Блогот на Богдан. Нено Богдан!

мој мејл: blogatash@yahoo.com

♦ CTPAHEЦOT

leave a comment »

Низ историјата не се знае колку ли само народи колку ли само востанија кренале против колку ли само туѓинци кои владееле со нив. Тоа е нормална работа – човек да не сака за неговата иднина да одлучуваат странци. Арно ама, понекогаш, се случува токму јабанџија да биде подобар лидер од домашните кадри. Еве неколку интересни примери:

1. Шведската маса за руската салата: пред околу илјада и двеста години на територијата на која денеска се протегаат источна Русија, Белорусија и Украина, живееле разни словенски и угро-фински племиња, како и предците на денешните Литванци (оние де, што ги победивме во кошарката) кои никако не можеле да најдат начин да живеат меѓусебно во мир и хармонија, соживот и толеранција, љубов и разбирање, уважување и почитување, почит и респектирање…

Постојано војувале меѓу себе, дали за територија, дали за право на трговија по големите реки, дали заради некаква навреда што еден племенски главатар ќе ја упател кон главатар на друго племе – едноставно постојано имало некаква кавга и крвопролевање. Оваа состојба ја искористиле Викинзите од Скандинавија и во еден период успеале да ги освојат раскараните племиња и да ги угнетуваат, наплаќајќи им тежок данок и грабајќи им ги младите девојки за своите хареми.

Соочени со неподносливата тешкотија на живеењето под викиншко ропство (Скандинавците не биле во тоа време синоним за мирољубивост), поробените племиња се обединиле во воен сојуз, се кренале на востание и ги протерале викиншките им угнетувачи, ама само што почнале да ја слават победата и слободата, сфатиле дека ако Викинзите се вратат и единствен начин да останат слободни домородциве, ќе треба да останат и обединети. Но, како да бидат обединети, кога тоа ќе значи еден од племенските лидери да го изберат за главен над сите други племенски лидери, а ниту едно племе не се согласувало од некое од другите племиња да дојде големиот лидер. Оти се плашеле тој да не почне да ги фаворизира своите соплеменици на сметка на сите други племеници.

Не можејќи да се издоговорат меѓу себе кој од нивните редови да стане главниот човек на таа племенска федерација, решиле да повикаат еден од викиншките војсководачи (од оние што ги протерале) и само него, без неговите колеги Викинзи, да го изберат за свој водач!

Овој Викинг, по име Рјурик и по потекло од денешна Шведска, се покажал како доста мудро решение за контролирање на испокараните предци на денешните Руси. Тој не припаѓал на ниту едно од домашните племиња, па не бил пристрасен кон ниту едно, а освен тоа ни на крај памет не му паѓало да ги прелаже своите нови следбеници за да ги врати на власт протераните Викинзи. Оти, така ќе морал со своите сонародници да ја дели власта, а вака – сам во туѓа земја, ќе можел самостојно да владее.

Неговото владеење се покажало како добро, оти тој ја бранел својата нова татковина успешно и неговите потомци од Рјуриковата династија владееле со државата која постојано раснела и се ширела сѐ до 1598та кога биле заменети со династијата Романови, кои пак владееле со Русија сѐ до 1917та година кога биле соборени со Руската револуција.

Ова со Рјурик многу потсетува на ситуацијата со распадот на СФРЈ. При што раскараните племиња се овдешните народи кои се мразеа едни со други и не сакаа да дозволат било кој од нив да владее со заедничката држава по смртта на Тито, па на крајот практично ја изгубија својата независност и прифатија со сите нив да владее „меѓународната заедница“ т.е. последниот збор за сѐ во балканските случувања да го имаат центрите на моќ во Вашингтон и Брисел.

Патем, со Русија владееле во долги и значајни период и други двајца не-Руси. Прво, тоа била германската аристократка (и жена на рускиот цар која по „смртта“ на сопругот ѝ станала самостоен владетел на Русија) Екатерина Велика, како и далеку попознатиот за широката јавност, Сталин, кој скоро четврт век поминал како апсолутен господар на Русија и на целиот Советски Сојуз, иако по потекло бил од малиот кавкаски народ, Грузијците.

Денешните руски шовинисти, скинхедси и ксенофоби многу ги мразат странците, а се гордеат со победата на нивната земја во Втората светска војна (извојувана под водство на Грузиецот Сталин), со огромните достигнувања во XVIIIиот век (заслуга пред сѐ Германката Екатерина Велика) и со средниот век кога нивните предци ја одбраниле Европа од напливот на дивите азиски орди, кога со Русија владееле потомците на Швеѓанецот Рјурик). А инаку, како што кажав, руските шовинисти ептен ги мразат странците!

2. Француски клуч за расклатената шведска маса: во времето кога со Франција владеел Наполеон и кога тој ја ставил скоро цела Европа под својата освојувачка чизма, некаде во 1810ата година еден од неговите најспособни генерали по име Жан Бернадот го добил најнеочекуваниот предлог во животот му.

Имено, главните луѓе од политичката елита на Шведска, соочени со воената сила на Наполеон Бонапарт и со сенилноста на кралот што си го имале по дома, сфатиле дека ако сакаат да ја спасат својата држава од, до тогаш непобедениот освојувач од Франција, ќе мораат за крал да постават нов човек, млад и докажан и самиот како интелигентен војсководач.

Арно ама, кај да најдат таков, кога сите стратези и тактичари биле или во армијата на Наполеон или во армиите на Англија и Русија кои војувале против Наполеон, или пак биле веќе поразени во оние армии на државите што Наполеон ги победил. Единствен излез било да најдат некој способен француски генерал кој што го познавал стилот на војување на Наполеон а истовремено си имал и лично недоразбирање со Бонапарт.

Барале, барале, барале тоа Швеѓаните и конечно – го нашле таквиот човек во генералот Жан Бернадот, кој патем – во 1808та година бил задолжен од Наполеон да организира француска инвазија токму врз Шведска! Поради сплет на околности инвазијата била одложена (што ја поттиканало недовербата на Бернадот кон Наполеон) и две години подоцна – Швеѓаните дошле да побараат од Бернадот да им биде токму тој идниот крал – што ќе ги брани нив од идната инвазија на Наполеон!

Шведска тогаш била мала сила во однос на Француската Империја, ама воден од идејата „подобро прв во село, отколку втор во град“ Бернадот прифатил и дезертирал од француската армија заминувајќи во шведската војска, каде веднаш го поставиле за главен командант, а кога умрел стариот крал на Шведска го крунисале него за нов крал.

По конечниот пораз на Наполеон, во Европа драматично се променил односот на силите, па како награда за Швеѓаните што му се спротиставувале на Наполеон, територијата на Норвешка им била одземена на Данците (кои биле сојузници со Наполеон) и им била дадена од страна на победниците на Швеѓаните. Така, поранешниот генерал на Наполеон, откако му свртел грб на својот шеф и станал дел од сојузот на неговите противници, бил награден со власт врз целиот скандинавски полуостров. Шведска и Норвешка биле една држава сѐ до 1905ата година, кога се разделиле на две меѓусебно независни земји, на сосема културен, пријателски, скандинавски начин.

Жан Бернадоте како крал на Шведска и Норвешка се покажал мудар и умерен, па бил омилен меѓу неговите поданици. Неговите потомци сеуште владеат со Шведска, една од најпросперитетните држави во светот.

Споредете го владеењето на овој човек со биографијата на првиот грчки крал Ото од Баварија и првиот бугарски кнез Александер од Батенберг. Очигледно да пиеш грчко узо или бугарска ракија нема ист ефект како да ручаш од шведска маса.

3. Бел човек на црниот остров: најпознатиот Јамајканец за нас што не сме Јамајканци е секако Боб Марли. Арно ама, најзначајниот Јамајканец за самите Јамајканци е Александер Бустаманте, човекот што за таа мала островска земја која ја населуваат луѓе со црна боја на кожата е татко на нацијата, човекот под чие водство ја стекнале независноста, и човекот кој што бил – белец! Тој бил роден на Јамајка и технички не бил странец, ама сепак реално бил странец оти не бил црнец, какви што се скоро 99 отсто од жителите на тој остров.

Како ли само при толку црнци не најдоа Јамајканците еден човек што ќе им стане лидер во борбата за ослободување од колонијално владеење на Британија и ќе ги донесе до самостојност, ќе прашате. Е па токму  во тоа е штосот, што осамостојувањето на Јамајка било толку сложена работа што човек кој што израснал и се оформила како личност на тој остров едноставно ќе ја немал потребната ширина на карактерот, тежината на животното искуство и длабочината на практичната интелигенција за да го оствари тоа комплексно дело.

А Бустаманте бил во својата младост голем авантурист и буквално светски патник, оти скоро и да немало остров на Карибите каде што не бил на привремен престој, немало што не видел, немало што не пробал, немало што не научил од тоа како се комуницира со луѓе и од сиромашните и од средните слоеви, но и од богатите класи.

Така, кога конечно решил да се скраси на Јамајка, лесно можел да се издигне до лидер на една тамошна партија оти го знаел „јазикот на улицата“, но поради огромната му прошетаност одлично го владеел и јазикот на угледните богаташки салони во кои се кроела високата политика. Така, после успешна кариера како политичар во времето на британската колонијална власт на Јамајка, кога видел дека дошло време да се оди кон потполна независност, ги повел своите приврзаници кон процесот за раздружување од Британија.

Тој бил доволно паметен да го направи тоа на мирен пат (иако некои следбеници го советувале да оди со демонстрации, улични нереди и вооружена револуција), по што станал првиот премиер на независна Јамајка, кога за стратегиски сојузник ги зел САД, иако во тоа време било мода новите држави што настанале од поранешните колонии да се здружуваат со комунистичкиот СССР.

Бустаманте знаел што смее да прави а што не смее, и така Јамајка успеала да тргне, остане и далеку да стигне на патот кон демократска држава со сите нишани на едно модерно општество со функционални институции каде што има владеење на законот и почитување на човековите права. За разлика од соседните острови-држави Куба и Хаити каде што народот во континуитет бел ден не може да види од домашните тирани и диктатори.

*

Има уште многу странци низ историјата ширум светот кои добро раководеле со земјите во кои дошле како туѓинци. Има уште повеќе странци кои биле повикани да помогнат во една или друга работа и направиле многу повеќе за нивните втори татковини отколку што направил бил кој од домашните жители. Најдобар пример кај нас е спортот, каде што најголемите наши успеси во ракометот пред неколку години и еве сега во кошарката ги постигнавме благодарение на спортист(к)и кои не се родени или израснати во Македонија.

Тоа е многу битна поука, на која треба да се сетиме секогаш кога ќе нѐ плашат домашните олигарси дека не смееме да им дозволиме на странците да раководат со банките или другите „стратегиски“ капацитети во македонската економија.

Можеби понекогаш е подобро да се потпреме на корисните туѓинци отколку на штетните нашинци?

.

П.С: Наредниот четврток, очекувајте ја на блогов колумната „Со еден удар“. До тогаш, читајте Фокус каде јас сум редовен колумнист, и…

…останете поздравени😉

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: