Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ CTAPИTE ДOБPИ PИMJAHИ

with 4 comments

Да не беа старите Римјани, денеска поезијата ќе ни звучеше како проза. Да не беа тие, немаше да имаме на изборите кандидати што од нас бараат мандат, туку тоа ќе беа светло-облечени луѓе што ќе бараа ракоположување.

1. Ноти и поезија: како што гледате од илустрацијата погоре, имињата на музичките ноти што во последниве неколку векови ги користиме за бележење на музиката се изведени од првите букви од стиховите на една молитва напишана на латински јазик во осмиот век, молитвата упатена кон Свети Јован. Заслужен за нејзината употреба како основа за имињата на нотите е кодификаторот на тие ноти, италијанецот Гуидо од Арецо, а ја избрал токму таа молитва оти забележал дека токму кога треба да се пее во молитвата соодветниот слог (од кој е изведено името на нотата) тој слог се пее точно со една нота повисоко од претходниот соодветен слог.

Оригинално првата нота се викала „ут“, ама еден друг италијански музички кодификатор, Џовани Батиста Дони во шеснаесетиот век го сменил нејзиното име во „до“ (првите две букви од неговото презиме) па од тогаш ја знаеме низата ноти како до-ре-ми-фа-сол-ла-си-до!

А инаку требало да биде (и така било со векови пред Дони да вмеша прсти) ут-ре-ми-фа-сол-ла-си-ут! Ова не е изолиран случај во термините од латинскиот јазик дојдени. Во колумната „На кој датум се паѓа 11ти октомври објаснив од каде се дојдени имињата на месеците Јули и Август.

Освен во имињата на музичките ноти, од латинскиот јазик ја добивме и типичната форма на секоја поетска реченица. Имено, ако речете: „ја сакам оваа прекрасна девојка со кадрава коса и бујни гради и медни усни“ тоа е проза. Арно ама, ако истите зборови ги прераспоредите во „ја сакам оваа девојка прекрасна со коса кадрава и гради бујни и усни медни“ тоа веќе не може да е проза, туку личи на стих од некоја песна.

А сѐ што се сменило е тоа придавките да се најдат после именките. Имено, тоа е целата разлика меѓу прозниот израз и поетскиот израз. А од каде доаѓа тоа? Од буквалното преведување на латинските песни во средниот век.

Имено, старите Римјани не воделе многу сметка за распоредот на зборовите во своите песни, ами за ритамот т.е. да има точно одреден број на слогови во секој стих. Ама, нивниот јазик си бил таков што придавката се ставала после именката секогаш и така луѓето си збореле секојдневно. Така пишувале и поезија и проза.

Ете на пример, познатата фраза на Архимед кога му рекол тој на римскиот војник што дошол да го убие на латински е „Noli turbare circulos meos” и тоа збор по збор преведено би било „Немој да ги растураш круговите мои“ ама бидејќи е проза а не поезија обично во модерно време се преведува како „Немој да ги расипуваш моите кругови“.

Ама во средниот век кога почнале да ги преведуваат калуѓерите по манстирите песните на старите римски поети, ги преведувале ептен буквално, па така како што оделе зборовите во латинската верзија, така одел преводот и потоа по тој модел ги пишувале и своите песни на своите јазици. И постепено тоа си преминало во традиција да се пишува во поезијата секогаш придавката после именката. Инаку, не личи на поезија.

Ете како Римјаните стари со делата свои поетски влијаеле преку преведувачите средновековни во времето денешно да ги пишуваме стиховите наши со распоред обратен на зборовите.

2. Мацедониа е всушност Македониа: како мал не можев никако да сфатам зошто старите Римјани ја викале мојата земја Мацедониа, а не како што самите Македонци ја викале, Македонија. Дури и старите Грци ја викале земјава наша Македон, па не ми беше јасна причината поради која Римјаните ја ословувале земјава со „ц“ место со „к“ во името.

Таа моја збунетост траеше сѐ до мигот кога во прва година средно не добив можност да учам латински и не сфатив дека постојат два основни вида изговор на латинскиот јазик, еден стар стил (како што го говореле самите Римјани) и еден нов стил (релативно нов, оти тој датира од средниот век, кога го говореле латинскиот луѓе на кои тој не им бил мајчин јазик).

Така, сфатив дека старите Римјани никогаш не користеле глас „ц“ и дека буквата C секогаш ја читале и изговарале како К. Од таму, немале тие Цезар, туку Каесар (од каде доаѓа титулата за цар во германскиот јазик – „Кајзер“), немале циркус, туку киркус, немале цензура туку кензура и немале цемент туку имале каементум. Инаку зборот каементум буквално значи „камен“ што само покажува дека колку јазиците се слични, ако само отидете до изворниот начин на изговарање на зборовите.

Значи, по таа логика старите Римјани не велеле никогаш Мацедониа, туку секогаш викале Македониа, а тоа што во средниот век се јавило како обичај буквата C кога се наоѓа пред e, i и y, да се чита какоа „ц“ е последица веројатно на фактот што „к“ пред тие меки самогласки и самата омекнува па звучи како „ќ“ што пак не е далеку од „ч“ што на калуѓерите во средниот век им се чинело ептен некако не-латински, па го читале како „ц“ сметајќи (погрешно) дека латинскиот би требало да звучи како грчкиот (кој ни во антиката ни денеска нема гласови од типот на „ч“, „ж“ и „ш“).

Италијанците до ден денешен велат „Мачедониа“, ама на француски и англиски е тешко да се изговори тоа, па кај нив уште повеќе омекнала спорната буква и за нив сме Маседониа или Маседоан.

Ајде да резимираме: за англофонскиот свет ние сме Маседониа, оти Англичаните не можат да кажат „ц“, кое пак „ц“ доаѓа од таму што на средновековните калуѓери во Западна Европа им било непријатно кога збореле латински да кажуваат „ч“ што пак дошло од таму што на некои луѓе во тоа време со говорна маана налик на онаа на Стојан Андов им било природно „ќ“ да го изговараат како „ч“. А и самото „ќ“ дошло од тоа што буквата „к“ омекнува кога ќе се најде пред „е“. И тоа е значи патот од Македониа до Маседониа.

Кога сме веќе кај латинската азбука убаво би било да се спомене и дека старите Римјани не правеле разлика во пишувањето меѓу буквите V и U, па така денеска од желба да изгледаат ептен антички, денешната модна марка чие име се изговара „Булгари“ се пишува „BVLGARI“. Која пак марка е основана кон крајот на деветнаесетиот век од еден грчки златар (поточно, Влав од Епир) кој емигрирал во Италија и своето презиме Вулгариос го италијанизирал во Булгари.

Воедно, кај старите Римјани во абецедата им (или абекедата како што тие ја викале самите) ги немало ни буквите W и J (додадени се тие во латиницата во средниот век), па од таму на крстот на кој бил распнат Исус пишувало INRI, а не JNRI (кратенка од Iesus Nazarenus Rex Iudaeorum – Исус од Назарет, крал на Евреите). Воедно, поради тоа што ја немале буквата Ш (само во абецедите на словенските јазици ја има Š), автентичното име на Исус, Јешуа, тие го пишале како Иесу (и за да им се погоди во падежите додале и „с“ на крајот) и затоа, ние денеска наместо според оригиналното име го викаме главниот лик во христијанството по погрешениот изговор од средниот век („ие“ се скратило во „и“) на погрешно напишаното име во антиката (каде „ш“ е пишано како „с“) на јазикот на неговите убијци, Римјаните што го распнале.

Јасно ви е која збуњола е тоа? Основачот на христијанството се викал Јешуа, така го викале сите кои лично го познавале и кои секојдневно комуницирале со него, ама ние го викаме Исус оти му правиме чест на јазикот на луѓето кои го убиле!

3. Кандидат со мандат за диктатор: во политиката често се користат тешки обвинувања за политичкиот противник, па ако тој е на власт го нарекува опозицијата „диктатор“ а ако е во опозиција власта го обвинува дека сака да дојде на власт само за да воведе диктатура.

При тоа, никој од толкуте политичари и политиканти се чини не знае дека зборот „диктатор“ имал оригинално исклучително позитивно значење. Имено, во ерата на стариот Рим, кога татковината ќе се најдела во смртна опасност, сенатот избирал еден човек од редот на истакнатите од претходните војни војсководачи и му давал неограничена моќ во рок од шест месеци, и тој човек бил наречен „диктатор“ збор што значи „тој што кажува (како и што да се прави)“ т.е. „кажувач“ и нему му била доверена задачата како знае и умее да ја спаси државата од пропаст.

Еден од најславните римски диктатори бил Кинкинатус, по кого (види погоре со промените во изговорот) е наречен и градот во Америка Синсинати. Овој човек иако во два наврати бил назначен за диктатор на Рим, не бил запаметен како тиранин, ами напротив, како голем херој кој дури два пати ја спасил својата татковина.

Во модерниве времиња, сите диктатори веруваат и тврдат дека и тие имаат само желба да ја спасат татковината од опасностите што ја вознемируваат, ама за разликата од Кинкинатуѕ, тие само лажат, оти апсолутната власт им треба само за да си ги наполнат своите џебови и сметките во странските банки.

На времето, секој диктатор кога од обичен војсководач ќе го добиел овластувањето на владее апсолутно за еден краток период додека ја спасува државата, таа моќ церемонијално му била доделувана со положување на раката на најстариот сенатор (во името на целиот сенат) врз рамото на диктаторот. На латински зборот „ракоположување“ се преведува со кованица од зборовите „манус“ (рака) и „даре“ (оставање, полагање) што во соодветната глаголска форма е корен на денешниот збор „мандат“.

Мандат пак може да добие кандидатот кој ќе биде избран, а зборот кандидат доаѓа уште од ерата на Стариот Рим кога секој човек што сакал да добие некоја јавна функција морал да отиде на плоштадот во Рим и да побара од минувачите да гласаат за него. За да биде препознатлив, од секој таков барател на гласови се барало (со изборниот законик) да биде облечен во светла облека, т.е. свежо испрана и бела практично, со цел да остави впечаток пред граѓаните дека е чист и дека нема да краде и да ја злоупотребува позицијата ако биде избран.

А пак зборот „кандидат“ доаѓа од латинскиот „канидатус“ што буквално значи „облечен во бело“. И така значи, секоја невеста во денешно време кога ќе се облече целата во бело на свадбата, е кандидат… ама за што?

*

Како што гледате почитувани читатели, денешната колумна можеби делува малку хаотично и несредено, ама токму тоа е нејзината поента. Да покажам дека иако латинскиот јазик е мртов, а стариот Рим одамна го нема на белиов свет, сепак насекаде околу нас ги гледаме трагите од таа цивилизација, и без да сме свесни. Тука одбрав примери кои не се премногу познати, со цел да ве поттикнам на самостојно истражување. Ако ги следите линковите што ви дадов ќе сфатите дека реално гледано, nihil est dictum quod non sit dictum prius.

.

П.С: Како и обично, моите ставови за актуелните политички случувања можете да ги проследите во редовната моја колумна во неделникот „Фокус“. А на блогов, наредниот четврток очекувајте ја новата колумна со наслов „Добрата идеја ќе си најде кој да ја разбере“.

До тогаш поздрав😉

Written by nenobogdan

16/06/2011 at 21:53

4 Responses

Subscribe to comments with RSS.

  1. Мислам и дека италијаните ја немаат ич буквата k, т.е. c било денешното К. Башка, како се пишувало Македонија ви Библијата?

    kirev

    17/06/2011 at 07:11

  2. Баш ме интересира на кој начин медицинарите започнале да ја составуваат терминологијата во анатомијата?
    Во латинскиот за гимназија го учевме како ИЈЕКУР-црн дроб, а во латинскиот за средно медицинско и вет-медицинско ХЕПАР-црн дроб.
    Имам сретнато и поговорка на латински TESTIS UNUS TESTIS NULUS-ЕДЕН СВЕДОК Е КАКО НИЕДЕН, а во медицинскиот латински ТЕСТИС од сведок стана дел од машкото тело, а којзнае како старите римјани го нарекувале тој дел од своето тело?

    Лично

    18/06/2011 at 12:23

    • За тестисите:

      testis
      (pl. testes ), 1704, from L. testis “testicle,” usually regarded as a special application of testis “witness” (see testament), presumably because it “bears witness” to virility (cf. Gk. parastates, lit. “one that stands by;” and Fr. slang témoins, lit. “witnesses”). But Buck thinks Gk. parastatai “testicles” has been wrongly associated with the legal sense of parastates “supporter, defender” and suggests instead parastatai in the sense of twin “supporting pillars, props of a mast,” etc. Walde, meanwhile, suggests a connection between testis and testa “pot, shell, etc.”


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: