Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ 3ГOДHOTO OБJACHУBAЊE HE MOPA ДA E TOЧHO

with 5 comments

Нема ништо поубаво од тоа со еден збор, со една теорија, со една реченица да објасните некоја сложена појава. Колку поедноставно е објаснувањето, вообичаено толку и поприфатливо е. Ама, не значи дека е и поточно. Обично, сложеното прашање си има и сложен одговор.

1. Египет препишал од Атлантида, но од кого препишала Атлантида? Верувам дека ви се познати теориите дека големите пирамиди во Египет не се стари како што официјалната историја тврди 4.500 години, ами најмалку десетина илјади години и дека не ги изградиле древните Египќани, туку дека тие се дело на посетители од загубената цивилизација Атлантида.

Овој начин на гледање на нештата бил присутен и во антиката, па кај Месопотамците имало мит за полубожественото суштество Aдапа кој што дошол од океанот во форма на половина човек – половина риба и на тогашните сосема примитивни луѓе им ја подарил цивилизацијата т.е ги научил да пишуваат, сметаат, градат куќи, вршат занаети, создаваат уметност и сл.

Старите Грци пак верувале дека луѓето сами не се исцивилизирале, туку дека тоа титанот Прометеј прво го украл огнот од боговите и им го доставил на луѓето и со тој подарок започнал процесот на човековиот развој.

Овој архетип (ајде да го наречеме Прометејски) е присутен и до ден денешен, и токму тоа е знак дека е архетип. Имено, денеска има сосема сериозни луѓе кои тврдат дека не е возможно древните цивилизации да се појавиле сами и да ги создале сами своите градби и откриле научни знаења, ами дека тоа бил „подарок“ за нив од некоја претходна цивилизација.

Најчесто тоа е цивилизацијата на Атлантида, а во слична насока се и теориите за загубените континенти Му и Лемурија. Тука станува збор сепак за несвесна бесконечна регресија, која се открива преку прашањето „а кој ги цивилизирал цивилизаторите“.

Како во вицот: „ќерко, ич к.. да не те боли. Ама мамо, па јас сум женско, јас немам к..! Ма ќерко, и за тоа ич к.. да не те боли!“

Имено, теоријата за Атлантида вели дека древниот Египет не ја создал сам својата цивилизација оти е невозможно туку-така сама од себе да никне цивилизација, туку сите придобивки мора да се подарок од Атлантида.

Меѓутоа, тогаш се поставува прашањето дали Атлантида, самата ја создала својата цивилизација? И ако тоа не е можно, ако цивилизацијата не може самата да никне, од кого ја наследила?

И за ова има згодно обајснение, во теоријата за Древните Вонземјани што еден германски писател ја има развиено прилично елоквентно. Значи, според него, на Земјата пред неколку десетици илјади години слетале вонземјани и тие преку својата интеракција со тогашните сосема примитивни луѓе ја стартувале цивилизацијата.

Прашањето и тука е пак незгодното: а кој им дал цивилизација како подарок на вонземјаните кои на луѓето им дале цивилизација? Веројатно, кога тие вонземјани биле на својата планета во примитивна фаза на развој, некои тогашни вон-вонземјани (вонземјани во однос на оние што за нас се вонземјани) кај нив слетале и ги насочиле кон патот на цивилизацијата. Но, пак и тука е прашањето неизбежно: кој ги цивилизирал и тие оригинални цивилизатори?

Очигледно, некогаш морала цивилизацијата да се појави сама од себе, за потоа да се пренесува од планета на планета. А ако можела да се појави сама од себе на една планета, зошто е толку невозможно да се појави сама од себе и на друга планета, како на пример нашата?

И ако може сама да се појави на планетата Земја, зошто не би можела и во Египет сама од себе да се појави, зошто мора да се смета дека пристигнала од Атлантида, митскиот остров некаде во Атлантикот (т.е. Медитеранот, односно Пацификот, всушност Антартикот)?

Ако прифатите дека древните Египќани кои биле анатомски и биолошки сосема идентични како сегашните луѓе успеале самите да создадат цивилизација, тогаш се поставува прашањето зошто ние не сме способни да ја одржиме сегашнава цивилизација. Ако пак заслугата на првото цивилизирање им ја препишеме на натчовечките Атлантидци или на сосема вонземни суштества, тогаш сме ослободени од срамот дека ние не сме луѓе на исто интелектуално ниво со некои си таму примитивни Египќани!

Тоа е заднината зад теориите за Атлантида како извор на цивилизацијата или за вонземјаните како донесувачи на цивилизацијата на планетава. Оти прифаќајќи ги тие теории, денешните мрзливци имаат изговор да не работат ништо со својот ум, оти – добрите идеи и онака мораат да дојдат само од „надворешни извори“.

Плукањето по креативниот уметник е најлесен начин да се прикрие сопствената некреативност.

2. Мемите како мема: своевремено, во античка Грција уметниците верувале дека инспирацијата не произлегува од нивните сопствени умови, ами дека постојат едни натприродни суштества наречени музи, своевидни божици секоја со свој ресор на инспирирање и дека до инспирација за некое уметничко дело може да се дојде само преку упатување молитви до соодветната муза. Без да ја стекне уметникот наклонетоста на музата, тој не можел да добие инспирација и следствено не можел да креира.

Тука логиката била слична на теориите за Атлантида и вонземјаните како донесувачи на цивилизацијата. Музите како мит ги измислиле некреативните уметници кои за својата некреативност барале изговор во некакви натприродни сили. Во стилот: „зошто ти не создаваш ремек-дела како оној другиот уметник? Е па затоа што мене музите не ме сакаат, а не дека нема јас си немам талент или дека сум си мрзлив, туку музите, божиците на инспирацијата не ме посетуваат!“

Филозофот Платон овој архетип го презел и откако го подзачистил од религиските елементи, почнал да тврди дека идеите постојат сами по себе, дека сѐ што може да биде замислено веќе егзистира од секогаш и за секогаш во некаков си нематеријален свет и дека кога некоја идеја на некој човек ќе му падне на глава буквално му паѓа на глава – идејата од светот на идеите поради некаква причина го пробива ѕидот меѓу материјалниот и идеалниот свет и во чија глава ќе тресне случајно таа летечка идеја, кај тој човек и ќе се јави таа идеја.

Архетипот за музите, како и секој архетип никогаш не исчезнува туку само ја менува формата, па така и во наше време, постои еден британски автор по име Ричард Докинс кој музите (т.е. Платоновиот свет на идеите) ги модифицирал во својата теорија за мемите, со кои ја крепи својата опсесија со атеизмот. Мемите се прикажуваат од фановите на Докин како некоја нова, сосема модерна теорија, а во суштина тоа е само подгреан Платонизам и процеден низ атеистички филтер митот за музите.

Мала дигресија: Докинс е прославен по тоа што промовира атеизам и тврди дека бидејќи Бог не постои, луѓето треба да престанат да се замараат со религија и да си го живеат животот занимавајќи се со други, попродуктивни нешта. При тоа, самиот Докинс, цело време само за Бог збори, целиот свој живот го има посветено на мисијата да ги убеди луѓето дека не треба да го посветуваат животот на убедување на луѓето во нешто. Очигледно, самиот Докинс не го практикува тоа што го промовира, што со еден збор се вика – хипокризија.

Но, да се вратиме на мемите: според Докинс тие се нешто како комбинација на вируси и гени, ама во нематеријална смисла т.е. тоа се идеи кои постојат независно од човековиот разум и кои можат да инфицираат некого штом ќе ги слушне/ прочита/ види, па потоа во него се развиваат и размножуваат и го тераат (како и секој вирус) да ги пренесе тие идеи на друг.

Со други зборови, кога имате грип, грипот ве тера да кашлате и кивате, со тоа исфрлате вирус во воздухот и така други луѓе се заразуваат и така нели вирусот продолжува да постои и да се шири. Исто, кога дебатирате, кога пишувате, кога говорите за вашите убедувања, тоа не сте вие, ами мемите кои ве заразиле во тераат да метафорички „кашлате и кивате“ со што исфрлате идеи во воздухот и така луѓето околу вас ги заразувате со мемите кои така се шират.

Најзаразни меми според Докинс се религиозните учења, оти луѓето кои се верници се опседнати со верските идеи и имаат силна потреба да убедуваат други луѓе и тие да станат верници и тие да се „заразат“ со нивните меми т.е. вирусните идеи.

Човек треба да се наврати на бесконечната регресија и да праша: зарем и самото верување во постоењето на меми не е мема само по себе? Или во примерот со Докинс: зарем кога човек ќе стане фанатичен атеист кој целото време ќе го посвети на ширење на својата верба во непостоењето на Бог, со тоа и самиот не станува во суштина сосема идентичен на религиозните фанатици кои целото свое време го посветиле на ширењето на својата идеја.

Лудиот за себе верува дека е нормален, и дека сите други кои не го разбираат се луди. И затоа, нема разлика меѓу атеистички фанатик и верски фанатик. Како што нема разлика меѓу фанатичен вмровец и фанатичен сдсмовец. Кај фанатиците принципот е ист, разликата е во нијансите!

3. Кој нѐ порази во 2001та? Ако им се верува на офуцаните политичари, новинарите-мегафони и пролупаните експерти, ние во 2001та војувавме не против некаква си овдешна бунтовничка група позната како ОНА туку против целиот свет безмалку.

Љубчо се жалеше дека се борел против генералите на НАТО, новинарските пудлици на ВМРО-ДПМНЕ го убедија народов во некакви американски платеници кои биле извлечени од Арачиново (кои никој не ги видел, ама ете, после сто пати кажување – за нив сите „знаат“ дека ги имало), а експертите дрндаат ли дрндаат дека во војната против Македонија учествувале од муџахедини, преку американски пензионирани специјалци до поранешни членови на Легијата на Странците кои тука за пари ги обучувале припадниците на ОНА. А парите секако ги обезбедила во огромни количини – албанската мафија која тргува со дрога во Западна Европа.

Никој не сака да го постави очигледното прашање: при толкава сила против нас, како ли бре само успеавме да преживееме? При тоа, еден куп предавници имаше во нашите редови, плус и ЦИА и разни шпионски служби и албански мафии и српски удбаши и не знам веќе кои сѐ не биле наши истовремени душмани тогаш, и ете ние сме опстанале. Па тоа чудо невидено е колку ние сме биле јаки?!

Оние кои војната ја гледаа во прво лице (т.е. учествувавме во неа) и кои за случувањата не се информираа строго преку телевизии, многу убаво ја знаат другата страна на приказната. Дека нашиот одбранбен и безбедносен ситем во тоа време беше толку конфузен, неорганизиран, аматерски воден и катастрофално неопремен и кадровски и технички застарен, што немаше да може да ја одбрани земјава од спонтана инвазија на врапци, а не па од некаков добро организиран светски заговор против Македонија.

Со други зборови, во таа војна не бевме победени од пресилен непријател, ами од сосема просечни напаѓачи изгубивме, оти ние бевме и самите екстремно слаби.

Арно ама, ова нешто никој не сака да го признае денеска, оти ако тоа се признае, ќе испадне дека некој треба да биде сметан за одговорен, оти кога бил на власт, не ја подготвил земјата за одбрана. Затоа на секој политичар (кој има врска со тоа време) му одговара да го вергла митот дека ние си бевме арни, ама многу голема сила се настрви врз нас и ние, ете, не можевме да се одбраниме.

И самиот народ го прифати тој мит, оти тоа одговара на менталитетот на мрзливоста. Оти ако еднаш си бил поразен оти не си бил подготвен, треба да извлечеш поука за да не ти се повтори истото. Значи, да се подготвиш за наредната војна.

А тоа бара човек да не биде мрзлив. Меѓу другото, тоа бара да се гласа за одговорни политичари, кои ќе работат не од денес за утре, туку од денес за после пет, десет години. Од друга страна, ако се прифати тезата дека што и да правиме не вреди, оти пак ќе се повтори широк заговор против Македонија па џабе ќе ни се сите подготовки, можеме комотно да уживаме во нашето ноншалантно менување на еден Мурто со друг Курто и обратно.

Тоа е во суштина целата психолошка позадина на афинитетот кон едноставните објаснувања. Тие не бараат човек да го активира умот и да сфати која е вистинската причина за некоја појава. Тоа е најопасниот менталитет во секое општество. Кога поради мрзливоста и затапеноста се одбива да се погледне под површината и да се открие вистината.

Без да се постават вистинските прашања, не може да се дојде до вистинските одговори.

.

П.С: Во неделникот „Фокус“ во утрешниот број побарајте ја мојата редовна колумна. На блогов, наредниот четврток ќе има нова колумна насловена „Давање и имање“.

До тогаш, поздрав😉

5 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. nisto
    od koga postana blizok so SDSM odnosno so stavovite na taa zbirstina , A1 i nivnite eksperti nekako izgubiv zelba da te citam
    cao prijatele

    ivan

    24/05/2011 at 23:00

    • Всушност, јас сум за Достоинство, а не за СДСМ, ама ајде де.. за овците на пастирот секој кој што не блее како нив е предавник.

      Ќе ти помине Иване, ќе ти помине… за некој месец токму ВМРО-ДПМНЕ ќе го исфрли Груевски од своите редови и ќе го нарече најголем предавник.

      Стрпи се, па ќе видиш. Исто како Љубчо што беше војвода и Љубе брат, така и Грујо ќе стане предавник.

      За неколку месеци. Стрпи се.

  2. sega stvarno me zaintrigira
    dali ovie informacii ti se razoznavacki ili pak imas vidovita sposobnost
    imam 32 godini i clen sum na vmro od 15 godini od prva godina sredno, znaci 17 godini. ti tvrdam deka vo bazite nema nikako nezadovolstvo, makar i latentno sto bese odlika vo vremeto na ljubco taka da ne znam od kade ova sega sto go napisa. ako se samo tvoi zelbi togas e vo red i toa e legitimno. eventualno moze nesto da se sluci posle izborite sdsm da ne go prifati porazot pa da nepravi nekoj nemiri so megunarodna podrska pred se od grcija

    ivan

    26/05/2011 at 12:28

    • Абе стрпи се🙂

      Кој тоа за Љубе во 2008та кога се врати во Македонија од Хаг можеше да претпостави дека ќе стане Сестра за само неколку месеци?

      Нели се сеќаваш како триумфално беше дочекан.

      Затоа ти викам, стрпи се. Одмори, искулирај, не се нервирај, не се карај. Стрпи се.

      Сега да се расправаме не вреди. Ниту јас тебе ќе те убедам, ниту ти мене. А после неколку месеци ќе сфатиш дека сум бил во право. Ама треба прво да поминат тие неколку месеци. Затоа, стрпи се.

  3. dobro ajde taka neka bide. ke se strpam nekolku meseci iako ne kaza kako bi trebalo toa isfrlanje da se sluci spored tvojata analiticka proekcija
    a za ljube e tocno deka bese precekan kako heroj sepak toj bese vo zatvor kako minister i nie go precekavme ministerot na r.makedonija a ne deka lugeto za nego imale dobro mislenje. ljube odsekogas si bil biserdjija i beljadjija.
    da e otstranet nekoj covek so integritet pa da zborime ama vaka ……

    ivan

    26/05/2011 at 15:16


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: