Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ШTO HE ЧИHИ KAJ MHO3ИHCKИOT CИCTEM

with 3 comments

Во чест на престојните избори, еве во денешната колумна конечно неколку назнаки околу тоа зошто не треба да се враќаме кон мнозинскиот изборен систем (кој го имавме до 1998та) и зошто пропорционалниот систем, иако и самиот има многу системски недостатоци, е далеку подемократски од мнозинскиот.

1. Геримандеринг: На сликава горе многу јасно се гледа најголемиот недостаток на мнозинскиот систем за избор на пратеници. Оти кога се дефинираат изборните единици (од секоја единица по еден пратеник) оној што ги одредува границите на секоја изборна единица може да влијае драматично врз резултатите на изборите.

Тоа стручно се вика геримандеринг, во чест на еден човек по име Гери кој задолжен да црта граници за едни избори, за да ѝ помогне на својата партија цртал изборни единици кои на карта наликувале на митолошкото суштество саламандер, па ваквата дубара била крстена со кованица од неговото име и зборот „саламандер“.

Кај нас, типичен пример за геримандеринг беше изведен во 2004та кога се кроеја границите на Скопје, и кога беа вклучени неколку сосема рурални општини во составот на градот Скопје со цел да се добие удел на албанско население од 20 проценти, што имаше за последица двојазичност во главниот град.

Битно е да се нагласи дека немаше преселување на луѓе, туку само нивно креативно заокружување во граници какви што им беа потребни на кројачите на мапите. Со геримандеринг во 2002та беше создадена и шестта изборна единица од која до ден денешен речиси исклучиво пратеници Албанци се избираат.

2. Втор избор: друга замерка кон мнозинскиот систем е што во неговата најлогична форма (со два круга да се гласа) се принудени гласачите да не гласаат според нивните првични убедувања, за било која опција која им лежи најмногу на срце, ами мораат да гласаат во вториот круг за еден од двајцата најсилни кандидати.

Или, ако не ги мирисаат ни двајцата и не гласаат, нивниот глас така сосема е изгубен, иако во првиот круг јасно си кажале за кого се определени.

Овој систем има за краен резултат да се уништат сите мали партии и да се создаде двопартиски политички спектар, како што и тргна кај нас да се случува во периодот до 1998ма, и кој кулминираше со влегување во парламентот само на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ (и регионално на албанските партии) и по еден (двајца) од СПМ и ЛДП, како и неизбежниот Амди Бајрам.

Така е во секоја земја каде има мнозински систем, за што најдобар пример се Британија и САД каде што со децении доминираат само две партии. Патем, денеска во Британија се одржуваше референдум за промена на таквиот систем во пропорционален со отворени листи. Тука на линков за резултатите од референдумот видете.

Не дека луѓето сакаат само за две партии да се определуваат, ама изборниот систем е таков што единствен начин да влијаат врз политиката е да гласаат за едната или за другата партија кои се единствените доволно големи за да имаат шанси да победат на изборите.

Тоа според мене е екстремно недемократски систем, и овозможува две партии да доминираат со политиката без премногу да се плашат од некоја трета опција.

И кај нас, поради постоењето на шест изборни единици, во голема мера се задушува подемот на било каква трета опција. Една партија ако има 20 илјади гласачи, доколку целата земја би била една изборна единица би имала два до три пратеници. Ама со шест изборни единици, една партија може да има и 30 илјади гласачи низ целата земја, и ниту еден пратеник да не добие!

За илустрација, на изборите во 2002та, токму поради високиот одзив (околу 1.200.000 гласачи излегоа да гласаат) да беше Македонија една изборна единица еден пратеник ќе вредеше 10.000 гласови. Арно ама, СДСМ тогаш со освоени 500.000 гласа добие не 50 ами 60 пратеници. А за партиие кои не влегоа во парламентот тогаш вкупно гласаа 150 илјади гласачи! Резултатите од тие избори еве ги тука, па споредете и самите.

Единствен спас за мала партија е да има ептен низок одзив кај гласачите на големите партии, и висок кај нејзините гласачи, па да имаат така шанса да влезат во парламентот. Тоа најверојатно ќе биде случај на престојните избори кај нас, ама тоа е знак на разочаран народ во политичарите, а не на некаков си триумф на демократијата.

3. Промени во население: ова е веќе случај кај нас со нашиот дефакто комбиниран мнозински-пропорционален систем (оти имаме шест изборни единици). Шестата изборна единица каде доминира албанското население има повисок наталитет, па таму осум години откако првично беа исцртани границите во 2002та, се зголеми во меѓувреме бројот на гласачите, а во чисто македонските единици (трета и четврта) се намали.

Така потенцијално може, да речеме, 7 илјади гласачи да добие некоја листа во шестката и да не влезе нивен човек во парламентот, а во тројката и со пет илјади гласови да биде избран барем еден пратеник од некоја листа. Значи, гласот на едните и на другите избирачи не вреди исто!

Ова не се случува кога изборниот систем е чисто пропорционален (т.е. кога целата држава е една изборна единица) и тогаш секој глас вреди подеднакво низ целата земја. А пак во чисто мнозинскиот систем, практично на секои избори треба да се менуваат границите на сите изборни единици, оти во некои се зголемил бројот на гласачи, а во некои се намалил.

А токму менувањето на изборните граници отвора простор за креативен геримандеринг и со него, за сите дубари што тој може да ги произведе.

4. Тесен резултат – голема нерепрезентативност: особено страшно кај мнозинскиот систем е што кога односот на гласовите што двајцата (во вториот круг) кандидати ќе ги добијат е тесен (на пример, едниот добил 51 процент, а другиот 49 проценти) тогаш практично половина од гласовите (оние кои гласале за губитникот) нема да бидат преставувани во парламентот.

Фразата „пратеникот е преставник на сите избирачи од неговата единица“ е бесмислена, оти да сум сакал да ме преставува тој пратеник, немало да гласам за другиот кандидат.

Ако тоа е случај низ целата држава, тогаш половина од гласачите нема да бидат преставувани, а ако и при формирањето на владата за неа гласаат нешто над половина од избраните на тој начин пратеници, тогаш може една влада да владее со сите граѓани иако помалку од половина од половината кои излегле на избори гласале за нејзините пратеници!

Ова во графичка форма го опишав пред две години, па кого го интересира тој проблем (заедно со решението) може да го види во таа колумна.

*

Единствената предност на мнозинскиот пред пропорционалниот систем за избор на пратеници е што може да гласаш за човек а не за партија. Ама, тоа се постигнува и кога целата држава е една изборна единица и системот е пропорционален. И тогаш може секој да гласа за човек (што ја води листата на луѓе на кои им верува) а не за партија.

Не знам зошто сеуште има луѓе низ земјава кои посакуваат враќање на мнозинскиот систем. Во целиот свет тој се применува само уште во грст држави, каде ги има истите недостатоци кои ги наведов во колумнава.

Доколку се сака демократски избрана власт која ќе ги отсликува коректно политичките желби на гласачите, далеку подобар систем е пропорционалниот. Мнозинскиот е пат кон двопартиска доминација и нерепрезентативност на огромни делови од гласачкото тело. А можеби токму тоа е вистинската (и тајна) намера на оние кои јавно посакуваат тој систем пак да се воведе кај нас?

.

П.С: Наредниот четврток, на блогов очекувајте ја колумната „Згодното објаснување не мора да е точно“. Во неа ќе ви расажам за неколку теории кои биле и уште се присутни, а кои иако се згодни и објаснуваат некои појави, сепак не се точни.

Како и секогаш, во неделникот „Фокус“ и во утрешниот број има моја колумна. Интересна е, па, ако сте редовен читател на мојот блог, што значи дека моите текстови ви се допаѓаат, набавете си „Фокус“ час поскоро и – читајте за нештата да станат појасни.

Утре, на блогов ќе има едно важно известување. До тогаш, поздрав😉

3 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. За 10 години ни едниот ни другиот модел ниту пак некој трет модел нема да биде битен. Ако сакаме да си ја зачуваме државата ваква каква што е ке мора негде после 10 години да направи спојување помеѓу двете најголеми македонски партии за да се парира на се поголемата моќ што ке следува од страна на албанците
    Не се сметам себеси за визионер, ниту пак претендирам да правам долгорочни анализи но ова за што го пишувам сметам дека е единствениот начин за нас, друг нема.
    Од сегашна перспектива ова знам дека е утопија но за 10-тина години и тоа како сметам дека е можно, со сосема нови луѓе и нови констелации

    Елена

    06/05/2011 at 16:26

  2. За 10-тина години ке се сменат многу работи. и луѓе и констелации така да верувам дека такви термини нема да се употребуваат

    Елена

    06/05/2011 at 20:38


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: