Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ УШTE HEKOЛKУ OKCИMOPOHШTИHИ

with 12 comments

Бидејќи изборната ноќ ја одбележа оксиморонштината изречена од лидерот на опозицијата кој изјави дека „народот е во право и кога греши“ јасно е дека идниов период ќе биде одбележан и со „опозиција која владее“ како и со „влада која ќе делува опозиционо“, што пак од друга страна, и не би било толку неразбирливо, доколку не беше јасно како бел ден, оти ние веќе се навикнавме да бидеме изненадени.

1. Успешните лузери: како што се гледа и од горнава илустрација, на овие избори оние партии за кои гласаа помалку од половината гласачи што излегоа на избори победија, а сите други партии, за кои збирно гласаа поголемиот број гласачи – изгубија и нема да формираат влада! Од таму, се поставува прашањето дали победниците не се губитници, барем што се однесува до подршката од гласачите?

Очигледно е дека ваквиот апсурд е предизвикан од изборниот модел во нашата држава, благодарение на кој гласовите на малите партии пропаѓаат доколку се расштркани низ целата држава. А тој модел го воведоа со заеднички договор во 2002-та Љубчо, Бранко и Тачи со поддршката од меѓународната заедница. На овие избори, токму поради таквиот модел дизајниран намерно да ги дискриминира малите партии, се изјаловија надежите токму на – Љубчо, Бранко, Тачи и на меѓународната заедница (која сакаше да падне од власт Груевски)!

Која иронија на судбината, а? Кој на друг дискриминарачки изборен модел му копа, самиот во него ќе падне.

Значи, како што се гледа од пресметаните бројки на сликата (земени од сајтот на ДИК) народот не гласаше за ВМРО-ДПМНЕ оти во македонскиот блок мнозинството гласачи го дадоа својот глас за другите партии. Истото се случи и во албанскиот блок, мнозинството гласачи и таму гласот го дадоа за другите партии, а не за ДУИ. Од таму, не е виновен народот за „победата“ на Грујо и Али, ами изборниот модел што го воведоа токму – оние кои сега се поразени на овие избори.

Ако тоа не е чист зен, тогаш не знам што е.

2. Дозволете ни да забрануваме: во суштина оваа оксиморонштина е основната идеја што ја имаат најзабеганите приврзаници на владеачката партија. Имено, тие бараат сите опозициони медиуми да замолчат и да престанат да ја критикуваат владата, оти „сега народот го кажа конечно своето“ и секој кој што е против власта е против волјата народот. Од таму, секој што ја критикува власта е предавник и треба да му се укине пристапот до јавното мислење.

Како што кажав и погоре, народот навистина го кажа своето и мнозинството гласачи не гласаа за владеачките партии, и затоа опозиционите медиуми не треба да замолчат! Оти тоа што го зборат е во согласност со ставовите на мнозинството гласачи, па се поставува прашањето зошто некој навистина би сакал да ги забрани опозиционите медиуми.

Опозиционер е оној чие мислење е малцинство, а по таа дефиниција и според изборните резултати, вистинските опозицини медиуми се оние кои ја подржуваат владеачката партија. Оти со нивните ставови се согласни помалку гласачи, отколку што гласачи се согласни со сите други опции со други ставови.

Во една друга колумна зборував за разликата меѓу поимите ексцентрик и егоцентрик, при што нагласив дека ексцентрик е оној кој има свое мислење и го почитува правото на другите луѓе и тие да имаат свое (различно од неговото) мислење, додека егоцентрик пак е оној кој сака своето мислење со сила да им го наметне на другите. И да им забрани да го кажуваат своето мислење!

Затоа секој егоцентричен политичар бара апсолутна власт, за да не мора да прави компромиси, затоа што тој политичар не поднесува поинакво мислење од неговото, и сака да може да го наметне своето мислење. Сака преку власта што ќе ја добие да има дозвола да забранува.

А што ако мнозинството од оние кои излегле на избори не гласале за таквиот политичар, од каде му е тогаш легитимитетот да зборува во името на мнозинството кога тоа мнозинство не гласало за него? Кој му дал дозвола да забранува?

3. Навредите како комплимент: ако ништо друго, на овие избори се покажа дека сета кампања против ликот и делото на Бранко Црвенковски беше сосема контра-продуктивна за нарачателот на таа кампања, оти народот не само што не гласаше против Бранко, туку напротив, неговата партија доби 150 илјади гласови повеќе отколку на трите последни излегувања на избори (2006та, 2008ма и 2009та).

Значи, целиот тој концепт на секојдневно фрлање ифрит врз Б.Ц. им се врати како бумеранг на преродбениците. Па испаѓа дека секоја навреда од нивна страна, Бранко треба да ја прифати како комплимент. Во стилот „кога вие ме пцуете, исто како да ме фалите“, што еден фраер како Црвенковски треба да им ја кажува во секоја пригода на плукачите. И обратно, кога од тој табор ќе кажат убав збор за нешто или за некој од СДСМ, тој некој треба да го сфати тоа како најголема навреда.

По таа основа, сите барања од ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ конечно да се ослободи од Бранко и да внесе нови луѓе, треба решително да се отфрлат од нивна страна. Зошто политичкиот непријател би ти дал совет за твое добро?

Па токму затоа што ти е непријател тој постојано ќе ти дава „совети“ со кои ќе сака да те наведе во погрешна насока.

Секако, сосема истото може да се каже и за обратната ситуација, кога новинарите и аналитичарите од левицата му даваат совети на Груевски. Тој треба да ги сослуша само за да знае што не треба да прави, оти ниту еден совет од конкуренцијата не е добронамерен, сите се само замки во кои тие сакаат да падне.

Чудниот дел тука е што дури и од своите новинари и аналитичари Груевски не може да чуе добар совет, оти постојано запаѓа во глупости, од Триумфална капија, преку провоцирање на Албанците со проекти како црквата-музеј на Кале (очекувам наскоро да комбинираат во еден ист објект и самопослуга и стриптиз бар) до терање инает со Западот и некакво намигнување кон Русија. Но, тоа и не треба да чуди, оти скоро сите медиумски и експертски пулени на Груевски дојдоа од таборот на Бранко. Па да се праша човек, за кого тие навистина работат?

Оти, при толкави пари дадени за пензионери, за земјоделци, за реклами, за компјутер пред секое дете, за медиумска доминација… како бре успеа да падне бројот на гласови од 480 на 440 илјади? Зарем не требаше при толкав напор за пропаганда и при толку добри дела и подвизи за татковината и за овој народ – да се покачи бројот на гласачи за владеачката партија? Или ако ништо друго, барем да остане на исто ниво како на претходните парламентарни избори?

Кој тоа штраф во пропагандната машинерија е разлабавен? Стотици милиони за реклами и субвенции и пензии и партиски вработувања и? И пак отидоа јабана 40 илјади гласови! Како така? Оти така?

*

Конечно, се покажа дека кој најгласно молчи, може да збори што сака. Имено, одбивањето на Груевски или на било кој од неговите носители на листи да излезат на дуел или било каква дебата со опозиционерите се покажа, на општо изненадување на неупатените како потег од кој немаше никаква штета партијата на власт.

Знаете зошто е тоа така и зошто симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ немаа потреба од тоа да го видат на дебата со лидерот на опозицијата својот лидер? И зошто неговото бегање од соочување со аргументи со конкуренцијата не му нанесе штета? Заради егоцентричноста, ете затоа!

Во редовите на обожавателите на Груевски е широко распространета таа карактерна црта преземена од лидерот – нетолеранцијата на туѓото мислење. Како што е убеден Груевски дека секогаш е во право, така и гласачите негови се убедени дека се секогаш во право. Па кога си убеден – не ти треба разубедување. И затоа не само што немаш потреба својот лидер да го видиш во дебата, туку и не сакаш да ја гледаш телевизијата која тој ја мрази, па уште и бараш таа телевизија да се забрани, укине, уништи.

Оној кој е убеден дека е совршен, има потреба само од огледала во кои сопствената убавина ќе ја гледа и ќе ѝ се восхитува. Во истоимената колумна, објаснив зошто „Сите дебати се потполно бескорисни“. Овде само како завршна мисла на колумнава би додал на таа тема: „пет минути пракса се посилни од илјада часови дебата“. Луѓето кои гласаа, ама не за Груевски на избориве не беа убедени да гласаат така поради некакви дебати и дијалози, туку затоа што самите видоа и сфатија колку е неспособна оваа власт.

На изборите што поминаа пред некој ден, бројот на оние кои не го сакаат Груевски го надмина за околу десет илјади бројот на оние што го сакаат. Таа разлика во идниве месеци само ќе се зголемува. Така да, наскоро очекувајте уште едни предвремени избори. Што мислите, Зоран Заев до кога само со чушки и френки ќе се храни? А после пет години тикви со расол и лук и вода од оваа власт, не е само тој гладен…

.

П.С: Поради престојниот државен празник, неделникот „Фокус“ ќе излезе еден ден порано. А како и секогаш, во него има моја колумна. Па затоа, час поскоро набавете „Фокус“ и – читајте за нештата да станат појасни!

Доколку ви се допадна колумнава, можеби би сакале да се потсетите и на првите „Оксиморонштини“ на блогов, објавени пред една година. Наредната колумна на блогов со наслов „Старите добри Римјани“ ќе биде објавена во четврток, 16ти јуни.

До тогаш – поздрав😉

12 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Одличен текст

  2. tolku bedna i ocajna analiza odamna ne sum procital
    te zalam

    ivan

    09/06/2011 at 22:19

    • И јас тебе те жалам🙂

      А бе нели пред цел месец ми рече дека веќе нема да ме читаш. Па ајде више, не ме читај😆

  3. Нено, и сам знаеш дека изборите не се референдум и дека никаде не се бараат 50%+1 за да се дојде на власт. Така што со ваква весела математика можеш да ги оспориш скоро сите легално избрани влади во светот, освен оние во Белорусија, Русија, Ирак до пред падот на Садам и уште неколку други земји.

    Лавот

    10/06/2011 at 14:57

    • Абе Лаве па знам дека не се референдум изборите, знам🙂

      Само сакам да предочам дека Илија Димовски (ако добро се сеќавам, тој беше) не е во право кога вели дека (парафразирам): „мнозинството граѓани застана зад ВМРО-ДПМНЕ на овие избори“.

      Тоа не е точно, оти на изборите МНОЗИНСТВОТО ОД ИЗЛЕЗЕНИТЕ НА ГЛАСАЊЕ гласаше за други партии. И во двата блока, не само кај македонскиот блок.

      Изборниот модел е тој што е и тоа не е спорно дека е легитимно. Спорно е тврдењето дека народот стои зад Груевски и дека тој е општонароден водач. Не стои народот зад него, барем според бројот на тие што излегле на гласање и гласале за или не за неговата коалиција.

  4. Немој погрешно да ме разбереш ама ова се многу погрешни ставови по сите основи

    НИКОЛА

    10/06/2011 at 15:34

    • Бидејќи претпоставувам дека гласавме за различни партии – најверојатно како и да е ќе те разберам погрешно🙂

      Воедно, можно е и ти погрешно да си ме разбрал мене, па реакцијата во твојот коментар да е заснована врз тоа погрешно разбирање, по што се губи секоја смисла јас на твоето погрешно разбирање на моите ставови да давам реакција… која и самата би била резултат на моето погрешно разбирање на твоето погрешно разбирање на мојата колумна и анализа.

      Ме разбираш што сакам да кажам?🙂

      Со други зборови, abusus abusum invocat. Една грешка повлекува друга грешка по себе.

  5. OK

    НИКОЛА

    10/06/2011 at 18:22

  6. Го мразам тој 51%. Ако имаш 51% од (акции, гласови,Македонија) тогаш имаш право да правиш нешто, но ако си под тоа тогаш немаш. Преку тасе.
    Нено треба да се запознаеш со изборниот систем на Канада па да видиш дека нашиов е боље.тоа кажува дека проблемот не е во моделот туку во луѓето и менталитетот. Исто така проблем за демократијата е нашава опозиција која е толку лоша(името,знамето,приватизација и др) па што и да направат овие на власт не ми доаѓа на памет да гласам за СДСМ. И со тоа партијата на власт, која знае дека нема да изгуби од СДСМ, станува се полоша и покорумпирана. Ни треба квалитетна опозиција под итно.

    Кољо Дијамант

    14/06/2011 at 23:23

    • Се собрале глувците за да решат како да се справат со мачката, и еден глушец предложил дека „треба да и ставиме ѕвонче на вратот на мачката… под итно“.

      И другите глувци се согласиле, ама му рекле – „ти да бидеш тој што ќе го врзе ѕвонецот на мачката“

      Ако не гласаш против власта – како планираш таа да се смени?

  7. Крив е изборниот модел,а каков модел предлагаш ти Нено?
    Досега три пати се менуваше моделот,па имавме чист мнозински,па комбиниран за на крај овој денешниот чист пропорционален. Тој и беше воведен заради некаква шанса да им се даде на помалите партии,ама на овие избори не помина ниту еден нивни Пратеник.
    Ај пробај примени ги резултатите по пропорционален модел ако е можно тоа некако,па ќе дојдеш до уште пофрапантни податоци. Малите партии повторно нема да освојат Пратеник,а разликата власт/опозиција ќе биде уште поголема во корист на ВЛАСТА.

    Итар Пејо

    03/09/2011 at 08:29


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: