш родителите?

        WTF бе Кољо? Што има нерационално во тоа да имаш семејство, да имаш дом, да ги сакаш своите блиски, да се грижиш за своите блиски?

        Што има нерационално во тоа бре Кољо изгубен Германец море?

        Ти дали воопшто знаеш што значи тоа „рационално“ што значи тоа „логично“ што значи тоа дали разбираш?

        Рационализам и дарвинизам не е исто, еј, не е исто!

        Размисли пред да напишеш мајку му стара, па не биди неписмен до толку.

        Ај гратис совет:

        Дарвинизам: тие што се слаби треба да пропаднат и им нема спас.

        Рационализам: тие што се слаби ќе пропаднат, АМА еве ова нешто ако го направат ќе ја избегнат таа работа.

        Или еве :

        Дарвинизам: ти си неписмен, за тебе се џабе книги.
        Рационализам: Ти си неписмен, и затоа треба да ја научиш азбуката за да ти се отворои светот на книгите.

        Сфати сега?

        Дарвинизмот е детерминизам, рационализмот е анти-детерминизам.

        • Значи коментарот ми беше за Благоја поентата беше дека во рационализмот и дарвинизмот нема место за љубовта…а Благоја со поимот на погрешната љубов сакаше да го побие национализмот…нвм

          Кољо Дијамант

          03/04/2011 at 18:32

  3. Можеби многуте изгубени битки и неправди кои им се случија на македонците не доведоа до ситуација да се сомневаме кои сме и каде припаѓаме.
    Да потсетам, реалноста е дека не сме паднати од небо🙂
    п.с. Мојот прв коментар🙂

    Димитар

    02/04/2011 at 12:42

    • Штом е прв, нека е со среќа🙂

      Ако самите себеси не се почитуваме, кој ќе не почитува? Ако самите себеси не се признаваме, кој друг ќе не признае?

  4. Многу интересен пример околу тврдењето на некој племиња од висините на Хиндукуш,Каракорум и Памир дека потекнуваат од Македонија можат да се најдат во два збора кој што се употребуваат само кај нас и само кај нив, а тоа се зборовите БАРА И ТУРНЕ.
    Имено, зборовите БАРА и ТУРНА(И) не може да се најдат ниту кај Србите ниту кај Бугарите иако јазиците ни се сродни и за најголем број од зборовите има локална модификација како на пример. НОЌ, НОЧ и НОШТ.
    Зборот БАРА кај Србите се преведува како ТРАЖИ, а кај Бугарите ТРСИ. Додека пак зборот ТУРНЕ/ТУРНА кај Србите се преведува како ГУРА, а кај Бугарите како БУТА/ИЗБУТА итн.
    Интересно е што тие два збора се употребуваат и од страна на Хунзите и Калашите и го имаат истото значење што ни кажува дека зборовите немаат словенско потекло. Не се знае но можно е да тие зборови да имаат античко-Македонско или Пајонско потекло

    НИКОЛА

    02/04/2011 at 12:51

    • Не само зборовите, ами и кучињата се слични кај нас и кај Хунзите. Види ја сликата на крајот на колумнава: https://blogatash.wordpress.com/2010/01/08/♦-кучето-на-александар-велики-било-ша/

      На фригиски јазик, зборот „зелкиа“ значел „зеленчук“ а зборот „гордум“ значел „град“, „думос“ значело „собрание“ (Русите денска велат „дума“) http://www.wordgumbo.com/ie/cmp/phry.htm

      • Без навреда ама мене Хунзите ми личат на Цигани.
        Познавам луѓе што зборуваат македонски, православни се, велат дека се Македонци, се однесуваат така…а ти тврдам дека се Цигани.

        Кољо Дијамант

        03/04/2011 at 14:50

        • Во мое село, ги викаат Роми.

          Хунзите личат на Хунзи. На Пакистанци. На Индијци.

          И Мајл Џордан личи на црнец, па сепак додека се занимаваше со кошарка најдобар кошаркар во светот.

          Така да, што сакаш да кажеш со тоа „личат на…“? Тоа ништо не кажува, освен дека ти имаш предрасуди кои како и сите предрасуди се последица на фактот што ти си неписмен сељак.

          • Јас сум неписмен сељак(српски збор) признавам. Ама рамче и да биде најдобар кошаркар во светот не може да биде Македонец.
            Јас не ги навредувам Циганите, мене ми се баш симпатични.
            BTW Коби е најдобар.

            Кољо Дијамант

            03/04/2011 at 18:36

  5. Ова било замислен ентитет, она било замислен ентитет… што ти значи тоа „замислен“? Демек не постои, само луѓето веруваат дека постои?

    Не е лесно да бидеш горд и да се чувствуваш добро заради нешто што не постои.
    Држава. Граници. Ништо од тоа не постои освен на географски атлас. И таму тие се создадени за подобро снаоѓање. Зависи, каква е картата (тематската карта). ВО друг случај, граници постојат заради човековата глупост. За стпоирање и регулирање стока наречена човек и билдање пари.
    И покрај сето тоа постојат луѓе кои имаат некое силно национално чувство, за кое би го положиле животот. Што е тоа ако не ментална нехигиена?

    Благоја

    02/04/2011 at 16:36

    • Повторно, границите постојат оти ако се обидеш да ги поминеш беа пасош – ќе те уапсат!

      Очигледно дека постои, оти ќе дремеш во затвор. Да, тие се измислени од луѓето, ама и автомобилите и авионите се измислени од луѓето па сепак значи ли дека не постојат автомобили и авиони?

      Така и државите и религиите и народите и нациите и патриотизмот и песните и рецептите за шопска салата и пивата и ракиите – сите овие работи не никнале на дрво, ами се измислени од луѓето. Ама – постојат.

      Која тие таа мисла, ако луѓето го измислиле – не постои? Компјутерот од кој сурфаш на мојот блог не паднал од небо, луѓе го измислиле, па кажи ми, дали твојот компјутер постои или не постои?

    • А интересно е дека баш тој капитализам што ти го обвинуваш за креатор на национализмот,религијата и границите, е всушност креатор на глобализацијата и секуларизмот. Па незнам сега. Објасни се еднаш си антиглобалист еднаш си антинационалист. Земи еден лист и запиши си ги ставовите.

      Кољо Дијамант

      03/04/2011 at 14:54

      • Јас не сум антиглобалист.

        Јас не сум антинационалист.

        Јас сум глобалист и националист.

        Има разлика межу шовинист и националист. Едното е негативна особина, а другото е позитивна особина.

        Еве тука за да ти стане јасно: https://blogatash.wordpress.com/2010/01/07/%E2%99%A6-%D0%BD%D0%B0%D1%86%D0%B8%D0%BE%D0%BD%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D0%B7%D0%BC%D0%BE%D1%82-%D0%B5-%D1%87%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B0-%D1%81%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82-%D0%BD/

        • Добро бе Нено шо да ти праам таков ти е блогот. Јас сакав да му одговорам на Благоја. Типот е многу контрадикторен во своите ставови.

          Кољо Дијамант

          03/04/2011 at 18:38

          • Ха, ха, ха😆

            За да се избегнат вакви забуни во иднина коментарот нека ти почнува со @Blagoja, @Neno… да знам кому му се обраќаш🙂

            Во крајна линија, коментариве мои нека стојат како превентивна мерка. Ако некогаш упатиш коментар со таков став кон мене (како што сега упати кон Блажо холографичарот) да знаеш каков одговор ќе има, па да не се мачиш ич со пишување тогаш🙂

            П.С: „Сељак“ не е српски збор, хрватски е!

    • .

      Кољо Дијамант

      03/04/2011 at 15:07

  6. Хахаха. Смешни тези. Само глобализацијата може да ги урне границите. Се додека луѓето низ нашата ни планета цивилизациски не се изедначат на секое ниво границите ке постојат

    НИКОЛА

    02/04/2011 at 23:13

    • Ттака е, во големите градови најмногу се луѓето параноични и дури и до продавница која е преку улица кога одат ги заклучуваат влезните врати.

      Колку поглобализиран свет, колку полесно е патување и комуникација, толку поважни се граничните контроли.


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: