Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ ЖEЛE3HA KOЛУMHA

with one comment

Почнувајќи од железното доба преку железната лејди и железната завеса, па сѐ до „човекот со железна маска“, железото како термин отсекогаш асоцирало на тежина и цврстина. Арно ама, тоа не значи дека за желеѕните работи (како што веројатно би се изразил авторот на „За македонцките работи“ Мисирков) нема чудни куриозитети. Па да видиме:

1. Железната лејди што ги уништи железарниците: називот „Железната лејди“ како што можеби знаете е терминот со кој често се ословува некогашната премиерка на Велика Британија, Маргарет Тачер. Она што е интерсно (ама сепак не и уникатно) кај овој термин е што таа и нејзините приврзаници го прифатиле и со задоволство го користеле, иако бил смислен баш од нејзините – непријатели!

Нешто слично на „брат Љубе“ и „молотов коктел“, и терминот по кој е препознатлива единствената премиерка во историјата на Велика Британија е прифатен од објектот на презир и подбив со што на оние што го смислиле со цел да се подбиваат презриво им бил превентивно избиен адутот од рака. Имено, Маргарет Тачер ја нарекле „железната лејди“ токму медиумите во комунистичкиот СССР алудирајќи на нејзината силна анти-комунистичка идеолошка ориентација. Арно ама, наместо да се секира и нервира за таа замислена навреда, како и секој човек што има нескршлива самодоверба таа го прифатила прекарот и почнала и самата да го користи за себе.

Куриозитет тука дополнителен е што откако станала премиерка, железната лејди започнала со процес на темелни економски реформи во својата земја со што се дошло до ситуација на бизнисмените да им биде поисплатливо да инвестираат во други сектори, а тешката индустрија да ја преселат во посиромашните држави, со што дошло и до колапс на металургијата во Британија и скоро сите железарници биле затворени во текот на нејзиното владеење.

Не се сите политичари толку полни со самодоверба како Маргарет Тачер што била. Ете, кај нас прекарот „пастир“ му го смисли на премиерот наш токму еден од неговите најекспонирани новинарски мегафони, ама до ден денешен само непријателите, противниците и душманите на Груевски го користат тој назив за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.  

2. Железната завеса, Феликсот, петата и гардата: терминот „железната завеса“ бил во употреба најмногу во текот на Студената војна (помеѓу капиталистичкиот Запад и комунистичкиот Исток) од 1945та до 1990та, како вербална илустрација за непробојната бариера не само за протокот на стоки и луѓе и капитал, туку и за идеи, која што бариера ги одвојувала двата блока.

Терминот најмногу го популаризирал Черчил во еден свој говор непосредно по војната, иако тој во употреба за опишување на изолираноста на Советскиот Сојуз бил уште од самото негово основање. Сепак, го користеле новинари и аналитичари, и затоа не се проширил во јавноста многу. Дури откако еден политичар од калибарот на Черчил го употребил јавно, станал одомаќинет во јавниот дискурс.

А еве, јас уште пред три години го смислив терминот „експертутки“ и до ден денешен тој се има појавено во колумните на неколку новинари и аналитичари, и уште чекам некој значаен политичар да го употреби јавно, па и тој термин слично на „железната завеса“ да се испопуларизира.

Интересно за железната завеса е што таа била користена од страна на анти-комунистите како термин за навредување на комунистите. Сличен термин, „железна пета“ употребил еден социјалистички писател по име Џек Лондон за својот истоимен роман. Во него, тој зборува многу негативно за капиталистите кои со својата „железна пета ги газат работниците“ и дека е време работничката класа да се крене на револуција со цел да ја отфрли од себе таа тешка, експлотаторска железна пета.

И, во Русија навистина имало револуција (не толку на работници и селани, колку на добро организирани криминалци под водство на грст психопати) и навистина била симната железната пета, ама место неа во Русија обичните луѓе го добиле Железниот Феликс, прекарот со кој го ословувале жителите на Москва големиот споменик (и самиот човек) на првиот шеф и основач на тајната полиција во Советска Русија, полскиот аристократ (ем аристократ ем комунист!?) Феликс Ѓержински.

Тајната полиција што ја создал Железниот Феликс била основниот инструмент на тоталитаризмот во Русија, а една друга работа со железно име, во Романија, била инструментот со кој тамошните фашисти сакале да воведат слична диктатура во нивната земја. Тие ја користеле како своја ударна тупаница „Железната Гарда“ паравоена формација на силеџии и рекетари со кои фашистите и успеале да дојдат на власт во Романија непосредно пред Втората светска војна, баш на време за да ја турнат својата земја во воена авантура со катастрофални последици.

Патем, кога сме веќе кај Романија и железото, во Романија кога со неа владеел крал, тој немал златна или сребрена круна, ама романската круна била уникатна во историјата по тоа што била изработена од – челик! И тоа не било кој челик, ами токму од челикот добиен со топење на железото од еден турски топ што го заробиле Романците во војната за ослободување од Османлиите. Таа круна полна со симболизам се викала челичната круна на Романија.

Кога најавија дека ќе градат Триумфална Капија и во Скопје, искрено очекував дека ќе се инспирираат во дизајнот од Портата на Иштар во Вавилон, под која минал свеовремено тримфално Александар Велики. Ама не, патриотиве наши врска си немаат се чини од историја, па наместо порта која навистина има врска со еден голем македонски триумф, тие направија копија на онаа во Париз која е копија на онаа во Рим. Е тоа е, кога си немаме ние осет за нашата историја како што Романците имале на времето за нивната… ќе се гордееме сега со копија на копија!

3. Железниот крст, со панделка, без крст: се чини дека Германците биле опседнати на времето со железо. Оти, откако нивниот обединител во XIXиот век, канцеларот (т.е. премиер)  на Прусија Ото Фон Бизмарк одржал легендарен говор за тоа дека германските државички ќе се обединат во една голема империја со помош на „крв и железо“ и по успехот на тој проект, него го нарекле на прекар благодарните Германци „железниот канцелар“.

Но и пред тоа Германците многу го љубеле железото како атрибут за своите успеси, па уште во ерата на војните против Наполеон, вовеле орден со назив „железен крст“. Овој орден станал особено озлогласен за време на Втората светска војна кога го добивале хитлеровите војници како награда за нивните злодела ширум Европа.

Освен асли германски војници, железен крст добивале и квислиншките војници. Еден од нив бил и босанскиот квислинг Халим Малкоч, кој бил еден од водачите на квислиншката дивизија „Ханџар“ (т.е. „нож за колење“) која во текот на Втората светска војна се борела во Босна против партизаните. За неговите заслуги му дале нацистите железен крст, ама тој како муслиман не можел да го носи крстот, па само панделката од орденот ја носел на реверот. Ова му доаѓа како реална верзија на поговорката „во турско село отишле свинска маст да продаваат“!

На крајот на војната, како и другите квислинзи и тој бил оставен на цедило од Германците (за таа тема пишував опширно во колумната „И предавниците ги предаваат, нели“) и така партизаните го фатиле и го осудиле на смрт и го стрелале.

Него барем го стрелале. А во француската историја постои и приказна за еден легендарен затвореник чие лице никој не смеел да го види, па дури ни затворските чувари, и затоа околу него се створила цела една легенда во многу верзии. Тој лик е познат кај Французите како „човекот со железната маска“.

Интересна е приказната за железниот крст како орден. Бил создаден оригинално за да им оддаде почит на оние кои се бороле против Наполеон, еден егоманијак кој за да ја задоволи својата суета почнал војна што завршила со милиони жртви, а денеска го препознаваме тоа одликување како орден за војниците кои се бореле за Хитлер, еден егоманијак кој за да ја задоволи својата суета почнал војна што завршила со милиони жртви.

4. Железното доба: еден арапски шеик чие име го заборавив, ама мислата му ја запаметив има кажано пред неколку децении, во врска со загриженоста за ненадејно пресушување на нафтените извори: „каменото доба не завршило поради тоа што снемало камења, па така и нафтеното доба нема да заврши поради недостаток на нафта. Светот на време ќе прогресира кон нови технологии, и нема да има потреба од постојните кои сега се чинат незаменливи“.

И навистина шеиков бил во право кога го кажал тоа. Во каменото доба повеќето предмети не биле направени од камен ами од дрво и коска (камените предмети не скапале до сега, па затоа само нив ги пронаоѓаме во археолошките наоѓалишта) а од дрво и коска биле направени и повеќето предмети што обичните луѓе ги користеле и во бакарното доба и во бронзеното доба. Оти бакарот и бронзата (која освен бакар содржи и калај) биле ретки и само на богатите им биле достапни.

Во ерата која ја знаеме како бронзено доба железото не било непознато, туку било поради неговата реткост безмерно скапо и користено исклучиво за производство на накит. Оти луѓето тогаш уште немале откриено дека некои темно-сини и сивкасти карпи содржат железо, па не го добивале преку рударството. Единственото железо кое го имале на дофат било она кое дошло на Земјата со пад на некој метеор, и како такво (денес познато како „метеорско железо“) било сметано за дар од боговите и следствено било повредно дури и од златото!

Дури откако било откриено дека со топење на некои карпи што можеле да се најдат насекаде може да се добива ефтино железо во огромни количества, тоа престанало да биде скапоцено и станало материјал од кој се правеле скоро сите алатки и оружја. Иако бакарното доба и бронзеното доба не биле доминирани од бакарот и бронзата (само богатите можеле да си ги дозволат, па повеќето луѓе сеуште работеле само со коскени и дрвени предмети) железното доба навистина било железно, оти секој можел да си дозволи железни предмети да купи и да употребува.

Интересна работа е што во бронзеното доба предметите од железо биле сметани за ексклузивни, додека во железното доба – предметите од бронза биле сметани за вредни (оти навистина во споредба со железото бронзата станала многу скапа) па наместо како порано за сите оружја, оклопи и алатки, од бронза се правеле само уметничките предмети, како статуите или религиозните реквизити. До ден денешен, после златен и сребрен медал, како трет по вредност се користи бронзениот медал, небаре е бронзата навистина толку скапоцена.

Сличен случај на ова е со алуминиумот во модерното доба, метал што денеска е екстремно ефтин материјал, ама пред само век и половина бил многу скап оти не знаеле научниците дека од минералот боксит може да се добива многу ефтино. Првите количества чист алуминиум биле многу скапи оти се добивале од еден друг, редок минерал, и затоа кога во Вашингтон Американците изградиле споменик во форма на египетски обелиск, неговиот врв го обложиле со алуминиум. Не со злато, не со сребро, туку со алуминиум, кој во тоа време бил најскапиот метал познат на луѓето.

*

Во наше време, политичарите кои лажат и ги манипулираат гласачите ги сметаме за скапоцени па како алуминиумот на врвот на Обелискот во Вашингтон ги ставаме и ние на врвот на нашата пирамида на политичка моќ. Некој ден веројатно ќе сфатиме дека нивната демагогија е толку ефтина, што исто како алуминиумот – ќе стане практично безвредна.

.

П.С: Денешнава колумна требаше да биде објавена пред една недела, ама поради сплет на околности од објективен и субјективен карактер, не успеав да најдам време деновиве да седнам да јадам саглам, а не па да пишувам нешто за блогот. Се извинувам на редовните читатели, и се надевам дека нема да се повтори тоа од септември натаму.

А оваа колумна е и последната колумна на блогов за оваа сезона. Утре, ова време, во чест на тригодишниот јубилеј од моето блогирање, ќе објавам и една куса јубилејна колумничка, со една интересна статистика и кратка ретроспектива. Ништо посебно, нека стои два месеци тука, до септември кога ќе почне новата сезона со колумната „Неколку поуки од Втората светска војна“. Имено, на први септември 2011та се навршуваат точно 70 години од официјалниот почеток на најголемата војна во историјата, па убаво би било и за тој јубилеј да се направи една интересна анализа.

Во неделникот „Фокус“ инаку, ќе бидат објавувани моите колумни во текот на целото лето, така да кој ептен не може без мојата премудра мисла, фамозна остроумност, легендарна темелност и вдахновена елоквенција да прокара повеќе од недела дена – нека го побара блогатството во „Фокус“.

Во „Фокус“ значи читајте ме секој петок, тука се и книгите, една слободна за даунлоуд, другата достапна во книжарите (а третата до септември ќе ја напишам па и таа здравје, ќе излезе наскоро!), додека на блогов после јубилејната колумна утре – поздрав до септември😉

One Response

Subscribe to comments with RSS.

  1. Ах Богдан, Богдан, ц ц ц ц, ќе се караме.
    А железната црква во Стамбол?

    Nikola

    08/07/2011 at 07:59


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: