Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ TУTAHKAMOH

with one comment

Погребната маска на фараонот Тутанкамон и околу неа, неговите достигнувања. Да, баш тие работи што ги „гледате“ околу маската се достигнувањата на овој фараон

Поговорката вели дека без реклама и најдобриот производ ќе остане непродаден. Од друга страна, има и поговорка која вели дека „се рекламира она што не може да се продаде“ т.е. колку некоја стока е почкартосана, толку повеќе се застапени рекламите за неа на сите страни. Дали „кокошката која ќе снесе најмало јајце најгласно кокодака“ не знам, но познати ми се неколку историски и модерни примери на „многу врева за ништо“. Па еве ги:

1. Колку битен бил фараонот Тутанкамон: не многу ако се разгледаат историските податоци за неговиот живот и периодот во кој владеел овој човек со древниот Египет. Нешто повеќе за неговите скромни и по ништо значајни активности има на линков до википедија, а за потребите на колумнава само ќе објаснам зошто овој сосема просечен владетел, во денешно време е поим и речиси синоним за моќен и голем фараон.

Имено, кога неговото кратко и здодевно владеење завршило со прераната смрт негова, сеуште не била изградена гробница (речиси и не била ни почната) и затоа не можеле да го закопаат според „сите нишани“ како што било предвидено за еден фараон. Па затоа, му нашле некоја гробница со средна големина која стоела онака „на лагер“ за итни случаи и во неа го пикнале неговото мумифицирано тело и наставале во гробницата неколку сандаци златни предмети и други скапоцени нешта за кои религијата им налагала да му ги остават на владетелот за во задгробниот живот, па гробницата откако внатрешно ја украсиле колку да не е без ич,  едноставно ја затрупале без било каква ознака дека во неа лежи цел еден фараон!

За разлика од оваа скромна гробница, другите фараони сите биле закопани во монументални мавзолеи, од величествени храмови (за посиромашните) до големите пирамиди (за најмоќните фараони). И секој од нив бил испратен во смртта со огромни количества злато и скапоцени камења.

Баш и затоа, подоцна кога Египет се нашол во анархија, сите такви монументални гробници биле ограбени од страна на луѓе кои го искористиле безвластието за да си ги наполнат џебовите.

Сите гробници на сите фараони биле величествени и секој знаел каде е закопан секој фараон. Освен гробницата на Тутанкамон која уште од моментот кога бил сместен сиромашниот Тутанкамон во неа, паднала во заборав оти и немало по што надворешно да се препознае, а и самиот фараон бил заборавен оти со ништо не се прославил, ниту како голем градител на храмови, ниту како освојувач.

Така, благодарение на својата беззначајност, од сите фараони само Тутанкамон останал со неограбена гробница која во XXиот век таква недопрена ја откриле археолозите. Бидејќи други златни предмети од древниот Египет практично не биле откриени (оти сите биле ограбени и претопени во златници уште во антиката) само оние предмети од гробот на Тутанкамон денеска се доказ за славните денови на цивилизацијата покрај Нил и следствено, ако некој сака да види како изгледала уметноста на златарите на древниот Египет мора од тие предмети да научи и од ниту едни други.

И поради тоа што практично најсиромашниот од фараоните единствен останал со своите скапоцености до ден денешен, само неговото име се споменува секогаш кога се прикажува некој златен предмет од таа епоха, па денеска го сметаат луѓето за најмоќниот и најзначајниот фараон што постоел.

Можеби во египетската пустина има уште некоја неоткриена гробница на некој позначен фараон од Тутанкамон и сигурно во неа има уште поголеми богатства, ама додека да биде пронајдена, само ова што го имаме од Тутанкамон сведочи за богатството на дрвениот Египет. И сѐ додека секогаш кога ќе се покаже некој златен предмет од времето на фараоните ќе се споменува само името на Тутанкамон – сѐ дотогаш ќе го сметаат него за најголемиот од сите фараони.

2. Тројанската војна: откако Троја била уништена во Тројанската војна па сѐ до ден денешен (во изминативе три илјади години) таа и луѓето кои учествувале во војната биле предмет на многубројни приказни, легенди и теории.

Сѐ до пред три века, во Франција било официјална догма дека Французите потекнуваат од Тројанците (еден историчар кој тврдел дека всушност Франките биле германско племе бил затворен за тој „ерес“), а и старите Римјани најсериозно сметале за себе дека се потомци на бегалците од Троја кои во Италија ги довел Аенеас. (во македонски текстови познат и како Енеј)

Ако се има во предвид и ненадминатата уметничка вредност на епот „Илијада“ од Хомер, текст што им бил омилено четиво на Александар Велики, на римските императори, на турските султани и на некои американски претседатели, човек би си помислил дека градот Троја бил еден ептен многу битен град во свое време и дека Тројанската војна била некоја ептен гигантска војна штом три илјади години по неа, сеуште живее споменот нејзин.

Ама не е така. Според скромните резултати од археолошките ископувања во Троја, изведени во изминативе век и половина, се чини дека градот бил сосема безначаен и во локални рамки, а камо ли пак во глобални.

Во обемните дипломатски архиви на Хетитите (стотици илјади глинени плочки од официјалната кореспонденција на хетитските владетели се откриени и дешифрирани) градот Троја практично не се споменува, а и кога тоа се прави се означува како некоја провинциска вукојебина, за која не вреди повеќе од реченица или две да се потроши. Воедно, во самата Троја практично не се пронајдени никакви споменици (урнатини од големи храмови или палати) кои би покажале дека станува збор за некаков моќен, богат и значаен град.

Се чини дека единствената причина поради која Троја останала запаметена е што човекот кој го опеал нејзиниот пад бил генијален поет кој оставил ремек-дело за идните генерации. Нешто како Мона Лиза која била сосема ирелевантна личност, ама поради тоа што е лик од ремек-делото на генијален уметник каков што бил Леонардо Да Винчи, денеска нејзиното име му е познато на секој човек.

3. Подемот на Кина и Индија: Така некако може да се анализира и подемот на Кина и особено на Индија кои се прогласени за нови светски сили на кои им припаѓа 21иот век.

Индија има над милијарда жители и околу еден трилион долари GDP. Со други зборови, едвај нешто над илјада долари по жител. Македонија која знаеме сите колкава економска „сила“ е, има околу осум илјади долари по глава на жител. Значи, и покрај сето кокодакање за златните јајца што Индија ги несе во светската економија, просечниот Македонец има осум пати повисок стандард од просечниот Индиец.

Таму бре сеуште илјадници луѓе секоја година умираат од глад, десетици милиони живеат во сламови во споредба со кои нашата Шутка делува како Беверли Хилс, па за каква светска економска сила може да стане збор?

Исто и за Кина, околу која веќе со години се крева медиумска прашина. Таа има GDP од (во зависност од изворот) четири до шест трилиони долари. При 1,2 милијарди жители, тоа му доаѓа од три до пет илјади долари по глава на жител. За илустрација колку е тоа далеку од супер сила во економијата, САД има триста милиони жители а GDP од 14 трилиони долари, или околу 45 илјади долари по жител. Значи, просечниот Американец има стандард десет до петнаесет пати повисок од оној на просечниот Кинез.

Така да, сите муабети дека Кина и Индија се светски економски сили кои ја загрозуваат доминацијата на САД се надуван балон. Лошите вести од американската економија се амплифицираат, добрите се премолчуваат, а обратно е за економските вести од Индија и Кина, и затоа се добива впечаток дека САД се на работ на колапс а Индија и Кина само што не завладеале со светот.

Ама ако се погледнат бројките зад вревата, ќе се види реалноста. Нешто повеќе за тоа, можете да видите во „Неколку заблуди за долговите“ во која меѓу другото објаснувам и зошто големите девизни резерви што ги има Кина не значат ништо посебно.

4. Правата на хомосексуалците: ако ги прашате повеќето наши граѓани што не им се допаѓа од западните влијанија (од Европа и САД) ќе ви кажат сигурно во првите три-четири работи дека „таму педерите имаат право да се женат и да посвојуваат деца“.

Воедно, и во Македонија во последно време почна да се зборува дека треба со посебен член во Уставот да се дефинира дека бракот е заедница меѓу еден маж и една жена и никако поинаку, и со тоа да се спречи некој ден во иднина со обичен закон донесен од тогашното просто мнозинство да се дозволат геј-бракови и кај нас.

Човек би помислил при толку многу кокодакање за таа тема дека само тоа е битно и дека целиот свет е опседнат со тоа дали хомосексуалците треба или не треба да имаат право да склучуваат бракови.

Како што објаснив во колумната „Неколку погрешни бројки“ уделот на хомосексуалците во вкупното население е далеку под цело време прокламираната бројка од 10% и дека најверојатно се движи од 1 до 2 проценти. Ама ако се следи јавната дискусија за нивните барања, човек би си помислил дека се не десет, ами четириесет или педесет посто од населението!

На сличен начин може да се толкува и нашата осетливост на изјавите на бугарскиот политичар Каракачанов (како се погодија во иста точка бугарскиот шовинизам и педерите, а?). Имено, овој човек раководи со партија која е сосема безначајна во тамошната политика, оти на последните избори (пред две години) еве погледнете на линков колку тоа гласови освоија и тие, а и другите радикални бугарски шовинисти.

Ама секогаш кога Каракачанов, инаку обичен политички маргиналец и ирелевантен лузер кој никакава моќ нема ќе каже нешто анти-македонско, ние тука се секираме со денови и денови. За кого, за коковче што кокодака а не може ниту едно јајце да снесе (т.е. пратеник да добие) во бугарскиот парламент?

Која е смислата на постоењето на шовинистичките радикални партии објаснив во една колумна од пред две години. Вреди да се прочита и да се има во предвид секогаш кога некој искубан петел како Каракачанов ќе прокукирика од своето смрдливо буниште кон нас, Македонците.

*

Конечно, нешто и за Тиквешкото и Охридското востание, бунтови за кои сѐ до пред две години ништо не се знаеше во пошироката јавност. Во овие две востанија кренати против српските окупатори за време на Втората балканска војна, се бореле и загинале илјадници Македонци, ама ниту во учебниците по историја, ниту во медиумите се споменуваа тие две востанија цели деведесет години.

А кога некој конечно реши да ги спомене, „официјалните историчари“ ги прогласија за пробугарски и врховистички и како такви за недостојни да се споменуваат во македонски контекст.

Која глупост! На часовите по историја сеуште децата учат за движењето „Манапо“ кое меѓу двете светски војни во текот на неколку години грст комунистички студенти од Македонија го одржувале низ универзитетите во Белград и Загреб, и кое во историска смисла ама баш никакво значење немало ама баш за ниеден настан. Денеска уште има улица во Скопје која се вика „Манапо“ ама никому не му текнува да крсти улица по Тиквешкото востание или по Охридското востание.

Тие се демек контроверзни и сеуште се чека историјата да го каже конечниот збор за нив. А тоа што имаме улици и училишта уште крстени по Јосип Броз Тито (кој не е ич контроверзен, нели?) никого од историчарите не го тера да побара да се промени барем додека да се расчистат сите контроверзи околу него.

Ама, тоа е тоа. Не се битни фактите, туку колку тие факти, макар и кога се сосема измислени и погрешни, ќе се раскажуваат во јавноста. Сто пати кажаната лага луѓето ја прифаќаат за вистина. Сто пати кажаната глупост народот ја зема за мудрост.

Вистината верувам не мора да се кажува толку многу пати за да стане призната. Треба само некој да ја погледне со отворен ум.

Оти умот е како падобран. Ако не е отворен тогаш е бескорисен!

.

П.С: Како и секој петок, така и во утрешниот број има една моја нова колумна објавено во неделникот „Фокус“. Многу е интересна и духовита, а има и поуки. Така да, час поскоро набавете „Фокус“ и – читајте за нештата да станат појасни.

П.П.С: Наредниот четврток на блогов во редовниот термин, навечер, очекувајте ја новата колумна со наслов „Хеленизам и ренесанса“. Она што е заедничко за хеленизмот и ренесансата е што и двете работи никогаш не се случиле, туку се сосема измислени за политички потреби. Но, не се само тие. Кои други појави не се случиле иако веруваме дека се случиле – ќе видите во колумната во четврток.

До тогаш, поздрав😉

Written by nenobogdan

14/04/2011 at 20:12

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Зборот супер сила нема голема врска со економската моќ на народот.СССР супер-сила па не беа богати. Ако економската моќ на луѓето има врска значи дека Лихтенштајн и Катар се најмоќни. Проблемот со оваа ‘параноја’ e што повеќето не сваќаат дека супер сила не се станува преку ноќ или со самото тоа што си прв на ГДП листата. Америка 50 години е прва на таа листа, тоа е временски капитал. Америка има бази насекаде во светот има огромна војска која ја чини многу. Кина нема да може да го изгради сето тоа за една година. Да бидеш супер сила чини многу и кога Америка би се откажала од војската и базите би имала 1000 милијарди годишно да ги инвестира во економијата. Се додека доларот е меѓународна валута тешко дека некој ќе и се доближи на Америка.

    Кољо Дијамант

    16/04/2011 at 18:52


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: