Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ XEЛEHИ3AM И PEHECAHCA

with 4 comments

Еве неколку навидум апсурдни тврдења: готските катедрали не биле изградени од Готи, Вандалите не вршеле вандализми, Хелените немаат врска со хеленизмот, Византијците не живееле во Византија, кислородот треба да се вика водород а водородот кислород, а ренесансата не се случила после мрачниот среден век затоа што тој не бил ни мрачен ни среден ниту пак век. Овие тврдења, иако на прв поглед чудни, сепак се сосема вистинити.

1. Кислород, водород, азот: ќе почнеме првин со нешто релативно лесно, пред да се префрлиме во историјата. Имено, со имињата на три многу чести и познати хемиски елементи.

Дали знаете како кислородот го добил своето име? Откако во текот на XVIIIиот век многу хемичари успеале од разни соединенија да издвојат чист кислород, тие не знаеле дека всушност добиле сосема нов, дотогаш непознат хемиски елемент и не му дале некое унифицирано име, туку секој го нарекувал како што ќе му текне.

Сѐ додека францускиот хемичар Лавоасијѐ (акцентот е на последната самогласка) не успел да го издвои од неколку видови на киселини, и по таа логика сфатил дека штом од разни киселини со нивна преработка добива секогаш еден те ист гас, си помислил дека тој гас го има во сите киселини и го нарекол затоа „оксиген“ (на старогрчки ова значи „создавач на киселини“).

Подоцна хемичарите успеле да дознаат дека не се сите киселини составени секогаш неизбежно и од кислород (на пример, молекулот на хлороводородната киселина има еден атом хлор и еден атом водород и тоа е сѐ) но веќе било предоцна да се смени општо-прифатеното име и тоа си останало до ден денешен.

Значи, кислородот не е состојка на сите киселини, ама бидејќи Лавоасије бил голем научник со голем авторитет во хемијата, според неговите погрешни заклучоци, сите се воделе и до ден денешен ние го викаме гасот за кој знаеме дека не ги раѓа сите киселини – кислород.

Од друга страна, кога водородот бил издвоен во чиста форма од некои соединенија, хемичарите кога и да го запалеле тој гас добивале – обична вода. Бидејќи водородот кога гори се врзува со кислород тој остава после таа реакција чиста дестилирана вода, и во чест на таа особина, пак Лавоасије сметал дека таквиот гас треба да се вика „хидроген“ (на старогрчки – „создавач на вода“).

Проблемот тука е што за да добиете еден литар вода, потребни ви се само 111 грама водород и дури 889 грама кислород. Значи, осум пати повеќе кислородот е застапен во водата отколку водородот. И кој е навистина „создавач на водата“ тогаш?

Тоа му доаѓа како Сојузот на Титови Леви сили да влезе во коалиција со СДСМ и да се крсти колицијата според нив, а не според Бранковците. Патем, за такво нешто пишував во колумната „Треска, Вардар, ние и Грците“ во која објаснив дека Вардар се влева во Треска, а не како што сите знаеме, дека Треска се влева во Вардар.

Воедно, не постои киселина во која нема водород. Нема таква, секоја киселина може да содржи или да не содржи кислород, ама водород мора да содржи!

По таа логика, и тука Лавоасије згрешил, па наместо да го крсти кислородот „водород“ (оти е доминантен елемент во водата) а водородот „кислород“ оти е составен дел на ама баш секоја киселина, тој од брзање и незнаење ги смешал имињата. И оти тој бил славен и ценет експерт, останале доволно долго во науката имињата на елементите како што тој ги одредил и до ден денешен ние ги користиме тие имиња.

Нешто слично може да се каже и за елементот азот чие име е од старогрчкиот јазик и значи „без живот“. На времето, кога од еден затворен сад полн воздух ќе го изваделе кислородот, било што да ставеле во таа средина живо (растение, животно), тоа умирало. Па од таму, азотот го нарекле така како што го нарекле.

Ама тие суштества не умирале заради тоа што имало азот во садот, туку затоа што немало кислород!

Глупаво е елементот кој исполнува 78 отсто од атмосферата што сите живи суштества ја дишат, и кој елемент е централен дел на сите протеини од кои се изградени сите форми на живот, да се нарекува „безживотен“.

А кој научник го крстил така блесаво азотот „азот“ (безживотен)? Се знае кој, големиот француски хемичар Лавоасије!

Во најново време, и гасот јаглероден диоксид е до тој степен сатанизиран (оти наводно е одговорен за глобалното загревање) што почнаа некои да го нарекуваат и „токсичен“ (отровен).

Но, гасот СO2 не може да е токсин оти да го снема одеднаш утре тој гас на планетава, сите растенија ќе умрат моментално, оти токму тие го вдишуваат јаглеродниот диоксид и го преработуваат во своите листови во гликоза и се ослободува кислород кој сите животни и луѓе го дишат.

Како може да се смета за токсин (повторно, отров!) нешто кое е од толкава важност за преживување на ама баш сите живи суштества не ми е јасно. Очигледно, зелената хистерија ги тера екологистите да тропаат глупости!

2. Готи, Вандали, среден век и ренесанса: во 410та година од новата ера, градот Рим иако сеуште формално правно еден од двата главни града на Римската Империја (заедно со Константинопол) бил нападнат и освоен од страна на припадниците на германското варварско племе Готи. При тоа, Готите не го разурнале градот, туку се задоволиле со наплаќање рекет од жителите на Рим. Во тој рекет била вклучена покрај злато и сребро и скапоцени камења и одредена количина на – бибер. Да бе да, во бибер плаќале рекет Римјаните на Готите, и бараната и исплатена количина според тогашните историчари била три илјади либри т.е. околу 1,3 тона. Можеби биберот им требал на Готите за после победата да направат доволно ќебапчиња за свечената скара, ама за тоа историјата не кажува детали.

Но, да се вратиме на Готите и на готскиот стил во архитектурата и уметноста. Овој стил е сметан за типично средновековен и за него е раширено уверување кај широките народни маси дека е мрачен како и мрачниот среден век во кој бил практикуван. Денеска има стил на облекување и шминкање што се вика „готик“ и кој е навистина мрачен и намуртен. Тој најмодерен готски стил нема врска со готскиот стил од средниот век а ниту со Готите од петиот век. Ни по потекло, ни по суштината!

Затоа што готскиот стил не е воопшто мрачен, напротив, како што гледате од сликата која го илустрира денешниот текст тој е полн со светлина (поради многубројните прозорци) и разни бои (од витражите) и разиграни форми (богато декорирани фасади и олтари). Готските катедрали биле екстремно светли внатре оти имале огромни прозорци кои пак биле технички возможно да се постават оти немало потреба од носечки ѕидови кои пак биле карактеристични за претходниот романски стил на градење. Романскиот стил бил навистина мрачен, оти поради дебелите носечки ѕидови на црквите немало место за големи прозорци!

А зошто кај готските катедрали нема потреба од носечки ѕидови? Е па, поради тоа што технологијата во тоа доба толку напреднала што конструкцијата ја носеле столбовите и лаковите. Од таму, како е можно да се тврди дека средниот век бил технолошки назаден кога токму во средниот век се случува права технолошка револуција во градежништвото – имено откритието дека столбовите и лаковите можат да ги заменат во целост ѕидовите како носители на зградата, концепт што до ден денешен се применува непроменет (со таа мала разлика што столбовите не се прават од камен ами од армиран бетон или од челик).

Конечно, готскиот стил воопшто нема врска со Готите, кои биле многу значајно племе во петиот век, ама исчезнале сосема до осмиот. А готските катедрали почнуваат да се градат дури во единаесетиот век!

Во Италија, кога била таа нападната од страна на француските војски, во знак на презир кон доминантниот стил на катедралите главно градени во Франција, тој стил бил наречен „опус франкигенум“ (француски стил).

Подоцна, кога Французите успеале да ја наметнат својата власт врз скоро половина Италија, морало да се промени името што за тој стил го користеле италијанските уметници во „готски стил“ оти така немало никој жив политички моќен да се чуствува навреден. Прв пат називот „готски стил“ го користи уметникот Рафаело во писмо до папата, а веднаш потоа еден историчар на уметноста по име Џорџо Вазари го популаризира како назив за уметноста во претходните неколку векови.

Е овој Џорџо Вазари пак, бил вработен во служба на семејството Медичи и бил главен консултант за нивните уметнички спонзорства, т.е. тој ги советувл главните луѓе на тој банкарско-политички клан за тоа кој уметник вреди а кој не за нивното покровителство. Бидејќи сакал ептен да ги воздигне своите патрони, Вазари во една своја книга го нарекол периодот во кој Медичиевци спонзорирале уметнички дела „преродба“ (на италијански „ренашименто“, т.е. на француски „ренесанс“) од каде доаѓа и терминот што ние го користиме „ренесанса“.

Бидејќи фамилијата Медичи владеела во градот Фиренца, сите уметнички дела што ги спонзорирала биле поставени таму и следствено, се смета дека ренесансата започнала во Фиренца. Не дека тоа било некој драматичен пресврт и револуционерна промена во стилот на уметниците (уметноста си напредувала континуирано и меѓу раните ренесансни дела и доцните „средновековни“ дела нема никаква разлика) ама поради пропагандата што Вазари ја креирал, онаа уметност што се случувала во Фиренца под Медичите била наречена „преродба“ и од тогаш е вкоренето тоа остро разграничување во историјата на уметноста.

Со други зборови терминот „ренесанса“ е измислен поради чисто политички причини, идеја на еден полтрон кој им се додворувал така на своите богати газди.

Така некако може да се анализира и терминот „вандализам“ кој денеска означува „намерно и безмилосно уништување на уметнички дела“. Обично се смета дека терминот потекнува од петиот век кога племето Вандали го освоило градот Рим и ги уништило уметничките дела таму.

Што не е точно! Дури реалноста е сосема обратна.

Имено, Вандалите не биле непријатели на уметноста, туку напротив – заштитници на уметноста и културата! Тие кога го освоиле Рим, биле шокирани од степенот на запуштеност на спомениците кои претходните генерации ги поставиле, па нивниот крал, кој бил многу образуван и културен човек, наредил сите повредни уметнички дела да се земат и транспортираат во денешен Тунис, кој тогаш бил под власта на Вандалите, со цел да се сочуваат за идните поколенија, оти се плашел да не бидат сосема упропастени ако останат во рацете на декадентните Римјани.

Нешто повеќе за тоа можете да видите во овој инсерт од еден поширок документарец на таа тема. Ама поуката е таа: Вандалите не се уништувачи на уметничките дела, ами се спасители на уметнички дела! Од таму зборот „вандализам“ е нонсенс.

Патем, за прв пат се појавува тој термин дури во XVIIIиот век, кога се користи од страна на непријателите на Француската револуција, кои ги обвиниле револуционерите дека „исто како Вандалите ја уништуваат цивилизацијата“ и следствено нивните активности се „вандализам“. А сѐ што сториле револуционерите е ставањето крај на расипништвото на аристократијата која парите ги давала за уметност додека народот немал леб да јаде, па оние уметници кои останале без приходи се разбира дека им се налутиле на револуционерите. И ги нарекле „вандали“, термин кој ако се знае историјата не е навреда, ами комплимент!

Значи да резимираме: готскиот стил не е мрачен и не е дело на неуки варвари туку е светол и дело на луѓе кои развиле за тоа време нови технологии на градење, понатаму, вандализмот кој што денеска означува уништување на уметнички дела е во потполна спротивност со она што Вандалите го направиле кога го освоиле Рим и ги спасиле уметничките дела од понатамошно уништување, и конечно „ренесансата“ како термин е само измислица на Џорџо Вазари со цел да им се додвори на своите работодавци, фамилијата Медичи.

Патем, кого го интересира да научи повеќе, на интернет има документарна серија за Медичиевците од четири епизоди од по еден час секоја, и еве тука има линкови за сите четири епизоди. Ова што го кажував за Вазари и Фиренца го има таму убаво објаснето. Интересна и поучна серија, која вреди да се изгледа.

3. Индијанци, Византијци и Хелени: за домородните жители на американскиот континент веројатно знаете дека се наречени Индијанци оти Колумбо кога прв пат се сретнал со нив при откривањето негово на Америка сметал дека допловил до Индија, па локалните жители ги крстил Индијанци. До ден денешен, иако одамна е познато дека Америка не е Индија, во британскиот јазик карипските острови се нарекуваат сеуште „западни индии

Арно ама, дали знаевте зошто реката Амазон се вика така? И каква врска има таа со Амазонките – племето на жени-воини од грчката митологија?

Е па, кога во 1542та година група шпански конквистадори под водство на извесен Франсиско де Орелана допловиле до устието на реката која денеска се вика Амазон, тие биле нападнати и поразени во борба од страна на едно домородно племе чии воини имале долги коси и биле шарено нашминкани и чии крици во битката биле меки и пискави како да се женски, па делумно за да го оправдаат својот пораз, а делумно и за да ги навредат своите непријатели, конквистадорите рапортирале во својот штаб во Шпанија дека таму тоа племе кое ги поразило било всушност племето на жени-воини од грчката митологија, легендарните Амазонки!

И од тогаш, таа река и тој регион се викаат Амазон и Амазонија соодветно. Оти грст шпански кукавици и слабаци налетале на решителни домородци кои ја бранеле својата земја од освојувачите, и кои им се виделе според стилот на облекување налик на жени, ама според борбеноста за храбри јунаци.

Во тој правец може да ги разгледаме и Византијците кои самите себеси никогаш не се нарекувале така. Имено, на латински својата држава тие ја викале Империум Романорум а на грчки Архе тон Ромајон, термини што значат „Област под владение на Римјаните“. Овој назив (Римјани) за нив го користеле и западните народи, па затоа во Италија до ден денешен постои територија која се вика Емилија Ромања, и која го добила таквото име оти во средниот век тоа била последната територија на Апенинскиот полуостров со која владееле Византијците. Кои тогашните Италијанци ги викале Романи т.е. Римјани!

Балканскиот полуостров пак бил нарекуван во турско време од страна на Турците Румелија токму како ознака дека тоа била последната територија на Римската империја т.е. на Византија.

А самиот термин „Византија“ за прв пат се користи за државата со која владееле последните Римјани од страна на германскиот историчар Хиеронимус Волф во 1557ма година, и од тогаш за да се разликува од „оригиналната Римска империја“ се употребува во западната историографија тој термин.

Се разбира, ниту градот Константинопол кој бил главен град на Византија не се викал така официјално. Во првите неколку векови неговото име било како што му го дал неговиот градител, царот Константин Велики т.е Нова Рома („Нов Рим“). Дури по неколку векови, кога официјален јазик, на империјата станал грчкиот било прифатено разговорното име за градот и за официјално, т.е. тој почнал и во службените документи да се нарекува Константинополис.

И конечно, за хеленизмот: овој термин се користи за да се опише периодот во историјата во трите века по освојувањата на Александар Велики и означува дека во тоа време дошло до ширење и прифаќање на грчката (хеленската) култура и идеи низ сите територии кои ги владееле потомците на генералите на Александар.

Што не е точно, оти во политичка смисла кралствата на наследниците на Александар немале допирна точка со системот на градови-држави (полиси) на Грците. Воедно, уметноста на „хеленистичката епоха“ е по својот динамизам и разиграност екстремно различна од смиреноста и хармонијата на грчкиот стил (споредете ја оваа хеленистичка скулптура со оваа хеленска скулптура), а и јазикот кој се користел во секојдневната комуникација не бил грчкиот од Атина и Спарта, ами една чудна кованица која се нарекувала „коине“ и која Платон или Сократ едвај би ја разбирале оти содржела сосема мал број на грчки зборови, а и тие биле „селските“ зборови, оние што обичниот народ ги користел.

Обичните луѓе во селата во античка Грција биле и си останале секогаш потомци на Пелазгите, народ кој го населувал целиот Балкан пред доселувањето на Ахајците (предците на Грците) како дел од таканаречените Морски народи и тие луѓе биле запоставени додека владееле Грците во градовите. Кога опаднале урбаните центри во доцната антика, одеднаш дури и на Пелопонез (јужна Грција) се појавуваат некакви Словени. Тоа не биле дојденци, тоа биле оние локални селани кои цело време постоеле таму уште од ерата на Пелазгите и чиј јазик бил сличен на оној на Словените дојденци. А од каде дошле тие Словени, зборував во колумната „Дали Македонците се Словени или Словените се Македонци“.

Од таму, луѓето кои живееле во „хеленистичката епоха“ на просторот наводно покриен со грчка култура воопшто не се сметале себеси за Хелени. Тој термин за прв пат се појавува дури во деветнаесетиот век и е измислен од страна на еден германски историчар по име Јохан Густав Дројзен, со чисто политичка цел, имено за да ги воздигне пруските кралеви кои Дројзен ги сметал за пандан на македонските кралеви кои ја освоиле античка Грција, па така сонувал и владетелите на Прусија да ја освојат тогаш расцепканата на многу државички Германија и да стане прускиот крал еден модерен „Александар Велики“ кој потоа ќе го освои целиот свет!

Овој начин на гледање на Прусија и на нејзината улога во германското општество бил добро прифатен од Германците, особено затоа што бил поврзан со Александар Велики, и таа логика ќе го доведе на власт многу децении подоцна и Хитлер кој бил убеден дека штом Германија била обединета во 1871та од страна на Бизмарк, сега е негова историска должност да го освои светот. Како тоа завршило, знаеме сите.

*

Како што можевте да видите од денешната по малку хаотична колумна, многу имиња што сме ги прифатиле за некои појави не се воопшто соодветни. Од таму, важно е да се кажуваат вистинските имиња. Во тој правец, на времето ја напишав колумната „Што е, а што не е капитализам“ и колумната „Национализмот е чиста спротивност на шовинизмот“.

Важно е да се кажуваат работите со нивното право име, оти ако не се прави тоа, може да се создадат големи ментални збрки, какви што своевремено кај Германците опседнати со мислата дека тие се продолжувачи на некаков хеленизам (кој не се случил никогаш) предизвикало да почнат две светски војни од кои огромни страдања и трагедии ќе произлезат.

И денешните Грци се убедени дека се потомци на античките Грци иако тоа е тврдење сосема непоткрепено од историските факти. И таа заблуда ги турка нашите јужни соседи кон глупави одлуки и политики од кои и тие и нивните соседи страдаат.

Ако почнете кучињата да ги нарекувате „волци“ а волците „кучиња“, што ќе ве спречи волците да ги ставите да ви го чуваат стадото?

.

П.С: Колумнава малку задоцни оти беше првично најавена за минатиот четврток, па за овој, но поради некои значајни собитија морав да ја одложам. Арно ама, тие собитија со кои цела година се занимавам конечно вродија со плод и за што станува збор ќе објавам во петок. До тогаш, секоја вечер на блогов, ќе има по една нова колумна. Значи утре во ова време и задутре и во среда и во четврток ќе има нови колумни тука. А во петок, тој блог-маратон ќе кулминира со едно важно соопштение.

До тогаш, поздрав🙂

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Па, па, па, па.
    не си морал волку на долго и широко да дробиш, мислам.
    кажи македонците не биле никогаш бугари и чича мича готова прича!
    Однесувај се малку umweltfreundlich мајкуму стару!
    ecologically friendly

    Nikola

    02/05/2011 at 08:27

  2. Потпис дата
    Александар Александроски фтори Мај 2011

    Nikola

    02/05/2011 at 08:31

  3. Супер!!!

    Кољо Дијамант

    04/05/2011 at 23:17


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: