Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ДOБPATA ИДEJA ЌE CИ HAJДE KOJ ДA JA PA3БEPE

leave a comment »

Во длабоките џебови најчесто се кријат валканите раце со долги прсти

Малкумина се тие кои добиваат оригинални идеи, уште помалку тие што добиваат добри оригинални идеи, а најтрагично е што уште помалку се оние кои тие оригинални и добри идеи ги разбираат и применуваат во пракса. А и кога ќе се случи тоа, често пати погрешните луѓе со лоши намери, ги прифаќаат први добрите идеи. Еве неколку примери:

1. Не се мијам, не се бричам, и на доктор јас си личам: во Виена, кон крајот на ’40ите години на деветнаесетиот век, еден лекар кој што работел во гинеколошка болница, забележал дека смртноста кај новородените деца (и штотуку породените мајки) во одделот на болницата каде се пораѓале богатите жени била три пати поголема од смртноста на децата (и мајките) во оној оддел каде се пораѓале жените од посиромашните слоеви.

Апсолутно не можејќи да ја сфати причината бебињата на богатите мајки што ги пораѓаат лекари (скапо платени) да умираат почесто од бебињата на сиромашните мајки што ги пораѓале бабици (за ефтин надоместок) тој се обидел преку внимателно споредување на разликите во двете одделенија на истата болница да ја најде логичната причина за таа чудна и апсурдна дискрепанца.

Сфатил дека бабиците бидејќи биле жени воделе многу повеќе сметка за својата лична хигиена, и меѓу другото ги миеле редовно рацете пред да асистираат при пораѓање, додека лекарите биле мажи кои често на работа доаѓале директно од појадок во некоја гостилница, со раце неизмиени од оброкот во кафеаната.

Откако и самиот почнал да си ги мие рацете пред да врши пораѓања (за што уште на старт му се потсмевале колегите, небаре бил жена!), и кај него драматично опаднал бројот на новороденчиња кои умирале, а и кај мајките драстично се смалил бројот на случаите на компликација и инфекција по породувањето, па докторот заклучил дека веројатно има некој позитивен ефект врз здравјето на пациентите доколку лекарот со чисти раце оперира.

Овој лекар се викал Игнац Земелвајс, и тој овие свои заклучоци за намалувањето на смртноста кај пациентите ги изнесол во научната јавност надевајќи се дека ќе им помогне на своите колеги да ја работат својата работа подобро но – тие со индигнација ги отфрлиле неговите наоди!

Оти, како смеел да се дрзне овој лекар да тврди дека рацете на обичните бабици се почисти од оние на господата–лекари?! Еден еминентен доктор дури напишал и отворено писмо кое било објавено во еден угледен виенски весник кое завршило со зборовите: „лекарите се господа, а рацете на господата се секогаш почисти од оние на простиот свет“. И уште го нарекол Земелвајс „предавник на професијата и лажго кој измислува купишта некакви си фантомски бројки за да си ја задоволи сопствената суета попатно навредувајќи ја целата медицинска фела“.

Иако наодите на Земелвајс биле апсолутно поткрепени со практични резултати, сепак идејата дека лекарите треба да променат нешто во својот пристап била неприфатлива, па затоа и самиот автор на таа скандалозна идеја бил неприфатен, и дури бил отпуштен од болницата во која работел, и откако не сакал да се откаже од својата борба за подобрување на условите во болниците, на крајот бил сместен во лудница! Каде и починал само две недели по сместувањето во неа.

Неколку години подоцна, Луј Пастер и Роберт Кох, успеале да ја откријат причината за сите инфекции, докажувајќи непобитно преку своите експерименти и набљудувања дека бактериите се причина за инфекциите, а тие пак се развиваат на органски материи во процес на распаѓање, како на пример на остатоци од храна на прстите на рацете после оброкот. Од тогаш, соочени со авторитетот на научни гиганти од калибарот на Пастер и Кох, лекарите постепено морале да прифат дека пред било каков контакт со пациентите треба да ги мијат рацете.

Приказната за Игнац Земелвајс е фасцинантна, особено делот за неговите заклучоци кои биле поткрепени со праксата, ама и отпорот што медицинската професија го дала кон него, толку голем отпор што бил сместен принудно „еретикот“ во лудница. На линкот погоре може да истражувате повеќе за човекот и за неговата „опасна“ идеја.

2. Идејата е топ, ама слушателот е тап: во 1452та година, еден унгарски инжинер по име Орбан пристигнал во дворот на византискиот император Константин XI (внук на Константин Драгаш, истиот оној по кого е наречен градот Ќустендил т.е. на турски „константинова бања“ во денешна Бугарија) и му предложил на царот византиски да му изработи топ, кој би бил најголемиот до тогаш топ во светот,  и со кој топ ќе можел императорот да го одбрани својот град Константинопол од престојната опсада на Турците.

Констанин го одбил предлогот на Орбан со изговор дека ниту има пари за таков топ да финансира, ниту пак има потреба од таков вид на оружје, оти немало тој да напаѓа турска тврдина, туку очекувал Турците да го нападнат него и неговите ѕидини.

Орбан сфатил дека дал понуда кај погрешен купувач, па веќе наредниот ден наминал и кај султанот Мехмет II кој кампувал на неколку километри од Константинопол (каде веќе на големо спремал војска за најавената конечна пресметка со последните Византијци во Константинопол). На султанот идејата за супер–топ му се видела сосема валидна, па му дал доволно пари на Орбан за да му направи баш таков топ и да спреми соодветна муниција од тој калибар. Топот бил изработен, и имал решавачка улога при бомбардирањето на ѕидините на Константинопол во 1453та година, и токму во таа опсада градот паднал во рацете на Турците и со тоа завршила ерата на Византија.

Инаку, во чест на големиот воен подвиг на Мехмет II или како што Турците го викаат со полна титула и прекар „фатих султан Мехмет“ големиот мост во денешен Истанбул што ги спојува Европа и Азија е наречен по него.

Инаку, топот на Орбан (т.е. негова идентична копија од истата епоха) до ден денешен се чува во британски музеј како подарок за кралицата Викторија од страна на еден турски султан што немал многу осет за историската вредност негова, а за Орбан не се знае што се случило со него. Според некои извори тој загинал при опсадата на Константинопол кога некој друг негов помал топ експлодирал поради прекумерно полнење со барут и некој шрапнел од распрснатиот топ го погодил и самиот креатор на оружјето, или пак според други теории, по големата победа врз непријателот за која биле заслужни токму неговите топови, тој решил да ја прифати исламската религија и да се вработи за постојано кај султанот во неговата индустрија за оружје. Можеби леарот што го излеал Дарданелскиот топ (идентичната копија на оној употребен при опсадата) и кој што леар е познат под турското му име Мунир Али е токму истиот леар порано познат како Орбан?

Оваа втората варијанта е доста реална, ако се има во предвид дека братот на горе-споменатиот дедо на последниот византиски цар, Јаков Драгаш, после загинувањето на брат му Константин Драгаш во битката кај Ровине (во која загинал и Крале Марко борејќи се на страната на Турците) го прифатил исламот за своја вера, за што бил награден со оставање на сите привилегии за неговото семејство, при што Јаков го сменил името во Јакуб, а главниот град на Драгашите, Велбужд, го променил името во Ќустендил, под кое име градот е и до ден денешен познат.

3. Громогласна тишина: Сите ја знаеме приказната за младиот иноватор Никола Тесла кој отишол кај веќе етаблираниот пронаоѓач и индустријалец Томас Едисон за да му ја образложи својата идеја за поширока употреба на наизменичната струја како замена за еднонасочната струја која компанијата на Едисон ја промовирала и за која произведувала апарати и машини.

Тесла со помош на факти, бројки и пресметки му укажувал на чорбаџи Едисон дека наизменичната струја е подобар избор, оти може да се пренесува на подалечни растојанија, за разлика од еднонасочната струја која поради нејзината несоодветност за кревање на нејзиниот напон со трансформатори, морала да се троши блиску до местото каде што се произведувала.

Едисон ја одбил идејата на младиот инжинер и неговите пресметки, факти и бројки, по што Тесла заминал кај еден друг индустријалец и конкурент на Едисон кој ја сфатил и прифатил идејата на Тесла по што почнал да произведува апарати и машини за тој тип струја кои, откако евидентно се покажале како подобри, биле прифатени од купувачите и така станала и останала наизменичната струја стандард до ден денешен.

Ама Едисон не се предавал!

Гледајќи дека не може да го спречи продорот на конкуренцијата која нудела поквалитетен производ од неговиот, се обидел Едисон со сите сили да ја дискредитира наизменичната струја. Па, за таа цел, кога и да се случела незгода и некој случајно ќе загинел од струен удар, неговиот пи-ар тим им плаќал на сите весници ширум Америка да ја објават на насловните страници таа информација. Со тоа меѓу луѓето се сакало да се создаде негативен имиџ за наизменичната струја.

Како капак на таа пропаганда бил платен (тајно од страна на Едисон) и еден иноватор кој на пазарот преставил нов пронајдок – електрична столица – која била на сите страни промовирана како „нов, модерен метод за вршење егзекуции со помош на новата и крајно смртонсна наизменична струја“!

Сето ова не помогнало да се сопре прогресот на науката и технологијата и таканаречената војна на струите постепено се стишила откако станало јасно дека наизменичната струја е супериорна во однос на онаа што ја промовирал Едисон.

*

Има многу примери за идеи кои биле првично отфрлени но потоа си нашле друг што ќе ги прифати и спроведе, ама во колумнава наведов само три оти тие ми се видоа како интересни за да ве предизвикам на понатамошно самостојно истражување.

Која е поуката од колумнава? Па, практичната мудрост која треба да се извлече од неа е двојна: прво, дека ако вистината те навредува, тоа не значи дека не е вистина, тоа само значи дека не сакаш да ја прифатиш. Ова е примерот со Земелвајс и еминентните лекари (т.е. „угледни господа“) кои не сакале да признаат дека рацете им се нечисти.

Второ, дека некоја добра идеја, дури и ако не планираш самиот да ја спроведеш, кога ќе ти се понуди, сепак треба ја прифатиш, за да не си замине авторот на идејата да му ја понуди на твојот непријател кој ќе знае како да ја спроведе, најчесто баш против тебе. Ова се примерите со топот на Орбан и со наизменичната струја на Тесла.

Убаво вели кинеската поговорка дека имаме една уста и две уши, со цел два пати повеќе да слушаме што зборат другите, отколку да зборуваме самите преправајќи се дека знаеме сѐ.

И тоа е најбитната поука од колумнава: ако мислиш дека знаеш сѐ, тогаш мислиш и дека нема потреба ништо ново да научиш. А тоа е секогаш погрешен став. Се надевам дека денешната колумна – ви помогна да научите нешто ново.

.

П.С: Ова е претпоследната колумна за оваа сезона на блогирање, со тоа што ќе има уште една наредниот четврток со име „Железна колумна“. Потоа, на седми јули, во чест на јубилејот на блогов, ќе има една јубилејна колумна, па ќе паузирам со блогирање до септември, поради летните одмори на читателите.

Во неделникот „Фокус“ како и обично, има моја колумна, па доколку ве збунува македонската политика и сакате нештата да ви станат појасни – читајте „Фокус“.

До наредниот четврток, поздрав😉

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: