Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ БИ3APHИ БPOJKИ

leave a comment »

Следи ја змијата од главата до опашката... ако можеш.

Низ историјата се појавуваат многу бројки, некои очекувани, некои неочекувани, некои лесни за разбирање, некои потешки, ама некои се сосема бизарни. Не само како бројки сами по себе, туку и во контекстот во кој се појавиле. Сакам да кажам, преку бизарноста на бројките можеме многу да научиме и за бизарноста на историските случувања поврзани со нив. Еве неколку примери:

1. Пошто пет минути власт, дечки? Многу бизнисмени, банкари и воопшто богати луѓе низ денешниот свет ги обвинува „чаршијата“ дека ги финансираат политичките партии во нивните држави со цел да имаат влијание врз власта. Кај нас на пример, отворено се зборува дека некои пратеници во парламентот си ги имаат буквално купено своите пратенички места со давање на значајна предизборна донација за партијата од чија листа се избрани. Секако, тоа се само чаршиски шпекулации оти ништо не е докажано и за ништо нема јавно обелоденети документи.

Е арно ама, историјата знае за еден пример кога власта буквално била предмет на јавна аукција. Баш така – јавна аукција!

Тоа се случило во ерата на декаденцијата на Римската Империја, во годината 193та од нашата ера кога телохранителите на римскиот цар Пертинакс го убиле човекот чиј живот требало да го штитат со сопствените, и веднаш потоа низ Рим ја разгласиле веста дека за цар ќе го постават тие самите оној кој ќе им понуди најмногу пари.

Веднаш на ваквиот своевиден тендер или ако сакате „јавен повик за доставување понуди“ се јавил тогашниот градоначалник на Рим, некој си Сулпикианус за кого историјата не знае практично ништо (освен дека се јавил на оваа уникатна аукција), кој на царските телохранители им понудил по 20.000 сестертии по човек, ако му ја дадат круната и палатата нему на користење и плодоуживање. Сумата од 20.000 сестертии во тоа време била еднаква на осум години плата за царските телохранители, или во наши пари некаде околу сто илјади евра (тогашните плати биле сите „бруто плати“ оти немало даноци за пензиско-инвалидско осигурување). Бидејќи имало околу 10.000 припадници на царското обезбедување, можеме да кажеме дека градоначалникот понудил еквивалент на милијарда евра денешни пари за да стане римски цар!

Само што се спремале да му ја прифатат понудата, на тендерот во последен миг се јавил и еден човек по име Дидиус Јулианус, кој во ерата на еден претходен император бил нешто како министер за труд и социјални прашања, оти бил задолжен за делење на парична помош и храна за најсиромашните граѓани на империјата. Од тоа време веројатно баеги буџетски пари преку кој-знае-какви дубари префрлил во своите џебови, оти тој можел да ја надмине понудата на градоначалникот Сулпикианус, нудејќи им на царските телохранители – 25.000 сестертии по човек! Ете, уште во тоа време да бидеш министер било полукративно за крадење државни пари додека си на функција отколку да си градоначалник, дури и на главниот град.

Телохранителите ја прифатиле неговата понуда и го примиле во палатата, го седнале на престолот, и отишле во Сенатот да им кажат на сенаторите да го признаат со декларација и акламација новиот им император за да не бидат уапсени или егзекутирани како предавници. Сенаторите исплашени за своите животи, пред царските телохранители попуштиле, но тајно веднаш почнале да коват заговор за спас од нелегитимната власт, повикувајќи генерали на војската од провинциите да дојдат во главниот град и да ја воспостават пак правната држава.

Тоа и се случило, и против императорот што си го купил престолот тргнале не еден, туку дури тројца генерали од три различни страни на царството со своите армии да го рушат. Кога пристигнал пред Рим еден од генералите, некои од телохранителите на царот му се предале, некои уште пред тоа ја смениле страната, а повеќето избегале, оставајќи го Дидиус сам да се спасува. Тој се обидел да преговара со бунтовниците (можеби и нив да ги поткупи?), ама тие го убиле.

Приказната за Дидиус Јулианус, единствениот човек во историјата за кого точно се знае дека си ја купил власта и плус за која точно цена, би требало да е поука за секој олигарх, медиумски тајкун или транзициски богаташ: политичката моќ не може да се купи, барем не на долг рок, туку таа мора да се заслужи со стекнување на симпатиите на народот.

2. Ние за оваа држава… пари сме броеле бре: верувам дека во последниве година-две откако почнаа фискалните проблеми на Грција сте ги слушнале оние анализи дека нашиот јужен сосед може да ќари некоја паричка која ќе му послужи за враќање на долговите доколку продаде дел од својата територија, имено, некој од периферните острови во Егејско и Јонско Море. Секако, ова на Грците не им се допаѓа како предлог, оти нели тоа е суверена грчка територија и оти за секоја педа земја нивните предци гинеле и крв лееле (или барем со напалм-бомби ги бомбардирале селата на домородните жители) и би било голема срамота сегашните генерации да го продаваат сега за пари она што претходните генерации го купиле со својата крв.

Некој треба да им каже на Грците дека продавањето и купувањето на дел од државната територија не е воопшто нова или неспроведена идеја низ историјата. Имено, пред два века, територијата на САД речиси се удвоила откако таа чесно си купила околу два милиона квадратни километри за 15 милиони долари! На таа купена територија денеска се протегаат 15 американски сојузни држави, и во нивната историја тој чин се нарекува „купувањето на Луизијана“ (оти така ја викале поранешните газди т.е. Французите целата таа територија, а денеска тоа е име на само една од дотичните сојузни американски држави).

Но како дошло до продажба на таа површина? Па, по француската револуција Франција која била колонијален господар на голем дел од северно-американскиот континент западнала во тешки долгови поради постојаните војни со соседите и за да го наполни својот сосема испразнет буџет морала да најде од некаде – било од каде – многу пари, па им текнало да им ја шитнат онаа голема нивна територија во Америка на Американците.

Во тоа време доларите биле сребрени и затоа не можела државата да печати колку ќе ѝ текне, па тие имале одредена трајна вредност (не биле подложни на инфлација). Со други зборови, тогашните 15 милиони долари вределе многу повеќе од денешните 15 милиони долари. Сепак, ако се земе во предвид колкави ресурси добиле САД од купената територија, просто е зачудувачки како за толку мала сума Французите им ја продале таа земја на Американците.

Тука има две причини за тоа: првата е што Франција била во тој период ептен во зорт за пари, а втората е што Наполеон Бонапарт (во тоа време владетел на Франција) сметал дека би вредело и без пари да им ја даде таа површина на Американците оти сметал дека тие ќе се развијат толку многу поради ресурсите што одеднаш ќе им станат достапни, што набрзо ќе станат светска сила која ќе им биде ривал на европските големи сили како Англија и Австрија, што пак значело дека тие држави што ѝ биле непријатели на Франција ќе добиеле нова главоболка со која ќе требало да се справуваат, т.е ќе му се олеснел товарот на Наполеон (и на секој иден француски државник) во геополитичката игра.

Историски гледано, Американците подоцна им „доплатиле“ на Французите кога токму американските армии во првата и втората светска војна ја спасиле Франција од конечен воен пораз, па може да се каже дека продавањето на толку големо парче територија за релативно мала сума се покажало како – оправдано и исплатливо за Франција.

Така да, на Грците можеби и нема да им биде во штета ако продадат и тие некој нивен остров на Германците. Кога од ЕУ ќе ја избркаат Грција, ќе можат полесно да шверцуваат турска роба и африкански емигранти сиромашните Грци во смалената Европска унија, баш затоа што ќе имаат заедничка граница со Германија!

3. Кога буквата е бројка, тогаш зборот е баксуз: читателите што се сеќаваат на мојата ланска колумна со наслов „На кој датум се паѓа 11ти октомври“ веројатно сега знаат дека некои бројки што во денешниот свет сме ги наследиле од старите Римјани тие самите би се чуделе да знаат како ги користиме ние денеска. Затоа што нивниот броен систем и нивниот начин на сметање на времето се различни од оние што ние денеска ги користиме, па термините што од нивното време останале во употреба – немаат веќе лингвистичка смисла.

Така некако може да се објасни и како бројот 17 во римско време бил идентичен по неговото значење на бројот 13 во наше време. Имено, бројот 13 се смета за несреќен број па има многу хотели ширум светот во кои нема соба број 13 или авиони во кои нема нумерирано седиште со број 13 и слични практични апликации на едно, во суштина, глупо суеверие. Во Стариот Рим пак, Старите Римјани немале никаков проблем со бројот 13 ами со бројот 17, кој се труделе да го избегнат. Зошто го сметале пак тие бројот 17 за баксузен?

Е па затоа што во нивно време се пишувале бројките со букви, па така бројот 17 на староримски се пишувал како XVII. Бидејќи се пишувал со букви, секој број можел да се чита и како збор, ама бидејќи во случајов „ксвии“ не значи ама баш ништо на латински, им текнало да му направат еден анаграм (мој анаграм на името и презимето на една наша „новинарка“ видете тука) и го добиле така зборот VIXI (викси) што пак е минато свршено време од глаголот „vivo“ (живеам) т.е. викси на латински значи буквално „имам живеано“.

Импликацијата од тој збор е дека ако некој има живеано сега веќе не живее, и од таму, бројот 17 (XVII) кој што е анаграм на зборот „имам живеано“ (VIXI) станува баксузен број, т.е број на смртта! Во Италија до ден денешен 17 се смета за несреќен број, па кога пред три децении бил создаден модел на автомобил „Рено 17“ низ цел свет се продавал под тоа име, ама во Италија поради суеверието се продавал истиот автомобил со назив „Рено 177“!

Тука не е лошо да потсетиме и зошто бројот 13 (но и 666) се сметаат за страшни, зли, лоши броеви од кои треба да се бегаме како… па, како ѓавол од крст. Имено, бројот 13 станува несреќен по разгромувањето на движењето на темпларите во средниот век кога по наредба на папата низ цела Западна Европа (каде имал јурисдикција католичкиот поглавар) во ист ден биле уапсени сите членови на Темпларскиот витешки ред. Тој ден бил петок, 13ти ден во месецот октомври 1307ма година. Бидејќи темпларите не биле баш сосема уништени и бидејќи преживеаните од погромот се интегрирале во разните еретички и езотерички движења потоа, денот „петок 13ти“ и бројот 13 со него станале сметани од страна на сите мистичари (произлезени од учењата на еретиците) за несреќни.

И за „несреќноста“ на 666 има слично толкување како за бројот 17 што бил несреќен. Имено, не само Римјаните ами и старите Грци и Евреи ги пишувале бројките со букви, па ако на еврејски напишел некој „Цар Нерон“ и ако тие два збора потоа ги прочитал како број а не како зборови ќе ја прочитал бројката 666. Нерон инаку во времето на раното христијанство бил баш оној римски цар што прв почнал да ги прогонува христијаните, па така си го заслужил називот – „антихрист“, и заради тоа бројот 666 е во Библијата означен како „бројот на антихристот“. Патем, овој метод за читање на зборови како бројки и бројки како зборови со окултно значење се има подоцна развиено во цела една гранка на нумерологијата со име гематриа. Благодарение на гематриата, кај Евреите се смета за среќен бројот 18 оти слично на старите Римјани, кога ќе напишете на еврејски „хаи“ (живот) и ќе го прочитате зборот како број – ја читате бројката 18.

4. Море ред се редат претседатели, императори и папи: веројатно ви е познато дека сегашниот американски претседател Обама го нарекуваат и 44иот претседател на САД. Според тоа би требало секој да си помисли дека заклучно со Обама точно 44 луѓе ја извршувале таа престижна функција. Но тоа не е точно, оти такви луѓе низ историјата на САД имало не 44 туку 43!

Така да логички гледано, Обама е 43иот претседател на САД, а не 44иот. Ама, при броењето на претседателите Американците си имаат чудни обичаи (како што им е чуден и начинот на избор на претседател) па еве како е настаната таа забуна.

Имено, Гровер Кливленд бил претседател два пати ама мандатите што ги извршувал не му биле поврзани. Така, тој прв пат станал претседател во 1885та и бил уредно и неспорно назначен за 22иот по ред претседател на САД. Четири години подоцна излегол пак на избори, и иако поголемиот дел од гласачите гласале за него, тој сепак не бил избран за претседател, оти – при изборите за претседател на САД не се брои колку гласови си добил туку, во суштина, нивниот распоред, според кој се пополнува таканаречениот „изборен колеџ“. Оти претседателот на Соединетите Американски Држави е токму тоа – претседател на државите, а не на граѓаните.

Како и да е, сметајќи дека народот го сака, по четири години во опозиција чекајќи да му мине мандатот на 23иот претседател, Кливленд пак се кандидирал и пак победил, овој пат со добар распоред на гласовите за да го добие и мнозинството во изборниот колеџ. Така, тој бил назначен пак за претседател и бидејќи го наследил 23иот претседател, Гровер Кливленд бил запаметен и како 24ти претседател. Значи, еден ист човек е и 22ри и 24ти американски претседател. И затоа Обама е и 44ти претседател но и еден од точно 43цата луѓе што биле претседатели на САД.

Ако мислевте дека само Американците си имаат забуна со тоа колку претседатели имале, треба да знаете дека таков случај историјата знае и кај римокатоличките папи, но и кај византиските императори.

Имено, често пати се случувало да има по двајца папи во исто време, при што едниот бил папа, а другиот антипапа. Како што поради влијанието на големите сили имаше на времето две Германии, или како што сеуште има две Кореи, Северна и Јужна Кореја, така поради разни политички и воени влијанија се случувало две фракции во католичката црква да си изберат секоја свој човек што ќе го наречат „папа“. При тоа секоја фракција својот избраник го нарекувала „вистинскиот папа“ а избраникот на спротивната група бил наречен „антипапа“.

Баш оваа практика да се оспорува легитимноста на папата на другата фракција придонела многу податоци и официјални документи да бидат уништувани во архивите на Ватикан низ вековите, па не се знае баш со сигурност колку точно навистина вистински папи и антипапи имало низ историјата на католичката црква. Дури, се смета (иако за тоа нема официјална потврда) дека имало и папа што бил жена! Тоа е легендарната папа Јована, за која многу автори изнесувале свои теории, но како што реков, нема официјална потврда од самиот Ватикан дека таква личност воопшто постоела.

Конечно, освен американските претседатели и римските папи, и кај визинтиските императори има забуна во нумерирањето (како онаа забуна за тоа дали се воопшто византиски да не е доволна). Еве, за последниот византиски император, со чија смрт настапил падот на Константинопол во 1453та не се знае дали е Константин Единаесети или пак е Дванаесети со тоа име што владеел со Византија.

Сѐ до 1204та година, низ историјата на империјата имало неспорни десет цареви кои го носеле името Константин, и сите тие си се нумерирани по ред како што треба, од Константин Први до Константин Десетти. Ама во наведената година, главниот град на империјата паднал под власта на крстоносците, па церемонијата за прогласување на император била – малку така, конфузна и не баш убаво документирана – па оној што бил прогласен за император тогаш, извесен Константин Ласкарис, се сметал себеси за единаесети византиски цар со име Константин, ама потоа му го оспориле тоа оти не владеел доволно долго а и не бил крунисан доволно добро, па кога во 1449та година Константин Драгаш станал император, тој се сметал себеси за Константин Единаесети. Повеќето историчари не го сметаат оној првиот Константин Единаесети за цар воопшто, па неспорно е за нив дека имала Византија само единаесет Константини како цареви и дека последниот е баш тој, единаесетиот.

Но, некои историчари го вбројуваат и Константин Ласкарис меѓу царевите, па го пишуваат Константин Драгаш како Константин Дванаесети.

Како што гледате, често е многу сложено да се утврди кој е кој по ред. Како на пример, кој е првиот претседател на Македонија? Дали е тоа Киро Глигоров (тоа би значело дека признаваме дека ние имаме држава од 1991та) или е тоа Ченто (со што признаваме дека државата ни има АСНОМски легитимитет)?

Впрочем, кога сме веќе кај Ченто и Киро, дали знаевте дека во врска со 8ми септември како ден на создавањето на македонска држава има исто така една бизарна коинциденција? Имено, на тој датум се прогласени за независни не една, ами две држави што се викале Македонија. Едната во 1991та која се вика Република Македонија, а другата во 1944та од страна на група соработници со германскиот окупатор која се викала Независима Држава Македонија.

Буквално на ист датум прогласени, при што за Киро Глигоров знаеме дека бил историски активен за времето и на двете случувања. Не велам дека таа од 1944та е легитимна македонска држава (оти еден месец пред тоа веќе била прогласена асномска Македонија од која има правен континуитет Република Македонија), ама – многу чудна коинциденција се датумите! Толку чудна што дури е бизарна…

.

П.С: Наредниот четврток очекувајте ја на блогов колумната со наслов „Со еден удар“, а во утрешниот број на неделникот „Фокус“ секако побарајте ја мојата редовна колумна.

До четврток, поздрав😉

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: