Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ PEHДETO KAKO APXETИП

with 6 comments

Секогаш ме чудело како има луѓе кои самите  никогаш ништо не создале и никогаш ништо не смислиле дури, ама секогаш кога ќе дојдат во контакт со делата на други луѓе кои сепак нешто постигнале – наоѓаат маана и го омаловажуваат делото кое некој друг го создал а и самиот создавач не е поштеден од нивните критики и забелешки. Најчеста фраза тука е „па тоа и јас можев да го направам“ или „ништо посебно, ова секој ќе го сторел да се најдел во истата ситуација“. Таквите фрази и изговори се бесмислени.

1. Два вица: Седнува на маса во ресторан еден човек и кога до него застанува келнерот, тој порачува една шопска салата. На што, келнерот мирно одговара дека тој ден, за жал, нема шопска.

– Зошто нема шопска, што е проблемот, домати ли немате во кујната? – прашува гостинот.

– Има домати, има – одговара келнерот.

– Па што е тогаш, кромид ли немате? – пак прашува гостинот.

– Имаме и кромид – одговара келнерот.

– Ах, сигурно нема краставици или пиперки? – заклучил гостинот.

– Ма и тоа има! – одговара во истиот миг келнерот.

– Значи сирење нема тогаш, а? – конечно сфаќа гостинот.

– И сирење има! – одговорил келнерот.

– Е па како може бре да има и домати, и кромид, и пиперки и краставици и сирење дури, а ти да ми кажуваш дека не можам шопска да добијам?! – зачудено реагира гостинот.

– Сѐ има од состојките господине, сѐ, ама џабе, кога нема ренде! – резигнирано констатира келнерот.

Сличен виц на овој е оној за тројцата луѓе кои ги осудиле да поминат девет месеци на пусти острови, ама пред да ги остават „испод палме на обали мора“ им дозволиле да им биде исполнета барем по една желба.

Првиот осуденик рекол дека штом девет месеци на пуст остров ќе биде, барем да има нешто за пиење, и побарал стотина гајби полни со најразлични пијалоци, од пиво и ракија, преку коњак и текила, до елегантно шампањско и скапо виски. Побарал – добил.

Вториот осуденик не побарал алкохол, но сметал дека најбрзо и најбезболно ќе му мине времето ако на островот го остават со неговата сопруга. Таа се согласила и ја оставиле жената на островот да седи со својот маж цели девет месеци.

Третиот осуденик не бил женет и не бил алкохоличар, ама сепак бил страствен пушач. Па тој побарал да му остават цигари и пури доволно за девет месеци да пуши, и тоа му било доволно.

После девет месеци, се враќаат морнарите да ги соберат осуденициве од островите на кои ги оставиле, и на првиот остров, првиот осуденик го наоѓаат речиси мортус пијан, како ја испива последната капка од последното шише алкохол. И среќен што му изминала казната, им вели на морнарите дека ќе ги води кога ќе стигнат до пристаниште некое во првата кафеана – за да ја прослават неговата слобода со по една добра чашка лута ракија!

На вториот остров го наоѓаат осуденикот и неговата сопруга загрижени, но сепак не на негативен начин, туку поради бременоста на жената. Осуденикот им вели на морнарите кои дошле да го носат во слободата дека пристигнале во последен миг, оти сопругата му е на ден или два пред пораѓање!

И конечно, морнарите одат на третиот пуст остров каде што го оставиле пред девет месеци страсниот пушач со цели сандаци полни најразлични цигари и пури, очекувајќи да видат уште од далеку како облак чад се крева над неговата колипка. Арно ама, таму ги пречекува уште на плажата осуденикот со една пура во раката, а зад него сосема неотпакувани сите кутии цигари и пури. Наместо поздрав, осуденикот му вели на првиот морнар што стапнува на брегот: „се извинувам дечко, да не имаш запалка или ќибрит можеби? Една цигара да запалам само, девет месеци бре немам повлечено ни дим…“

2. Уметникот како ренде: не ми текнува кој од нашиве премудри експерти пред неколку години се нафрли врз ликот и делото на Александар Велики, ама мислата му течеше нешто во овој стил: „не знам зошто го сметаме тој човек за голем воин, армиите на Грците со векови пред него без мака ги победувале Персијците, освојувачи пред него создавале за брзо време големи империи и владетели граделе и пред тој да ја изгради Александрија големи градови во своја чест. Така да, по што е тој човек посебен, освен што се нашол по игра на судбината на право место во право време?“. И заклучокот на експертот по општа пракса беше дека оти Александар не е ништо специјален, дека нема што да го цениме и славиме сега ние.

Оваа логика на прв поглед делува коректно, ама на втор поглед е како да отидеш во ресторан и да се чудиш зошто нема шопска ако ги има сите состојки за неа на располагање. И да не ти е јасно дека е џабе да се сите состојки на маса, ако нема ренде што тие состојки ќе ги сведе во форма која ќе овозможи да се измешаат во чинијата со краен резултат – порција првокласна вкусна салатичка – нема да има шопска!

Или пак да ја оставиме шопската на страна, и да го видиме гостинот–експерт како ќе реагира кога ќе јаде некое недопечено, недоварено, несолено, или пак препечено, преварено или пресолено јадење. Ќе се чуди ли како може сите состојки да се во јадењето присутни, ама сепак тоа јадење да го нема очекуваниот вкус? Нема да се чуди, оти гостинот тогаш намуртено ќе го проколне готвачот кој не знаел да спреми едно најобично специјалитетче како што треба.

Значи, џабе што месото и зачините ќе им ги дадеме на двајца готвачи, оној кој е поголем професионалец – тој ќе направи од истите состојки повкусно јадење. Метафорички гледано – тој е рендето без кое од состојките иако ги има, не може ништо квалитетно да се направи.

И конечно, која небулоза е да се омаловажува некоја ремек-дело скулптура, само затоа што е изработена од парче мермер со помош на чекан и длето, суровини и алатки кои на секој човек може да му се дадат!

Замислете, некој да рече дека Микеланџело не е воопшто голем уметник, оти тој само се нашол на право место во право време, каде што имало добар блок мермер и соодветните алатки, и тој само ги употребил чеканот и длетото како што треба и оп! – автоматски т.е. спонтано на свет дошло нешто генијално, легендарно, волшебно, неповторливо.

Можеш да им дадеш идентични сетови бои, четки и платно на десетици или стотици или илјадници луѓе по случаен избор, ама секој од нив нема да создаде слика на која идните генерации ќе ѝ се воодушевуваат. Ако се суди според прикажаното на разните телевизиски избори за инстант-ѕвезди, најверојатно никој од горенаведените инстант-уметници нема да создаде ништо вредно за паметење.

Не е доволно да си на право место во право време. Треба да си и правиот човек за да ја зграпчиш и искористиш шансата која ќе ти се пружи. А ако си навистина талентиран, тогаш не се битни ни правото место ни правото време да ти се погодат. Правиот човек самиот создава амбиент за да блесне!

3. Рендето што живот (и смрт) значи: кога во 1941та година нацистичка Германија го нападнала Советскиот Сојуз, Германците биле запрепастени кога во првите битки нивните тенкови за кои сметале дека се релативно квалитетни налетале на руското тајно оружје, моќните тенкови Т-34. Овие тенкови биле со екстремно дебел оклоп поставен така што било невозможно да се уништи тој тенк со пукање врз неговата предна страна (онаа свртена кон непријателот) од било кој од топовите со кои располагале Германците.

Арно ама, нацистите брзо ѝ ја нашле слабата точка на руската тенковска армада. Имено, за разлика од германските тенкови во секој од кои имало вградено радио-уред за меѓусебна комуникација со другите возила, кај тенковите на Црвената Армија само во тенковите на командантите имало радио-уреди, и тие служеле за офицерот да прима наредби од главниот штаб. Во тенковите кои ги возеле обични војници немало радио-уреди и тие морале пред битката да излезат од тенковите, да дојдат пред командантот кој ќе им објасни како да се распоредат и потоа додека траела битката немало можност за комуницирање меѓу екипажите на одделните тенкови и со тоа за корекција во текот на борбата на планот.

Ова нешто Германците штом го увиделе (гледајќи дека во група од по десет – петнаесет руски тенкови само еден има антена) почнале со специјална тактика да се борат со моќните Т-34. Имено, веднаш штом ќе почнела битката со Русите, со сите сили ќе се насочеле Германците да го уништат тој тенк со антената, и потоа ќе се повлекле назад, чекајќи останатите руски тенкисти да сфатат дека останле без командант кој би им давал наредби. Така оставени без команда, без да знаат што понатаму да прават, Германците таквите дезориентирани тенкисти ги напаѓале од други насоки, и лесно ги уништувале еден по еден силните руски тенкови со своите слаби германски тенкови.

Секако, откако сфатиле Русите дека рендето без кое тенковите им се бескорисни се вика „радио-уред во секое возило“ тие го решиле тој проблем, но не пред илјадници тенкови да загубат и десетици илјади војници да им загинат.

Подоцна, во 1944та година, Германците своите тенкови до тој степен ги усовршиле што почнале да произвдуваат и неуништливо челично чудовиште од тенк, кое го нарекле „Кенигстигер“ (кралски тигар) и тој модел на тенк се смета за најдобриот тенк во целата Втора светска војна. Но, и овој ѕвер имал маана – имено, немал „ренде“.

А рендето се состоело во тоа што тенкот бил со толку дебел оклоп што тежел речиси 70 тони, и поради тоа преку ниту еден од постојните мостови не можел да помине (без да се сруши од таа тежина мостот). Па така, за да не застане пробивот на кенигстигрите кај првата река, морале со секоја единица во која имало тенк од тој вид, да патува и специјална група од воени инжинери кои граделе специјални монтажни мостови само за кенигстигрите да минуваат по нив.

Кога американските авиони од воздух ќе нападнеле некоја колона германски тенкови која се движи кон нивните позиции, тие воопшто не губеле време да ги бомбардираат и онака неуништливите кенигстигери, туку своите бомби ги фрлалале врз камионите на инжинерите, во кои се носеле деловите за специјалните мостови. И така, уништувајќи го рендето во форма на „специјален мост за специјалниот тенк“ тие ги правеле бескорисни и безопасни и самите тенкови.

И конечно, уште еден пример за ренде кое живот значи од Втората светска војна е начинот на кој бил уништен најголемиот воен брод на хитлеровата војска.

Станува збор за гигантскиот воен брод „Бизмарк“ кој бил вооружен со најмоќните топови во тоа време, и ниту еден брод ниту на англиската ниту на американската морнарица не смеел ни да помисли да му застане на патот на „Бизмарк“. А кога еден англиски брод се обидел да влезе во двобој со него, бил уништен за само неколку минути без „Бизмарк“ да биде и гребнат!

Па, како тогаш бил запрен непобедливиот супер-брод на нацистите? Е па, еден авион фрлил едно торпедо кон задната страна на бродот и тоа торпедо иако не направило некоја поголема експлозија, сепак ја направило штетата на вистинското место – ја уништило перката од кормилото без која бродот не можел да го менува правецот на движење и можел потоа само да стои во место (ако му се исклучат моторите) или да плови само во една насока (онаа кон која бил свртен кога му била уништена перката од кормилото).

„Бизмарк“ токму во мигот кога удрило торпедото во неговата перка бил свртен кон Англија, и иако одалечен во тој миг илјада километри од нејзиниот брег, по губењето на контролата врз правецот, тој продолжил да се движи во таа насока. Кога доволно се приближил кон брегот на Велика Британија, стотици англиски авиони тргнале одеднаш од тамошните воени аеродроми и го распарчиле со своите бомби неуништливиот германски воен брод.

*

Конечно, рендето кое успех значи е главниот аргумент при објаснувањето зошто државните фирми никогаш не даваат квалитетна услуга, а приватните можат да ја обезбедат истата услуга и поефтино и поквалитетно. (државните фирми никогаш не даваат бесплатни услуги, оти за сѐ е платено преку даноците)

Затоа што во државните фирми нема ренде! Нема менаџер кој би имал мотив да раководи добро, оти тој е поставен како партиски кадар да обезбеди молзење пари од државната фирма за трезорот на партијата и да вработува партиски војници во неа.

Во приватните фирми, менаџерот знае дека ако не дава квалитетна услуга, муштериите нема да доаѓаат во таа фирма за услуга и нема да има профит и фирмата и таа брзо ќе пропадне. И менаџерот ќе остане на улица.

За разлика од тоа, ако ја упропасти државната фирма, менаџерот може да биде пратен како амбасадор, оти тоа му е награда за сите пари што ги прелеал од државниот буџет на сметките на партијата.

Затоа ЈСП во Скопје иако постојано добива субвенции од државата сепак работи со загуби, а приватните автобуски превозници иако работат само со своит средства сепак опстануваат на пазарот – значи имаат некаков ќар. Затоа што во јавното претпријатие нема ренде и никогаш не може да има.

Оти секој со своето ренде за себе си сецка најдобра салата.

.

П.С: Како и обично, во утрешниот број на неделникот „Фокус“ има моја колумна објавено. Ако сте редовен читател на мојот блог што е доказ дека моите колумни ви се допаѓаат, сигурно ќе уживате и во моите текстови во „Фокус“. Затоа, час поскоро набавете „Фокус“ и – читајте за нештата да станат појасни.

П.П.С: Наредниот четврток, во редовниот термин, навечер, на блогов очекувајте ја колумната со наслов „Тутанкамон“. Каква врска има легендарниот фараон од антички Египет со Тиквешкото востание, правата на хомосексуалците и економскиот подем на Кина – ќе видите во таа колумна.

До тогаш, поздрав😉

Written by nenobogdan

07/04/2011 at 20:43

6 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Еден предлог ако може. Пред малку го гледав новиот гл.и одговорен уредник н ДНЕВНИК Зоран Димитровски на ТВ АЛФА каде спомна дека ке ја разгледува можноста да им се заблагодари на колумнистите политичари и наместо нив подобро би било колумни да пишуваат луге од други профили.
    Тука гледам одлична шанса за тебе, што да не.
    Сметам дека би било убаво да се обидеш да стапиш во контакт со него и да пробаш (ништо нема да изгубиш ако пробаш) да ги понудиш твоите интелектуални услуги.
    Јас баш би сакал да те видам во еден таков весник каков што е ДНЕВНИК, и тоа според мене би било врв во твојата колумнистичка кариера со оглед на релевантноста на тој медиум
    Ке ми биде многу драго доколку се случи тоа
    Поздрав

    НИКОЛА

    08/04/2011 at 18:31

    • Прво, благодарам за времето кое го минуваш размислувајќи ти како мене да ме вдомиш во „релевантен“ медиум.

      Сепак, како второ, мене Фокус ми е доволно релевантен.

      И за затоа, како трето, ако Зоран Димитровски сака со мене да комуницира, нека пише мејл. Јас да го барам него – не фала.

      Конечно, како четврто, истото што го пишувам во Фокус би го пишувал и во Дневник, па не ја гледам разликата. А од Дневник може да не им се допадне мојата независна и критичка мисла па да ме исфрлат (како на Влатко Ѓорчев што му се деси пред една година), а од Фокус би ме исфрлиле баш ако немам независна и критичка мисла.

      П.С: Петто, јас кон медиумот на Керим ама ич никаква восхитеност и почит немам. Не знам зошто ти имаш?

  2. Нено една колкумна ако може за нуклеарната енергија, тоа е сега актуелно.

    Кољо Дијамант

    12/04/2011 at 20:33

  3. Mnogu dobra ti e kolumnata,i taa vo fokus e dobra,ama ovaa e podobra.Pozdrav

    Rugerio

    13/04/2011 at 18:40


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: