Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♣ BИЦ ПO BИЦ – BИCTИHA

with 4 comments

За вечерва, еве уште една моја колумна која беше објавена во неделникот „Фокус“ пред околу еден месец. Утре на блогов ќе објавам нова колумна специјално напишана за тука (значи никаде објавена до сега), и во четврток следува редовната колумна за на блогов, додека во петок во „Фокус“ ќе можете да прочитате колумна моја специјално напишана за таму. А во петок на блогов ќе има и едно убаво соопштение. Во меѓувреме, уживајте во текстот што следува:

Под терминот „фолклор“ се подразбира било која умотворба (песна, приказна, пословица, гатанка) на која не ѝ е познат авторот, ама која поради својот квалитет, поради својата интересност или длабоката мудрост која ја содржи, останала да кружи меѓу луѓето, па иако не се знае кој и кога ја смислил, и неколку векови после создавњето од непознатиот автор, таа умотвроба сеуште може да се чуе во секојдневните разговори на обичните луѓе.

По таа логика, и вицовите се дел од фолклорот. Оти, и ним никој не им го знаеме авторот, ниту пак кога се појавиле во својата оригинална форма, ама поради својата интересност се прошириле меѓу обичните луѓе и постојано можат да се чујат во секојдневните муабети.

Е сега, ако знаеме дека нема пословица, поговорка или изрека, ниту пак басна, бајка или легенда без мудра поука (т.е. наравоучение) во неа, би се очекувало и во вицовите да има освен хумор, и некава скриена мудрост. Па затоа, во денешната колумна, еве неколку вицови со поука. Кога биле смислени долунаведените вицови сигурно се однесувале на тогашните состојби, ама бидејќи опстанале и до ден денешен – се разбира, во модернизирана форма – сигурно мудроста која ја содржат е универзална, па може да ни помогне подобро да го разбереме и актуелново време.

 ЗОШТО СЕ МРАЗАТ ПАРТИСКИТЕ ВОЈНИЦИ МЕЃУ СЕБЕ?

 Шетал полжавот низ саваната, кога ете ти ја жирафата како трча накај него. Кога таа поминала покрај полжавот, гледајќи ја така исплашена, тој ја запрел и ја прашал зачудено:

– Зошто трчаш така исплашено ширафо, да не бегаш од некого?

– Бегам, како нема да бегам, ако ме фати финансиската полиција, црно ми се пишува! – одговорила жирафата.

– Е зошто па ти бегаш од финансиска полиција? – ја запрашал полжавот зачудено.

– Како бе зошто, па види ме само! Јас на висока нога живеам, маж ми на висока нога живее, децата сите на висока нога ни живеат, а од кај пари за тоа? Што ќе им одговорам на оние од финансиска полиција ако ме прашаат како можам да си дозволам да живеам јас, обична жирафа, на висока нога? Затоа, морам да бегам, за да не ме фатат! – рекла жирафатата и продолжила да трча.

Неколку секунди потоа почнал и полжавот да бега, оти и тој се исплашил од непријатните прашања од финансиската полиција. Така бегајќи, поминал покрај мечката, која го прашала зачудено зошто трча.

– Бегам мори мецо, бегам од финансиската полиција, па гледај ме, си имам своја куќа, жена ми си има своја куќа, сите деца наши си имаат свои куќи, па од кај пари за таков луксуз? Што ќе им одговорам на финансиските полицајци ако ме прашаат како може секој член од целата моја фамилија да има своја куќа?! – одговорил полжавот и продолжил да бега.

Неколку секунди подоцна, и мечката почнала да бега. Така бегајќи налетала на едно шимпанзо, кое зачудено ја запрашало зошто толку исплашено трча.

– Како бре да не трчам мајмуне, кога во секој миг финансиска полиција може да ме види како си носам крзно на себе, плус и маж ми и тој цело време крзно носи на себе, а и децата наши саде во крзно се шетаат. Па ако ме прашаат од каде пари цела фамилија да ми биде во крзно цело време, што ќе им одговорам? Затоа морам да бегам! – рекла мечката и продолжила со трчањето.

После неколку секунди и мајмунот почнал да трча, ама по десетина чекори застанал и си го ставил прстот на челото.

– А зошто пак јас трчам?! – се запрашал мајмунот и додал – јас еве со гол газ сум, жена ми исто со гол газ, децата исто со гол газ се, кој па мене ќе праша од кај ми се парите, кога очигледно пари немам. Зошто па јас да бегам бре?!

Поука: секогаш кога ќе видам како раководните луѓе на големите партии се караат меѓу себе, тоа не ме изненадува. Секој од нив живее на висока нога па се плаши ако дојде другата партија на власт дека ќе му постават институциите некои непријатни прашања за потеклото на неговото богатство.

Арно ама, ме чуди зошто обичните партиски членови, кои поради неисполнетите ветувања пред секои избори секогаш се чуствуваат како некој од нив мајмуни да направил, а поради трајно нискиот стандард (во метафоричка смисла) постојано се со гол газ – зошто па тие би се мразеле меѓу себе? Колку што фајде виделе од тоа што нивната партија е на власт, толку и штета ќе видат ако другата партија се врати на власт.

ЗОШТО ТОЛКУ ПАРИ СЕ ТРОШАТ ЗА ВЛАДИНИ РЕКЛАМИ?

 Некоја стара баба отишла на лекар да му се пожали за својата нарушена здравствена состојба и се разбира, да побара чаре. Само што влегла во ординацијата извикала на сиот глас:

– Докторе, помагај, оглувев, леле ептен слабо слушааам!

– Бабо, ич не слушаш или само наглува си, па треба да викааам погласноооо? – ја прашал докторот бабичката.

– Абе докторе, не сум сосема оглувена, ама некои работи ич не можам да ги чујам. Абе не се слушам себеси ни кога прдам! – рекла бабата загрижено и токму во тој миг прднала. Ординацијата веднаш засмрдела, но бабата воопшто не реагирала на тоа. Лекарот заклучил дека таа ја говорела вистината кога му рекла дека не може да чуе ни кога прди.

– Еве бабо, овие лекови ќе ги пиеш по три пати на ден! – ѝ препорачал докторот терапија на бабичката на која очигледно, освен слухот, и осетот за мирис ѝ откажал, оти штом тоа го кажал лекарот, пак гласно прднала без воопшто да покаже со некаква гримаса дека и нејзе ѝ смрди.

– А докторе, значи ако ги пијам овие апчиња, подобро ќе слушам, а? – прашала бабата, и пак безгрижно прднала.

– Не бабо, за тоа лек нема, ама ако ги пиеш овие апчиња ти гарантирам дека ќе почнеш да прдиш многу погласно, па барем тој проблем ќе го решиме – одговорил намуртено лекарот.

Поука: секогаш кога нашава влада прави некои работи за кои смета дека ќе бидат од корист за државата и за народот, таа дава многу пари и за соодветна рекламна кампања со која граѓаните ќе бидат информирани за бенефитите за нив од успехот на спроведената реформа.

Арно ама, често пати реформите на владата се изјаловуваат, дури и кога ќе се спроведат според планот, оти никој не водел сметка на време дали таа реформа има смисла или не. Најдобар пример за ова се патриотските фискални сметки, забраната за продажба на алкохол навечер, како и забраната за пушење во кафеаните.

Па кога поради успешно изведените а непопуларни реформи на владеачката партија ќе ѝ падне за некој процент рејтингот, властодршциве се прашуваат себеси: како може народот да се откажува од нас и покрај успешно изведената реформа, зарем не гледа дека работиме во негов интерес?

И тогаш некој пи-ар консултант ќе им препише терапија: повеќе пари за реклами да даваат. Само што тој консултант не им кажува дека со повеќе пари за реклами и кампањи нема да направат поквалитетни да им станат реформите, туку само „погласно ќе прдат“ т.е. обичните луѓе повеќе очекувања ќе имаат од преродбата па разочарувањето кога ќе ги согледаат практичните ефекти од неа и разликата меѓу она што е ветено и она што е остварено ќе биде уште поголемо.

ТУЖБАТА ВО ХАГ

Една вечер, еден човек се враќал дома и под една бандера на која светела улична светилка, видел еден пијаница како нешто бара во осветлениот простор.

– Што бараш човеку, што изгуби? – прашал учтиво минувачот.

– Абе клучот од колата го загубив, па го барам еве веќе цел саат и не можам да го најдам! – резигнирано одговорил пијаницата.

– А кај точно го изгуби? – ја понудил својата трезвена помош минувачот.

– Онаму во тревникот! – рекол пијаницата покажувајќи со раката накај паркчето десетина метри оддалечено од бандерата.

– Па зошто ако таму си го загубил клучот, овдека го бараш?! – зачудено запрашал минувачот на што добил одговор типичен за еден пијаница кому алкохолот му го зел умот.

– Па нели гледаш дека е таму темно, а овдека има светлина! Што ако го барам во тревникот, кога нема светло таму, ништо не можам да видам и џабе ќе барам. Тука има светло барем, па тука најлесно ми е да го барам изгубениот клуч!

Поука: во изминативе недели, многу актуелно беше во македонската јавност нашето тужење со Грција пред судот во Хаг околу привремената спогодба за која ние сметаме дека Грција ја има прекршено кога де факто ни стави вето за нашето зачленување во НАТО на самитот во Букурешт.

Ајде да го сметаме нашето невлегување во алијансата за губење на клучот од колата наша. Ајде да сметаме дека тревникот во кој сме го загубиле клучот е фактот дека поради нерешениот спор за името Грција во рамките на НАТО може да го користи принципот за консензус при донесување на одлуките и така да го спречува до кога сака нашето влегување во таа организација. И што правиме ние?

Ние одиме во Хаг кој во нашиот случај ја има улогата на бандерата на чиј врв има улична светилка и таму го бараме изгубениот клуч. Да, таму има светлина и многу е лесно да се бара било што изгубено, ама ако не е изгубено таму – нема да се најде никогаш, колку и да се бара. Дури и ние да ја добиеме во наша полза пресудата на судот, ќе помогне ли тоа да нѐ примат во НАТО?!

Не, оти Грција нема да ја прифати пресудата, и пак кога прашањето за нашето зачленување во НАТО ќе дојде на дневен ред пред структурите на алијансата, пак Грција ќе стави вето.

ДА СЕ РАЗБЕРЕ ИДЕОЛОГИЈАТА

Еден млад пратеник од македонскиот парламент бил во странство на некоја конференција на која стручни лица им објаснувале на присутните гости за штетноста на цигарите и ги убедувале дека треба да се залагаат за закони со кои пушењето би се ограничило максимално, со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Меѓу главните аргументи во прилог на забраната на пушење било и тврдењето дека „пушењето го скратува животот за 20 години“. Токму оваа поента му оставила најсилен впечаток на дотичниот пратеник.

Кога се вратил тој во Македонија, едно попладне шетајќи од парламентот кон ГТЦ, поминувајќи низ Жена-парк видел на клупа еден млад човек како мирно си пуши цигара на пролетното сонце. Пратеникот застанал пред младичот и почнал да го прекорува:

– Знаеш ли бре ти дека пушењето го скратува животот за дваесет години? – му рекол пратеникот на момчето.

– Што сакаш да кажеш со тоа?! – прашало момчето.

– Па еве, колку години имаш ти? – запрашал пратеникот.

– Јас имам 20 години – збунето одговорило момчето.

– Е па, да не пушеше, сега ќе имаше 40 години! – одговорил пратеникот ставајќи ја во пракса мислата дека „пушењето скратува дваесет години од животот“

Поука: многу е важно кога човек следи некоја идеологија да размисли внимателно за тоа дали таа идеологија има логика и дали може да се примени во средината во која живее. Нема ништо посмешно од тоа во Македонија СДСМ да биде сметан за левица која се бори против крупниот капитал и се залага за правата на работниците, и нема ништо поапсурдно од тоа партијата чија влада го забрани пушењето во кафулињата истовремено да ги субвенционира со милиони евра производителите на тутун, оти со субвенционирањето се сака да се зголеми производството, а со забраната на пушењето се прави обид да се намали потрошувачката на тутунот.

Освен тоа, што има патриотско во субвенционирањето со државни пари на производство на продукт кој нели ја труе нацијата, и што има врска со зачувувањето на старите традиции (т.е. конзервативизам) забранувањето на пушењето во објекти во кои отсекогаш се пушело?!

НАШИТЕ СПОНЗОРИ НЕ СЕ ОЛИГАРСИ

На еден елегантен прием, една средновечна жена  пристапува до својот маж и зачудено го прашува:

– Која беше онаа млада згодна русокоса со која се поздрави ти пред една минута?

– Ах, тоа беше мојата швалерка. Зошто прашуваш? – смирено одговорил мажот, на што жената се намуртила и на работ на експлозија налутено процедила низ заби:

– Имаш швалерка?! Нели ти е срам, гаду еден, да знаеш дека уште утре одам кај мојот адвокат и ќе побарам развод од тебе, коњу глупав!

– Добро де, не лути се, ако побараш развод, ќе ти дадам развод веднаш, ама да знаеш дека целиот имот е на мое име, и бидејќи немаме јас и ти деца, нема да можеш ни алиментација да побараш. Така да, ќе се разведеме брзо, ама потоа нема веќе да живееш во голема куќа како сега, нема да те вози шофер во скапа лимузина, нема веќе да носиш златен накит, нема веќе брендирани парчиња облека и чевли од Италија. Ќе ме изгубиш мене, ама и без денар во џебот ќе останеш – ја предупредил сопругот својата сопруга, а таа се замислила околу својата не толку блескава иднина.

– Па тогаш, ох… не знам… слушај, нема потреба да се караме за такви ситници, јас те сакам мил мој, и затоа еве ти простувам за твоето неверство, само те молам немој да се разведеш од мене – се смирила жената на која повредената гордост помалку ѝ пречела од враќањето во сиромаштија.

– Нема проблем мила. Ах, еве онаму, види го Миле, онаа згодна црвенокоса со која разговара тој моментално му е швалерка. Жена му е на шопинг во Венеција, а тој тука со швалерката оди на приеми и забави – прокоментирал сопругот.

Жената погледнала во насоката кон која покажал сопругот здогледувајќи го богатиот бизнисмен Миле и неговата црвенокоса љубовница. Па прокоментирала смирено сопругата:

-Хах, Миле и неговата швалерка, бре, бре. Па мил мој, мислам дека е јасно дека нашата швалерка е три пати поубава од неговата – рекла сопругата додека во мислите почнала да размислува што ќе си купи на престојниот ѝ шопинг во Лондон, градот три пати поодалечен од Македонија од Венеција.

Поука: практично сите партии во нашата земја се финансирани од мистериозни спонзори, кои главно се олигарси или дури и организирани криминалци и шверцери кои преку давањето пари за партијата сакаат да се обезбедат после победата на таа партија на изборите од можни проблеми со законот.

Воедно, тоа што и едната и другата партија се финансирани од олигарси, не ги спречува верните членови на едната партија да ја обвинуваат другата партија за служење на олигархијата.

Веројатно кога некој член на партијата кој јавно ќе предупреди дека другата партија е финансирана од олигарси, кога ќе го праша својот лидер зошто и нивната партија дозволува да ја финансираат олигарси, и зарем не би било најчесно, спрема симпатизерите, да се избркаат олигарсите, добива сличен одговор како сопругата во горенаведениот виц: „да, можеме ние да им кажеме збогум на олигарсите, ама потоа нема да имаме пари за спектакуларни митинзи, за милиони флаери и постери и плакати, нема да можеме да даваме пенкала, запалки и маици со нашето лого, нема да имаме пари за постојано рекламирање на сите телевизии, па најверојатно поради тоа нема ни да победиме на изборите“

И тогаш тој наивен партиец кој верувал дека нивната партија е чиста за разлика од другата која е валкана ќе рече: „па лидеру мој, мислам дека е јасно дека нашите олигарси се три пати помалку валкани од оние на непријателот!

ЗОШТО СИТЕ РЕФОРМИ СЕКОГАШ СЕ НЕУСПЕШНИ?

Двајца градежни работници, Бане и Кољо, работат на поставување на цевки за водовод. Кољо копа ров, а Бане зад него го затрупува веднаш. Минуваат луѓе, ги гледаат и се чудат. Еден од минувачите откако после неколку минути набљудување на работниот процес не успева да разбере што работат Бане и Кољо, одлучува да ги праша:

– Абе луѓе, што точно работите вие тука?!

– Како бе што? Работиме на поставување на цевки за водовод, зарем не гледаш? Си ја тераме нашата работа. Секој со своите задолженија! – одговориле и двајцата истовремено.

-А бе, ти копаш, а овој другиот веднаш засипува. Што се постигнува со тоа? Оваа ваша работа нема никаква смисла! – зачудено констатира граѓанинот.

-Има, има смисла. Само го нема оној третиот работник од тимот наш, да ги става цевките. Отсутен е денес. Ама ние си работиме и без него, нашето да си го завршиме, а тој ако дојде некој ден, нека става цевки – повторно, во еден здив одговориле двајцата мајстори.

Поуката од горниов виц мислам дека нема потреба да ја кажувам оти е јасна како бел ден. Таа поука објаснува зошто не можете да градите демократија ако политичкиот конкурент го сметате за црн ѓавол кој не треба само да биде победен на избори туку и уништен со сите средства, објаснува и зошто не можете да градите слободно општество ако сите медиуми кои не се согласуваат со вашата политика ги сметате за предавнички, и зошто не можете да градите силна економија која ќе обезбеди висок стандард за народот ако целата економска политика ви се состои во тоа да вработувате свои партиски членови во јавната администрација.

Партиските портпароли преку нивните секојдневни препукувања за „злосторствата“ на политичкиот противник (кои и самите истовремено ги прават) се толку сериозни што се веќе смешни. Од друга страна, вицовите со поуки од денешната колумна иако смешни, имаат и сериозна страна. Само, кому му е до смеење дојдено?

.

П.С: Утре вечер, нова колумна значи. До тогаш, поздрав😉

Written by nenobogdan

03/05/2011 at 19:20

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. ОВА НЕ Е ВИЦ ОВА СЕ ИМА СЛУЧЕНО ВО СТУДЕНТСКИОТ ДОМ СТИВ НАУМОВ
    Крајот на Јуни месец воената 2001 год. во Студентскиот живеат 5 цимери во 16 квадратна соба, вообичаено беше 3, ама домот го наполнија со бегалци-македонци, а студентите ги претрупаа по собите како сардини.
    На еден од цимерите девојка му добива американска виза, а воедно тоа му е втора девојка која во истата година добива американска виза и по вторпат се прославува заминување за америка.
    Друг од цимерите аплицира за виза на секои 6 месеци и го одбиваат по третпат за две години, а нема заверено семестар и треба да оди во војска.
    Во зачадената соба од цигари се пие вино во 10 лит. пластична амбалажа и моралот е на високо ниво се разговара за акцијата која почна пред некој ден во Арачиново(22-23.06.2001) кој колку тенка избројал дека поминале поминале пред студентскиот и дека УЧК се готови, а само БЕЗВИЗНИОТ цимер е во пијана депресија од која му се рааѓа логична идеја и му предлага на оној чија девојка оди во Америка: ЦИМЕР АЈДЕ ДА МЕ Е… ВЕЧЕР, сите замолчуваат и го гледаат, а тој вели К…. ТИ Е КАКО ШЕНГЕН ВИЗА НЕМОЖЕШ ЖЕНСКА ДА ЗАДРЖЕШ У МАКЕДОНИЈА.

    Поука: Новинарите Ленче Николовска и Сафет Бишевац не успејаа да добие политичка виза преку газда Велија, ама Бранко Црвенковски им даде ВИЗА од А1 за пратенички мандат.

    Лично

    04/05/2011 at 08:13

  2. Знам дека изгледа невозможно,но доколку би било би било мошне интересно да се спроведе (ајде така да ја наречам) некаква анкета за да видиме со какво членство располагаат партиите.
    Каква структура на луге,образование,кој со која цел е во парија,кој и колку од членовите ја разбираат идеологијата и правецот на дејствување на партијата дали е некоја е лева или десна и што тоа значи општо. (Додуша кај нас се нема некаква јасна идеолошка поделба во парииите,се е некако испомешано,па и пред избори неможеме да видиме што тоа нуди левицата како чисто лева идеолошка опција нити десницата како чисто десна идеолошка опција) Колку ли од членството се само слепи послушници кои само чекаат да задоволат некоја своја ситна потреба (вработување,вработување на свој близок,соба во студенски дом,некое ситно тендерче итн…) а притоа газејки ги своите принципи или немање свој став за нештата.
    Морам да наведам еден личен незначаен пример.Посетив еден мој пријател во студенски дом во главниот град.Домот руина невидена,страм за образованието воопшто,со еден збор депресивно.Во просторијата каде се затекнав имаше неколку (за разлика од мене помлади) студенти и баш разговараа на тема политика и партии.Неможев а да не им се замешам во разговорот и ги запрашав повекето од нив кои истакнаа дека се членови на актуелната власт зошто не се бунат против мизерните услови што ги имаат во домот.Во 21ви век живеат во такви мизерни услови.Образложение им беше дека некои од нив некогаш и се обиделе да протестираат,па добиле таков „партиски„ укор што од страв да не бидат тепани или избркани од студенските мизерни соби се помириле со тоа.На мое прашање до еден член на партија дали знае дали е лева или десна таа партија ми одговори кратко и јасно дека за студенска соба не е битно да знае премногу од таа област туку битна е само членската книшка.
    Во цел свет,во реалните демократии студентите се главниот мотор и движечка сила на промените во општеството.Да се сетиме само на неодамнешните протести во Лондон,чиниш за една обична владина мерка која не била во изборната програма студентите безмалку го демолираа и запалија центарот на Лондон.Не оправдувам насилство само ја истакнувам мокта на студентите во светот.За жал тоа кај нас не е случај,стануваат партиски членови за да добија мизерна соба во руиниран студенски дом и со тоа се задоволни.Очај.
    Да се навратам на темата околу структурата на партиското членство.Резимиравме дека добар дел од нив немаат појма со партиската идеологија и политиката,туку се слепи партиски послушници,да не речам за некои дури и насилници.
    Лошото доага кога тие слепи послушници и луге без свој став кои од помлада воздраст стануваат партиски активни и биднуваат лепачи на плакати,публика по митинзи,слепи послушници на наредби,си ги виткаат сопствените кичми без поговор и т.н. е истите тие како повоздрасни и истакнати партиски членови со долгогодишен стаж во партијата ке се дограбат до некоја значајна партиска функција и во догледен период кога партијата доага на власт ке ни ја водат државата.
    Логички доага да се запрашаме дали такви полтрони поставени на одговорни државни функции навистина донесуваат свои одлуки или се само театарски кукли на кои друг им ги влече конците.
    Овие 20 години плуралност во нашата државичка како плодна почва се доволно време за одгледување на таков политички „подобен„ партиски кадар.А со таков кадар ке бидеме таму кај што сме,на опашот на Европа,така и си заслужуваме.

    Dejan

    25/09/2011 at 14:08

    • Тоа да, согласен сум. Во Фокус бев напишал во една колумна „да сакаше народот навистина поштени луѓе да ја водат државава, до сега ќе ги избереше“.

      Луѓето кај нас имаат менталитет на очекување некој друг да им даде. Во стилот „кротко јагне од две мајки цица“.

      Многу луѓе си викаат „подобро да ќутам за сто евра, отколку да зборам за двеста“

      Кога ќутиш, доволно е да слушаш или барем да се преправаш дека слушаш, ама ако збориш – треба и да мислиш што ќе кажеш.

  3. Тешко ,тешко…светлото на крајот од тунелот , го нема.

    Кољо Дијамант

    25/09/2011 at 22:54


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: