Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДABAЊE И ИMAЊE

with 4 comments

Лажни бисери!

Разликата помеѓу имање на потенцијал и искористување на тој потенцијал е огромна. За жал, многу луѓе не ја разбираат таа разлика во нејзината суштина, па прават грешки при размислувањето, и тоа за некои многу битни работи, од економија, преку односи со јавноста до диети за слабеење.

1. Не е богат тој што има, туку тој што троши: оваа мисла би требало да е очигледна, зарем не? Банкарите располагаат со еден куп пари во сефовите им, ама тоа не се нивни пари туку на нивните клиенти, и затоа тие не смеат да ги трошат, па следствено, иако по цел ден се опкружени со пари, банкарите не ги сметаме за богати луѓе.

Но, тука некој би забележал дека банкарите немаат свои пари, туку само ги чуваат туѓите. И баш тоа е суштината: човек може да држи пари, ама ако не смее да ги троши – не се негови. Од таму, тоа е суштината на богатството: не да имаш, туку да можеш да трошиш, и да трошиш се разбира, оти ако не трошиш исто како да немаш.

Имајќи го ова во предвид, јасно е дека нема зошто да се секираме за трговскиот дефицит, кој секоја година станува сѐ поголем во нашата земја. Имено, тој е последица на фактот што увезуваме многу повеќе отколку што извезуваме, и што таа разлика меѓу заработеното и потрошеното, нашата држава ја покрива преку девизните дознаки од нашите гастарбајтери кои праќаат пари за нивните семејства во Македонија и од кредитите што ги зема владата од странските банки.

Се разбира, токму поради растот на трговскиот дефицит Македонија секоја година е сѐ позадолжена, ама тоа не е толку страшно како што изгледа. Оти еден ден – а тоа е многу скоро – ќе станеме презадолжени и никој нема да ни дава заеми веќе. И тогаш, ќе мораме да направиме драматична девалвација на денарот, при што најмногу ќе настрадаат оние кои на време не си ги претвориле своите денарски заштеди во девизни.

Тоа на прв поглед е страшно, ама да се запрашаме – како сме дошле до тоа. Со премногу трошење пари за увоз на странска стока, ете како. Значи, ќе банкротираме еден ден и ќе страдаме, ама – додека да дојде до тој миг, си купуваме релативно ефтина странска стока – автомобили, мобилни, компјутери, мебел…

За да немаме една голема шокантна девалвација треба да имаме пловечки курс на денарот кој де факто значи дека секоја недела би имале по една мала девалвациичка па никогаш нема да забегаме премногу во дефицит и долгови. Што повеќе ќе увезуваме, тоа поскапи ќе стануваат странските производи (поради падот на денарот) и така автоматски се смалува увозот.

И затоа, трговскиот дефицит не е ништо страшен. Како што пишував пред една година во колумната „Значајни бројки што ништо не значат“ ако имаме сто милиони евра и увеземе десет илјади автомобили, после тоа нема да имаме сто милиони евра, ама ќе имаме десет илјади автомобили. Така да, не сме баш во загуба.

Ако сме ги заработиле тие 100 милиони евра – не е проблем што сме ги потрошиле, оти за трошење и сме ги заработиле, сигурно не за чување под перница. Проблемот е кога тие пари не сме ги заработиле, туку сме ги позајмиле. И сме ги потрошиле на глупости како Триумфални капии и бронзени статуи, а потоа треба да го враќаме кредитот со камата.

Не е богат тој што ќе позајми за да троши, туку тој што ќе заработи па ќе троши. Слично на тоа, не е сиромав тој кој нема, туку тој кој не се ни труди да заработи. Во нашата држава, најпосакувано вработување е во државна служба каде нема да се заработува платата, туку само ќе се зема таа откако власта ќе ги позајми парите од странство.

Не е глупав тој што сака да живее на туѓа сметка, туку тој кој е спремен и понатаму да ја плаќа таа сметка.

2. Не се дебелееме од јадење, туку од невежбање: таман работа ако јадењето ги прави луѓето дебели. Ако не јадме не само што нема да сме дебели, ами ќе умреме од глад. Значи, не е проблемот во јадењето само по себе. Воедно, не ги прави прекумерното внесување на храната луѓето дебели, оти има спортисти кои јадат многу повеќе од канцелариски работници, па сепак се повитки и поздрави од нив.

Дебелината не е резултат на тоа колку храна се внесува, туку како се троши таа енергија. Од таму, бесмислено е човек да се качува секое утро на вага за да си ја мери тежината, ако потоа ама баш ништо не направи за да ја смали таа тежина. Што фајде што знаеш колкав е проблемот, кога ништо не правиш да го решиш тој проблем?

Од таму, ништо чудно што сите диети се скоро секогаш бескорисни. Оти диетата сама по себе не решава ништо. Таа само помага да се ограничи внесот, но не прави ништо за да се обезбеди изнесување на вишокот калории, преку нивно согорување со физичка активност.

Кога сме веќе тука, џабе се и сите книги од престижните светски универзитети што нашата влада ги преведе на македонски. Оти не е умен оној кој чита, туку тој што разбира што прочитал! А поради катастрофалниот превод на многу од тие преведени книги, ништо не може да се разбере, дури и ако се има најдобра концентрација.

Како што реков погоре, скоро сите диети скоро секогаш се бескорисни. Оти се заборава на другиот дел од равенката, а тоа е физичката активност. Затоа и имаме толку многу образовани луѓе – со диплома добиена со учење на памет – ама толку малку паметни луѓе.

Учењето без разбирање е како водење љубов без постигнување на оргазам. Смислата на водењето љубов е да се достигне задоволството. Смислата на учењето е да се достигне разбирањето.

Патем, за разликата меѓу знаење и разбирање и други сродни термини, имам направено и една убава графичка илустрација, која може да се види тука.

3. Мајстор не е тој што ќе го најде дефектот, туку тој што го поправи: за изборите што се пред нас, сите партии кои настапуваат ги имаат точно одредено проблемите на македонското општество: невработеност, сиромаштија, слаба инфраструктура, нереформиран правен систем. Сите знаат убаво кои се проблемите. Ама тоа не ги прави мајстори.

Оти кога ќе отидете на лекар тој вас ве прашува: „кај ве боли“ или „што е маката што ве донесе тука“. Секој самиот кога го боли знае каде го боли.

Така, лекар не е оној што ќе ти каже што те боли, туку оној што знае како да те излечи. Експерт по таа логика не е оној кој точно ќе ти каже кои се проблемите на државата, ами оној што го знае лекот за тие проблеми.

Според она што го покажуваат во кампањата сите партии, барем оние големите, никој од нив не знае како да ги реши македонските проблеми. Сите нивни ветувања се сведени на „ќе дадеме субвенции… ќе вработиме… ќе донесеме закон… ќе воведеме агенција…“ со други зборови, за нив лекот е да се викне лекар. Е па, ако тоа е лекот, зошто ни се потребни тие?

Лесно е да поттикнеш нови вработувања со давање субвенции за кои парите се обезбедени со земање кредити. Тоа Груевски пет години го правеше, и затоа станавме сега презадолжени како држава. Мудроста е да се поттикне развој без да се задолжува државата.

Добар економист не оној што знае да зема кредити, туку оној што знае како да ги врати!

*

Владеачката партија (а особено нејзиниот лидер поради суетата) има огромен проблем со луѓето кои ја критикуваат нејзината политика. Имено, кај нив постои убедување дека секој што ги критикува е непријател.

Но, пријател не е оној кој не те предупредува и те остава да одиш по погрешниот пат додека не паднеш во дупка, ами оној кој на време ти кажува дека грешиш и кој ти помага да ја избегнеш неволјата.

Зошто е толку тешко да се сфати тоа? Дека на еден митинг, на една трибина, на една средба со граѓаните, заинтересирани за тебе не се тие што мирно те слушаат без да зуцнат ни збор, туку токму оние кои ќе ти постават прашање.

Глупав не е оној што згрешил еднаш, туку оној што не извлекол поука од таа грешка.

.

П.С: И во утрешниот број на неделникот „Фокус“ побарајте ја мојата нова колумна. Наредниот четврток на блогов ќе биде објавена колумната „Уште неколку оксиморонштини“. Таа е своевидно продолжение на колумната „Оксиморонштини“ од лани.

До четврток, поздрав🙂

Written by nenobogdan

26/05/2011 at 18:48

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Во Македонија според законската рамка со години имаме флуктуирачки курс на денарот, само вештачки го одржуваме стабилен.
    Според ова нема никаква законска пречка девалвацијата да профункционира преку ноќ.
    Можеш ли да ПРОГНОЗИРАШ од сегашна перспектива во која година и кој квартал ќе се случи девалвацијата?

    Лично

    31/05/2011 at 13:14

    • Не, бидејќи политичката партија на власт која ќе направи девалвација ќе ја загуби власта моментално – преку протести, анархија по улици и сл. Бранко во 97та лесно напрваи девалвација, оти тогаш уште немаше многу кредитна изложеност на населението. Сега е колосална таа кредитна изложеност. Колосалана!

      Ако мислиш дека за продавање на името ќе има незадоволен народ, да видиш колку ќе има за одеднаш повисока камата за сите кредити земени со девизна клаузула.

      Со други зборови – ебани сме, тоа не ни бега. За жал😦

      Лек е само да се скратат 100 илјади бирократи од администрација, да се скратат драматично даноците, и со тие инвестиции во приватниот сектор да се крене економијата. Инаку – нема спас.

  2. Љубчо Георгиевски ако добро паметам оперираше со бројка од 120.000 административци кои под притисок на ММФ-аранжман ѓи намали под 100.000.
    Кога почна војната продадениот Телеком го потрошивме за војна и не банкротиравме.
    Кога го продаде Владо Бучковски ЕСМ-дистрибуција на ЕВН пак започнавме циклус на РАМКОВНА-бирократизација и не банкротиравме.
    Сега Никола Груевски срамежливо најавува продажба на ЕЛЕМ веројатно 2012 и пак ќе има администрацијата и пензионерите што да грицкат, без да банкротираме до следните предвремени избори 2014, а Аљи Амети го гледам на тв. како гордо вели дека за 10-години ни набутал на државни јасли над 10.000 полицајци, војници и старешини Албанци, а трагично е тоа што тоа го наведува како економска категорија.

    Лично

    31/05/2011 at 21:19

    • И свињата ја хранат секој ден цела година и таа си вика – еве секој ден ме хранат луѓето и си немам гајле, нема за што да се грижам, добри ми оди… па на крајот на годината – свињата бидува заклана.

      Сакам да кажам, дека не треба да се суди за идните настани според претходните.

      Можеш да ставиш сијалица сега во фасонка и да работи таа со месеци секогаш кога ќе го притиснеш прекинувачот, па сепак еден ден – ќе прегори. Тоа што сто пати до сега си кликнал на прекинувачот и сијалицата работела перфектно, не значи дека никогаш нема да прегори. Може да прегори уште утре!


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: