Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♣ TAKA ГOBOPEШE KOHФУ3ИE

with 2 comments

Првата колумна која ја напишав специјално за објавување во неделникот „Фокус“ е колумнава која следува, и која ја пуштам сега на блогов (три месеци откако помина во неделникот) оти по мејл ми се пожали еден читател дека ја пропуштил, оти подоцна почнал да го купува редовно неделникот, и тоа само поради моите текстови таму. Па, за да не му ја пуштам само нему по мејл колумнава, а бидејќи е многу убава, и бидејќи можеби има уште некој читател на блогов кој ја пропуштил, еве ја тука. Насловот на колумнава секако е алузија на ничеовата „Така говореше Заратустра“, додека мудрецот Конфузие е алузија на Конфучие. Оти мудрецов Конфузие практикува еден специјален тип на зен-мудрување, наречен „кон-фу-зен муа-бет“:

Во еден зафрлен дел на Тибет, таму каде што сеуште е поверојатно дека ќе налетате на древен храм полн со мудреци, отколку на древен храм полн со туристи, пристигнаа од далечната земја наречена Ма Кенг Донг Јао, да побараат и добијат премудри совети од премудриот и надалеку прочуен мислител Конфузие, двајцата главни политичари од таа држава, лукавиот Гру Јонг и итриот Бао Це.

Го најдоа мудриот старец како мирно пие чај, одморајќи се од утринската сесија јога и стрпливо очекувајќи ја попладневната сеанса медитација. Откако му се преставија и обајцата истовремено на Конфузие (оти суетите не им дозволија едниот да му даде предност на другиот), го прашаа мудрецот, колку да им тргне муабетот онака – што прави, на што тој им одговори длабокоумно дека моментално е во состојба на пост.

На прашањето, поставено од секогаш љубопитниот Бао Це: „а колку често и колку долго постиш?“, мудрецот лукаво одговори: „постам чедо мое, секој ден, по два пати, еднаш откако ќе завршам со појадокот па сѐ до ручекот, а вториот пат после завршувањето на ручекот сѐ додека не ми ја сервираат вечерата. А се разбира, постам и ноќе, додека спијам“

На ова нешто Бао Це се насмевна и рече дека кога е во прашање политиката, и тој така пости. Од едни изгубени избори па сѐ додека пак не го изгласаат граѓаните на неговата земја да ги владее.

ЧЕТИРИ ВИДОВИ ПОЛИТИЧАРИ

Гру Јонг, како и секогаш полн со енергија, во тој миг одлучи да ја преземе иницијативата во муабетот. Па не дојдоа тој и колегата му од далечната земја Ма Кенг Донг Јао за да си прават куртоазни муабети со премудриот мислител, ами за да осознаат некои битни работи, да им се отворат нови видици, или накусо, да стекнат просветление. Па го запраша Гру Јонг мудрецот: „какви видови политичари постојат, и како човек треба да се однесува спрема нив?“

На што доби одговор достоен и за еден Конфучие, а не пак за еден Конфузие: „има четири типови на политичари: првиот тип е оној што е на власт и владее, на вториот тип му припаѓа оној што не е на власт и што тогаш не владее, од третиот тип е оној политичар кој иако е на власт сепак не владее, а во четвртиот вид спаѓа секој оној политичар кој што иако не е на власт, сепак си владее со земјата во која не е на власт“.

На ова и Гру Јонг и Бао Це во еден глас извикаа: „па ти навистина си бил Конфузие, ајде за првите два вида сфаќаме, но објасни ни, како може некој и покрај тоа што е на власт да не владее и уште повеќе, како е можно некој политичар кој што не е на власт, сепак да владее?“

Смирено им возврати Конфузие на двајцата, прво на едниот, а потоа на другиот: „оној кој е на власт, а сепак ништо од своите ветувања не може да исполни и на кого секогаш сите други му се криви за сите промашени реформи и проекти и планови и програми, било странските душмани било домашните противници, тој иако е на власт, поради тоа што ништо не може да оствари оти, како што вели – други појаки од него сили го спречуваат во секоја работа – исто како да не владее“.

А потоа продолжи: „Додека пак еден политичар може и да не е на власт, а сепак да владее, оти додека бил на власт, создал толку сложен и полн со контрадикторни и замрсени правила систем во државната управа што не е битно што велат законите, туку што велат луѓето што треба да ги спроведуваат тие закони. А ако тие луѓе лично му се лојални нему, оти тој на времето им дал таква моќ и позиција, тие ќе ги спроведуваат законите според неговите наредби, па така, иако тој јавно не е на власт, сепак во пракса си владее“

„И што е заклучокот од ова?“ – праша збунетиот Гру Јонг, на што доби одговор од мудрецот: „заклучокот е дека луѓето не ги интересира готвењето, ами ручекот кој е резултат на тоа готвење. Ако оној кого го избрале за готвач не им направи ручек, нема да ги интересираат изговори од типот дека претходниот готвач не оставил доволно зачини, го потрошил сето брашно, сета сол, или дека немало доволно дрва оти целата шума во тоа време ја зафатил пожар, па луѓето требало да се среќни и за она малку што се нашло на трпезата, иако тоа е блуткаво и сервирано недопечено или недоварено“.

Слушајќи го ова, Бао Це не рече ништо гласно, но во себе си знаеше дека „кога луѓето се гладни, тие се подготвени да го изберат за готвач дури и оној кој им ветува дека живи луѓе ќе им даде да јадат“. Но, сега му беше ред нему да постави прашање.

НАЈМОЌНИОТ ЧОВЕК ВО ДРЖАВАТА

„Премудар мудрецу“ – започна Бао Це – „кажи ми сега, во една држава кај кого лежи изворот на моќта, кој е тој фактор што дава и што зема власт, богатите ли олигарси, тајните служби ли, медиумите ли, странските амбасадори ли можеби, или некој сосема друг, непознат за мене е изворот на политичката моќ? Оти еве јас, веќе неколку години се трудам да се вратам на власт, и сите наведени фактори ги играм вешто и вредно, но џабе мудрецу премудар, џабе ми е сѐ, уште си чмаам и дремам во опозиција. Што да правам, кај кого да се потрудам најмногу?“

На ова мудриот Конфузие рече: „Бао Це, доволи ми да ти раскажам една приказна: некој човек бил каменорезец кој во подножјето на една планина, во еден каменолом по цел ден, секој ден кршел камења. Еден ден тој човек видел како во каменоломот наминал некој убаво облечен и очигледно богат и моќен човек кој дошол да избере камења од кои требало да се изгради некоја нова, многу убава зграда.

Каменорезецот си рекол дека сигурно е убаво да се биде тој богат човек, и посакал да стане и тој како него богат и моќен. И во тој миг, на еден волшебен начин – каменорезецот станал токму тој богат и моќен човек. Се израдувал, оти сега имал богатство и моќ.

Но, кочијата со која си заминал од каменолмот го донела право во царската палата, каде што тој видел дека царот е облечен во уште поубави алишта од неговите и дека сите му се поклонуваат и ги слушаат неговите наредби. Откако царот му се обратил прашувајќи го дали бил во каменоломот и дали одбрал убави камења за новата палата, овој сфатил дека богатството и убавите алишта му биле дадени од царот, па гледајќи дека има некој помоќен од него, посакал да стане цар. И пак магијата проработела и веќе наредниот миг станал цар.

Си помислил дека го допрел врвот на моќта, но во тој миг почуствувал како се поти под сите тие скапоцени крзна и свилени наметки со кои бил облечен, онака по царска мода. Почнал да се расоблекува и сосема се соблекол гол, и во тој миг сфатил дека ни така не може да се разлади, оти сонцето печело многу силно тој ден. Сфатил царот дека сонцето е помоќно дури и од најсилниот цар, па посакал да стане сонце – и станал веќе во наредниот миг.

Но, пловејќи така по небесниот свод и печејќи ја земјата под него, видел како еден облак му го препречил погледот кон долу, по што Сонцето сфатило дека облакот е помоќен од него. И посакал да стане облак, и станал веќе во наредниот миг, но тогаш дувнал силен ветер и го оддувал облакот. Па посакал сега да стане ветер, оти очигледно, ветрот е помоќен од облакот. И станал ветер, веќе во наредниот миг.

Но дувајќи така, корнејќи дрва и покриви пред себе, ветерот налетал на една голема планина, токму онаа во чие подножје се наоѓал каменоломот во кој работел некогаш тој ветер додека бил само човек-каменорезец, и сфатил дека и покрај сето силно дување, планината воопшто не може да ја откорне.

И тогаш посакал да стане планина, оти таа е посилна од ветерот. Но, само што магијата го претворила во планина, почуствувал болка во своето подножје. Погледнала планината надолу и видела дека група каменорезачи лека-полека ја разрушуваат откорнувајќи секој час по еден голем блок карпа. И во тој миг, планината сфатила дека помоќни од неа се токму каменорезачите и веќе во наредниот миг, се претворила пак во каменорезец.

И така, Бао Це, каменорезачот сфатил дека во неговите раце лежи најголемата моќ во светот. А во твојата држава ситните и обични луѓе си мислат дека тие се немоќни и дека политичарите се многу моќни и влијателни, без да помислат тие обични луѓе дека токму нивниот глас на изборите одредува кој од политичарите ќе ја има власта“

Слушајќи го ова, Бао Це ја наведна главата велејќи си во себе: „а јас сепак би сакал да сум цар, а од сонцето ќе се скријам под сенка додека моите слуги ги оставам да се потат место мене!“

ШТО ДА МУ ПРАВИШ НА ПОРАЗЕНИОТ НЕПРИЈАТЕЛ?

Се јави за збор сега Гру Јонг, кој оти во земјата од која дошле тој и Бао Це, моментално бил на власт запрашал: „кога политичарот ќе дојде до апсолутна власт и може да прави скоро сѐ што ќе посака, дали треба да ја употреби таа прилика да ги сотре сосема своите политички непријатели и да ги замолчи сите кои го критикуваат?“. На ова, Конфузие почнал да раскажува уште една приказна:

„Некој човек имал само еден син, кого го одгледал до возрасен човек работејќи од утро до мрак на малата фарма што била единственото богатство што го поседувал. Кога синот пораснал, и посакал да се жени, сфатил дека фармата обезбедува доволно храна само за двајца возрасни луѓе и евентуално за едно дете, па така, ќе немало од што да живеат и тој, и жената му и стариот татко.

Па еден ден му кажал на татко си дека мора да си оди од фармата стариот, и да му ја остави на синот за од неа откако ќе се ожени, да го храни тој своето семејство.

,Каде да одам’ – запрашал таткото – ,јас сум стар и никаде не можам да патувам. Подобро отепај ме, оти ако си заминам без ништо да скитам низ светот, и онака ќе умрам од глад или студ’

Синот не сакал да го убива татко си и така да гледа како умира пред негови очи, па му предложил да го стави така жив во едно буре во кое ќе стави и еден голем и тежок камен, да го однесе со еден чун среде блиското езеро, и да го турне бурето во водата, па така, последната глетка нема да му била на синот како татко му се бори за живот, туку како некое обично буре полека тоне во мирните води на езерото.

Таткото се согласил, и земајќи едно буре, седнале двајцата во чамецот и довеслале заедно среде езерото. Во тој миг таткото од бурето го извадил каменот и со едно јаже го врзал околу вратот.

,Синко’ – му рекол таткото на синот – ,јас можам и вака да потонам во езерото, а ти бурето врати го дома, оти, кога ти ќе дојдеш на моите години и ќе нема корист веќе од тебе никој, можеби на твојот син бурево добро ќе му дојде за да го стави тој својот стар татко во него и да го фрли во езерото’.

Слушајќи го ова синот, сфатил една голема мудрост. Ти Гру Јонг, ја сфати ли пораката од оваа приказна?“ – завршил Конфузие со погледот вперен кон збунетиот политичар од Ма Кенг Донг Јао.

„Мислам дека сфатив“ – рекол Гру Јонг – „ако додека сум на власт не направам ништо за судскиот систем да стане навистина независен од политички влијанија од извршната власт, ако медиумите не ги оставам да му ја кажуваат на народот вистината, ако власта што ја имам ја користам за да се пресметувам со сите кои не мислат како мене, еден ден кога и самиот ќе паднам од власт, нема да има институции кои мене ќе ме одбранат од новата власт, која ќе ги наследи истите инструменти за репресирање на опозицијата кои што јас ги наследив од мојот претходник и во меѓувреме ги проширив и надградив“.

КАКО ДА СЕ ВРАТАМ НА ВЛАСТ?

Доаѓајќи пак на ред за прашување, Бао Це го поставил прашањето кое најмногу го копкало: „почитуван мудрецу, јас паднав од власт пред неколку години, затоа што народот одлучи да го избере овој до мене сега што стои. Колку време мислиш дека ќе ми треба да се вратам на власт?“

„Десет години“ – одговорил Конфузие строго.

„А ако се запнам и потрудам со сите сили и дење и ноќе работам напорно и вредно на тоа да го убедам народот да му сврти грб на Гру Јонг, и пак да ме прифати мене за свој водач и владетел, колку време тогаш ќе ми треба?“ – допрашал Бао Це, на што Конфузие му рекол:

„Е тогаш ќе ти требаат дваесет години!“

„Како бе така, ако се потрудам, повеќе време ќе ми треба отколку ако не се трудам ич? Па баш е конфузен одговоров, о премудар Конфузие!“. На ова мудрецот продолжил:

„Имав како тебе еден ученик на времето во овој храм дојден, кој ме праша колку време ќе му треба да стигне до внатрешна хармонија и духовно просветление. Му реков дека ќе му требаат десет години. Тој тогаш, исто како ти сега, веднаш ме праша и дали ако силно се потруди, ако вложи многу напор, ако и дење и ноќе медитира и прави јога вежби, и постојано пости и се моли, колку тогаш време ќе му треба да стигне до духовно просветление и внатрешна хармонија. На тоа јас му одговорив исто како на тебе што ти кажав, дека ќе му требаат дваесет години. Оти, до просветлението не можеш да дојдеш, мораш да му дозволиш тоа да дојде кај тебе“

„Што сакаш да кажеш, дека не можам да се вратам на власт, се додека сегашната власт работи добро и дека само ако луѓето станат разочарани од неа само тогаш ќе може да се надевам дека ќе се вратам на власт? Но зошто јас во меѓувреме, да не им помогнам на луѓето да се разочараат од власта побрзо, зарем не е подобро јас да им кажувам какви грешки прави таа и какви погрешни потези влече, па полесно и порано да им помине љубовта кон сегашната влада?“ – запрашал пак Бао Це.

„Ако ти им кажуваш колку е лоша власта, луѓето ќе се запрашаат од каде знаеш па ти толку лесно да ги препознаеш сите лоши работи што ги прави таа влада? И ќе заклучат неминовно дека кога ти си бил на власт, истите работи си ги правел или си сакал да ги правиш ама немало тогаш некој искусен како тебе да им го каже тоа на луѓето, па нема сигурно да посакаат да го заменат Гру Јонг кој е толку трапав што прави грешки дури и кога прави добри работи, со тебе искусен Бао Це што не правиш грешки никогаш, особено не кога крадеш и ја уриваш државата“ – стигнал одговорот од Конфузие.

„Пак не те разбрав ништо!“ – со доза на навреденост во гласот одвратил Бао Це, иако сфатил многу добро што му кажал мудрецот. Само не сакал да признае дека сфаќа.

„Еден човек бил неписмен, па научил да чита. Па прочитал една здодевна книга. Мислиш ли дека тој ќе посака да се врати во неписмената состојба, само затоа што прочитал една лоша книга? Сфати ли сега“ – возвратил Конфузие.

„За разлика бре Бао од твојата книга веќе два пати прочитана, мојата е интересна, и народот ја сака. Кажи бе премудар Конфузие, кажи му на овој шутрак дека мојата книга е поубава од неговата. Кажи му на овој Бао Це што ќе му рече народот нему на следните избори…“ почнал Гру Јонг да се сити врз збунетоста на другарот му, но Конфузие ненадејно станал и рекол:

„Времето за муабет помина. Интересни ми бевте и двајцата, но сега се надевам дека ручекот е готов и дека има нешто вкусно за јадење“ – и тргнал мудрецот да оди кон трпезаријата на храмот каде се сервирале оброците.

„Чекај бе Конфузие, чекај уште минутка, не му кажа на Бао што народот ќе му каже на наредните избори…“ – почнал пак Гру Јонг на што Конфузие само додал:

„Јас веќе ти кажав што народот ќе му каже и на Бао Це и на тебе кога ќе дојде денот на наредните избори: времето за муабет помина. Интересни ми бевте и двајцата, но сега се надевам дека ручекот е готов и дека има нешто вкусно за јадење“

Бао Це и Гру Јонг се погледнале еден со друг и во тој миг, преку зборовите на премудриот мудрец Конфузие ја сфатиле најголемата мудрост во политиката: „кога ќе дојде времето за ручек, гладните луѓе сакаат да има доволно храна сервирано на масата. Ако готвачот не им подготвил доволно за јадење, може да се налутат, па и готвачот жив да го изедат.

.

П.С: Како што гледате, ако сте ја пропуштиле оваа моја колумна во „Фокус“ сте пропуштиле вистински бисер. Па затоа во иднина, читајте ме и во „Фокус“ за нештата да станат појасни.

Утре во ова време, ќе има нова колумна на блогов. Таа е дел од блог-маратонот кој ќе оди до четврток, а во петок ќе има едно убаво соопштение.

До утре вечер, поздрав🙂

2 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ха. забавно
    Веројатно во Тибет заедно со овие двајце требаше да појде уште еден, -човекот- Јао Фрч Зачин Це. Човекот што сака да ја соли и забиберува секоја манџа во државата за да го праша премудриот како да им биде вечен советник на овие двајца и други наредни што ке владеат и без кој ниедна манџа не смее да биде направена се додека тој како ОДБРАНИОТ не ја зачини
    И секако да го замоли премудриот за да го научи некоја источна боречка вештина, како би можел поефикасно да млати студенти по паркинзи

    Елена

    03/05/2011 at 11:23

    • Е па убаво вели Зајко Струмички – живи луѓе да јадеме. Така, нема потреба од манџите на ОДБРАНИОТ🙂


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: